Неговиот стаж во областа на медиумите е долгогодишен, поточно повеќедецениски, и речиси нема област во која не се има обидено, за на крај да добие еден целосен резултат и заокружен успех.
Симе Младеновски на јавност кај нас ѝ е најпознат како автор и продуцент на циклусот емисии “Лица и дела” кој се емитува на Тв Сонце, цели 12 години. И низ кој поминале, и кажале сѐ она најважно за себе, речиси сите личности кои оставиле значајни дела во современа Македонија, од разни области, култура, сцена, уметност, музика, спорт, творештво, политика, бизнис, академици, ѕвезди, и најголемите ѕвезди и имиња на Балканот.
Продуцентот е искрен кога вели дека таа емисија е неговиот најголем печат, но дотолку повеќе и што е гледана и поддржана од повеќе земји, од каде три години е прогласена за најдобра емисија во дијаспората, а тој за најдобар продуцент во дијаспората за 2023 и 2024 година.
Емисија која се закити и со признание од институтот по македонски јазик.
-Многу големо значење за мене имаат сите тие награди и признанија. Посебна благодарност изразувам до моите спонзори и покровители од дијаспората за оваа емисија, и за валоризираниот труд преку наградите, а со чија помош и поддршка ја востановив и светската македонска поетска манифестација “Сплоти се Македонијо”, која откри и иницираше многу поети да напишаат прекрасни песни во изминативе години. Продолжуваме понатаму. Сето тоа ми дава мотив за уште повеќе залагање и афирмација на македонското творештво, вели продуцентот.
Воедно, тој најавува и нов документарец за убавините на Македонија, откако неодамна со успех го реализира и промовираше архивскиот запис за “Дебармаалските серенади 2024”, што се одржаа годинава на Свети Трифун и Свети Валентин, во организација на уметникот Живко Поповски Цветин.
Повеќе награди за неговите документарци го красат неговото CV, добиени во изминативе години, а прикажани на повеќе филмски фестивали низ светот.
– Мојот документарец “Јад” доживеа најголем успех, чиј продуцент, сценарист и режисер сум јас, како и филмот “Убава земја”. Преку нашите филмови упатуваме порака до светот постоиме и ние сме библиска земја која Господ ја чува и брани. Само Сонцето е постаро од Македонија. Моите документарци отидоа на многу филмски фестивали, како екипа и ние ги посетивме и учествувавме на нив и пак ќе учествуваме, иако таму конкуренцијата е многу голема, подготвени сме за јаки предизвици. Ќе набројам кратко, Сао Пауло, Бразилија, Буенос Аирес, Лион, Загреб, Ниш, Амстердам, Панама, Детроит, Сиетл и многу други иако ќе кажам сами се снаоѓаме за котизација која не е мала за учество. Но, голема сатисфакција ни причинува кога имаме одличен производ работен со месеци во многу лоши услови, снег, дожд, ветар, кал, но нема пречка за нас тоа е голем мотив и чекориме смело и гордо кон целта. Желбата за успех, таа нѐ носи далеку, сме посетиле многу села градови многу семејства со трогателни приказни, многу тажни. Во нашите филмови ги прикажуваме убавините на Македонија традицијата, обичаите кои сега за жал изумреа, а тоа се нашите корени и треба да ни биде гордост. Она што можам да најавам е дека следува еден исклучително убав документарец за убавините на Македонија. И одам на “Оскар”, ете до толку сум самоуверен, вели.
За сите досегашни остварувања, освен награди за филмови освои и награди за хуманост.
-Добив и награда Мајка Тереза награда за хуманост за 2024 година, која ја добиваат големи имиња, и Цветинова награда, што ми е посебно драга!
Симе го истакнува својот пример дека ниеден успех не е преку ноќ, дури и кога изгледа дека е така, зад него стојат години на учење, работа и професионално калење.
Неговата професионална биографија почнува пред неколку децении, кога ја оформи својата група “Денс машин”, во 90- тие години од минатиот век, со која жареа и палеа низ Македонија и надвор од неа. Беа одлична музичка група во состав на: Младеновски, како лидер на групата и текстописец, Партимен како аранжен, композитор и постпродукција и вокали Ања, Ане и Андријана. Учествуваа на фестивали, имаа и награди, го направија познатиот хит “Љубовта е како вино”. Паралелно се вклучи во работата и како менаџер на кафулиња, ресторани, дискотеки, “Галерија” кај стара Железничка, “Аташе”, “Централ Капитол”, “Мејк ап”, “Зоот”, “Кул кафе”, дискотека “Бели мугри”… Сето тоа вели му помогнало да ги развие менаџерските способности и да стекне пријателства со луѓе од различни профили, да допре до разни информации и приказни.
А, за да се долови успехот што сега го постигнува, неопходно е да се спомене сета хронологија и по медиумите.
-Ако се опфаќа сѐ за мене мора да се спомене дека почнав на свои 17 години во МРТВ. Одев на пракса кај режисерите Стојан Стојановски, Никола Новковски и Тихомир Бачовски. Преку Никола Новковски започнав со снимање на филмови, на македонски народни приказни, документарци, и учествував во подготовката на “Пулсирање” и на “Неделно попладне” со Александар Сидоровски Сидор. “Бушава азбука” и “Ѕвон” се исто така дел од мојата обучувачка приказна, а потоа доаѓаат моите самостојните проекти во ТВ РТА, А1, МТМ, Тв Алфа- првата. Станав извршен продуцент на АБ канал, замена на заменик директорот. Го водев и Ким Радио. Но сето тоа само ми даваше правец до моментот кога станав а автор и продуцент… Мои емисии се “Мојата песна”, “Клуб ин”, и веќе нашироко познатата “Лица и дела”…
Младеновски паралелно цело време изучувајќи го телевизискиот занает, се вклучувал и во разни филмови:
-Бев во екипата на “Бела мачка, црн мачор” на Кустурица и во уште два негови докумемтарни филмови. Работев со Бујошевиќ од Белград, потоа со Антонијевиќ. Во домашни филмови зедов учество во “Еликсир на љубовта”, “Џган”,а дури бев и статист во “Трето полувреме”. Учествував во екипата на повеќе филмови во Белград, Босна, Црна гора… Соработував со Драган Бјелогрлиќ, со Едуардо од Аргентина, со Тасос од Грција, Мунјантами од Романија, Павлов од Бугарија, дури и сo внук на Акиро Куросава, како и со Стивен Гејт Сиетл, со Јохансон од Шведска…
И покрај сите споменати соработки, за клуч на својот краен успех ја смета логистиката од дијаспората.
-Без поддршката од дијаспората мојот успех немаше да е сосема целосен, а допрва се надевам на најдоброто. Во обид да заработам повеќе пари сега паралелно работам и на изградба на згради со мојот братучед од Америка. Тоа се моите силни страни, но најсилна е мојата константна екипа, моите Бубе, Зорана, Саше, Зоко, Јоцо со кои заедно работиме од 90-тите наваму заедно. А најголема благодарност чувствувам за мојата почитувана Валентина Ангелова од која црпам многу голема енергија, а зад секој голем мотив и успех не џабе е речено дека секогаш стои некоја исклучителна личност со својата поддршка.
Валентина Ѓоргиевска Парго