Интервјуто за куларт.мк го водеше Валентина Ѓоргиевска -Парго
Фантазија во раскош се концертите во пештерата Врело, што од минатата година ги изведува младиот оперски пејач Нико Ѓоргиевски. Групата се собира во прекрасната Матка, заминува со бротчиња до пештерата, го следи концертот, па се враќа на коктел, сите до еден полни со впечатоци, од неповторлива мистика што го следи настанот.
В.Ѓ.-Парго- Овој октомври скопската публика беше почестена повторно со ексклузивен концерт во пештерата Врело во Матка, каде по трет пат изведовте невообичаен концертен спектакл. Како течеа подготовките, позади вас се два концерти и веќе имате и извесно искуство во тој поглед?
-На наше взаемно задоволство, да, повторно и повторно се случи магијата во Врело. Секогаш како да е ново. Ниту ние не знаевме што да очекуваме од сето ова.Не знаевме колку е силно и големо и прекрасно и…ма,кој ќе бира зборови. Се е во суперлатив на емоции и доживувања. Имаше мали промени во репертоарот, сеуште се запознававме со пештерата, со звукот во неа, и мислам дека постигнавме нешто што натаму ќе оцрта, како ќе се гради репертоарот за идни концерти.Подготовките, да бидам искрен, секогаш се предизвик. И психички и физички. На рамена носиме еден силен ексклузивен настан, кој што полека станува бренд. Спелео концертите ќе станат поим. За тие што не стигнале до поимот по било која причина, speleo е од латинскиот-пештера. Не е лесно за човек од моја гранка на професионалност да мора да се носи со се што налага еден сериозно подготвен настан. Се уште немаме константен и комплетен тим, бидејќи сето ова е сепак во зародиш. Буквално се занимаваме од маркетинг до “утовар и растовар”, а во меѓувреме сме и артисти и изведувачи. Знае да биде исцрпувачки, но научивме да бидеме благодарни и сатисфакцијата што ја носи настанов да ни дава енергија што понекогаши човечки е да ја немаме. Концертов е тешка и физичка и психичка и емотивна работа. Учиме од секој настан да поправаме по некоја грешка или превид, и секогаш сме малку поподготвени и поопуштени. Оттука натаму, веќе скоро е и јасно накаде се оди. Се надевам ќе наидеме и на повеќе поддршка, дека ќе биде препознаен и оценет овој за нас драгоцен настан.
В.Ѓ. Парго -Фантазија во раскош, е главниот впечаток, со оглед на целата магичност и мистичност на настанот. Групата се собира во прекрасната Матка, заминува со бротчиња, го следи концертот, па се враќа на коктел со силни впечатоци.Тоа место е допрено од БОГА по убавините, навистина што конкретно ве инспирира за спелео концертите? Како се роди главната идеја?
-И јас и Андреј во некој дел од нашето професионално дејствување сме помислиле да имаме концерт во место како пештерата. Долго време не сме се виделе, и како секогаш кога добри пријатели се среќаваат, во еден таков мистичен момент на епифани, ни светна идејата повторно. Сакавме да избегаме од некоја баналност што почна да се појавува кај нас после толку години работа и изведби во прекрасни простори, но веќе искористени и видени. Сакавме и ние да се почувствуваме дека доживуваме нешто за првпат заедно со публиката. Се вративме дома. Дома во првиот дом на човекот. И сите заедно го почувствувавме почетокот. Примордијалното човечко. Желбата за дом, топлина, засолниште, па и уметнички израз како желба за бесмртност.
В. Ѓ. Парго- Во една прилика ќе речете дека во светот ова е познат концертен концепт, кај нас за првпат го востановивте вие минатата година.Наиде ли идејата на поддршка кај колегите?
-Колегите и не се така силно заинтересирани. Ги разбирам од еден аспект, секој по нешто смислил и”ја ора својата нива”. Тешка е егзистенцијата на уметникот, посебно музичарот во државичката ни, па некако имаме прифатено дека поради некаква презафатеност колегите ќе пропуштат. Не знам колку е изговор, а колку вистина. Кога се сретнуваме со некои од колегите, наидуваме на убави зборови, на поздрав на проектот, на искрени желби за успех.Тоа е секогаш пријатно. Секако, има и колеги кои не следат и кои го проследиле концертот и одделиле време, енергија и внимание да го промовираат.
В.Ѓ.Парго-Концертот ќе се повтори на 20 октомври. Може ли да наброите кои арии ги испеавте овојпат, придружен од пијанистот Андреј Наунов, и дали истиот репертоар ќе биде отпеан повторно?
