Интервјуто со Томислав Османли го водеше М-р Татјана Гогоска-уредник на Порталот за култура и уметност –www.kulart.mk
Томислав Османли, според она што го прогуглав за тебе оваа книга што деновиве во едно многу стресно време излезе е твоја 27-ма книга! Насловена како “Најстари приказни, митови од мугрите на западната цивилизација”, што им носи книгата на читателскта публика со оглед деkа малкумина имаат можност да ја откријат содржината во овој период?
-Книгата „Најстари приказни“ носи една моја дамнешна и непрекината фасцинација од архаичните наративи. Верувам, имено, дека сказовите вплетени во корените од дрвото на животот, а потоа и на културата и на историјата на човештвото, се оние архетипни парагидми што трајно не’ обележуваат, и како единки и како културни колективитети. Во колективното сеќавање, зачуваните митовите ги носат одблесоците од наративите на исчезнатите цивилизации. Така е, верувам, уште од најстарите култури на светот кои се трансферираат во различни наративи и не престануваат да зрачат преку оралните и литерарните традиции: од древните индиски митови и легенди познати како „Пурана“ собрани во збирките “Маха“ и „Упапурана“, еповите на „Махабхарата“ и „Рамајана“, како и со месопотамските митови, акадскиот „Атра-Хасис“, вавилонскиот „Енума Елиш“ или сумерскиот „Гилгамеш“, до останатиот дел од најстарите митови од медитеранскиот ареал, кои до нас се дојдени преку грчката орална митологија, култура и писмо. Старите култури во контактите си примопредавале и наративи. Некои се, меѓутоа, токму таму, во критските, микенските и хеленските наративи, автохтоно создадени во древните времиња, во самите мугри на цивилизациите. Митовите се симболички, идеализирани и хиперболизирани сведоштва за верувања но и на историски личности и факти на древните култури и нивните преноси од една и прифаќања во друга култура. Локациите каде што митовите кои се случуваат укажуваат на тоа; митовите и еповите се полни со пловодби и запознавања на различни, непознати и често заканувачки места, било во старогрчкиот или во вонхеленскиот културен а сепак поширок медитерански круг. Нивниот основен „природен елемент“ е оној акватичкиот. Тие се, ако така можам да кажам, исполнети со море, со пловидби, непознати острови и копна и со фантастични суштества, најчесто непријателски, но на пати и пријателски настроени…накусо тие се од една страна израз на желбата за запознавање нови предели и култури, а од другата на стравот од непознатото; и со тоа на симбилички начин потврдуваат дека се постари од епохата на познанствата на културите и на редовните транспорти на луѓе и на размена на физички и духовни добра. Во нив е вградено борбеното херојство на архаичниот прометејски човек, херојски спротивставен на волјата на моќчните богови, посмел и од судбината, и секако неговите хиперболизирани фантастични претстави на непознатиот предел и на заканувачкиот жив свет во кој митските херои за прв пат стапнувале… Тие не’ учат на она што, подоцна, станала и максима: дека на смелите и среќата им помага. Таа поука треба да ја имаме денес, кога како човештво се соочуваме со еден непознат, невидлив, судбински непријател, но и воопшто, кога сме соочени со една нова и заканувачка стварност… Ете тие чувствувања се вградени во структуртата на оваа книга, во изборот на седумте меѓу многуте древни митови од мугрениот хоризонт на источната култура. Тие изобилно ќе ја осветлат и првата западна култура со сите дисциплини на мудроста и на знаењето, како и на човечката храброст; и чии мерки се моралот и правдата, темелни вредности што, често потиснувани, остануваат водечки до денешни дни и еве одново добиваат на значење… Митовите се на тој начин симболички живи вредности и на новото време.
Кога настана оваа книга?
