Почетна ИНТЕРВЈУ ЗУИЦА ЛАЗОВА: Љубовта со Наум и мојата среќна ѕвезда ме водат низ...

ЗУИЦА ЛАЗОВА: Љубовта со Наум и мојата среќна ѕвезда ме водат низ животот!

5.01.2025

Уметница со посебни вредности. Со свое незаменливо место во македонската сцена. Со недвојствено висока култура во однесување. Посебно почитувана заради сите елементи кои ја прават- посебна. Навистина посебна.
Секогаш актуелна, а притоа никогаш не предизвикала непотребен “електрицитет”.
Жена, која на публиката ѝ е на срце, интерпретаторка на народни песни, поранешна  наменска но мошне успешна ТВ водителка и долгогодишна професорка по хармоника во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ во Скопје. Љубов на најголемата фолк легенда кај нас.
Преку проектот насловен „5 за 50“ по повод својот 50 роденден, на 6. ноември минатата година, со славје ги промовираше и своите пет нови песни и спотови- “Реканска”, “Мојата хармоника”, “Ќе ти купам широк фустан бре Зуице“- изведена со госпоѓа Анастасија Петреска, “Даме од Македонија“ со синот Стефан и сопругот Наум, “Симпатија” со ќерката Македонка Петреска.
За многу убави работи по многу децении правиме мега интервју, опфаќајќи период од три децении.
*Зуица добре ми дојдовте на муабет и Среќна Нова 2025 година. На радост, овој пат интервјуто е со многу голем повод, со многу значаен јубилеј и остварувања и навистина уникатен настан во рамки на македонска естрада, а и многу пошироко. Една сестрана уметница, исклучително почитувана од колеги и публика, со вонсериски талент. По сите убави спомени со Вас, минатата година ни претставивте многу ексклузиви од својот живот и од своето ценето семејство. Некако и ние новинарите на роденденот се чувствуваме како дома, добредојдени, среќно, и како да бевме дел од сета таа радост што ни ја покажавте и ја споделивте со нас. Ви благодарам.
-Најпрво се заблагодарувам и јас за убавите зборови. Мислам дека навистина беше уникатен настан. Многумина низ годините ме критикуваа дека не сум работела доволно како што во принцип и можам, меѓутоа еве мислам дека беше навистина специјално некој да промовира пет песни и пет спотови за истите, и да направи промоција во рамките на роденденот. Една необична промоција која што беше и многу непосредна. Уникатен настан во смисла и на фамилијарна прослава, и на навраќање на изминатите моменти, со фамилијата, пријателите и пријатели- новинари.
*Спојување на целиот семеен талент на едно место и прикажан во фантастично издание- секој токму каде што му беше местото, беше сликата за незаборав. Јас морам да Ви кажам дека пред да влезам на роденденот, пред очи  ми излезе она многу убаво шармантно девојче со малку белградски акцент кое прв пат го видов на “Фолк фест Валандово”, во доцните деведесетти. Тоа како да беше вчера, а поминаа три децении. Ми се чини истата сте. На својот 50 роденден како се видовте себе си кога се пробудивте тоа утро, заокружувајќи еден златен роденденски јубилеј.
-Па, јас ќе кажам за себе дека се чувствувам исто како и тие години, само со многу повеќе искуство. Меѓутоа душата, енергијата е иста, можеби само старее телото, ништо повеќе.
*Што ја одржува душата- енергијата ли, музиката ли, љубовта, среќата?
– Музиката, среќата, љубовта- сето тоа заедно, семејството. Нели како кажав јас редоследно- мојата прва љубов хармониката, па потоа првата среќа односно Наум како најголема љубов, па потоа првата среќа и радост Македонка, потоа радоста со синот Стефан и целото семејство заедно, затоа и ги има во мојот проект, како сублимат во тие пет песни да запеам со нив.

 

 

ФЕСТИВАЛИ!

 

*Многу работи може да се зборуваат, сакам да си помуабетиме но не знам од каде да почнам попрво, бидејќи Вие се пробавте во сите сфери во музиката, но од самиот почеток како да бевте на високо. Јас никогаш кај Вас не забележав скалило на развој, туку фактички стапнавте на сцената од многу висока позиција. Првенствено, кога дојдовте од Белград како маестра на хармоника беше нешто многу чудно и уникатно за нашата естрада, друго во тој момент сите ние мислевме дека ќе Ве повлече талентот, убавината и сценскиот шарм кои многу доминираа и ќе бидете мегаѕвезда која ќе обрнува внимание претежно на славата и популарноста. Од третата точка на гледање, искрено мислевме дека ќе заминете од Македонија, сметајќи дека поседувате, она што е очигледно, еден многу поголем и поширок талент и димензија.

