ЈОВАН МАЗГАНСКИ: Мојата книга за историска битка Готенското муарабе, ги размрда историчарите!

(…имам подготвено и монографија за една исклучителна музичка личност од Македонија, неправилно запоставениот диригент маестро Ванчо Чавдарски…)

 

********

 

Периодот на пензионирањето кај вистинските креативци значи влегување во еден свет во кој тие се препуштаат на активно творење, а слободно ќе речеме и активно и сѐ поквалитетно. Еден од нив е и Јован Мазгански, преку чие творештво јавноста пошироко го запозна неговото име.

* Господин Мазгански, какви креативни простори Ви отвори поголемото време на располагање во Вашите пензионерски денови?

– Па искрено, никогаш не сум мислел оти ќе творам литература. При школувањето мојата област беше математиката, физиката, електрониката, логиката и филозофијата. Ако се анализирам самиот, може да звучи не скромно, но јас сум одговорно лице. Кога ќе ми се довери задача, целосно се посветувам на неа. Како професор, веднаш се нафатив да формирам кабинет по физика, во кој сѐ што можеше да се покаже од наставното градиво, беше покажано. Покрај тоа се претплатив на руските часописи „Физика в школе“ и „Успехи физических наук“, од првото се запознавав со проверени и одбрани методолошки постапки, а од второто, сѐ што имаше ново во физичката наука. Како раководител на компјутерскиот центар, прво ги запознав машините со релејна техника и дупчени картички, но набргу го набавивме и првиот тогаш модерен компјутерски систем. Но како што технологијата се развиваше постојано мораше да се следи и преку литература и преку разни семинари, предавања… Покрај тоа, раководев со централниот компјутерски систем каде преку него сите сектори ги обработуваа податоците, а со тоа морав и да се запознаам и со статистичките истражувања (над 200 во годината). Со други зборови- не мислев или немав време за литературни творби. Она што пишував, беа некои анализи, упатства за програмирање, стандарди во статистиката и информатиката, бази на податоци …

*Последните години, од хоби или лична – внатрешна потреба, пишувате литературни творби. Досега имате напишано над 700 поетски и над 80 прозни творби – раскази. Уште поважно, досега самостојно има издадено три збирки на поезија, две збирки раскази, книга за историски настан од 1903… Позборувајте ни за овие дела. Каде наоѓате време и инспирација? Тоа е голема бројка, големо творештво.

– Да, уште кога бев во работен однос почнав студии за демографскиот развој на населените места во Р. Македонија. Поттик ми беа преведените книги од турските тефтери од 15. и 16. век. Покрај бројот и верскиот состав на населението во секое населено место, има податоци и за даночните обврзници, со износ на данокот од производот. Сето тоа го пренесував во комјутер за околу 2200 населени места што тогаш постоеле во Р. Македонија. Многу од нив уште тогаш згаснувале или се спојувале. Денеска се значајно помалку. Во дефтерите видов многу архаични лични имиња на носителите на домаќинството, па решив да ги проанализирам и нив. Анализата ја „сместив“ на околу 500 страници А4 формат. Со мали технички недостатоци книгата се отпечати, книга „Личните имиња во Р. Македонија во 16 и 21 век“. Другата студија чека подобри времиња за печатење. Кога тоа се заврши почнав со поезија, оти тоа се пишува побргу или поточно своите видувања или инспирации се искажуваат со малку зборови. По мало колебање, дали да ги печатам, со охрабрување од пријатели кои ги прочитаа, почнав да печатам. Првите книги ги давав да се форматираат од искусни уредници, но и двете книги технички не ми се допаднаа. Поради тоа што релативно добро ја познавам информатиката и компјутерите сите други ги подготвувам сам, од почеток до крај (со корица). Останува само чистиот печат, со што значајно се заштедуваат средства. Што се однесува за бројката на творби, јас не творам за книга, туку кога добијам инспирации на некоја тема ќе ја напишам. Кога треба да составам книга, вршам избор кои творби да ги вклучам во неа.

* Во 2017 година ја отпечативте и пригодната монографија збогатена и со поезија „Готенско муарабе 1903“ каде се опишува една од ретките успешни и солидаризирани битки на комитските чети, против аскерот од тој период. Книга со уникатна содржина. Како дојдовте до тие историски и не многу споменувани сознанија?