Инаку, оваа книга настана пред многу години, кога се обидов и на моите внуци, како што своевремено во живо им раскажував на моите син и ќерка, да им напишам – а нивните родители, поголемите меѓу нив веќе и тие самите да си ги читаат – свои раскажувања на митовите, тие забавни, древни, возбудливи, фантастични приказни. Тие се впрочем „претци“ на сите подоцнежни бајковни, европски наративи од последните два-три века, на кои, вклучувајќи ги тука и Дизниевите анимирани интерпретации, со генерации растеа нашите татковци, потоа ние и нашите деца со новомитолошките стриповски лансирани херои од Супермен и Бетмен, до огромните галерии супер-херои… Сега среде таа инфлација на новите супер-херои на “Марвел” и “DC”, треба да потсетуваме дека всушност, првите суперхерои потекнуваат од древните времиња, и дека се тоа, да речеме: титанот Прометеј, полубогот Херакле, атинскиот херој Тезеј и митскиот лик Персеј. Во суштина, новите митски јунаци не се оригинални творби; нивните автори посегнувале и особено денес посегнуваат по старите митологики: хебрејските библиски кај Супермен, нордиските кај Тор, стаорегипетските кај Озирис, хеленските кај Титаните од новите, мулти-медиски фантастични предели… Нив денес сјајно ги познава мојот пет годишен внук Андреј, но сакам и тој и Ана, мојата десет и Елена мојата највозрасна, петнаесетгодишна внука, и секако не само тие млади читатели, да ги запознаат корените на тие наративи, кои се корени и на нашата култура, оние приказни кои ги именував како „митови од мугрите на цивилизацијата“. Знам со која возбуда моите две деца ги следеа моите прераскажувања на грчките митови, впрочем како и јас кога на детска возраст ги слушав од моите родители и други претци, менувани и надградувани според наоѓањето и вештината на тие мои раскажувачи што ми ја сапалуваа фантазијата и ме воведуваат во еден друг дел од приказните, оние најстарите. Токму затоа, книгата „Најстари приказни“, од една страна им ја посветив на моите три внуци, трудејќи се во неа да ги прераскажам митовите при што се држев до автентичните наративи, дури и до класичните именувања на ликовите…
Ме радува што книгата која ја издаде „Арс ламина“ во својата библиотека „Либи“. По пиесата „Новиот цар“ ова е втора книга што ја објавувам кај нив. При тоа многу ми импонира што самата издавачка куќа мојата најнова книга наменета ја означи како „Лесно читливо четиво“, обезбедувајќи и експертски подршки за ова издание. Тоа е комплимент за мене како прераскажувач на митовите за младата и не само за младата популација. Се надевам дека тоа ќе се оправда и со оцената на читателите на „Најстари приказни“.
Ајде да се вратиме на почетоците во твојот книжевен опус. Првата книга ти е објавена 1981-ва година безмалку 4 децении, која е теоретска книга за филмот во Македонија насловена како “Филмот и политичкото”, во издание “Млад борец”, Скопје, 1981 –и е прва теоретска книга за филмот во Македонија; прва книга на тема филм-политика во поранешна Југославија; промовирана во Институтот за филм во Белград,1982! Гледано од оваа перспектива како го доживуваш тој период?! Mотивите за теоријата на филмот потекнуваат од твојата семејно опкружување. Би сакала да ни откриеш нешто повеќе !