-Да, еве пак благодарам. Меѓутоа, нели почнав со хармониката, пеењето дојде случајно. Никогаш себе си не се гледав како пејачка ниту како пејачка ѕвезда. Тоа се случи на Тетовскиот фолк фест кога ми беше понудена песната “Осамена”, бидејќи Блага Петреска беше во странство, а ТВ водителот Орце Гелевски кој тогаш го водеше “Тетовскиот фолк фестивал” ме покани и така некако стартуваа работите. Тука можеби имаше влијание мојата фамилија. Мајка ми и татко ми секогаш ме приземјуваа, тие ме држеа цврсто.
*Да. Бевте многу млада. Само што станавте полнолетна.
-Тука некаде, мислам дека имав 19 години. Меѓутоа, пак ќе речам, тие ме држеа цврсто на земја и секогаш велеа “никогаш немој да заборавиш тоа што го вложи во себе”, во смисла на образование. “Никогаш немој да заборавиш дека ти беше и си хармоникашка”, бидејќи во тоа време имав и многу настапи и многу интервјуа и телевизиски појавувања и тие како да се плашеа дека јас ќе ја напуштам работата во ДМБУЦ “Илија Николовски Луј”, дека сето тоа ќе ме оттргне од таму. Јас кога почнав да пеам веќе бев на факултет и работев како професор- хонорарец, но никогаш не заборавив точно што сум најмногу, сепак ќе кажам еве и после толку години- хармоникашка.

*Сега ќе дадам некоја претпоставка дека за сѐ што следуваше беше пресудна љубовта кон Наум, тогаш недостижна ѕвезда и Вие повеќе се посветивте на љубовта која ви дојде неочекувано и судбински, отколку кон истакнување себе си преку докажување. Имаше ли тоа удел малку?
-Заборавив да кажам уште на почетокот зашто имав таква среќа. Имаше секакви луѓе кои што беа инволвирани околу фестивалите, целиот тој фолк бизнис во тоа време што беше многу поразвиен од денеска и многу подобро функционираше, но од самиот почеток сите имаа веројатно некаков поинаков поглед кон мене, како некој себе си рамен. Тука некако се заштитив самата себе си или тие ме заштитија. Или па и самата таа љубов со Наум, која што дојде отпосле веќе, така што ми се нудеа квалитетни песни кои што јас не можев и не сакав да ги одбијам, а и ми беше предизвик да ги испеам, да ги исполнам. И можеби затоа јас и немам во репертоарот некои хитовски и полесни рефрени, туку баш ми ги даваа оние “потешките”. Во тоа време песните ги делевме на уметнички и на хитовски. Епа тие “уметничките” некако паѓаа повеќе во мои раце. А и јас не по секоја цена сакав да имам хит и да бидам поблиска до публиката, на сметка на квалитетот, или на сметка на тоа што  во тоа време повеќе внимание се обрнуваше на тоа како која ќе излезе облечена на сцена, дали е некоја поразголена или скромна… Јас секогаш гледав да одам во границата на нормалата, на вкусното, бидејќи никогаш не смеев да си дозволам да ја преминам, затоа што од другата страна беа моите ученици. Како? Како после тоа да се вратиш меѓу учениците?
*Не сите внимаваат на тоа, Вие како карактер бевте поинаку поставена, па заради тоа.
-И во менталниот склоп ми било така и карактерот не ми дозволувал поинаку и оформив еден свој имиџ.


