Интервју на Валентина Ѓоргиевска – Парго со Зорица Нушева, за www.куларт.мк.
Филмот е уште едно силно тематско откровение. Детектор на вистина. Насока по која се движи женскиот свет, сега и овде. Филмот одликуван со големи светски награди на бројни фестивали , актерката во нејзината кожа, исто така. Петрунија заживеа дома, заживеа и секаде каде што се појави. Филмско деби на маестралната Зорица Нушева! Можеби би требало да кажеме “Шапката долу! “, но во случајов уште повеќе “Шеширот горе! “, оној убав драмски шешир, кој не смее да трпи подведување.
В. Ѓ. Парго- Улогата на Петрунија во филмот “Господ постои, името и е Петрунија” за Вас , Зорица, е нешто што Ве одбележува како актерка, уште сега на почетокот на вашата филмска и актерка кариера. Запознајте не со Петрунија, каква жена е таа, барем за оние што се уште не ја гледале?
– Вистина е. Петрунија е ликот кој ме одбележа. И можеби не би можеле да го врземе со почетокот на мојата актерска кариера, зашто професионално работам повеќе од десет години, но дефинитивно можеме со филмскиот почеток. Петрунија е херојот на нашето време, добро образована, навидум обична жена, која ќе стане поборник за она што е право, кога ќе биде ставена во околности на напади и угнетување.
В. Ѓ. Парго – Лесно ли беше да се одглуми несфатена, отфрлена но горда девојка, која достоинствено и тивко страда? Впрочем, што ви помогна најмногу за со таква леснотија да ја одиграте улогата, или можеби пак и познавате доста Петрунии наоколу?
– Не би можела да кажам дека беше лесно во било кој смисол, иако се што правев не беше со напор, но зад таа леснотија се крие тежината на психолошките и емотивните амплитуди на ликот, живеењето, и доживувањето на репресијата насочена кон овој лик. Многу жени сме Петрунија, и нема некоја посебна филозофија која е потребна за да се почувствува нејзиното неверување на еден типичен апсурд „во право си, ама не може ти да си во право, зашто се бунат”. Се што требаше е да го разбудам внатрешниот бунтовник.
В. Ѓ. Парго- Ќе рече човек-но тоа е само филм. Да, филм е, но базиран на вистинит настан и сосема кореспондира со реалноста. Дали и во Ваши очи Петрунија навистина е пречка за општеството, треба ли да се бориме за што поправилно демаскирање на вистинскиот лик на една жена, и нејзиното заслужено место, кога врз неа е наметната погрешна аура?
-Апсолутно!!! Но, мора многу да се зборува, да се дејствува и бори за да се освестуваат овие погрешни убедувања. На жената и треба некој да ја охрабри, да и каже дека тоа се, со време наметнати репресии и очекувања кои се далеку од секаква вистина. Жената која ја насетува оваа лоша аура, живее во страв да се бунтува и бори, а колку само се убедени дека така треба да биде, и дека така било од памтивек.
В. Ѓ. Парго- Допревте ли многу жени со оваа улога, што најчесто ви коментираат?
-Мислам да, не мал број на луѓе остануваат после филмот да поразговараме, да се сликаме и да добијат автограм. Но, не само жени. Мислам дека филмот има некоја емотивна убавина која ги допира сите. И коментарите се најчесто во тој правец.
Филмот е поинаков, од она што сме го гледале од македонската кинематографија, сосема женски филм со силно социјално ангажирана тематика.
В. Ѓ. Парго- Недостигаат ли повеќе вакви филмови, за да се стави акцент на жената и нејзината положба во општеството?
– Не мора тоа да биде со таа конкретна тематика. Мислам, треба само да погледнеме назад во македонската кинематографија, па и во светската, и да видиме дека застапеноста на главни женски ликови, кои ја носат главната порака на филмот, е незавидна. Жената е тука или да го подржи мажот, или да биде убава за дечкото да ја забележи и евентуално засака, или за да се соблече… хероини ни фалат, хероини кои низ историјата направиле големи дела, ама за нив не се зборува, не се споменуваат, споменици за нив не се прават… на добар пат сме, но долг.. Тоа е моето мислење.
В. Ѓ. Парго- Петрунија Ви донесе меѓународни фестивали, заеднички и лични награди. Но, според Вас, во што е најголемата убавина на овој лик, што ново Ви откри, какви нови видици и сознанија?
-Најголемата убавина е што Петрунија ми даде глас, да застанам зад она што сум, да ја зборувам својата вистина, и да се борам за неа.
В. Ѓ. Парго: Невообичаено е да биде личното прашање на крај, но сепак сосема корисно да дознаеме од Вас нешто повеќе за Вас како актерка, мајка и сопруга.
-Длабоко сум благодарна за сите предизвици што се пред мене на сите три полиња. Јас искрено верувам дека човек треба да ја осети и знае болката за да може да напредува. Имам огромна подршка во се што правам и тоа дава некаква леснотија на живеење, но сепак е напорна работа, и тоа целосно ме исполнува и инспирира да бидам подобар човек и да бидам погласна за нашите човекови права.
В. Ѓ. Парго- Петрунија ништо не добива на крај- Дали е таа губитничка или победничка?
–Петрунија е победник во битката за еднакво право на живот и среќа. A материјалното нема никаква врска со тоа.
куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени
со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски
текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски
содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се
цитира.