Да се стане дел од медиумите од мали нозе, покрај талентираност и подготвеноста бара и голема енергија и темперамент, а најчесто и знае да создаде зависност, па дури и да премине во силна опседнатост, бидејќи “чивијата” која медиумот ја фрла во душата, е силна и речиси нераскинлива. Но има и медиумски ликови кои понатаму ја одбираат другата страна- онаа помирната, поспокојната.
Поранешната ТВ водителка Николина Василевска, токму сега ги ужива плодовите на својата посмирена професија.
Низ еден незадолжително разговор се осврна на својата поранешна професија и промените кои потоа ги направила самата таа.
*Многу мала почнавте да имате ангажмани во македонските медиуми. Уште како дете…
– Во Макспот ТВ почнав да работам кога имав 11 години, во 1997 година на што претходеа улоги и учество во детски проекти поврзани со детска радио драма, хор на Македонска ТВ и Хор “Златно славејче”, па така работата на ТВ беше некаков природен след во кој бев скоро до моето полнолетство. Тоа беше прва музичка ТВ со чии основачи и први сопственици и уредници сѐ уште сме во контакт, а во план ни е заедничка јубилејна средба. Учев од најдобрите, меѓу кои и нашиот познат музички новинар Љубчо Алексовски. Растев со нив. Јас бев дете кое се интересираше за многу нешта, често мојата засекогаш драга Ленче Клековска- Галевска и Кузман Клековски ќе ме наречеа и вундеркинд. Научив да работам на компјутери, па навлегов и во тајните на монтажата. Бев многу амбициозна.
*Емисијата “ТИНС” се сеќавам, ве воведе во светот на познатите …
-Во новиот милениум, во 2000 години, како уредник и водител на мојата емисија ТИНС бев почестена што најдобриот македонски фудбалер Дарко Панчев одбра јас, со тоа и нашата ТВ да биде првата Тв екипа која ќе го сними неговиот новоизграден дом во кој започнаа да живеат со неговата втора сопруга Маја Гроздановска. Моја огромна чест и задоволство ми беше што немаше лик од естрадата кој сам не посака да ми гостува. Не им приоѓав инфериорно, никогаш не се фотографирав со нив ниту им барав автограм. Си ја извршував својата работа, секогаш доследна на задачата. Освен со Дарко Панчев, меѓу тие 70 снимени емисии беа и интервјуата со ѕвезди од тоа време како групите ОК, “Нови Дечки”, “П.С.” ѕвезди како Антонио Димитриевски, Дарио, Маријан Стојаноски, Роберт Пирнер, Илија Псалтиров, Александар Митевски, Мартин Трпчевски, Андријана Јаневска… Посебно задоволство ми причинува што Тоше Проески својот прв видео запис снимен на сината хрома во студиото коешто ни се наоѓаше во просториите на Стара Телевизија во Карпош 4 за песната “Пушти ме” која ја изведе на Макфест го сними кај нас. Беше облечен во една сива светкава маица и црни фармерки. Дојде со веќе покојниот негов татко, чичко Никола.
*Средношколските денови поминати во училишните клупи и во медиумите. Како функционираше оваа комбинација за една толку млада девојка?
-Мене ме викаа- малечкото… Бев опкружена со возрасни, но и јас извршував обврски на возрасни. Бев во тој свет, во таков свет во кој големите одговорности како договарање интервјуа, снимања ме одвојуваа од детскиот живот. Мислам дека никогаш не бев доволно дете. Во меѓувреме работев и во Македонско радио, бев дописник за Радио Кичево кадешто ја уредував неделната емисија. Паралелно учев во гимназијата “Никола Карев”.
*Како се случи театарот?
