Никогаш не е доцна да се остварат најубавите соништа и мечти, ако доволно се потрудиме, но магијата е поголема кога тие се остваруваат сами по себе.
Оваа година беше златна година за златното грло на Валандово, Лилјана Прнаркова, еден посебен женски вокал кој ја разубавува нашата фолк сцена и застана на иста линија со најпопуларните наши пејачки …
Овој пат навистина полн погодок, со песна со која ја освои позицијата второ место и од публика и од жири на неодамнешниот “Фолк фест Валандово”, и слободно да се каже рамноправно со победничката, со првото место. Хит кој веќе си го зазема своето место.
* Оваа година Лилјана Вие настапивте со преубава песна, во салата “Јанко Узунов”, во Домот на културата во Валандово. Како Ви се случи овој настап?
-Како се случи? Така решивме со тимот кој стои зад песната, авторот Јовица Кочковски, попознат како Џони, познатиот автор и пејач Далибор Ѓошиќ, како и со Дарко Илиевски, шефот на фестивалскиот оркестар, кој го направи аранжманот. Ние ја пуштивме песната на конкурсот, комисијата ја разгледа како што е редот, и ја примија. Бевме пресреќни само со тоа, но песната се издигна уште многу повеќе, зеде и награда…
*Пред да почнеме да зборуваме за песната, кажете ми за себе, Вие сте Валандовчанка, која има пеено на овој фсетивал, рамо до рамо со најголемите музички имиња, од земјата и Балканот.
-Ова ми беше четврти пат, јас имам настапено со групата во 1995, 1999 и 2000 година. На првиот настап во 1995 ја успеав песната “Љубовта е вечна”. Тогаш, а настапот на Валандово го добив како награда за моето успешно претставување на фестивалот за аматери “Профест-Пробиштип”, таму ја отпеав песната “Болен ми лежи Миле Поп Јорданов” и освоив награда. Потоа следуваше вториот валандовски настап со песната “Минав поминав” во 1999 година, и третиот во 2000 година со песната “Срцето ми гори”.
*Песна за Марија и за Ѓорги. Вашиот автор Џони, овој пат Ви направи една автентична тема, што отсликува цела валандовска приказна.
-Идејата беше моја. Јас како мала сум го правела тоа што сега го пеам. Уште во мојата младост ние си одевме на изворот, кај манастирот. А во јаворот се крие целата романтика. Валандово има повеќе јавори, тие имаа големо значење за нас, од времето кога бевме млади. На јаворот ќе си го врежевме името на момчето, на Симпатијата, и ми дојде таа слика пред очи, и решив да направиме пак една таква песна, како што минатата година беше песната за смоквите валандовски.
*Како изреагиравте кога го слушнавте текстот од Вашиот автор, кој не е валандовчанец но кој по кажување, сето тоа успешно го визуелизирал во песна?
-Пресреќна. Бев пресреќна. Многу среќна. Особено кога ја слушнав демото снимката, на која пееше Далибор Ѓошиќ, ме наежи. Супер беше.
*Секој кој барем малку знае, знае дека манастирот и јаворот за Валандово, заедно со изворот и смоквите се препознатливи елементи за овој убав регион.
-Свети Ѓоргија е надалеку познат манастир. Прво е изворот подолу, а погоре е манастирот. Од таа вода пие и населението. Природна вода. Манастирот е често посетуван од жителите и од луѓе други места. Но, незаобиколно е да кажеме дека љубовните девојки одат таму. Одат. Убаво е. Тоа сакав да го испеам, да го овековечам во песна…
(со авторите, на снимање на песната)
*Кои се Ѓорги и Марија, постојат? Или можеби во реалноста имаат други имиња?
-Ха, ха, ха, постојат и имаат други имиња. Сепак е ова вистинска приказна…Тука се испреплетуваат вистински случки со имагинарни ликови.
*Ја очекувавте втората награда?
-Не, да ви кажам искрено. Јас кога ја добив наградата, а тоа беше голема награда за мене, не верував што се случи. Честитките од Валандовчани ме враќаат во реалност. Од постарите генерации добивам само комплименти, тие се емотивно допрени зошто се спомнуваат тие некои наши валандовски места и веќе ми е мерак што еве има песна за Валандово. Нека се чуе и подалеку. Имав многу трема кога ја пеев, кога пееш пред свои луѓе повеќе трепериш. Многу се изненадив кога излегов на сцена, кога одеднаш слушнав многу силен аплауз уште пред да почнам да пеам. Се стегна нешто во мене, дали да пеам или да плачам, малку фалеше да се расплачам. Голема возбуда, не очекував толку силни аплаузи.
*Песната многу наликува на овие наши типични валандовски мелодии, разиграна, ведра, полна со весели ноти, темпераментна, која покренува.
-Музиката е на Џони. Со Џони сме на иста бранова должина и со сиве песни што ги прави ме погодува, можеби тука е тајната на нашиот успех, тој секогаш се надоврзува на сите мои идеи. Точно знае што би можел јас да испеам, го дофаќа мојот пејачки сенс. Точно ме погодува.
*Песната ја следи спот кој денес премиерно го објавуваме.
-Спотот го направивме веднаш по фестивалот, голема благодарност до Дионис, Радио Валандово, до мојот школски другар Ристо Турунџиев, до двата прекрасни млади ликови Петар и Љубица кои ја глумеа двојката, до Борис кој учествуваше во снимањето. Се е снимано на местата кои се опеани во песната, кај изворот, кај манастирот и покрај јаворот. Го снимавме многу кратко, за нецел ден. Стајлингот е моја идеја. Се сетив на младоста, се вратив во тоа време. Ех!
*Песната е хитовска, спотот е филм, па верувам ќе направи бум како “Валандовските смокви” минатата година, која имаше малку хумористичен елемент, и беше отпеана на “Тумба фест” , воедно и стана најслушана песна од тоа издание.
-И за таа песна идејата беше моја, а ја реализира Џони, како автор. Имаше над 120.000 прегледи на јутјуб. Тоа сѐ кажува за нејзината слушаност. *Тоа е голем рекорд за македонски пејач. Ве прослави. Ја почувствувате популарноста?
-Се почувствува, да. И минатата година, но сега уште повеќе со оваа песна. Ептен. Веќе реков, Валандовчани ги допре до срце новата песна, тие од постарата генерација ме прашаа како ли ми текнало оваа идеја, ха ха. “Браво Лиле, браво” ми велат.
*Како е да се доживее популарност на овие години?
-Воопшто не размислував, јас бев тргната од музиката долги години. Не знам сѐ се случи случајно, и овој спој со авторите, и настапите… Ми се случи како нова пролет, ново поглавје, фактички се враќам пак во младоста. Се одново. Само што, нема каде да пеам, каде да работам… *Со Вашиот автор, уште две песни и веќе имате цел албум, со негов потпис. Ќе настапувате на друг фестивал?
– Албумот се приближува, а веќе се снима и новата песна за “Тумба фест” , на 31 август. Ќе биде гевгелиска песна, ќе се бере грозје, а публиката ќе ужива. *Од сите валандовски фестивали која песна е “Ваша” од тие стари добри хитови…
-Очи бистри дојранскииии, устааа зрела калинка, личнаааа Валандовчанка (ја пее првата победничка лесна, Кирчо Поп Лазаров, 1985, н.з.)…
Валентина Ѓоргиевска Парго
куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени
со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски
текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски
содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се
цитира.