СИМЕ ГЕОРГИЕВСКИ: Животот мој, и во добро и во зло, од кога паметам е музика!

Симеон Симе Георгиевски повеќе од половина век живее во Сиднеј, познат како Симе Бричот, музичар, пејач, хармоникаш и радио водител. Легенда на Преспа. Има објавено и неколку албуми и околу 50 песни во кои преовладува мотивот на македонската традиција. Со години е познат по тоа што ја води програмата на Македонското радио во Сиднеј. Ова лето со својата сопруга Вера е повторно во Македонија на релација Скопје, Охрид, Преспа и повеќе други места.
*Годинава по пауза од две години повторно ни дојдовте на два месеци, некои ќе мислат во одмор меѓутоа вие интензивно во работа, настапи по фестивали, настапи по телевизии, давање интервјуа, значи активно како и секоја година. Пеевте дури на три фестивали.
– Јас секое мое доаѓање овде доаѓам со цел да ја видам Македонија да се сретнам со моите поблиски и сите овие години кои доаѓам најблиски сте ми вие новинарите, телевизиите, пејачите, пријателите… Животот мој од кога паметам е музика ништо друго туку музика. Затоа и пеам активно. Политика воопшто не ме интересира, иако сакам Македонија да биде нешто што сонувам. Можеби еден ден ќе се оствари. Меѓутоа оваа година само што стапнавме тука со мојата сопруга пеевме на фестивалот за дуети во Могила. И не само аплаузи и еуфорија, сите сакаа да се фотографираат со нас и да разговараат. Тоа е големо богатство. Настапивме со песната “Туѓо сонце не е за Македонец”, автор сум јас, а аранжманот и музиката се на Бале Исламоски голем музичар од Лабуништа. Преубава песна преубав текст и ги погоди сите. Поминаа доста години откако е снимена, но во Австралија се слушаше доста. Инаку со оваа истата песна сакав да ја пеам во Лешок, но тие ми поставија некои услови кои што не ми одговараа. Но затоа пеевме на новиот фестивал во Струга, а на Ин Тв ја испеавме нашата најомилена “Внуче на дедо радост на баба”, за нашиот внук Мичел.

*На сопругата порано ѝ посветувавте песни, сега настапувате во дует.
– На сопругата ѝ имам посветено две песни „Ти во бело облечена“ и “Верице моја“, но вторава е на текст на Ѓорги Ѓоргиевски Ѓе.Ѓе. А на мојата Преспа, ги посветив песните „Галебе врати ме во Преспа“ и „Преспо, Преспо убава“. Јас бев тој првиот што уште во 1962 година ја напиша “Преспо, Преспо убава” таа песна за мене ќе остане. Автор сум јас, со помош на Гого Чачор кој свиреше со труба и на саксофон Мише Илиевски, инаку татко на владиката. За прв пат ја испеав во Отешево во 1962 година, откако ја направив оваа песна дури потоа Наско Џорлев ја напиша “Струмица е убав град”. Веројатно сум го иницирал индиректно. Се сеќавам во Радио Скопје настана конфликт кога се видовме, тогаш се снимаше во Радио Скопје на големи ленти. Но тие ме убедуваат дека јас живеам во Австралија и дека треба да ја изменам, за да не се песните слични, па така малку и ја изменав. Кога дојде неговиот син Зоран во Австралија му раскажав за таа непријатна случка, но тоа е минато… Инаку речиси сите текстови се мои, но како што реков оваа песна за Вера ја напиша Ѓе.Ѓе.со рефрен во кој се спомнуваше Бети, а ми ја даде Кенан Таировски која е автор на музиката, и јас ја променив и ја испеав како “Верице моја”. На текстописецот тоа многу ми се допадна.

*Ајде да позборуваме за она по што моменти сте најпознат, вашите радио програми за Македонија
– Тоа е долга и убава приказна. За својата работа во радиото имам добиено орден за заслуги од гувернерката на Нов Јужен Велс, Марија Бишер, со објаснување дека јас сум мирољубива личност, близок и достапен до сите етнички заедници кои живеат таму, а тоа го пренесувам 30 години преку моите радио емисии. Три пати неделно сум во програма, споделувам информации за сѐ што се случува со Македонците,таму и овде. Фрекфенцијата ја делиме со радио Скидроу 88.9, во терминот среда по македонско време од 8-12 наутро преку Радио Преспа. А, во петок и 9 до 11 и во сабота од 5 до 8 изутрина, зборувам преку „Радио Брич“, кое се емитува на нивниот „2 НБС“ канал. Тие два дена посебно ги следам активностите на нашите фудбалски клубови„Сиднеј Македонија“ и „Илинден“, а „вести со запршка“, односно со хумор, преку телефон од Скопје, ни пренесува познатиот хуморист Ранко Рангелов.