*Сепак пак ќе речам дека љубовта со Наум ви ја определи и ви ја трасираше патеката по која ќе се движите. Веќе не можевте да правите експерименти на сцената, туку си земавте еден свој тек кој успешно функционира до ден денес. Музиката беше главна, тоа е јасно. Ви стана определба уште кога од родното Штип заминавте да учите во Белград, па да дојдете да студирате во Скопје. Паралелно цело време постоите на естрадтва, си држите некое свое ниво без претензии да го освоите врвот каде што сте, а учениците и професијата толку ја уважувате што во ниеден момент не дадовте таа да падне во слабост, да падне во сенка или да ја ставите во споредна улога.
-Никогаш. Никогаш. Гледав да ги терам паралелно сите работи, што беше навистина напорно и ден денеска е… Меѓутоа вреди сето тоа, во рамките на една нормала, во едно секојдневие. Беше уште потешко затоа што во една прилика нели имав и трета професија тоа беше водителството во тв емисијата “Зајди, Зајди”, а во исто време децата ми беа мали сѐ уште, бараа и поддршка во секоја смисла и нивните потреби беа поголеми, така што сега од таа страна работите стојат поинаку-  тие веќе се големи и повеќе ми се помош, отколку што бараат некој дополнителен ангажман од мене.
*Тој период со образованието е интересен-  бевте прва жена хармоникашка, ама никогаш не излеговте на пример на фестивалите да го искористите и тој дополнителен елемент во смисла “Еве сега гледајте што можам јас, за разлика од вас” и да ги засените другите колешки, покажувајќи два адута, наместо еден- само пеењето. Тоа смислено го правевте?
-Да, да, смислено. Никогаш не сакав хармониката да ја мешам во народната музика. Таа си имаше свое место и тоа ми беше влезено дури од средношколските денови од Белград кога бев кај професор кој што воопшто не дозволуваше да се свири народно. Исклучително класична музика на хармоника, бараше тој. И за мене ќе беше сквернавење на сето тоа. Оттука не си дозволив да го земам инструментот и да засвирам и да покажам дека знам и нешто друго во фолкот, освен пеењето.
*А можевте да направите атракција…
– Да, атракција. Меѓутоа не сакав навистина да ја мешам во таа другата професија, па да ми забележи некој од страна на образовниот систем. Едноставно, не сакав сквернавење на сето тоа што сум го постигнала како професор што свирел само класична музика на хармоника и ништо друго. И заради тоа досега немав почувствувано ни таква потреба. Реков, на свои 50 години ќе се вратам малку на таа позиција и нормално треба пак да се вратиш со вежбање па така и се случи и “Мојата хармоника”.
*Сега веќе Вие ѝ посветувате нешто на хармониката.  Ѝ подаривте песна.
-Да, да токму на таа моја прва љубов ѝ посветив нешто јавно, една јавна благодарност за тоа што постоела во мојот живот. Таа цело време си “тече” паралелно како моја професија во средното музичко  училиште каде сум наставник по хармоника.

*Како интерпретаторка бевте доминантен лик од оние некогаш јаки фестивали, тука беа “Цветници”, тука беа “Валандово”, “Тетовскиот Фолк Фест”, “Серенада”, па и последниве години “Тумба фест” каде што царуваа големи имиња и големи песни и антологиски хитови. Имавте доста награди, уважување на Вашата работа. Интересно е што сепак оние најбрзи највесели хитови ги оставивте на фестивал на кој тоа не беше специфично, на пример на  “Цветници” ја испеавте брзата “Боби, Боби”,   “Малку барам јас”, ама и победничката “Утринска коба која беше од малку поинаков жанр, со малку симфониски призвук и потажна нота. Тој беше период во кој вие се заљубувте, па станавте мајка, професорка, па ви се поврзаа многу работи.
-Многу автобиографско има во сето тоа. Во сите тие песни кои сум ги испеала- во “Малку барам јас”, “Барам љубов”, во “Капни солзо” текстописецот Борче Нечовски ставаше по нешто мое. Секогаш барав да има нешто во текстот кое ќе ме допре, за да можам да ја испеам песната како што треба. Има по нешто автобиографско во сѐ. Многумина плачат штом ја слушаат “Утринска коба”. Зошто? Затоа што во неа има многу емоции. Поврзани се со периодот кога почина мојата мајка, и еве објаснување за сите тие кои што не знаат  зошто толку ги тера толку на плачење. Луѓето не знаат меѓутоа многу емоции се истурени врз неа за мојата прерано почината мајка на 51 година. Сепак барав од Борче да ја преиначи песната, да не биде мајка ми воопшто спомната, нели “Цветници” таа година беше во живо, и сигурно ќе плачев и немаше да ја испеам песната како што треба. А таа песна доби седум награди, беше апсолутен победник во сите категории: аранжман, текст, интерпретација, прво, жири второ публика и Гран при…
*Тогаш и Борче на големи ѕвона се етаблира како текстописец.
– Така, така, најмногу со тие некои песни. А почна со “Лична Јовано” на Наум, тоа му е прва  песна.
*Колку испеа песни успеавте. Околу 50- тина се собраа?
-Има сигурно.

*Ќе се задржам уште малку на “Утринска коба”. Велите внимававте на тоа песната да ве оддалечува од таа Ваша мисла, за да не ви дојде директно како повод за плачење.

– Таму се пее за либето, меѓутоа еве ќе кажам дека и друго ме допираше- имаше еден друг момент кој што исто ме тераше на солзи. А тоа беше моментот кога Наум имаше одредени здравствени проблеми и чекавме резултати.