– Да. Битката се одржала во владимирскиот атар, во моето родно Владимирово. Се случила токму на Велигден 1903 година, а докажано е дека била најголемата битка во предвечерјето на Илинденското востание. Уште неколку карактериски се битни за таа битка: траела два дена, на страната на опколените две комитски чети без команда и било каква координација се приклучуваат сите околни локални чети кои се криеле по колибите, а и една врховистичка чета, што е редок пример. За воените стручни лица се создава ретка борбена слика/позиција. Аскерот што ги опколил комитските чети бил нападнат во грб од локалните чрети, и честата на Христо Чернопеев, при крајот на првиот ден од битката, на аскерот пристига нови аскерски сили од Берово, Владимирово, Радовиш и Струмица и тие напаѓаат во опколувачите комити. Под закрила на маглата и мракот при крајот на вториот ден опколените чети се извлекуваат. Билансот на загинати и ранети бил голем. Од комитите загинале 30- 40 борци, а од аскерот од стој биле исфрлени околу 250 војници. Односно над 7 пати повеќе исфрлени од строј аскерски војници. Повторувам најголема и би рекол најуспешна битка. Во народот е позната како Готенското муарабе (Готенската битка). И да додадам, ова подзаборавена од историчарите битка по мојата книга сѐ почесто се споменува во јавните гласила.

* По професија сте Професор по физика, но Вие работниот век главно го поминавте во Државниот завод за статистика, каде во рамките на тој Ваш ангажман за областа Малешево имате издадено битни стручни анализи. Што треба, главно, да знаеме за овој убав регион, во кој патем се наоѓа и Вашето родно место, Владимирово.

– Да како професор по физика работев само 5 години, но и подоцна се занимавав во образованието- пренесував знаење на новопримени работници, програмери… но и секоја година компјутерскиот центар беше посетуван од економските училишта, на кои во основа јас им држав час по компјутерска обработка на податоци. Исто така од тогашниот Завод за образование добив задача да подготвам наставна програма за механографија и компјутеска обработка на податоци за економските училишта во Р. Македонија. По таа програма работеа повеќе години. Меѓувреме држев курс на воени старешини кои се подготвуваа за административни задачи во војската. Да, како член на Колегиумот на статистиката имавме задача да пишуваме стручни трудови од областа со која работиме. Стручни трудови пишувавме и за меѓународни или југословенски стручни собири. Заедно со тогаш пензионираниот долгогодишен директор на Заводот за статистика Боро Пекевски се договоривме да издадеме статистичка мнографија за малешевскиот крај. Собравме податоци од 15 век сѐ до 1998 година, а поготвивме единствена таква статистичка публикација во Македонија, во која се опфатени сите области што ги следи статистиката. Секако податоците и нивните анализи и толкувања немаа за цел да пропагираме туристичка дестинација, но самите податоци, посебно оние за пошуменоста и климата кажуваат за предностите.

* По пензионирањето самостојно ги изработивте двете студии- Личните имиња во Република Македонија и долгорочни демографски серии за сите населени места во Република Македонија од 15. до почетокот на 21. век со детални анализи по региони и ономастички информации. Каде може да се прочитаат овие студии? Што е најважното во нив?

– Да. Подготвив две, а издадена е една „Личните имиња во Македонија во 16 и 21 век“. Другата чека поволни услови, а содржи серии на демографски податоци (број на жители и вероисповед) за сите 2200 тогаш регистирани населени места. Напоменувам дека податоците во турските дефтери, не се по национални чувства, туку само по вероисповед „верници“ (исламска вероисповед) и неверници (раја). Во дефтерите има податоци и за економската моќ и видот на занимање на тогашното население. Преку прозводите се определувал и данокот. Тогаш имало и т.н. ергенски данок. Анализата на личните имиња компарирано со ономастичката класификација на имињата, се откриваат влијанијата од соседните нации, но и промената на имињата на популацијата. На пр. во 16 век имало доста имиња: Волчко, Бојо, Велоко… или кај жените покрај и денешните доминантни Марија, многу често било името Калина. Во анализата за влијанието беше вклучено и актуелните ономастики, со потекло на личното име. Кога тоа се работеше по региони, испаднаа чудни податоци. Во Општината Крива Паланка имало најголемо грчко влијание!? Кога се бараше причината во Крива Паланка имало често имиња Александар и Филип, кои во целиот свет, па и нашите ономастичари прифатиле дека Филип и Александар се имиња од грчко потекло. Ако се има во вид далечината и положба далеку од тогашните трговски патишта, не можело да има грчко влијание во Крива Паланка. Претпоставка е (и многу веројатна) дека личните имиња Филип и Александар не се грчки, туку античко македонски. Ова е аргумент за нашите и светски ономастичари, да ја исправаат таа нелогичност. Не ме мрзеше неколку месеци да ја проучувам античката хеленска историја, имињата Филип и Александар не се јавуваат никаде сѐ до некаде 19 век. Веројатно дошло преку некој од Македонија. Од податоците прибрани со Пописите од 2002 година се направи анализа на трендот на промена на личните имиња. На пример на повеќето баби Дана, Даница, Јорданка, внуките се крстуваат Даниела. Демографските пак податоци од турските дефтери покажуваа тренд на промена на верската структура по населените места, посебно во поголемите градови. Во основа тоа било поради доселување на турско население, но и поради преминување во исламот многу дотогашни христијани, поради тоа што муслиманите имале значајни привилегии со тогашниот закон, а по градовите многу од лицата што ја промениле верата добивале и подобри служби.

