Тивок и ретко застапен во медиуми, речиси и незначително, но гласен и неуморен во однос на организирањето и “преживувањето” на фестивалот “Гоце фест” кој го одржува со сите свои сили, наспрема постојаните финансиски неопогодности.
-Тоа е долг кон историјата, вели тој и додава, додека има пејачи кои ќе пеат за нас како народ и земја, фестивалот ќе се одржува макар и со сопствени сили.
Пеце Здравковски, иден творец и долгогодишен директор на фестивалот “Гоце фест” е целосно ангажиран и вложен во негово опстојување и одржување, со цел создавање нови патриотски хитови.
-На “Гоце фест” се пеат исклучиво песни базирани на вистински митови и легенди. Базирани на љубов и почит кон нацијата и сопствената историја. Нашите песни се вистински. Затоа, на нашиот фестивал има само пејачи и автори кои навистина се посветени на родољубието. Таму секој доаѓа од што сака да испее нешто за Македонија. Не за награди. Но, низ годиниве имало обиди за местенки и тоа како, иако наградите не биле парични, само еднаш доделив сума во тогашни 500 германски марки како највисока награда, и уште неколку по 200- 300 марки, но сфатив дека тоа не е поентата. Тука сите доаѓаат да се натпреваруваат со песни, и ја укинав и таа скромна парична награда… Имаше местенки и од страна на големи уредници на МРТВ, во жири, ама јас ги спречував. Еднаш еден многу познат уредник и автор ми донесе песна под псевдоним. За време на изведбата на песната, тој како дел од жирито, почна да нѐ убедува дека таа е најубава, и ги убеди другите членови на жирито да гласаат за неа, но јас го потсетив дека знам дека е негова авторска и дека не може со така. Па затоа ја преиначија наградата, и ја доби тој што ја заслужуваше, а не неговиот пејач. Спречував и интерпретатори кога во кутиите за гласање ставаа грст купени билети, и наместо победа, според бројот на “купени карти”, тие по моја интервенција завршуваа некаде подолу на табелата. Не е целта на “Гоце фест” да се местат награди, тој е фестивал што народот го сака поради тематиката и хитовите и нема да го кршиме “филмот” со наместени победи. На “Гоце фест” се пее за хероите, вклучително и за патронот чие име го носи фестивалот, учителот Делчев, се пее за сѐ што е македонско, тоа е вредноста, раскажува.
Здравковски, во пресрет на 35 јубилеен фестивал, се потсети на многу убави но и кобни моменти, најмногу жали што Петранка Костадиновска само што ја снимила “Македонија ни е сѐ” и излегла од студио на МТВ, неверојатно весела и расположена, според негово мислење можеби поведена од песната која ѝ ја снимиле на мп3 за си ја слуша, со диктафон на уво заминала кон дома, и кобно настрада на пешачки премин во близина на МТВ, за што и ден денес жалат и тој и нејзините колеги.
-Песната беше посветена на Македонија, се сними со Оркестарот во последен момент, во неделата вечерта, со цел и Петранка да настапи на тоа издание, како едно од најголемите “грла” и редовна учесничка со награди и победи на “Гоце фест”. Во недела вечерта настрада, а во четвртокот требаше да пее. Потоа уредник од Македонско радио ми рече “ајде веднаш да ја преснимиме песната со друг пејач”. Не ми падна на памет такво нешто, не се согласив ни под разно. Кој може таа песна да ја испее како Петранка, а и да може јас не дозволив. Ја пуштивме на фестивалот за жал со празна сцена, без Петранка, само со снимка од песната во заднина… И ден денес се пее и се емитува на радио станиците…
Раскажува и дека преку цела година е во потрага по легенди кои заслужуваат да бидат опеани. Една од песните на кои е посебно горд е за Дончо Христов и четата.
– Сте слушнале за Дончо Христов, војводата од Источна Македонија? Јас случајно слушнав при една посета на тој крај, поточно кога со дел од пејачите, “Гоце фест” го носевме во Делчево. Христов е убие на празникот црн петок или Балаклија, следниот петок по Велигден, во 1933 година. Бил македонски револуционер и војвода во Внатрешно македонско- одринската револуционерна организација. Роден во село Драгобрашта, Кочанско, влегува како деец на ВМРО по Првата светска војна и учествува активно во обновата на ВМРО. Бил дел од Царевоселската петорка на ВМРО, која на 19 април 1933 година, под негово војводство, водела битка со српската жандармерија кај селото Драмче, Царевоселско. Во битката, четата убила 9 српски жандарми пред да биде опкружена со загубата на Јован Бјелобаба и одметникот Мино Станков(ич). Херојски загинаа сите петмина истакнати борци Стојан Георгиев од село Драгобрашта, Кочанско, Димитар Паликрушев од Виница, Ангел Симеонов од Царево село, Васил Николов од село Кучичино, Кочанско и Дончо Христов. Тој се самоубива, а некои од неговата чета се отруле со отров за да не паднат во рацете на непријателот. Остава вдовица и четири деца. Кога ја слушнав легендата веднаш посакав да се испее на мојот фестивал. Ја испеаја “Пијанечки бисери” на фестивалот во 2010 година, со наслов “Последните комити”, напишана од авторите Бранко Ангеловски, Славчо Деспотов и Благоја Здравковски. Добредојдена е секоја легенда од славното минато, вели директорот.
Годинава фестивалот ќе се одржи на 15 март во Дом на АРМ.
Валентина Ѓоргиевска Парго