 

АЛБУМ И ТВ КАРИЕРА

*Но за среќа тоа помина вие и понатаму продолживте по среќни патеки. Рековме, од фестивалите излегоа многу испеани хитови а имате само едно свое ЦД и едно заедничко со Наум.
– Еден албум излезе, а знам дека има материјал сигурно за десет. Еве тоа нека ми биде следен предизвик, да ги соберам сите песни и да се стават на некој носач на звук, но дали ќе биде двојно или на три цедиња, ќе видиме.
*Зошто досега се чекало и не се ставени? Не Ви било во сфера на интерес?
– Тоа е она што недостига кај нас народњаците. Пак ќе кажам- си треба менаџерски тим кој што би работел за нас или продукциска куќа која ќе се грижи за тие работи, па ќе каже- “еве сега имаме доволно песни, ајде сега да направиме едно ЦД”. Е тоа е она кое што можеби повлијаело на мојата кариера, да немам повеќе носачи на звук. Сега кога гледам од оваа перспектива сфаќам дека тоа ми недостигало, затоа што сум била ангажирана и на тоа другото поле што ми било примарно. Кога стануваш и мораш денес да бидеш на работа, дел од енергијата оди таму, дел на слободното време и не сум можела да го бркам плус и тој дел.
*Зуица, сакам да Ве прашам за водителскиот дел, со кој стекнавте многу голема популарност, подеднакво можеби и за некој сантиметар повеќе отколку со пејачката кариера.
-Точно така.
*Како се случи тоа?
– Најслучајно.
* …И морам да признаам дека ја етаблиравте повторно целата фолк сцена која беше многу падната после тоа исфорсирано цд што го снимија “Забавњаците пеат народно” и како да ги истиснаа и ставија во втор план пејачите на народна музика, но Вие ги вративте на голема врата, што мислам дека е факт.
-Да, токму така. Некако кај мене работите одат и со некоја среќна ѕвезда одозгора. Во тој време директор, односно програмски уредник на ТВ Алфа беше Љубомир Николовски и со Милан Завков кој го водеше оркестарот дошле на идеја, откако се откажа Зоран Џорлев, па потем и Елена Георгиевска, за мене. Јас  останав долго, меѓутоа се сменија работите во Алфа.
*Седум години ја водевте емисијата навистина брилијантно дури можам да речам и на подобро ниво и од професионална водителка.
-Благодарам. Ми беше многу тешко на почетокот да се снајдам во таа улога, меѓутоа не одев неподготвена и само едно знам, во сите тие седум години, дали само три- четири пати оркестарот кој што мораше да лепи зад мене, а единствено моите најавувања не можеа да ги враќаат, да ги лепат по снимањето, само три четири пати сме се вратиле по моја вина. Без разлика што и децата ми беа мали, без разлика што имав бројни обрски, седнував и се подготвував за секоја емисија на “Зајди зајди”, за да тоа не биде под нивото на една професионална водителка. Со Милан заеднички ги биравме гостите, за кои мислевме може да испеат во живо со тој оркестар, но интересот навистина беше многу голем и нека ми простат сите кои што не гостувале, а сакале.
*Не ви пречеше тоа на Вашите турнеи бидејќи вие како пејачи остварувате многу гостувања а тоа ви носи најмногу пари.
– Не пречеше, затоа што секој од нас кои што бевме редовни таму најавуваше однапред, па снимавме повеќе емисии одеднаш за да можеме да се покриеме во период кога сме отсутни. А кога сфатив дека таа емисија ми донела најмногу можеби во животот во однос на популарноста? Сфатив во гостувањето во Австралија кога на само место видов колку таму ја знаеја и беше почитувана, вреднувана и ценета. Тоа го увидов на турнејата на која што бевме со Наум во 2017 година. Сите прашуваа за “Зајди зајди”, навистина ми донесе многу предности.

*Тој период го снимивте и заедничкиот албум со Наум, со дуетски песни, “Незаборав”, ама не беше испромовиран колку што заслужуваше.
-Тогаш Наум беше во продукциската куќа “Аворд” и долго време албумот го немаше ни на Јутјуб. Е сега тоа се некои пропусти кои не би требало да ги има.

 

СЕМЕЈСТВО! 