-За филмот се заинтересирав спонтано, токму зашто филмот беше дел од семејното опкружување. Кај нас дома доаѓаа речиси сите наши, македонски филмски дејци, актери и творци од различни домени на кинематографкото создавање. Наши режисери, сценаристи, истакнати писатели, но и филмски дејци од други средини, пред се’ од поранешна Југославија, од Франција, од други земји… Беа тоа колеги, пријатели и во голем дел соработници на мојот татко Димитрие Османли, инаку филмски и театарски режисер, така што од најмали нозе бев сведок на тие разговори за филмските реалности, но и за филмскиот занает. Филмот е по себе еден вид магија и кога ја имаш привилегијата да растеш во таква средина во која стануваш свесен, од една страна за магијата, од друга страна за макотрпноста на филмското создавање, не можеш да одбегнеш, уште од најмлада возраст да не бидеш „осенет“ од кинематографијата и творечката фантазија во повеќето креативни домени, од светлосното и сценографското креирање на сликата, актерската интерпретација, до дизајнот на звукот и на музиката. Тоа и богатата домашна библиотека ме упатуваа најнапред на учењето на основите, технички, визуелистички, потоа и креативни и конечно теоретски информации и сознанија. Од тука па до создавањето свои теориски визури патот е кус. Така, книгата „Филмот и политичкото“ ја напишав како 24-годишник, а беше објавена две години подоцна, откако принципиелно си почека на издавачката програма на „Млад борец“ каде што инаку јас бев врботен. Во меѓувреме, делови од книгата како одделни текстови објавував во списанието “Кинопис“. Тоа беше сјајна синеастичка публикација на Кинотеката на Македонија, без оглед што таа се објавуваше на шапирограф со корици печатени во сито-печат, во фино дизајнирани темно-кафени контрастни бои во кои текстови објавуваа нашите филмски критичари, историчари, теоретичари и естетичари. Темата филм-политика мене ми се наметна сама од себе, зашто во тоа време кинематографијата, како европската така и американската, и тоа не само нејзините „Б“ туку и американските „А“ продукции, беа ослободени од холивудизацијата и потрошувачкиот диктат на продуцените; беше тоа време на т.н. авторски филм, исполнето со сјајни, ангажирани, еретички критички филмски дела и видувања, кои се појавуваа бујно, даровито и кинестеитички но и етички храбро и впечатливо, со голема динамика, и во европскиот филм особено од седумдесеттите години на минатиот век; во италијанскиот, унгарскиот, чешкиот, полскиот и, истот така многу особено, во југословенскиот филм. Поттикнат од тој систем на креативни потходи и вредности, но и самиот со ангажирани видувања, ја осмислив и ја напишав книгата која се однесува на откривањето на корените и начините на дејствувањето на политичкото во филмот, од пропагандното до уметничкото функционирање. Се увиде дека таа не е само моја прва книга „Филмот и политичкото“ едновремено е и првата теоретска книга за филм во Македонија, но и првата книга на интердициплинарна тема филм-политика, на југословенскиот простор. Тоа го поттикна директорот на југословенскиот Инстиут за филм, режисерот, сценарист и теоретичар Д-р Предраг Голубовиќ, веднаш да ме покани на промоцијата на книгата која на тој начин, сосем неочекувано, се одржа во Инситутот за филм, во присуство на југословенските авторитети во доменот на филмската теорија и критика, и тоа – пред македонската промоција која се одржа неполн месец после југословенската. За две години „Филмот и политичкото“ ќе го одбележи и својот четириесетгодишен јубилеј. Тоа е, веќе, и извесен историски период.
Раскази, драми, есеи, романи, тв и филмски сценарија се твојот творечки книжевен опус! Колку што забележав драмите се некако твој предизвик!