– Актерството ми даде шанса да застанам на сцените на МНТ, Драмски и МКЦ рамо до рамо со бардови на македонскиот театар како Соња Каранџуловска, Видосава Грубач, Тони Михајловски, Александар Микиќ, Мите Грозданов, кој пак беше режисер на првата претстава во која ја добив првата официјална главна улога, која пак ја поддржа Трифун Костовски кој ни беше покровител, а беше направена врз основа на вистински текст на веќе познатиот невропсихијатар Михаил Левенски. Во претставата бев деветнаесетгодишна деликвентка од богато семејство која поради криминал е затворена во одделот за жени. Интересно е што бев затвореничка и во серијата “Балканска Свадба”, која беше проект на Шоу ТВ од Турција во којашто зборував турски и се викав Ајла Реџеп. Е тогаш првпат влегов во ќелија, буквално. Актерството носи многу интересни случки и нешта и мигови на слава. Ќе ги споменам македонските народни приказни, но и една навистина храбра улога на травестит и бугарска пеачка Гергана Тодорова Димитрова- Џерџи која ја играв во македонската серија Цимери која ја режираше Тихомир Бачовски. Паралелно ја играв монодрамата “Големата љубов на Елени”, го отворив БИТ фест во 2012 година, а потоа следеше мојата книга”, Илјада солзи за едно љубовно писмо” која ја издаде Министерство за култура на РСМ, а како јагода на шлагот и филмот “Брод со бисери” во која ја играм Елени Каринте, по сценарио на Регина Икономовска кој се прикажа низ кината на целиот свет.
*Последниве години сте посветена на друга професија и на мајчинството. Како изгледа животот од тој агол?
-Зад камерите и јавниот живот сум веќе неколку години, се занимавам со мојата професија со којашто се здобив на Филозофскиот Факултет во Скопје на Катедрата за класични студии. Мојата примарна професија е лингвист, професор по старогрчки и латински јазик, античка книжевност, историја, религија… Етимологијата е мојата најголема љубов- потеклото на зборовите…Приватно- Мајка сум на трииполгодишната Пале, која се обидува да свири на моето пијано, сака да слуша виолини, затоа доби како подарок, сака да игра и да пее. Веќе е примена во “Ребис”, па таму ќе се дружи на начин кој таа го сака и ја привлекува. Кругот околу мене се брои на една рака буквално. Немам време за лаги, небулози, празни муабети. Сакам луѓе од кои можам да научам, да растам духовно и ментално, да споделувам. Сакам луѓе со кои можам да разменувам енергија, кои ми даваат мир и спокој, а јас им го возвраќам, со кои недоразбирањата ги решаваме со разговор. Јас сум екстровертна и трансапрентна но само со нив. Меѓу тие луѓе се родителите, брат ми, членови на семејството со кои сум секојдневно во контакт, ќе се препознаат и знаат колку ги сакам, а јас знам колку тие мене ме сакаат. Презимето и семејството Куновски, теретот кој то го носи- бев внука на висок државен општественик, чиј верен придружник бев, па се сеќавам дека присуствува и на негови состаноци, одев на средби, на настани, но тоа за мене не значеше дека сите врати ми се отворени. Во моето семејство потесно и пошироко семејство има писатели, академик, сликари, актери- па театарот, книгите, пишаниот збор ми беа нешто како природен след. Се гордеам со семејствата на кои припаѓам, Василевски и Куновски. Тие се моето архе, пред сѐ на добар морал и чесност. Исклучоци постојат во секое семејство па и во моето но секое жито има кукољ. Важно е од се да одбереме само добро и тоа да е нашата ѕвезда водилка.
*Љубовта е најважна, зарем не, и вреди да ја споменеме и во оваа средба…
-Љубов- еден од тие кои ги бројам на раката е тој што го сакам најмногу на светот и ако ме прашате искрено ќе ви кажам- жалам што не го сретнав порано, иако длабоко во себе верувам дека секогаш во вистинско време се наоѓаме за да си кажеме нешто и да се научиме. Јас ја научив првата лекција од него, научив да сакам безусловно и дека предметите и луѓето имаат различна природа, па така кога сакаш нешто мораш на сите начини да пробаш да го имаш истото, а со тоа покажуваш колку тоа ти си го сакал нештото, ама кога сакаш некого тогаш имаш само еден избор да му дозволиш да биде тоа што е.
*Што си имате запишано како следна цел?
– Пишувам поезија и можеби ќе издадам следна книга, иако тоа не ми е приоритет. Не форсирам повеќе за ништо и не планирам. Сакам само да имам мирен живот далеку од хипокризија и лаги. Јас и мојот гореспоменат круг на луѓе да се здрави, среќни и долговечни. Животот е сон. Додека трепнеш, веќе си на пат да ја смениш димензијата. Сакам да уживам во мигот, само тој е вистина. Само сега како категорија вистински постои. Вчера беше, утре сѐ уште не е дојдено. Ние сме на средината на песочниот часовник меѓу две ништа и течеме мислејќи којзнае што правиме, а всушност си заминуваме и треба да направиме моменти за сеќавање. Само тие вредат.