*Семејството, сега сакам да го опфатиме семејството, кое е да плод на вашата голема љубов. Многу работи ви се споија во еден многу убав спој, цело време паралелно заедно си ги терате сите работи, градите нешто многу убаво, тука се вашите пред сѐ прекрасни, прекрасни деца кои многу нѐ изненадија овој пат на промоцијата, гледајќи ги каков талент и двајцата носат, каква убавина во себе, колку најдоброто од вас во себе успеале да го земаат. Македонка имав прилика да ја слушам на неколку настапи пред тоа,  но и синот исто така многу изненади и видов на едно прекрасно музичко семејство многу совршено составено во секој дел од таа своја комплетност.
– Баш благодарам. Ова е најубаво нешто кога родител ќе чуе за своите деца, вакви убави комплименти. Се обидуваме дома прво да создадеме една здрава околина за своите деца, колку сме успеале ќе видиме понатаму како ќе пловат во животот. Меѓутоа од нас е сторено сѐ што може, еве конкретно сега од мене сакав да покажам и до каде се. Музиката е нивни избор затоа што јас како родител не гледав каде би ги насочила на друго место, но не барав по секоја цена тие да бидат музичари или пејачи. Македонка свиреше и клавир, но видов дека пеењето ѝ лежи, си потпевнуваше, и затоа ја насочува на соло пеење и не сум згрешила. Кај Стефан и јас и Наум забележавме дека почнува со пеење на стари убави народни песни, самиот почна да си ја потпевнува “Сулејман седит на кула” која што е исклучително тешка за пеење и видовме дека се труди да го допре татко му во тие “украси” (гласовни) и дека добар дел од нив ги прави и може да ги совлада. Е сега  јас малку вмешав прсти и му го предложив одделот за традициски играч и пејач во МБУЦ, инаку свиреше гитара. Но јас како многу самокритичен родител кога се моите деца во прашање, сфатив дека тој не посветува доволно време и внимание на гитарата и го тргнав и го ставив на одделот традициски играч и пејач. И уште во првата година сфатив дека не згрешив. Се пронајде таму и го гледам дека по таа песна истражува со други песни. Е сега заслужна за нашата заедничка песна “Даме од Македонија”, една комбинација која ја направивме јас , тој и Наум е Соња Дојчиновска- Јанакиевска, некогаш познатата водителка, а сега авторка. Стефан слушајќи ја Соња како си ја потпевнува песната која ја создала ѝ рекол – “тетка Соња дај јас ќе ти ја снимам демо”. И така всушност јас и Наум по негов глас ја научивме и дојде идејата, односно прво беше идејата и текстот само за мајка и син, па ја проширивме со Соња. Работејќи на тоа како би било поинтересно, сфативме дека вака е уште поневообичаено. Мислам дека и нема ваква песна каде што татко и син разговараат како дијалог, па потоа мајка и син. Значи, дијалошка е песната и го направивме вистинскиот потег, тука Стефан си се пронајде. Тој  е ученик, сега е во втора година средно.

*Децата лесно ви прифатија, обично знаеме деца знаат така младешки, ноншалантно да речат “ајде сега, зар јас ќе снимам со мајка ми татко ми”?
– Ха, ха. Затоа и кажав на почетокот дека сега веќе имам повеќе помош од децата отколку што ми бараат дополнителни ангажмани, освен кога треба да ги разнесувам низ градот, бидејќи не возат ни едниот ни другиот толку сѐ уште. Македонка заедно со Деспина Јанакиевска, ќерката на Соња, Соња и јас сме четирите кои што го истурка целиот овој проект. Стефан го тргнавме настрана меѓутоа со радост снимаше и му беше огромно задоволство  и една одговорност, а почувствува и трема кога требаше да снима заедно со татко му и мајка ми, посебно со татко му кој кого има посебна почит и респект, бидејќи знае дека Наум Петрески е оној првиот и етаблиран, кога е народното пеење во прашање. Македонка пак ни ја даде целата безрезервна поддршка и во однос на време, посветеност и организација и спотови, сите пет записи се изработени од Соња, Деспина и Македонка. Мислам дека е личност кој што е надарена за уметност во онаа поширока смисла, не само за музиката туку и естетски, фотографија и музика.


*Значи има комплетна визија како сака нештото да изгледа. Македонка е сега пред дипломирање она што го слушнавме нѐ остави сите подзинати. По нејзин избор Вие одбравте да снимите кавер верзија на една фантастична меѓутоа многу тешка песна “Симпатија”, која не може да ја испеат да речам 99 отсто од луѓето кои се зад микрофон и на микрофон, но многу убаво, рековме ова е дури и подобро од оригиналот, каде што станува збор за пеење на поп пејачка ѕвезда на цел Балкан и оперска певица. Данијела Мартиновиќ и Марија Бубиќ.
-Да, да. И таа оперска певица е етаблирана во Хрватска, меѓутоа еве да кажам дека матрицата која што ја користевме не е воопшто симната. Музичарите ќе знаат што значи тоа. Значи тоа е буквално во тој опсег како што е и оригиналот.
*А тие ја слушнале песната?
-Не сме стапиле во контакт и не сум информирана дали тоа им се допаднало или не, меѓутоа се надевам дека е така.

