ЗЛАТЕ КРШОСКИ, ПРЕТСЕДАТЕЛ НА КСД МАКЕДОНИЈА- МАЛМЕ: Ја сакаме Македонија, тоа “еден долар” е лоша шега и не важи, донираме, а можеме и многу повеќе!

Посетата на македонскиот клуб во Малме КСД Македонија, за нас беше убава можност да се сретнеме со пријатни и искрени родољуби и да дознаеме нешто повеќе за начинот на кој функционира овој истакнат и грижлив национален клуб.
Во текот на своето долгодецениско успешно постоење, последниве години ги забележува и залагањата и успесите на актуелниот претседател Злате Кршоски, кој нѐ пречека љубезно, и ни раскажа во кратки црти како овој клуб ја брани честа на Македонците во далечна Шведска, не толку далечна кога истите тие треба да ја посетата родната земја, во секоја прва слободна прилика.

Господинот Кршоски потекнува од Белица, кичевско по татко, а од Грнчари- Подмочани по мајка, по образование е графичар, а моментално работи во паркинг служба за општината во градот.
*Убава и пригодна е оваа средба, за Илинден ионака најмногу се зборува и истакнува она македонското. Па за почеток да ве прашам од кога постои клубот и како е организиран?
– Клубот КСД Македонија од Малме постои со гордост, од 1969 година. Затоа што во Шведска сѐ функционира на основа на членство, така е основан и овој клуб. Можам да речам дека ја врши истата работа како и црквата, е, сега црквата ја опфаќа цела Шведска од Халмстад, јужна Шведска па нагоре. Црквата во Малме се вика Свети Наум Охридски, каде денеска, како и секоја година на Илинден се одржа молитвена служба. А новите генерации македонски Швеѓани се веќе етаблирани во оригиналното шведско општество и во самите шведски друштва и потешко можеш да ги привлечеш овде. За жал сега и пензионерите сѐ помалку и помалку ги има во нашите редови. За 2-3 години изгубивме неколку активни пензионери кои што постојано беа тука, и татко ми фактички до април оваа година. Доаѓаше цело време додека беше жив. Сакам да речам и таа генерација постарата веќе полека изумира, а младите потешко можиш да ги донесеш.


*На колку време избирате претседател?
-Претежно на две години. Се одбира управен одбор потоа меѓусебно тие си се договараат кој ќе е претседател, секретар, благајник и се избира на тој начин. Имало години кога и директно се избирало на самото годишно собрание, или секоја втора година, а инаку секоја година има годишно собрание каде што се врши ревизија на активностите и на економскиот дел од активностите. Јас сум претседател веќе три мандати, ова е петта година.
*Кои се вашите активности, Клубот каква поддршка дава на македонската заедница, а едновремено и повратно- заедницата на клубот?
– Идеи имало да се помага на новодојдените, меѓутоа новодојдените воопшто не ги интересира за клубов. Исклучок се, секоја чест, мал број на луѓе од новодојдените, кои што доаѓаат, меѓутоа многу мал број, од кои причини не можеме да знаеме. Дали луѓето од разочараност во Македонија, заминале од таму и си велат “баш ми е гајле, не ме интересира повеќе”, не би знаел да ви кажам. Веројатно од разни побуди. Плус, дојдени се да бараат работа да работаат, по свои обврски. Го наоѓаат клубот првиот пат ко ќе дојдат без сопруга, ќе доаѓаат овде еден одреден период кога уште немаат формирано свое друштво и семејство и кога им е досадно, а потоа наеднаш ги снемува. Едноставно во одреден момент требало да доаѓаат тука кога имале потреба да се запознаваат со луѓе, но потоа е што се вели “Помина зимата, ја фрли гуната”.
*А со Македонците кои се редовно тукa, на каков начин комуницирате? Имa денови кога организирате средби или тоа е поврзано со црквата и неделите кога има литургија?
-Клубот е отворен четири дена во неделата, четврток и петок навечер по 17 часот, а сабота и недела од 11 до 15- 16 часот, поточно е отворен дури имаме луѓе посетители. Тука е вработен господинот Љупчо Вељоски, на половина работно време, и затоа така ни се редуцирани часовите за средби. Тој е Преспанец по потекло, од Лева Река. А често тука, како и денеска, е господинот Димо Иванов од Битола.
*Секој е добредојден?
-Апсолутно секој е добредојден да дојде и да се дружи.
*Доаѓаат луѓето од Малме?

-Па сега доаѓаат, доаѓаа. Како не. Во последно време има подобра посетеност. Во петоците навечер имавме некои активности за помладите, шах и пинг понг, а сега регистриравме и фб страница каде ги објавуваме новостите и можат сѐ да следат.