-Засега, голем дел од публиката сеуште го нема доживеано концертов, па и немаме потреба да го смениме репертоарот поради истата причина. Во пештерата собира максимум до 80 души, и тоа ни дава простор да работиме со истиот репертоар додека не го доживеат доволен дел на публика пред да почнат да доаѓаат поголем број од истите луѓе. Тоа веќе почнува да се случува, зачудувачки.Тоа ни кажува дека добро сме сработиле. Следната година- сезона, ќе има и промени и додатоци во репертоарот. Инаку има многу работа околу самиот проект и настан. И повеќе од доволно. Јас ја носам целата логистика и организација, па можам да кажам дека би сакал да можам да се клонирам. А камо ли да спремам нов репертоар. Но, секако, нема да си дозволиме да ви стане здодевно. Секогаш ќе имаме сили за нова креативна работа. Засега репертоарот се состои од познати арии и духовна музика од ерата на барокот. AveMaria–Caccini, Vedroconmiodiletto–Vivaldi, Ombramaifu и Lasciach’iopianga–Handel, Pietasignore–Stradella…ова се неколку од композициите.
В.Ѓ. Парго- Но, зошто ги правите во октомври, а не во лето? Ќе станат ли овие концерти дел од туристичката понуда на Матка и ваш постојан ангажман таму?
Причината е едноставна. Задоцнивме. Ние како уметници ја знаеме нашата работа, а не знаевме како и кога да пристапиме на агенциите за дојдовен туризам, хотелите, туристичките места…Друга причина се финансиите. Не е лесно да се објасни оваа идеја и лесно да се изџвака и проголта, па и не беше лесно да се најде спонзор. Огромна благодарност до Тиквеш кои првата година не поддржаа, и оваа година и до Телеком. Се надеваме дека после нивниот пример ќе наидеме на поголема поддршка од повеќе успешн и индустрии и бизниси кои ја препознаваат вредноста на музиката и националното и природо научно значење на самиот локалитет. Полека научивме, и да, следното лето ова ќе биде редовно случување на Матка. Ќе можат да го уживаат и повеќе резиденти и повеќе туристи. Од месец мај па се до октомври.
В.Ѓ Парго-Влезницата за целото задоволство е 1.000 денари, со прошетката, возењето, концерот и коктелот. Ви се исплатува ли финансиски сиот овој ангажман?
-Искрено,не. Без поддршка од некој спонзор, немаме одржливост.Тоа е делумно заради брзината со која се дознава за настанот. Полека се будат и медиумите, па ќе стигнеме и до побројна публика. Картите од следниов концерт ќе бидат 1200 денари, односно 20 евра. Реалната цена би требало да е далеку повисока. Сами сте свесни.Само патување со кајче по езерото Матка чини 400 денари, а сметајќи дека обичен ручек во кафеана за еден човек е во просек 600денари, останува дека концертот е добротворен прилог. Ние жртвуваме материјални добра за успех на настанов, и несакаме да се откажеме од магијата и доживувањето на целиот пакет. Некако е попразно без дружбата со доброто вино после добар настан. Убава е непосредната комуникација со публиката, а понекогаш знаеме и да продолжиме со пеење на самиот коктел. Од пеење и дружба никогаш не е доста.
В. Ѓ. Парго-Што следува ново од Вас како изведувач и музички автор и професор по пеење? Ќе вклучите и други соработници во спелео серијалот?
-Имам прекрасни замисли и нови идеи. Се молам никогаш да не престанат. Не би сакал да издадам тајни од овој тип. Сакам да зборувам за завршени дела. Не би да ја расфрлам енергијата што им е потребна на делата во создавање. Како професор по пеење и други музички инструменти, продолжувам да работам во Центарот за уметност и слободно изразување “Вруток”, кој што и го основав, а околу отвореноста за соработници, секако, но не прерано. Интимата и емотивната приврзаност за настанов, не тера уште малку да истражуваме пред да се заситиме од нас како дуо.Тука има доза оправдана себичност, но сепак имаме уште на ум пред да ни се придружат наши колеги.
В.Ѓ. Парго -Денес е 11 октомври. Македонскиот народ слави. Да очекуваме дека догодина на овој или некој друг значаен празник ќе имаме повторно привилегија да ве слушаме во пештерата Врело?
-Секако, кога и градот Скопје ќе дознае, ќе го препознае и ќе се заинтересира за нашиот настан да биде вклучен во планот за културата на годините што доаѓаат, ние би биле и повеќе од среќни да сме вклучени во програмата,која како нација ги одбележува важните денови и случувањата во нив.