*Во однос на бракот со Наум, интересно е што е спој на две ѕвезди и мислевме дека ќе искрат многу искри кои ќе носат многу курцшлуси, само затоа што славата сама по себе е тешка и не се вклопува во дом и брак многу лесно, знаеме тоа. Но кај вас многу обратно- во сите овие години љубов и заедништво не многу малку туку и воопшто не сме слушнале скандал, недоразбирање, расправија, а да излезе надвор од таа ваша меѓусебна релација. Кој е тој тука што балансира… знам, но ајде  официјално да Ве прашам.
-Хаха и официјално да биде?! Па јас еве вака ќе кажам а читателите нека си читаат меѓу редови, едно од мотата кои што ги имам во животот е “Трпение богу спасение” нели? Дека трпеливоста секогаш се исплати и имам исто едно мото дека толеранцијата во секој сегмент од живеењето и во секоја една врска било каква дали е тоа пријателство, дали е тоа љубовна врска, дали е врска со родителството, со децата, значи мора да има една толеранција. И ако научиш да живееше со мааните на партнерот, со мааните на твојот пријателот, тогаш можеш да ги поднесеш , тогаш ќе имаш успешно и долгогодишно пријателство и успешна врска во однос на љубовта.
*Малку е комплицирано кај ѕвездите, публиката можеби често тоа не може да го види- дека станува збор за многу подеми, падови. Луѓето мислат ако си популарен секогаш си популарен, меѓутоа тие поминуваат низ фази во кои се барани, во кои се почитувани во кои не се барани, се подзборавени, па се случиле низа финансиски проблеми, па дошле многу пари, па се одлеале многу пари, па си очекувал повеќе, сето тоа носи еден дисбаланс кај еден уметник и на една ѕвезда и сега тука многу убаво треба да се мерат работите за да не преминат во непосакувани ситуации и моменти.
-Најголема криза почувствувавме кога беше короната. Тогаш навистина длабоко удри врз домашниот буџет, па Наум го критикуваа дека се жалел јавно. Меѓутоа, луѓето имаат искривена слика за тоа како ние живееме и колку ние заработуваме. Веројатно им е повеќе во свеста колку заработуваат луѓето од нашата бранша и на наши позиции во соседството. Тие суми се недостижни за нас. И тоа она кое што на пример и Наум како највисоко етаблиран го лути, и кое што ги боли и можеби понекогаш го вади од такт, па може да се излета со некакви изјави. И тогаш, да, изјави тој дека буџетот ни беше многу низок, сведен на една пензија и на мојата плата, бидејќи заработката од пеењето изостана. Тоа беше некои две години мачни, пак ќе речам дека успеавме и тоа да ги пребродиме благодарение на некои заштеди што сме ги имале настрана. Е сега, значи, како ќе се издржи сето тоа зависи од карактерот на домашните, на сите.
*Аха значи сите учествувате во креирање на семејната хармонија.
-… семејната хармонија. Веројатно ние и децата сме изградиле исто така како што треба да бидат. Кога има- има за сите , кога нема- нема за сите. Морам да кажам дека голема помош тука ми е мајка Анастасија која што е вистински животен уметник на сите полиња. Кога е во прашање домашната хармонија и мирот во куќата тука сме на иста бранова должина со неа и мене и нејзе најважно од сѐ ни е мирот во куќата и семејната хармонија. Цело време работиме и таа и јас, два шкорпии, баш на тоа. Другите, понекогаш знаат да излетаат хаха, но веројатно успешно се смирени што не се чул некој скандал. Секое семејство има свои подеми и падови, меѓутоа убаво е кога не мора цел свет да те разбере како ти е тебе дома.

*Како сте организирани во домот?
-Тројца готвиме, јас повеќе ги готвам оние штипски специјалитети, тавче гравче со спанаќ, пастрмајлии правам многу успешно, бакардан со свинско месо, исто така месењето е мое; кога е риба во прашање тука му препуштам на Наум повеќе; мама Анастасија за оние секојдневни доручеци, ручеци, вечери кој јадел, кој не јадел хахаха оди по сите дома и ги моли. Мојата свекрва сѐ прави- комад и соленик со пченкарно брашно, праз, сирење и одозгора испрскан со брашно, тие ѝ се двете специјалитети кои што јас на пример не знам да ги правам. Превкусни се, од типот “Поздрави го вујко ти” се вели ха ха.