* Волонтиравте и во Првата детска амбасада “Меѓаши”, три години. Работата за децата не ви отвори ли желба и да напишете нешто и за нив, некоја детска литература?

– Не, не пишувам детска литература. Работата во “Меѓаши” беше веднаш по пензионирањето, работев на споменатите студии, но случајно дознав дека имаат потреба од наставник, а јас живеам релативно блиску, па си реков, со образување на деца го почнав својот работен век, да го завршам со деца. Таму не ме плаќаа. Работев волонтерски, а по три години се откажав, оти ми се собраа многу обврски. Кога бев како предавач во “Меѓаши” почнав да пишувам стихови, во кои го опевав моето детство, но не и литература за деца.

* Екологијата е уште една Ваша активност. Член сте на основачкиот тим на Граѓанското здружение “Ден на дрвото- засади ја својата иднина”, сте биле и претставник на еколошките здруженија од Скопје во Форумот на НВО при Градот Скопје, а сте учествувале и на повеќе еколошки работилници и состаноци во земјата и странство, меѓу кои и на Светската Министерска конференција за екологија во Белград во 2007 година. Дали ние како нација сме доволно еколошки освестени или треба да поработиме на тоа уште повеќе?

– Да. Уште кога работев во статистика, ме интересираше екологијата, посебно кога Државниот завод за статистика почна да прибира, обработува и објавува податоци од областа на екологијата. По пензионирањето се приклучив кон здружение што го водеше мој пријател. Ги следевме еколошките проблеми и во светот и во Македонија, често се состанувавме со одговорните, и баравме решенија како да се подобрат еколошките состојби. Чистевме диви депонии, договаравме да се донираат контејнери, посетувавме семинари од домашни еколошки здруженија, но и меѓународни… Малкумина од организациите се одлучуваат да финансираат некој проект, но ентузијазмот беше на ниво, би рекол сѐ до Пандемијата КОВИД 19. Да бев еден од основачите на „Денот на дрвото“, негов генерален секретар и овластен потписник и одговорен пред власта. Колку што се сеќавам, сето почна во 2007 година, кога ООН предложи проект, 2008 да се засадат милијарда дрвца. Или, на околу 6 милијарди население во тој период, по едно дрвце да се засади за секои 6 жители на Планетава. Се сетив оти во рамките на СФРЈ, Македонија предводеше во пошумувањето. Статистичките податоци кажуваа, дека во 1982 година во С.Р.Македонија се засадени над 26 милиони дрвца или приближно 13 дрвца по жител. Во прогласот на ООН имаше отворена страница на која ќе се објавуваат искуства и успеси сврзани со пошумување. Напишав писмо до Владата на Р. Македонија, со податоци и образложенија, во кои барав Владата да обезбеди садници и терен за пошумување, а ние, тогашни екологисти ќе обезбедиме доброволци за засадување. Покрај тоа да учествуваме и во страницата на ООН со искуствата, па веројатно ќе бидеме на најпрвата позиција- засадени дрвца по жител, или пак ќе бидеме меѓу првите во светот. Како што бидува кај нас, одговор не добив. Истото писмо го пратив во име на нашето Здружение со печат, пак ништо. Речиси истото писмо го пративме и преку ДЕМ (Движење на екологистите на Македонија), со потпис на претседателот на Движењето, а лице за контакт бев јас. По некое време ми се јави извесна секретарка, за да ме праша колку пари бараме. Реков не бараме пари. Бараме Владата да ни обезбеди услови. И толку, на повици од Владата не може да ги побараш ти. По некое време на ТВ се појави пејачот Борис Трајанов, со идеја пошумување, кој веќе се консултирал со Премиерот и добил зелено светло. Се приклучив кон иницијативниот одбор и посветено работев. Да бев и член на Форумот на НВО здруженија при Градското Собрание, како претставник за екологија и урбанизам. Имавме почести состаноци, подготвивме и Стратегија, но како што често бидува, со не посакуваните резултати. Бев и на Светската конференција за екологија што се одржа во Белград 2007 година. Ги ислушав искуствата на многу држави, собрав многу пишуван материјал или материјали на ЦД… Присуствував како делегат од Здружението “Екоскоп”, кое беше член на европска асоцијација на еколошки здруженија со седиште во Будимпешта.

