МАЕСТРО ЛАЗО ТРПКОВСКИ ЛАСКО: Ансамблот “Танец” и мојата композиција изведена на Олимпијадата во Москва, се моите најголеми успеси!

Ансамблот “Танец” седум децении е амбасадор на македонскиот културен код и македонска традиција, и, во рамките на тој голем временски период на постоење, исклучителни музичари и композитори биле дел од него.

Еден од нив е господин Лазо Трпковски Ласко кој ја имаше честа долги години да биде раководител на истиот и да го предводи. Деновиве поразговаравме околу неговите почетоци и најуспешни моменти.

*Почитуван господин Лазо. Како сте? Се надевам Ве наоѓам во добро расположение и добро здравје.

-Големо задоволство ми е да поразговараме од типот на прашања и одговори. Јас сум многу добро и доволно активен во сите полиња. Пред сѐ сум изненаден од Вашата голема информираност за мене, а ја забележувам уште веднаш во разговорот што го водиме.

*Неизбежно е да се знае за Вас, особено од позиција на новинар, затоа што долго сте познат како хармоникаш, диригент, врвен композитор и пред сѐ како што реков, некогашен раководител на Ансамблот “Танец”…

– Во јавноста речиси низ сите меридијани, сум познат како маестро на хармоника, композитор на народна, класична- сериозна, музика за разонода, музика за фолклорни кореографии, народни песни… Сум пишувал текст, музика, аранжман, комплетно, и тие композиции биле отсвирено со сите инструменти и во нив јас пеам. Исто така сега и видео спотовите сам си правам.

*Како роден Скопјанец во оваа професија влегувате многу млад, а потоа доаѓаат и успесите. Во септември 1959 година стапнувате на сцена како актер во детската драма под менторство на Васил и Кирил Ќортошеви. Како драмски актери со КУД “Коста Абрашевиќ” за прв пат настапувате на 7 март во 1960 година, а веќе во 1963 почнувате да се дружите со хармонијата и вашиот живот зазема сосема подруг правец. Повторно на 7 март, но во 1964 година, со хармоника настапувате со КУД “Орце Николов” и почнува Вашата сценска животна приказна. Далеку ли е тоа време или сѐ уште живее како жив филм во Вашите сеќавања?  

-Да почнам со хронологијата од 1960 година, тогаш бев 6- то одделение. Само што почна училишната година во училницата се појава двајца личности и се претставија Ќортошеви. “Кој сака да стане артист- глумец?”, прашаа тие. Јас веднаш се пријавив. Прочитав некој текст и толку. Потоа сите што нѐ избраа почнавме со работа во КУД “Коста Абрашевиќ”. По четири години добив право да можам да подготвам нешто како режисер. Тоа го искористив и во 1964 година во мојата населба Бутел веќе подготвив две драми. Во мај 1963 година јас болен од крајници, доаѓаат дома ми ставаат инекции. Некој свири со хармоника. Викнав. Во авлијата се појави татко ми, со хармоника. За мене. Јас оздравев, ја снема температурата. Првото што веднаш го отсвирев и тоа со два прста беше познатиот певлив хит “Марина, Марина”. И кога земјотресот нѐ натера да бидеме евакуирани во дворот на училиштето “Даме Груев” во шатори, јас не се делев од хармониката (велтмајстор 32 баса). Таму беше сместен и Ѓорѓи Димчевски, за кого не знаев кој е и што е. “Ти малечок колку време си со хармониката? -Од мај месец оваа година. -Некој те учел? -Никој, сам научив”. Разговараа со татко ми и јас веќе се најдов во КУД “Орце Николов”. А таму Кочо Петровски, Тале Огненовски, Смолски, Белиќ, Миле Христовски, Шукри… Јас се чуствував уплашено задоволен. Ме слушнаа како свирам и ми рекоа дека од мене ќе биде нешто, за една до две години. Потоа речиси сите хармоникаши си заминаа. Јас останав и бев број еден. Вистински број еден. Веќе бев повикан во Белград да снимам мои ора. Во 1967/ 68 година соработувам со Димитар Алексов, играорец и кореограф во Ансамблот “Танец”. Тогаш тој го подготвуваше и КУД “Коста Абрашевиќ”. Таа година ја напишав музиката и обработка на музичко фолклорната кореографија “Источна Македонија”, која и ден денес се изведува во некои земји…

*Во 1971 година станувате член на ансамблот за народни игри и песни „Танец“, сѐ до пензионирањето во 2013 година. Како се случи тоа?

