МАРИЈА АТАНАСОВА: Не се опишува среќата на лицата на децата кога го цртаа мојот макфестовски фустан!

Марија Атанасова, годинешна макфестовска ѕвезда, веќе се врежа во колективната меморија како талент на кој може да се смета. Потекнува од Штип и беше единствената учесничка од овој град која годинава се најде на овој фестивал.

 

*”Ти си ми сѐ” испеана последна по листа, но по многу нешта прва. Ајде за почеток за импресиите од настапот.

– Најискрено бев пресреќна, ја сакам сцената и уживам кога сум таму, “Ти си ми сѐ” е песна која дава најчиста и најискрена љубов и оваа песна ја посветив на целата публика им подарив среќа и искрена љубов.

*Уште веднаш ќе се осврнеме на белиот фустан со кој два пати ги освоивте срцата, првиот пат со настапот на кој изгледате како скапоцена принцеза, и вториот со хуманиот гест, го продавате за хумани цели. Како ви дојде оваа иницијатива, како сето тоа го осмисливте?

– За ова најмногу ми помогна Модно студио “Бела”, со тимот седевме и зборувавме во што да настапам. Почна со “Ајде нешто да нацрта некој уметник” и мене ми дојде идеја колку би било убаво дечињата да ги направиме среќни и со таков фустан да настапам. Не се опишува среќата на лицата на децата кога цртаа на фустанот, не се опишува таа чиста љубов.

*Настапивте со убава песна, класичен шлагер, кој многу го освежи фестивалскиот репертоарот а и лесно се лепи за уво. Инаку, тоа е песна на авторката Весна Малинова, позната Штипјанка. Како се случи да Ви биде Вам дадена песната или специјално беше правена за вас?

-Прво би сакала да кажам дека Весна е најдобрата личност која ја имам запознато во животот. Пиевме кафе и почна да ми ја пее оваа песна кога ми кажа дека е за мене бев пресреќна. Ова е песна што ја почувствував и знаев дека ќе подарам нешто искрено на публиката.

*Некако, како да треба низ неа да најдеме скриена порака за кого е. Не би рекла дека е само за момче- девојка иако и така може да се сфати.

– Секој ја дожувува на различен начин, секој ја чувствува на различен начин, може да биде за некоја личност која ја сакаме и е тука со нас но може да е и за некој што ни фали. Оваа песна е љубов и може да е и кон нашето милениче а може и кон некој близок.

*За песната излезе и спот. Кој го режираше и каде се снимаше.

– Спотот излезе на 1.11.2024 година. Го сними Мартин Кангалов. Сѐ снимивме во Штип. Има сцени на локалитетот Баргала, во центарот на градот и на тврдината Исар.

*На Макфест настапивте и минатата година. Имаше разлика во чувството?

– Кога настапив 2022 година ми беше убаво, но бев и малку исплашена затоа што ми беше прв пат, но оваа година се беше поинаку, поопуштено и сепак овој настап има посебно значење за мене.

*Што значи Макфест за Вас?

– Макфест според мене е една голема фамилија, сцената ја чувствувам моја и сепак тоа ми е дома. Среќна сум што сум дел од таа голема фамилија.

“Се сеќавате како го доживувавте “Макфест” кога бевте малечка? Во тие денови Штип живееше и дишеше со фестивалот.

– Кога бев мала моите родители ме носеа на генералните проби, одев и го следев фестивалот но сепак беше многу поразлично од сега.

*Кои се ваши најомилени макфестовски песни досега?

– Има многу песни кои ден денес ги слушам и ги сакам. Како на пример: “Осамен”, “Признавам” и уште многу други.

*Вие сте студентка по музика и веќе е јасно сцената ќе биде Ваш дом. Како беше прифатен Вашиот настап од страна на студентите и професорите на Музичката Академија во Штип?

– Јас сум дипломиран правник моментално Музичката академија ми е во мирување и секако планирам да ја завршам, но од професорите и колегите добив пофални коментари. Моментално сум запишана на последипломски студии на Меѓународен Славјански Универзитет морам да кажам дека Универзитетот ми е најголема поддршка и сум многу среќна што студирам таму. Би сакала да се занимавам со музика, но сакам да продолжам да се градам и со правните студии.

*Кое е вашето хоби, интерес, желби, остварени- неостварени…

– Сакам да шетам, да откривам нови места, следам спортски настани, читам книги и гледам филмови во слободно време. Желба ми е да помогнам секому кому му е потребно, да снимам нови песни и сите луѓе да се среќни.

*Планови за во иднина сигурно има многу, многу. Сепак, на што се однесуваат вашите најблиски Ваши планови?

– Имам многу планови дел од нив се поврзани со моето образование, дел со музиката, но сепак на плановите никогаш не им доаѓа крајот. Секој ден се будам со нов план па ќе видиме што ќе може да се исполни.

*Деновиве станавте и тетка, па повелете споделете ја со нас Вашата голема радост и убава вест.

– Да ми се роди внуче, се вика Горазд и сум многу среќна. Тој ми е најубавиот подарок за Макфест.

Валентина Ѓоргиевска Парго уредничка во КулАрт 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.