*Од тие песни што ги слушавте годинава на фестивалите, бидејќи сте уредник на емисии во кои се емитува музика за Македонците, ви се допадна нешто или нема толку добри како порано?
– Не смеам да зборувам затоа што можам да испаднам олдфешн како што викаат австралијанците, или старомоден. Јас не сум старомоден но често нема ни добар текст, нема ни добра музика, а и не мора со “џингарлака” мелодија да се направи патриотска песна, но мора да има хармонија во песната, гласот што пее да го разбереш што пее, не само “опааааааа” и во стилот важен “јас сум тој”. Инаку има многу убави песна од порано. На радио кај мене не можат да поминат песни кои не ми влегуваат во уво, иако се дури и од некои пејачи со кои сум близок и се најскапо платени, но не поминуваат. Јас се гордеам што ги имам оригиналните на најубавите песни, старите по 50 и некоја година, снимани пред да излезе Валандово. Валандово беше тоа што направи пресврт.

*Дали некој Ви сугерира во уредувачката политика?
-Нема мешање, сѐ сам одлучувам.
*Во Сиднеј организирате и фестивал “Преспа фест”, а често македонските пејачи се и ваши гости.
-Со години го организирам и фестивалот „Преспа фест“, на кој учестуваат по дваесеттина македонски пејачи но само оние кои живеaт во Австралија, а и јас пејам. Всушност јас и Вера и годинава настапивме први и ние го отворивме. Фестивалот е секогаш во мај но оваа година прв пат беше во април, бидејќи 80 отсто луѓе дојдоа во Македонија порано, пред сезона, бидејќи по короната билетите картите се двојно поскапени. Беа испеани 20-тина песни, а салата беше полна. А сите наши пејачи кои доаѓаат таму навистина се мои гости, и лични и во радиото.

* Интересна комбинација сте со госпоѓа Вера и на фестивали заедно, и во приватен живот и на радио често водите заедно. Вашата сопруга во едно интервју ми рече- кога бевме помлади Симе свиреше многу, секаде го бараа, сега ми го надополнува тоа пропуштено време.
-Не сме одделени. Заедно сме со децении и буквално цел свет го прошетавме. Ако ве интересира јас свирев седум дена во неделата, а сабота и недела свадби и денски и навечер. И така едно добри 30 години. Една вечер си доаѓам дома во 3- 4 часот а синот и жената ме чекаат и се смеат. Се прашувам што е ова смеење. И тогаш Вера ме праша дали сакам пијалок и продолжи: “Сега ќе ти речам нешто, зависи ти како ќе ме сфатиш. Тоа е твое. Прво јас тебе те запознав преку музика, свиреше во кафеаната на татко ми во Асамати, и јас за тебе се омажив и дојдовме во Австралија. Сега си тука зафатен и ценет, нема позната кафана каде немаш свирено,и во поранешна Југославија и во Сиднеј и пошироко. Синот додека беше мал за рака и одевме кај сопругата и детето на еден твој другар свирач, да си играат, сега синот зеде возачка дозвола излегува, останав сама. Не можам да бидам сама. А не можам како другите зад твој грб да правам некои филмови. Знам дека ќе ти го скршам срцето зашто ти си музичар роден и таков ќе останеш, а за возврат сѐ ти што ќе сакаш да работиме заедно, казани ќе мијам, сѐ ќе правам, јас прифаќам. Одбери- музиката или јас?”. Мене одговорот ми зеде три до десет секунди и реков “Прекинувам, само морам овој месец да ги завршам договорените настапи”.

