Актерот Сашо Ристовски неодамна имаше премиера на комедијата ,,Премиерот”.Токму за оваа нова претстава поразговараме со него, но и за неговите одлуки и планови.
* Какви се импресиите по премиерната изведба на мошне актуелната комедија ,,Премиерот”?
– Јас сум воодушевен од реакциите на публиката. Да бидам искрен потајно имав страв како публиката ќе ја прифати претставата. Но, ете нашиот труд вроди со резултат. Громогласниот аплауз на крајот покажа и докажа сѐ. Влогот наш заеднички се исплати.
* По она што можеше да се почувствува во салата имам констатација дека публиката е желна за комедии, а особено за комедии кои ја третираат актуелната тематика, особено политика. Дали се согласувате со тоа?
– Апсолутно се слогласувам. Ме радува фактот што публиката има префинет вкус за театар. Препознава што е добро, а што не. Се радувам што конечно публиката ужива во вистинските комедии кои се темелат на ситуациите во текстот, како и на карактерите кои се играат во претставата, а не само на вулгарности. Комедијата е сериозна работа, најлесно е да насмееш публика со вулгарни зборови, но многу е тешко да насмееш публика играјќи ги ситуациите од текстот. Преку глава ми е од комедии темелени на пцовки, вулгарности и претерани импровизации. Да, и јас сакам импровизации но во контекст на текст, се со одредена доза. Да играш комедија е мајсторство. Околу комедии кои го третираат општествениот живот, политиката и сегашниот временски период е уште потешко да се играат. Да тие се коментар на општеството и глобалните или локалните случува, затоа се и мој предизвик. Тука треба многу внимателно бидејќи и како актер, а особено режисер мораш многу да внимаваш да не ја преминеш црвената линија.
*Како дојдовте на идејата сам да си ја режирате оваа навистина одлична комедија?
– Јас сакав токму да создадеме ваков тип на комедија и текстот го направи мојот соработник Огнен Неделковски. Јас му кажав што сакам, потоа ја добив првата варијанта, па имав забелешки и од кога ја добив втората варијанта почнаа пробите. Знаев точно од самиот старт кој и што ќе игра. Кога вие како режисер и актер знаете конкректно што сакате, тогаш нема промашување. Актерската екипа имаше можност за слобода, тоа е и всушност и поентата. Актерот да има слобода во работата, но во договорените рамки. Сметам дека и покрај јасните контури на ликовите, постојат толку префинети детали во играта што навистина сите нас не прави среќни, бидејќи публиката го препознава тоа.
*Многу интересен спој на акери е направен во оваа претстава. Млади актери, наспроти искусни. Како е возможно денес да се успее со таков мозаик?
– Тоа го бара самата претстава и така треба секогаш да биде. Секој да ја игра својата возраст. Само така ќе биде целосно пласирана вистината на делото.Тоа народот го сака. Ние постоиме за народот и за публиката. Јас заедно со веќе докажаната актерка, моја драга колешка Магдалена Ризова решивме дека мора во нашиот тим да има актери, млади и желни за работа и докажување. Сметам дека го направивме вистинскиот избор со Бранко Атанасов и Ема Давчева. Веќе сме станати едно мало, добро и вистинско театарско семејство. Нашата парола е еден за сите, сите за еден.
*Претставата се прикажува во Македонскиот народен театар.
– Морам да истакнам дека честа и довербата од страна на управата на МНТ е огромна. Се радувам пред се што театарските куќи ги отворија вратите за независната продукција, тоа е потребно. Ние како и сите останати независни продукции побаравме состанок со директорката на МНТ, г-ѓа Симона Угриновска и на тој состанок го елабориравме концептот на целиот проект за потоа да добиеме позитивен одговор. Ги договоривме сите детали и соработката е на високо професионално ниво од двете страни. Одговорноста е голема, но сепак тоа е предизвик на кој мора сериозно да одговориш. Имено, нашата соработка со МНТ продолжува и понатаму и сакам искрено да се заблагодарам во името на целата екипа до директорката Симона Угриновска, административниот и техничкиот персонал кој несебично дадоа сѐ од себе да имаме прекрасна изведба.
*Како ги гледате состојбите во културата? Неодамна имаше реакции за програмата која ја објави министерството за култура?
– Секаде е тешко да не се лажеме. Глобалната криза го направи своето и секаде се рефлектираше тоа, но треба да се има трпение. Кога ќе направам ретроспектива неколку години наназад, резултати има. Имаме прво нивелација на плати, потоа колективен договор, покачени плати, вработувања, транспаретно објавување на резултати од годишни програми, гласно говориме за проблемите без никој да ти врши притисок дека не смееш да зборуваш, има инвестиции од големи размери… Што се однесува до годишната програма за култура сметам дека можеше да се добијат поголеми средства, но…што е- тоа е. Коментари секогаш имало и ќе има, односно има од кога почна годишната програма да се објавува јавно и транспарентно, до тогаш се молчеше. На крајот на денот ако не сме задоволни постојат правни средства со кои ќе докажеме дека е потребно повеќе. Конструктивност секогаш оди во прилог на сите, наспроти деструктивност и нарцисоидност.
* Кои се вашите планови за идни проекти?
– Со театар Хит веќе се реализира сѐ според планот предвиден за 2024 година, ни следува уште реализација на премиери, гостувања и фестивали, но искрено не би сакал да зборувам за тоа бидејќи ме научи времето дека ветерот студенец може да дувне одеднаш па да ти уништи сѐ.
*Бидејќи еден период бевте доста активен, дали планирате повторно да се активирате во политичките води?
– Интересно прашање. Да, бев активен, но решив да се повлечам бидејќи ја почувствував таа потреба. Препуштив други и нови лица да продолжат. Често слушам разно разни муабети, но верувајте јас немам време да се заморувам со муабети на некои лица. Јас сум човек кој има став, јас сум бил и ќе бидам социјалдемократ. Тоа е пред сѐ начин на размислување, живот и делување во општеството. Никогаш не сум бил лаком по функција.
*Кога би ви понудиле дали би прифатиле?
– Никогаш не се враќам на минато свршено време. Јас одам напред, таков сум како човек. Нешто кое ми е важно и за кое знам дека така ќе биде е тоа дека никогаш и за ништо нема да направам пауза од сцената, таа е мојот живот. Публиката е мојот ветер во грб, моите колеги со кои соработувам и многу други театарски моменти се виновници за мојата цврста одлука.
куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени
со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски
текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски
содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се
цитира.