На 10 март во Салон 19,19 ќе се одржи промоција на две литературни дела. Едното е збирка раскази за деца насловена како „Волшебната авантура „ а второто е романот за возрасни „Одмаздата на богомолката „ од авторот Оља Петрушевска -Томева. Рецензенти на првата се Филип Димкоски -поет и М-р Татјана Гогоска -автор и новинар, додека Гогоска е потписник на рецензијата и на романот . За визуелниот совршен изглед се погрижија Марко Томев ,кој направи илустрации и корица за „Волшебната авантура“ а пак „Одмаздата на богомолката е со дизајнерски потпис на Елена Максимовска.
Оља Петрушевска Томева, досега непознато име во сферата на литературата се појавувате во јавноста со две дела и тоа за две различни групи, деца и возрасни. Од каде се почна и како го направи спојот?
Желбата за пишување ја имам во себе од детството. Се сеќавам дека првичните мои обиди за пишување (најпрвин песнички) се од мои 10 -11 години, кога во училишетео во кое учев имаше конкурс за поезија на тема „Нашата татковина“. Оттогаш, пишував што проза, што поезија но никогаш не се одлучив да објавам било што од тоа што го имав напишано, се до пред две години кога една моја пријателка ме однесе на промоција на книга и ме натера мојата збирка, која си ја имав направено лично за мене, да ја дадам да ми ја прочитаат. Коментарите кои ги добив беа позитивни и тоа ме охрабри да ја средам и објавам книгата за деца „Волшебната авантура“. Во однос на романот, едноставно ни самата не знам што се случи. Едноставно храбро се впуштив во нешто што никогаш порано не сум го правела. Но имав идеја, време, и желба. Во текот на пишувањето на романот, одноно деловите кои ги пишував ги давав на мои блиски пријателки да ги читаат, чисто колку да го знам нивното мислење, притоа барајќи од нив да бидат и критични, за да знам дали сум на правиот пат. Тоа што двете книги ги објавувам во исто време е чиста случајност. Техничката обработка на двете книги се случи во исто време па затоа и промоцијата е заедничка.
Двете книги се и по литературна форма различни, Значи ли тоа дека немаш ограничување во литературниот жанр и формат?
Јас како човек имам потреба од постоја промена. Сакам нови работи, нови случувања, многу луѓе, различни контакти, најверојатно мојот карактер ќе се одрази и во создавањето на најразлични литературни дела, од различен литературен жанр. Во овој контекст, би сакал да најавам дека кон крајот на година, а можеби и порано планирам да објавам уште две книги, од кои едната е драма и роман за деца.
Волшебната авантура-колку ова патување низ детството на твоите деца нависитна беше волшебно низ пишувањето?
„Волшебната авантура“ е навистина производ на растењето на моите деца, нашите заеднички игри, читањето на најразлични книги, раскажувањето на приказни, гледањето цртани филмови, нивната имагинација, часовите по глума, бескрајните муабетења пред легнување, безбројните прашања и одговори, целот овој период навистина е волшебен, но не сме ни свесни колку брзо поминува. Во книгата „Волшебната авантура“ има и дел насловен како „Ана, јас и нашето детство“, тој дел ми е посебно драг, и секогаш кога го читам кај мене надоаѓа бран од емоции, затоа што тоа е еден незаборавен, преубав период од растењето на моите деца, а оваа книга е спомен кој ќе ни овозможи секогаш да се сеќаваме на еден преубав период од нашите животи.
Книгата има и друга порака дека преку играта, разговорите, прашањата и одговорите децата ја развиваат својата фантазија и само така детството ќе им биде прекрасна волшебна авантура. И да не заборавам, братучедите имаат огромно значење во животот на секое дете, всушност како што вика Филип за својата братучедка Ана, „доколку имаш само брат, тогаш таа со еден збор е твоја „СЕСТРА“.
” Одмазда на богомолката” – опасен би рекла наслов. Имаме две креации одмаздата како човечки порив и Богомолката како суштетсво кое не простува? Што е всушност романот?
На неколку наврати ме прашуваат што те инспирираше да го напишеш романот и токму со тој наслов. Луѓето најчесто мислат дека човек што решил да напише нешто, а особено тоа ако е негово прво дело, тоа е нешто автобиографско. Во овој слчај тоа не е така. Одмаздата на богомолката е само дел од мојата имагинација, едноставно е јас имам мноштво фантазија. Тоа е роман како што јас би сакала да прочитам. Мислам дека напишав книга за секого. Тоа и ми беше целта. Книга што те држи напнат и се чита во еден здив. Инаку насловот дојде сосем случајно, шетајќи се со постариот мој син во Охрид кон Самоиловите кули, тој ме праша: Мамо што пишуваш секој ден? И почнав да му раскажувам. Во тој период јас имав напишано третина од романот, но тој инсистираше да му раскажам дел од содржината, и во која насока ќе продолжам да пишувам. Неговите размислувања ме поттикнаа и на некој начин тој е креатор на насловот на романот. Всушност насловот е олицетворение на содржината на романот.
Ова е едно предпромотивно интервју. Би сакале ли сигурно возбудени од престојната промоција да кажете нешто досега не кажано?
Ова прв пат во животот го мислам и кажувам – Горда сум сама на себе – колку и да звучи нескромно. Во едно од прашањата погоре навестив дека ќе има и други книги, кои се надевам дека до крајот на годината би ги издала. И тука би сакала да кажам – благодарам на сите (моето семејство, пријателите, колегите, познаниците, пријателите од социјалните мрежи) сите тие се заслужни за разноликоста на мојот живот, што за мене е поттик и инспирација за понатамошните предизвици.
куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени
со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски
текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски
содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се
цитира.