-Во суштина мој предизвик би биле сите медиуми кои имаат драматуршка подлога, од филмот, театарските пиеси, до стрипот. Сум работел поголем број, реализирани предлошки во сите тие домени. Во таа смисла сум, на некој начин, мултимедијален сценарист. Автор сум дури и на две одамна напишани радио-драми релизирани и повеќе пати емитувани на програмата на Радио Скопје, едната посветена на Чехов, Станиславски и Московскиот художествен театар. Другата, токму поради драматичниот контрапункт, што таа радио-драма го содржеше – посветена на Бетовен и тоа во периодот на креирањето на неговата субјективна музика, навевите на шумови и враќањето на чистите тонови, заедно со личната драма во времето кога големиот композитор го губел слухот…
Кај сценаријата за телевизиски играни творби што ги пишував за екранот – секогаш се работеше за ТВ филмови, не за студиски драми кои, инаку, многу, денес дури уште повеќе ги почитувам и жалам што повеќе не се произведуваат, но мене во тоа време помалку ме интересираа . Ги испраќав на конкурсите на Драмската редакција на нашата национална ТВ куќа и за моја среќа, вонредно квалификувани жирија на Драмската редакција на МТВ, редовно им доделуваа признанија: почнувајќи од први (филмот „Ѕвездите на 42-та“ во режија на Јане Петковски), втори („Луѓе без адреса“, кој од за мене нерабирливи причини остана нереализиран) и трети награди („Смок лета по небото“, потоа, во режија на Маја Младеновска, реализиран под насловот „Стрмоглави“), до откупи („Скопски сновиденија“, во режија на Димитрие Османли). Првиот и последниот наслов, добија додатни уметнички потврди – на нивните режисери им припаднаа награди за режија на југословенскиот фестивал во Неум. „Смок лета по небото“ пак беше многу пати прикажуван на повеќе телевизиски канали, а бев изненаден кога го наоѓав, преснимуван и на пиратски CD-а… Тоа го сфатив како комплимент за нашиот филм и креативна екипа, како творба отворена кон очигледно заинтересираните нови гледачи, според принципите на Creative commons… J
Томислав Османли, македонски сценарист, драматург, теоретичар на медиумите, писател, критичар, новинар и есеист, се твоите бројни референци. Најмногу како што се доживуваш?
-На сите тие планови. Се работи за едно огромно љубопитство кое е незапирено и денес.
Зад тебе се многу награди и признанија, имаш ли некое кое ти е најдраго ?
Па…да речеме, наградата „Роман на годината“ за мојата книга „Дваесет и првиот“. Таа одлука набрзо беше уште еднаш потврдена со уште едно признание, имено книгата од друго, исто така високо квалификувано жири, беше избрана за македонски претставник за наградата „Балканика“ која таа 2010 година се доделуваше во Валона, Албанија. Наградата тогаш му припадна на писателот Исмаил Кадаре. Мојата книга беше второ рангирана од страна на интернационалното жири. Наградата не ја добив, но таа околност ми донесе афирмации па наскоро книгата беше предложена за објавување во Белград. Таа објава ја престигна Хрватската во Загреб, па се редеа уште неколку во регионот и во светот…
Минатата година ја промовираше книгата, “Нови драми“ во кои се сместени две пиеси, „Нишала од злато” и “Враќање дома”. Бидејќи бев на промоцијата и уште веднаш ги прочитав ..многу различна структура како авторски предизвик можам да забележам. И од твоето севкупно авторство, книжевно, телевизиско и филмско може да се забележи дека најразлични мотиви се твој авторски предизвик. Како се снаоѓаш во тоа море од настани, луѓе, дела, состојби….?
-Тоа е како нуркањето. Колку подлабото се нурнуваш во океанот на творештвото, толку повеќе маритимни светови откриваш. Тие се независни, а сепак се дел од еден субјективен „Океан од слики“, дозволи ми тука да се помогнам со насловот на мојата скорешна прозна книга објавена пред неполни две години… Инаку, врската меѓу двете драми, кои се навистина надворешно: историски, тематски, стилски… сосем различни, сјајно ја откри издавачот на книгата, едноверемно и истакнат писател и творец, Глигор Стојковски укажувајќи дека во двата текста функционира идејата на домот и трагичкото стравување од неговото деструирање (Аристотел во „Поетиката“ вели дека драмата се создава „од сочувство од стравување“), идеја која навистина понорнични во двата драмски текста.
Сега малку за приватниот дел. Што од тој дел на животот те прави најсреќен?
Не можам тука нешто посебно да издвојам. Среќен ме правеа првите објави и афирмации на моите книги, драми, есеи, филмови… Па, кога ќе размислам, и сега ништо не е сменето. Уште живо ме радува работата, истражувањето, запознавањето непознати домени и теми. Сега меѓутоа, најмногу ме озарува длабочината на творечките потходи, кога ќе ги почувствувам во некое ново дело.
