Изгубено и обезвреднето ѝ е местото на културата во земјава, воопшто, не само во медиумите, смета продуцентот на „Медена земја“, Атанас Георгиев
Ако гледаме по број на објави за врвен настан од областа на културата, голем процент е ако за нешто нема доволно пари, па некоја кавга со Министерството за култура, па раздор во оркестар или ансамбл, а за самото дело на уметничкото творење за самиот настан што само тие што не работеле не знаат колку е тешко да се направи, многу малку, незначително. Денеска мислам дека на ова треба да гледаме од еден друг агол – вели Татјана Гогоска, новинар, комуниколог.
Каков е пласманот на културата во медиумите? Што треба да се случи за еден културен настан или уметник да добие насловна страница, ударен термин на вести или, пак, мегаинтервју објавено на видна позиција на некој портал? Ако пред десетина години постоеја цели редакции за култура со по најмалку тројца четворица новинари што следеа различни области, денес тоа е научна фантастика и станува реткост дури еден новинар од култура да ја работи само оваа област, велат новинарите.
Гогоска веќе 35 години работи во медиуми, самата креира содржина или, пак, организира културни настани. Таа е категорична дека културата отсекогаш требало прво да биде „испочитувана“ од некој политички субјект за да се најде на насловна страница, да влезе во првите ударни ТВ или радиовести.
– Потоа дојде „скандалозното време“ кога само ако нешто не се одржеше, не се отвореше некоја манифестација или имаше некоја неубава случка, тогаш стануваше дел од фокусот во медиумите. Така е и сега, а, за жал, така и ќе биде. Културата има своја публика, која секако сите настани од областа ги следи на медиумите. Не треба да се оди кон освојување на оние на кои тоа им е споредна работа, напротив да се пласираат содржини од областа на културата, квалитетни и одржани за таа „културна публика“, која ја има во сè поголем број и треба да се почитува – вели Гогоска.
Културата ја има на порталите како најава за настани, информации или интервјуа, но е многу спореден дел. – А да не е така, да има рамноправен статус со сето друго „многу важно“ во државава, ќе имавме покултурен општествен систем – посочува таа.
Атанас Георгиев: Публиката е лесно подводлива
Продуцентот Атанас Георгиев 20-ина години работи во филмската индустрија. Двете номинации за „Оскар“ за филмот „Медена земја“ се неговиот најголем успех досега.
– Се чувствувам некако разочарано, изгубено и обезвреднето ѝ е местото на културата во земјава, воопшто, не само во медиумите – смета тој.
– Вниманието со „Медена земја“ го привлековме кога се вративме од „Санденс“, пред тоа немаше многу информации во јавноста. Ја надминавме гледаноста на кој било филм кај нас. Кога ја добивме наградата на „Санденс“, МТВ ја цензурираше мојата изјава каде што упатив порака за загадениот воздух и на моето обраќање на таа сцена му фалеше најзначајната порака, затоа што се ближеа избори. И покрај големите успеси во филмската индустрија, ние немаме конкретна стратегија за развој, продукција, дистрибуција и популаризација на филм. Воедно, парите за филм се кратат. Не е во ред да не се вложува таму каде што има напредок. За време на „Оскарите“, зeмјата беше понесена од успехот на филмот, најавена ни беше дури и државна пензија, за која набрзо подоцна идејата беше повлечена затоа што законот не дозволувал. Флексибилноста и неистраженоста на законите, како и злоупотребата на популарноста во овие региони се загрижувачки – вели Георгиев.
Со документарецот „Avec l’Amour“, чија премиера беше во 2018 година, тимот на Георгиев направи вид експеримент. Објавија лажна вест во медиумите за да видат како ќе изреагира целата социјална средина и колкава може да биде моќта на информацијата, во случајов дезинформацијата.