*Ова е голем простор каде сте сместени и прилично убав и организиран, секоја чест.
– Во квадратура стотина квадрати, има три соби поголеми соби и има една мала канцелариска просторија.
*Овие знамињата што значат? Имате доста знаменца, амблеми, пехари, медали …
-Овие се историски предмети, од нашиот клуб во фудбалот и награди од победите со кои екипи играно, низ годиниве. Играле претежно со шведски клубови, но има и балкански и други. Еве “Пелистер” на пример од Трелеборг, “Младост” беше хрватски клуб од поранешните југословенски клубови. Некогаш се играше почесто. Некогаш се правеле и повеќе фестивали, се патувало во Гетеборг, во Стокхолм. Еве ми излегува како потсетник дека во 2016 година имало организирано македонски фестивал во Трелеборг, со јадења, храна од нашиов клуб…
*Колку пехари имате, гледам доста?
-Па и тоа е една историја. Тоа се натпреварувања во регионални лиги, во тие фестивали на пинг понг на шах, фудбал. Сите тие се одржувале тука во Шведска, но има и нешто и во Германија. Се гостувало и во Германија но тоа воносумдесеттите и деведесеттите години. Еве пехар од осумдесеттите 1984 година (ни покажува).
*И сите тие кога ќе победат го носат пехарот тука, изложен е во ветрината, каде е запишано и може да се види која година е постигнат успехот и каде?
-Да, ова се сепак наградите кои се доделени на екипата од клубот, а тие што си добивале индивидуално си ги имаат за себе. Тоа што е доверено на самиот клуб, тука е. Се имаме селено неколку пати, но многу работи се зачувани и се изложени. Имаме и носии кои ги носеле девојчињата, сите тие се сместени во една просторија, каде да бидам искрен многу работи се педантно ставени но и натрупани, ги има многу, а моравме да ја празниме едната просторија од економски причини и сѐ да сместиме тука.
*Кој го плаќа сево ова, како се наоѓаат средства за да платите овој, на некој начин би го нарекла луксуз?
-Основните средства се од дотации од општината, на основа активитетите што се во спортот или културата. Еден дел е од членарина, еден дел бифето, и спонзори така. Не се некои којзнае колкави средства, колку да ја покриеме киријата и основните трошоци, струја и сега со домаќинско работење- живееме. Е сега здравје!
*Имате ли некој датум на кој ете ја собирате македонската заедница. Традиција?
-Претежно за 8 септември. Велигден и другите празници собирањата претежно се во црквата. За 8 септември порано овде се држеше коктел и беше отворено за секој член, затоа што тогаш е осамостојувањето на Македонија од 1991 година. Жените многу пати се собираа за 8-ми Март. Сега во последните година, две, спонтано е собирањето. Ако има интерес, отворени сме, ако некои жени имаат волја отворени им се просториите да си дојдат да си организираат нешто. Сѐ е претежно спонтано затоа што не можеме ние двајца, тројца да го организираме сето тоа оти и јас и другите имаме свои лични обврски, не е само ова, но го даваме максимумот и најдоброто од себе.
l0
*Да ја споменеме легендарната македонска радио водителка, госпоѓа Лилјана Стоилковска, кога живееше овде, во Шведска, направи многу за здружување со македонските уметници и тие во неколку прилики гостуваа, и јас дури бев во Малме. Организираше културна соработка со поети, уметници, новинари. Имаше повеќе активности…
– Да, да, и театар имаше донесено, потоа членките од “Вешта жена”, ликовниот уметник Живко Поповски- Цветин. Таа организираше неколку томови од македонска литература да се предадат во шведската библиотеката во Малме.
*И овде забележувам книги. Кои писатели се застапени во библиотекава?
-Од сите најважни македонски, може да се рече.

*Каква е соработката со другите заедници, со српска, со босанската…?
-Сега, фактички, немаме соработка. Исто последните такви соработки биле преку Лилјана, таа имаше соработка со босанската заедница, но и со заедници од други земји, од Блискиот исток…
*Некакви планови за во иднина? Споменавме дека Македонци доаѓале, и поети, и писатели, и уметници, а дали сте се обиделе некои барем од шведските македонски деца- таленти да направат настан во Македонија?
– Немаме таква можност, затоа што немаме средства за тоа. А и волја се нема. Во последниве години како луѓево сосема да се разочарани од разни работи. Штом им споменеш нешто, избегнуваат. Сега еве почнаа малку да се подигнува моралот со последниве претседателски избори кога се виде резултатот, народот како да се разбуди на некој начин. Барем јас тоа така го гледам. Но, и во Македонија народот како сега да се разбуди од некој зимски сон. Па ќе видиме во иднина како тоа ќе резултира и во и надвор во самата дијаспора. Оти, овде ако почнеш да дискутираш нешто, да направиш нешто убаво, никој не се интересира, ситд молчат, или на пример ќе дадат предлог “вака треба, така треба” ама кога ќе им речеш “ајде дојдете помогнете” веднаш сите велат “ама јас немам време, јас не можам”.
*А мислите дека и Македонија треба да е малку поблагонаклонета, па од таму да ги покануваат Вашите деца па и да се прават заеднички настани, да има нивни претставувања кај нас?
-Апсолутно. Порано имаше разни такви средби, пкола за македонски јазик во Охрид и во Југославија имаше работни акции. Од овде доаѓаа таму, од таму доаѓаа овде. На пример доаѓаа играорни групи, “Кочо Рацин” од Велес, од Битола, потоа КУД “Таше Милошевски” од Ресен и други. Но, тогаш беше друго ниво, тогаш имавме и голема сала со бина, со сѐ. Имаше услови. Сега и да донесеш, општината не ти дава поддршка, не ти дава ништо. И тоа што тренира нашата фудбалска екипа два пати неделно, се наплаќа. Е сега дури заживеа повторно фудбалската екипа и добро почна да работи, со спонзорство, и со тренери, оти четири години беше угасната заради финансиски средства. Фудбалската екипа се вика КСД Македонија. Исто име имаат како нас но имаат свој грб. Фактички тој е наша секција. Таму се главни двајца браќа од Ресен, Дејан и Ален Стојаноски, тие се борат за спонзори, тие наоѓаат и тренери, на нив е целиот товар и досега добро ја туркаат работата. Малку сме потенки со резултати, но ете полека се подобруваме, бидејќи по пауза се знае дека немаш континуитет. Но, еве неодамна победивме играјќи против шведска екипа “Еф це мојли” преведено на наши “Екипата на можностите”. Тоа се регионални лиги, меѓутоа убаво е кога ќе сме таму, интересно ни е. Тоа е добра можност, таму се сеќаваш со луѓе кои поретко ги среќавам, некои не доаѓаат во клубот, но доаѓаат на натпревар бидејќи му игра внучето или синот.