– Свирев и пеев во многу ресторани во Македонија. Учествував со мои состави на неколку Олимпијади во Југославија. Неколку пати бев повикан да бидам во музичките програми, за време на престојот на Јосип Броз Тито во Херцег Нови и Игало. А во 1971 година бев повикан во ансамблот “Танец”. Само две недели и веќе настапив низ Македонија. Програмата (не целосна) ја совладав . Така што, директорот Тома Леов ми пружи рака за моите мајстории во свирењето. Ми доверуваа многу функции како преседател. Но мора да кажам сѐ што имам функција бев крајно сериозен, доверлив и чесен. Мојата креативност и авторство и во “Танец” блескаше.

* Во времето кога сте биле најактивен во музиката во Македонија и во Југославија, Вие како автор со свои музички композиции стигнавте и до Олимпијадата во Русија, нешто што за тоа време кога немаше интернет беше речиси на раб меѓу “верувале или не”. Раскажете ни за тоа незаборавно музичко искуство.

– Во тој период, периодот за кој ви зборувам со Димитар Алексов создадовме музичко фолклорна кореографија “Буките”, со Владо Станоевски “На два танца” и “Рудо јагне”. Со Благоја Филиповски “Југословенска Свита”. Оваа музичко фолклорна кореографија беше одбрана од четирите ансамбли кои конкуриравме за југословенски претставник во Москва на Олимпијадата. Навистина голем успех за Македонија. Но за Благоја и Лазо (во тоа време од македонските државници и Влада) ништо тоа не значеше, нула.

*Верувате ли дека ќе прерасне во толку грандиозен ансамбл и бренд? Имате ли некој личен интересен посебно запаметен момент?

-Добро е да напоменам дека “Танец” се најде во една финансиска криза во 1992 година. Ме избраа за ВД директор. Таа година ансамблот го извлеков од таа криза. Речиси три седмици секој ден состанок во министерство за култура (вработените во “Танец” имаа најмала плата од сите државни културни институции, се изборив да добијат финансиско покачување од 108 отсто, иако тогаш беше дозволен лимит за покачување 25 посто). Јас и денес не знам како сум бил убедлив и како сето тоа успее. Но, знаете што е парадокс? Еве денес сме месец октомври 2024 година, од моето пензионирање на први февруари 2013 година досега ниту еднаш не ме повика ниту еден директор на “Танец”. Тоа е изгледа посебна и специфична култура. Да споменам дека повеќе оркестарски ора “Гајдарско”, “Кавалско”, “Танцова свита”, “Ласково оро” кои се мои, сето одеше на програмата на ансамблот сѐ до моето пензионирање. Откако отидов во пензија целосно бришење на сѐ.

*Која е Вашата сублимирана дефиниција- што значи „Танец“ за Македонија? 

-Што значи “Танец”? “Танец” е единствена институција која го докажува македонското национално битие.

*До неодамна како диригент раководевте и со хорот “Вања Лазарова”, кој го носи името на музичката легенда и воедно Ваша некогашна соработничка.

– Ансамбл “Вања Лазарова” е посебна филозофија. Во ансамблот многу години пред да дојдам песните како репертоар ги пееја повеќето едно гласно и некои двогласно. Со моето доаѓање за еден месец работа и со мојата методологија успеава да пеат трогласно, па дури некои песни во моменти четворогласно. Успесите беа премногу видливи и наградувани со настапи со аплаузи. Јас секоја проба бев на работно место. Жртвував многу, мои сакани, од нивните родендени, потреби, дури и мојата сопруга. А се случуваше повеќето од нив често да имаат средба со некој пријател, или некоја слава или роденден. Сите тука учеа професионално и исто го пренесуваа во други ансамбли, а на нашите проби па дури и некои настапи ги немаше. Поради сето тоа ми прекипе и си заминав па така тоа искуство не траеше долго.

*Како ги поминувате сега пензионерските денови, имате ли сѐ уште активна творечка програма? Најавивте објавување на нови цедиња со Ваша музика и хармоникашка изведба, па кога да ги очекуваме? 

– Околу моето творештво да кажам дека неодамна јас издадов “Школа за хармоника со фолклорна азбука” , второ издание. Поезијата “Зборот, душата”. Хорски обработки на “Македонски Бисери”, народна музика, како и десетина дела песни и ора кои чекаат да бидат пуштени на јутјуб. Ќе следуваат и нови музички изработки од мене.

Валентина Ѓоргиевска Парго, уредничка во КулАрт 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.