– Тоа беше дел од проект поврзан со наводно лажните вести што своевремено беа креирани во Велес. Заради пренатрупаноста со информации, публиката денес е лесно подводлива и донекаде нестудиозна. Информациите ретко се проверуваат, а тие треба да бидат што пократки и по можност, поспектакуларни. Тоа беше одличен експеримент, но, за жал, дебатата на која сите се надевавме, воопшто не се случи. Наместо да се јави револт било кај гладачите било кај критиката и медиумите, пласирањето на оваа дезинформација од наша страна само делумно ги посрамоти оние што ја пренесоа, но не поттикна расправа. За жал, а темата е толку голема, загрижувачка и опасна. Тажно е што тие што треба да зборуваат гласно, всушност се засрамија – објаснува продуцентот.
Претходно истиот филм беше избран на фестивалот „Хот докс“, што за документаристиката е на рамниште на Кан. Веста ја објавија само два медиума, посочува тој.
– И токму разочарувањето поради тоа нè натера да смислиме нова стратегија за популаризација, дури и под услов да станува збор за лага. И набрзо потоа, замислете, масовна заинтересираност, популарност на протагонистите, иако во документарниот филм нема место за тоа. На една проекција на „Avec l’amour“ во парк дојде петилјадна публика, гладна да види нешто убаво. Се сеќавам на една многу добра изјава на нашата еминентна филмска истражувачка и критичарка Илинденка Петрушева, која ми рече дека последен пат напишала критика во 2004-2005 година, по која почнале да ѝ се лутат филмаџиите, па така престанала да пишува. Објективноста е осудена на линч – категоричен е Атанас.
Сашо Димоски, Велешки театар: Недостигаат специјализирани редакции со критички однос кон културата
Според Сашо Димоски, директор на Велешкиот театар, поддршката на медиумите во пласманот на нивните претстави и активности не изостанува, на национално и на локално ниво, ниту, пак, е на високи фреквенции.
– Сметам дека се потребни системски решенија за развој на соработката меѓу институциите и поединците, од една страна, и медиумите, од друга, решенија што ќе подразбираат специјализирани редакции со критички однос кон културата, генерално, но за да се случи тоа, неопходно е да се дефинира што, всушност, е културата и кои се нејзините производи, наспроти сето она што се пласира под етикетата култура – вели Димоски.
Режисерката Теа Беговска работи на независната сцена подолго време. Таа е задоволна од своето досегашно искуство со медиумите, уште од нејзината дипломска работа.
– Јас сум навистина благодарна, не само за објавувањето информации, но и за суштински интервјуа и во пишаните медиуми и за телевизиите. Не мислам дека причина за тоа биле лични познанства, зашто мал беше бројот на новинари што ги познавав кога почнав да работам. А и познанствата се некако нормални и дел од нашата професија – сите со сите се познаваме. Новинарите што покриваат култура кај нас апсолутно професионално си ја вршат работата, посебно сега, некако во последниве неколку години имам чувство дека доста активно се следи сцената и упорно се работи и на нови форми во новинарството. Секако овде им се дава простор и на младите, на новите имиња. Се појавија и нови медиуми што работат активно на тоа да ја известуваат јавноста за сѐ што се случува во областа на културата – вели Беговска.
Според филмскиот продуцент Огнен Антов, социјалните мрежи до некаде вршат и поголема работа во однос на промоцијата на културата од медиумите. На прашањето што треба да се случи за настан од културата да добие соодветно место во медиумскиот простор, Антов вели:
– Треба некој од политиката да одлучи дека културата во тој момент е побитна од неговата прес- конференеција за отворањето на селската чешма…Мислам дека е невозможно веќе, поради девијантното искривување на свеста за културата и нејзиното значење и место во општеството. Имавме и примери од минатото каде што Македонија стигна до „Оскар“, еве сега сме на „Венеција“ и во листата на вести сме некаде помеѓу веста за топлотниот бран, бројот на заболени од ковид во Кочани и отворањето на реновираните тоалети во некое основно училиште.