*Сметате дека со смената на власта сега ќе имате подобра поддршка или барем подобра врска со Македонија?
-Па, се надеваме, многу се надеваме. Особено да се види и за гласање на еден друг начин. Овој начин не функционира, бидејќи амбасадата каде што се гласа е во Стокхолм, на сред недела не може луѓето да земаат одмор ден два за одат Стокхолм. Побрзо ќе појдат во Македонија со авион и ќе се вратат, меѓутоа секој си го планира одморот. И за вадење на македонски пасоши да се поедностави, многу е комплицирано.
*Македонците од Малме многу сакаат да доаѓаат на лето никогаш не ја заборавиле Македонија и повеќе сакаат да доаѓаат на одмор дома отколку Италија, Грција, Шпанија други некои туристички дестинации. Тоа го имам забележано кај многу пријатели. Зошто е тоа така и дали и кај новите генерации таа традиција е зачувана?
-Тоа е точно што сте го забележале и така е. И тоа е знак дека си ја сакаат Македонија дека им е убаво таму ко ќе отидат. И над овде што нѐ гледаш во клубов, исто така сме редовни посетители, пензионерите одат по три, четири, шест месеци во годината …
* Кои се другите поволности од подобра релација со матичната земја?
-Има голем капацитет во дијаспората и со добра организираност Македонија може и инвестори да добије и многу многу работи, само треба малку да се засилат врските и искрена да биде таа соработка. А, не само на збор “ќе направиме, ќе биде”. Од тоа “ќе”луѓето се изморени. Никој не верува во “ќе”. Мора подобра релација, ако сакаат прилив на средства, кои што не се мали, и не само тоа, ќе има повеќе донации за села, за цркви, за домови. Дијаспората секогаш била од првите редови за донирање. Јас мислам дека малку владее една лоша шега во Македонија “Сега еден долар ќе дадеме”. Е сега еден човек рекол “Ќе дадам еден долар” ама еден човек не е цела дијаспора. Тој имал ќеиф да даде еден долар, негова работа. Ние можеме многу повеќе …
*А има и многу што финансиски им помагаат на своите семејства. Што донираат. А не излегуваат ни во медиум.
– За тоа да не правиме муабет. Бенефитот на Македонија од нас како странци е секогаш значително голем. Прво, едно семејство кога ќе отиде еден месец на одмор, во просек во Македонија ќе потроши, ајде да не претеруваме и да не кратиме, ама две илјади евра. И тоа лесно ќе ги потроши за основни работи за јадење, за пиење, за ресторани, а башка ако реновира во куќата. Тоа е една основа, значи за месец дена еден човек во просек троши колку што еден човек таму плата зема половина година. И тоа за најосновни работи, за намирници. Значи селанецот ако произвел патлиџани, краставици, јаболка побрзо ќе му се потрошат, отколку ако не доаѓа таа дијаспора. Меѓутоа патиштата како што се, за никаде често реагирам. Јас од Кичево сум страден да одам до Охрид, а да не правиме муабет од Охрид да тргниш за Свети Наум или за Ресен или за било каде. Свети Наум е светилиште за Македонија, таму треба со лифт да одиме не да не можеме да стигнеме со автомобил. И досега ниедна влада не се зафати за да го подрашири патот, да го тргне од селцата. Треба таму одморен да стигнеш, не скапнат уморен и потоа пак те чека пат за Кичево, па пак истата ситуација. Побрзо до Шведска ќе стигнам отколку од Свети Наум до Кичево. А од Охрид за назад тоа се реки од автомобили. Им честитам на тие што возат. Има луѓе кои и од Скопје по неколку пати неделно има потреба да патува кон Охрид и назад. А возење по онаков пат е за честитање…

Валентина Ѓоргиевска Парго

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.