Велат во време на вонредни состојби, војна, авторите добиваат најмногу инспирација. Што правиш во деновиве на изолација и ограничени движења кога над сите нас е надвисната опасноста на еден невидлив но сепак опасен непријател. Како го доживуваш сето ова?
-Живо и спокојно ја следам оваа ситуација. Задоволен сум и јас што кај нас епидемијата не е разгорена и верувам дека така и ќе остане. Сепак, мислам дека веќе влегуваме во фаза во која над нужниот опрез, почнува да фунцкионира од една страна претераната возбуда, од другата, спротивна, незадоволството од ограничувањата кои нужно и разбирливо ќе продолжат, а чијшто следен дел, се плашам дека се летаргијата и депресивноста. Таа е за очекување во Италија и во Шпанија, каде веќе предолго вирусот коси многубројни човечки животи. Па дури и таму не треба да се подлегува на хистеријата, зашто таа е лош сојузник во справувањето состојби кои бараат чиста свет, разумност и организираност. Сметам дека медиумите треба да се ослободуваат од Ковид-19 како единствена и катастрофична тема, дека треба инвентивно и живо да се враќаат на творците, на културата, творештвото, уметностите и дека, во таа смисла, државата мора да поведе сметка и за духовното здравје на популацијата и да произведува културни настани и возможни иницијативи. Потребни ни се добри вести и творечки искази. Не е доволно театрите да даваат интернет-престави, ниту книгите да се нудат електронски. Накусо треба да се обидеме битката со вирусот да ја добиеме и на планот на моралот и на креативната инвентивност, да бидеме над заморот и депресивноста од состојбите на изолираност. Се прашувам, зошто не би биле можни сценски и музички настапи на отворено, на плоштадни простори меѓу зградите, кадешто публиката ќе ги следи од балконите но и на партерот, со нужното социјално растојание, едновремено пренесувани и од телевизиите! Или, продажби на книги на такви јавни и отворени простори, саем на книгата под отворено небо, со настап на авторите на актуелните домашни книги кои навистина ги има многу, секој ден со различна издавачка куќа…Можни ли се изложби на отворено? Одржување – не повеќе одложување – на програмираните, нови изложби – пред телевизиските камери. И на тоа слично. Можности постојат, само треба креативност и поддршка од организираната држава, придвижување на летаргизираните установи и ресори. Телевизиите – покрај, бездруго неопходните дневни пресови на Министерот за здравство – треба да создаваат програми на радост, на добро расположение, а не на депресивни содржини и травматични информации со кои се полнат вестите и бескрајните разговори со лекари и со исти политичари и бирократи кои во мојата родна Битола ги нарекуваат „то-па’ то!“. Нам ни треба точна информација, почитување на ограничувањата, но и малку карневализам и многу култура. Во време кога здравјето на телото е во искушение, здравјето на духот мора да е што повисоко.
За крај бидејќи митовите ти се предизвик во последната книга, цитирам од твојата книга, “митовите се живите мечти дојдени од медитеранскиот дел на древниот свет во големиот современ свет, запечатени во културата и во колективното несвесно“ , да очекуваме ли во најавените промени на глобално ниво некој нов авторски предизвик од Томи ?
-Наскоро треба да се појави мојата нова книга, многу особени прози, раскази и новели со сатирични и гротескни фантазии која го носи графички хибридниот наслов „ПараδΩξicoN“ што се чита како „Парадоксикон“ на кирилица. Поднасловот на книгата ја објаснува нејзината содржина составена од тринаесет прози – „фантазии, очудувања, каприча, фарси и гротески – парадокси во проза“ како што стои во поднасловот. Оваа прозна книга која треба, одново, да биде објавена во книгоиздателстото „ВиГ Зеница“ допира во најчувствителното место на современата цивилизација – во п а р а д о к с о т како нејзина перманетно присутна суштност, која ја слика во различни очудени прозни пристапи и ситуации.