*Вреди да се проба…Еве само се наметна  прашањето околу Вашата ценета свекрва, но како се случи тоа  да запеете заедно?
-Таа прво запеа, додуша кратко парче, од песната “Среќен ти пола век” која што му ја направивме како роденденска честитка на Наум за неговиот 50 роденденот и оттогаш ми тргна идејата и ми тлееше. Случајно ја слушнав песната кај нас од традициски пејач. Дојдоа едни ученици ми велат “Професорке има песна и за вас- Ќе ти купам широк фустан бре Зуице” и веќе уште тука ми дојде идејата, бидејќи тоа е дијалог помеѓу мајка и ќерка и реков еве како мама, еве слободно ќе си ја викам како дома, ќе ја извадиме од анонимност. Не од таква анонимност, нема да и правиме кариера ние допрва, меѓутоа баш сакав да види цела Македонија од каде Наум има толкав талент, од каде Анастасија Петреска првата ќерка на Наум талент, од каде Македонка. Тука постои една голема сличност во вокалите. Јас од  музички аспект ви го кажувам тоа дека постои голема сличност во вокалите во самиот начин во поставеноста на вокалот, таа мекост дури и на 81 година сега таа ја сними песната, затоа што има една кадифена боја на глас многу слична ако би ја споредиле машко со женско со кадифената боја на Наум.
*Емоциите ја надвладеаја иако беше тоа снимка и иако беше многу весел момент, госпоѓата заплаче.
-Да, мислам дека тоа дојде од таму дека сме ја направиле среќна и тоа ми е ќејф. Јас уживам да ги правам другите среќни. Кога сум јас среќна сакам и другите да ми се среќни. Посебно оние кои што ми се најблиски. И ако можевте да видите баш со тоа што снимив со неа песна- сакав да ја имам, со ќерка ми снимив песна- сакав да ја имам, со Стефан со Наум, сакав на тој мој ден да имаат  и тие парче од тортата и од среќата . И понатаму ако тргнеме тука беа и моите другарки, тука беа моите пријателки, моите пријатели, роднини и пријателите новинари.
*Сите на едно место. Тука беше и вашиот стрико. За жал вашите родители не се меѓу нас, но почитта останува и преку тоа што го имаше задржано и презимето и преку сите ваши постапки кон нивниот спомен.
– Да чичко ми Илија Лазов. Тој е близнак со мојот татко. Тој ми е бедемот кој ја држи куќата на Лазови во Штип и едноставно тој момент не можев да го замислам беа тој да биде присутен задно со мојата стрина Виолета. Коренот ми беше до мене. И тој е музички надарен. И татко ми свиреше гитара и пееше убаво, стрико ми исто убаво пее и свири гитара преубаво, мојот дедо Добре, нивниот татко, “Дедо Добре и големата хармоника” како што напиша В.Х.С. уште на времето (новинарка на “Екран”), тој беше мојата совест ,тој кој што ме буцкаше за вежбање кога требаше, тој ја носеше големата хармоника насекаде низ Штип, тој беше басист во “Распеани Штипјани” свиреше и гитара и контрабас, така што и од моја страна како и од страната на Наум сме музички потковани да речам.