*Што продолживме да работите?
– Јас можев да работам само една работа да отворам продавница за сувомеснати производи. Кога заминав во туѓина, ги понесов и рецептите на баба ми и да не ми забележите ако речам дека сум ги направил најдобрите македонски колбаси во историјата. Јас сум висококвалификуван мајстор за сувомеснати производи. Не само затоа што ги правам со најквалитетно и чисто место, туку и им ставам соодветни зачини. Австралијанците најмногу се одушевуваат на оние правени по старт рецепт, на баба ми, малку со запржен, а малку со суров праз. И оние колбаси кои ние во Преспа ги викавме “лукајнци”. Па така размислив само за таа работа. Можеби среќа во несреќа беше што другата вечер кога одев на свирка наоѓам еден пријател Унгарец се враќа дома разочаран. “Леле Симе, сум заборавил да го затворам фрижидерот каде работам, направив штета 10.000 долари. Целото месо се расипало. Сега треба да платам 11.000 долари а јас немам ни 5.000. Ако сакаш плати каде што должам не ти барам ништо за месарницата, така ќе ти ја дадам”. Отидов во банка извадив пари му го платив и почнавме да работиме. Човекот вети дека ќе продолжи да работи, беше многу добар мајстор. Но бидејќи јас како музичар пред да заминам во Австралија неколку години живеевме и свиревме на Јадран, кога отидов во Сиднеј сите Југословени ме знаеја и ме ангажираа за свирка. Имав многу многу пријатели, кои во сабота и недела доаѓаа кај мене да купат месни специјалитети и тоа беа долги колони со купувачи. Еден ден доаѓаат двајца пијаници. Помагаа за миење, бидејќи тие друго и не можеа да работаат, државата не им даваше дозвола. И помина една недела, втората недела, во сабота игла нема кај да падне од луѓе. Доаѓа една жена и нѐ замолува да не чека да ѝ го исечеме месото на парчиња за шницли, а неговиот одговор беше “јас повеќе не се враќам љубоморен сум дека имаш толку многу купувачи”. Пијаниците ми побараа 20 долари и тие почнаа да ги сечат. Едниот од нив беше Унгарец, но не знаеше да зборува англиски, но бидејќи беа другари со претходниот сопственик ми даде број каде може да одам да го изучам професионално занаетот и да добијам сертификат. Јас отидов, добив диплома и почнав да си работам.Работев турбо. За Нова година им правев голема елка накитена со колбаси и тоа беше атракција.
*Приказнава е како за во филм. Но сепак најпознат сте по музиката. Како трае таа љубов толку долго?
– Веќе реков, водам на четири радио станици, а еднаш неделно водиме програма заедно 37 различни нации и бои, само јас сум Македонец. Секој си зборува на мајчин јазик а јас не само што им пуштам музика знам и да им запеам во живо, на радио Скидроу. Привилегија е да одиш на тоа радио. Јас одам сам во живо, а пеат и сите други, пеам и јас со хармоника мене кожата ми се ежи. Но запаметете музиката не е лесна работа, ми го покажа и врвот а и дното, има добивки ама има и загуби. Сѐ тоа мора да се издржи.

* Сето па го правите волонтерски или добивате пари?
– Јас вложувам пари. Не добивам ни цент. Спонзори ми исплаќаат само кога треба да возам до другото Радио кое е едно 30 минути од мојот дом. Сега го донесоа поблиску и имам само пешки десеттина минути.
* Намерно го оставив за сега прашањето за македонските легенди.
– Она што ме храни сите пејачи доаѓаа кај мене, сите беа мои гости. Александар Сариевски, Никола Бадев, Васка Илиева, Наум Бурназ, со сите нив имаме свирено. Со Сариевски имав и една ваква случка, дојде на турнеја но само по еден ден тој што го покани му го сврте грбот. И јас го зедов во кафана со мене и за моја и за негова среќа газдите беа Срби, а го зеле ресторанот од луѓе од Хрватска. Јас бидејќи свирев во Далмација, во Риека, ми беше познат и тој репертоар, а и Сариевски го знаеше и така поминавме два месеци во заеднички настапи, а тој не остана без пари.А со Васка Илиева имам друга случка. Песните што ги бараа нашите во Австралија таа не ги знаеше, не ги имале ни слушнато. Ја зедов со мене и ја давам тетратката со текстовите во ресторанот каде свирев и многу убаво поминавме, брзо ги учеше кога некоја песна ја знае, таа си ја пее, кога не ја знае јас ја пеам, но никој не забележа, мислеа таква е програмата. И со Јанко Узунов се познававме и на концерт сум му бил.

*Дали сте ценет доволно во нашата заедница таму?
-Не постои заедница која не ми има доделено диплома, дури и поетското друштво “Григор Прличев” ми даде признание. Од нашиот градоначалник Бил Саравиновски имам добиено повеќе награди и признанија и на некој начин сум му десна рака. Сега е градоначалник по 11 пат. Но ќе ве разочарам и нема да верувате, од Македонци само четворица гласавме да биде Бил градоначалник повторно, а гласаа Либанците Грците, Италијанците, сите гласаа за Бил, само нашите не. Сѐ ви кажав со ова. А Бил има многу направено, сега блиску 5 милиони долари го чинеше стадионот да се направи со пластична треба, на кој играат и десетина други националности и плаќаат кирија. А јас кога одам на некои средби во парламент кога ги собираат заедниците имам место во прв ред.

*Двете внучиња кои од синот, кои ги имате опеано, се веќе големи, учат, студираат, имаат свој пат.
– И двајцата го знаат македонскиот јазик. Внуката има големи квалитети и одлично го говори македонскиот, а внукот малку меша или што велиме ние во Преспа “зборува турско ресенски”, еве малку да се насмееме. Не тргнаа по музички пат, само ми се големи обожаватели.
*Кога ќе ни дојдете пак?
– Догодина здравје.
*Тука имате пријатели и најдовте време да се видите со сите. Бевте во Преспа, во родното село Евла?
– Во Ресен одам само да поплачам. Ниеден од моите што ги знам не се живи, а младите си имаат свој живот.

Валентина Ѓоргиевска Парго

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.