* Она што ве обележува последниве години е тоа што сте активен учесник во работата на Здружението на пензионери при Општина Аеродром- претседател на Клубот на љубители на книгата. Таму секој последен вторник во месецот се одржуваат средби со литературни автори. Со какви обврски сте зафатени во рамките на овој клуб?

– Да. Последните 6 години сум претседател на Клубот на љубители на книгата при ЗП „Солидарност- Аеродром“, Скопје. Клубот работи од пред 17 години. Последните години, поточно по пандемијата секоја издаваме збирка литературни творби на пензионери, насловена “Пензионерите творат”… Досега се издадени 5 такви збирки. Огласот, техничкото прибирање, уредување и корицата се подготвуваа на потполно волонтерска работа од уредувачки одбор во состав: Јас (Јован Мазгански), Благојка Филипчева и Васил Тоциновски. Пари за печатење обезбедува ИО од ЗП „Солидарност-Аеродром“, Скопје. Секој последен вторник претставуваме друг автор, а последните години организираме и екскурзии, со програма читање на литературни творби од месни автори од градовите што ги посетуваме и автори од Клубот на љубители на книгата.

* Покрај редовните активност и Клубот на љубители на книгата, рековте дека секој година издавате збирка литературни творби од повеќе автори- пензионери „Пензионерите творат“. Кој може да биде застапен во овие збирки?

– Веќе кажав оти досега се издадени 5 збирки, секој автор добива бесплатен примерок, а и Здружението знае да се пофали и да подари таква збирка на своите гости и/или пријатели. Во збирката од 2024 година се вклучени и неколку ученици од осмолетки во Општина Аеродром. Во неа по правило се застапени литературни творци пензионери, но последната збирка има творби и од ученици литературни творци.

*Учествувате и во повеќе заеднички збирки и алманаси, а за Вашите творби имате добиено повеќе признанија, дипломи со високи оценки, како што се: Поет на годината, златни и сребрени плакети, дипломи за освоени први и втори награди, но и дипломи за севкупното творештво и унапредувањето на македонската литература, а имате и признанија за животно дело од поетски здруженија. Ви донесоа ли лична сатисфакција сите овие вреднувања и признанија, кои сепак не се малку?

– Точно е тоа дека последната деценија активно учествувам на повеќе конкурси, а добивам и признанија. Сепак, морам да сум искрен. Признанието ми е драго, но мотивот за творење не е признание од волонтерски друштва, туку сакам да оставам пишана трага од моите видувања, за светот и односите во него. За тоа поезијата е најпогодна, посебно во ова ера на мал интерес на читатели, посебно меѓу младата популација, поезијата полесно се чита, а кој ја сфати, може и да се соживее со содржината и да ја збогати и фантазијата и мисловната активност.

* Во подготовка ви се нови книги, што чекаат на печатење. Можете да ни ја претставите нивната содржина, што да очекуваме од Вашето авторско перо наскоро?

– Имам подготвено неколку книги кои чекаат погодна прилика да се отпечатат. Три од нив се поезија, една е ономастика, а правам обид да подготвам и книга со есеи. Инаку имам подготвено и студија за демографските движења на населените места во Р. Македонија од 15 век сѐ до Пописот 2002 година, Истата содржи податоци за многу населени места кои меѓувреме „изгаснале“, но податоците се придружени со сите главни обележја- географски координати, надморска висина, орографски карактеристики и сл. Сите се класифицирани со важечки шифри и номенклатури, со што се добива можност, програмски да се обработуваат за повисоки организациони форми, како општини, реони и сл. Покрај тоа имам подготвено и монографија за една исклучителна музичка личност од Македонија, која оствари огромна светска и македонска кариера, но за жал неправилно запоставениот диригент Маестро Ванчо Чавдарски, кој некои современи музички критичари го сврстуваат меѓу петте светски диригенти во 20 век. Се надевам оти и тие ќе добијат прилика да се објават…

 

Валентина Ѓоргиевска Парго уредничка во КулАрт

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.