*И  Соња е една клучна личност од сенка нека во Вашиот живот, како пријателка и како логистика, нејзината ќерка заедно со Вашата се вклучиле во целиот тој процес на создавање на овој многу успешен приватно- професионален  проект, без нивна помош сигурно дека немаше во оваа форма да се одржи. Со тоа има едно заокружување кое што е направено на многу убав начин. А, на самата вечер имаше предлог од новинарка предлог “Зуица да оди на Евровизија, видете каква е како изгледа и како пее, ќе имаме успех во очите на Европа” но јас па во тој момент размислив па тука ние не двократно, не триктарно, имаме четирикратно зголемување на среќа и на талентот, доколку целото семејство биде испратено на Евровизија. Ама се наметнува друго прашање зошто никогаш Зуица која е родена Штипјанка не се потрудила и не  успеала нешто сама Макфест, а можела.
– Со Јоце Панов има макфестовска песна пред неколку години. Јоце ја истурка таа работа и идејата, сакаше да направиме еден дует, бидејќи неговите почетоци всушност се кај нас дома во куќата во Штип, тој свиреше и пееше со мојот брат Добре и така преку макфестовската песна си направивме како еден спомен со него за тие убави времиња кога почнуваме. Јас сум растела на тој фестивал, бев една од дечињата која што одеа по хотелот “Астибо” и тропаше по собите за да добие потпис, автограм од тогашните ѕвезди на Југославија кои што доаѓаа…
*Забавната музика не е доволно привлечна за Вас, или?
-Не, не, не, не, јас буквално на секој настап во првиот дел имам забавна музика и ја сакам па и така некако цело време на границата чекорам помеѓу поп и фолк цело време. Имам тука допир и со таа поп музика која што ми е многу драга и која што приватно многу ја сакам, но ајде сум го оставила тоа некако, не знам како, не сакав многу мешање на стилови. Како мало дете повеќе слушав поп и рок.
*Евровизија како идеја мене ми се допадна. Можеби сепак новинарката го кажа тоа во момент можеби на голема одушевеност и еуофорија, ама тоа како идеја би била феноменална само не знам дали би се нафатиле и да ви понудат. Бара тоа малку повеќе енергија.
-Па не знам можеби. Тоа би било можеби интересно ете …разни стилови тука имаме кога сме ние четворицата во прашање- Наум е етаблиран народњак, јас тука меѓу поп и народно, Стефан некој наследник на Наум, а Македонка сосема различно можеби би можела да има онаков дел со оперско пеење. Можеби некогаш може да се направи нешто интересно, меѓутоа кога ќе се вратиме здравје боже на Евровизија.
*Се надевам дека ќе се вратиме. Сега јас да се вратам на нешто што многу се зборува, но нешто ќе оставиме за следната средба, бидејќи најавивте дека сега ќе сте поактивна и ќе правите повеќе проекти- очекуваме албум, очекуваме и концерт, што ни било убаво, затоа што сега веќе влегувате во втората фаза каде што веќе треба  ги дозавршите и останатите работи. Среќна сте, но дали некоја желба остана неисполнета?
-Можеби имаше досега, до овој проект. Тоа постојано ми тлееше. Многумина, да не речам ме присилувале да ја извадам хармониката и да засвирам заедно со пеењето и да ги спојам тие две, тоа се случи во “Мојата Хармоника” дури и одбив едни драги колеги кои што направија римејк на своја песна па ме бараа таму да свирам, меѓутоа беше непосредно пред “Мојата Хармоника” пред мојата песна, но сакав мојот проект да биде ексклузивитет и да ме нема претходно на некој друг. И заради тоа.

*Љубовта со Наум Ви донесе многу повеќе воопшто во кариера, во живот, како гледате на тоа? Сепак не е било кој. И не е малку да бидеш сопруга и љубов на некој што е врв.

-Така. Од една страна одговорност, ама може да се гледа од два аспекта- може да биде тоа и како полза и како зијан. Тука некаде. Брат и сестра се тие работи. Во која смисла- тој е многу “висок”, и на пример, заедно кога одиме на настапи, во прво време мене ми беше многу тешко да станам да пеам по него, имав доза на одговорност, иако си имам свој дел во кој што сум јас на пример можеби и подобра, во делот на забавата. Е тука е таа моја тешкотија затоа што и јас иако сум сопруга свесна сум каде што и како, каде е тој етаблиран и навистина сѐ уште огромна доза на одговорност кога треба да запеам после него ха ха ха.
*А се каете ли што се вративте од Белград каде што да останевте претпоставувам, верувам и сигурна сум дека Вашата кариера ќе беше многу поголема во однос на една просторна широчина и во однос на тоа што сепак Белград е Белград. Сигурно немаше да останете на маргините.
– Е да, ама не знам дали јас таму би пропеала.
*Но како хармоникашка ќе бевте атракција.
-Да. Од Белград тогаш затоа и се вратив во Скопје, немаше воопшто Академија за хармоника. Висока школа воопшто немаа во Србија. Првата катедра на Балканот е во Македонија, ама со професор од Србија. Војкан Васовиќ. Тој ни беше професор. Од Крагуевац е, па сега повторно во Белград нема Академија за хармоника туку во Крагуевац.
*Значи не се каете?
-Не, ќе кажам дефинитивно. Ми беше замислата да одам во Братислава и таму да го продолжам своето школување, меѓутоа ете од финансиски аспект моите не успеаја да се снајдат, тогаш се плаќаше по неколку илјади долари за година, меѓутоа тоа беа преголеми пари за моите родители и останав тука. Ние сме првата генерација, јас Зорица Каракутовска и уште еден колега хармоникаш. Понатаму приказната, веќе ја раскажавме, во предвечерието на овие убави празници. Нека ни се честити!

Валентина Ѓоргиевска Парго, уредничка во КулАрт

metropolis-big