Велат, најсилна и најбистра е водата кога ќе се спојат два исти извори во една река. Оттука и најсилен е талентот кога во него ќе се спојат два исти “подталенти”, во една река, која зажуборува и го пронаоѓа своето корито, за да се влее во големите мориња, во големата уметност. Зборуваме за Билјана Камчева, млада флејтистка, а воедно и оперска пејачка, која сето свое лично богатство што го има го спојува во еден концепт и со сила, елан, ентузијазам, шарм и енергија, тргнува кон, “големата вода”.
Интервјуто со Билјана Камчева го водеше Валентина Ѓорѓиевска -Парго
Валентина Ѓ.Парго- На дел од јавноста веќе и е познато Вашето име, на другиот дел допрва ќе се запознава со Вашитe таленти и амбиции. На почеток на оваа наша средба би сакала да Ве прашам како си ја поминувате оваа богата музичка есен, следите ли концерти, штo се случува на нашата сцена?
-На мое огромно задоволство имаме плодна музичка есен со настани кои содржат различни видови на програма и кои нудат истовремено квалитетни музички изведби. Имавме богата музичка програма на фестивалите Златна лира и Скопскиот џез фестивал со реномирани домашни и светски музички имиња кои ни понудија изведби за уживање.
Ва.Ѓ.Парго: Изминативе месеци за Вас беа исполнети со големи успеси, голем број на концерти и патувања. Преку една куса ретроспектива раскажете ни за дел од вашите најуспешни случувања.
-Навистина се радувам на сите убави проекти и концерти кои се реализираа, на соработките со моите драги колеги докажани музички имиња како и за шансите да настапам и да креирам уметност во инспиративни амбиенти на сцените во нашата држава и во Италија. Изминатиот плоден период започна со соработката со мојот колега и пријател, пијанистот доц. м-р Дино Имери, со кој го реализиравме несекојдневниот концерт насловен “Флејтата на Бах”. Концертот се одржа на сцената на Домот на културата во Кавадарци ” Иван Мазов – Климе” и беше особено специфичен по изведбата на четирите сонати за флејта и пијано од Јохан Себастијан Бах. Да се свири музиката на Бах, односно четири сонати во еден целовечерен концерт сметам дека беше храбар потег кој го оправдавме судејќи по реакциите на публиката која, за кратко време ја вративме во времето на барокот. Во рамките на Фестивалот “Скопско лето”, а во соработка со “Полифонија”, се одржа стенд-aп перформанс на оперски и оркестарски солисти “Фантомски приказни” на кој бев поканета да учествувам соработувајќи со колеги од Македонската опера и балет, оперски и хорски солисти, под водство на хор мајсторот Јасмина Ѓорѓевска и под диригентската палка на Андреј Наунов. Би сакала да ги споменам и концертите со Дувачкиот оркестар на Град Скопје од кој сум дел под водство на маестро Хусеин Еминовиќ и настапите на моите ученици од приватното училиште “Ева” во кое сум ангажирана како наставник по соло пеење. Во месец август, во прекрасниот амбиент на црквата “Св. Софија” во Охрид, во рамките на Фестивалот “Охридско лето” бев дел од концертот посветен на 85-тата годишнина од раѓањето на македонскиот композитор Томислав Зографски.
На 12-ти септември во Рим, заедно со мојата драга колешка, пијанистката проф. д-р Ана Гацева бевме поканети да се претставиме со свој целовечерен концерт на Меѓународниот фестивал “Concerti del Tempieto”, во театарот Марчело, изведувајќи дела за флејта, пијано и глас. По враќањето од Италија, на 20-ти септември се одржа концертната изведба на барокната опера “Дидо и Енеј” во соработка со здружението “Полифонија” , во која дебитирав во улогата на втората вештерка и истовремено бев дел од хорскиот ансамбл. Концертната активност за есенскиот период ја заокруживме со рецитал во Културно-уметничкиот центар во Скопје на 9-ти октомври, со пијанистката проф. д-р Ана Гацева.
Ва.Ѓ.Парго:Настапот во Рим е еден престиж во секоја смисла на зборот, кој ќе ја украси Вашата уметничка лична карта со едно европско достигнување. Раскажете ни се за тој концерт, за сиот тој успешен проект.
-Непосредно по добивањето на поканата за концертот, заедно со хорот “Св. Климент Охридски” под водство на диригентот Панче Јосифов, бевме дел од делегацијата за одбележување на денот на словенските просветители “Св. Кирил и Методиј” во Рим во месец мај. Енергијата што ја почувствував при првата посета на вечниот град не се опишува со зборови.Градот кој е историја, отворен музеј кој ги спојува минатото и сегашноста предизвика силни емоции и знаев дека моето враќање назад ќе побуди уште поголема возбуда и одговорност да се настапи во градот на уметноста. Морам да напоменам дека многу внимателно го направивме изборот на програмата за концертот, сакајќи на италијанската публика да и ги пренесеме македонскиот сензибилитет и емоција преку изведбата на делата од желениот репертоар. Воедно, претставивме и дел од македонското творештво изведувајќи дела од македонските композитори проф. Томислав Зографски и проф. Живоин Глишиќ кои наидоа на позитивни реакции од публиката. Особено сум среќна што на овој концерт се претставив и како флејтист и како оперски пејач соработувајќи со една од најдобрите пијанисти во нашата држава, проф. д-р Ана Гацева. Концертот се одржа во инспиративниот простор на театарот Марчело под отворено небо, каде се чини дека времето застанало и постои само мигот. Публиката уживаше во изведбите на делата за флејта и пијано и во едни од најпознатите арии од оперската уметност. Ја имавме честа, концертот да е следен и директно пренесуван од јапонската национална телевизија. Во оваа пригода, сакам јавно да ја искажам мојата огромна благодарност до г-ѓа Јанинка Чупаркоска, г-дин Митко Јанчев и ДОО Кожувчанка за поддршката во реализација на концертот и поддршката кон мене како млад уметник.
Ва.Ѓ.Парго: Да се настапи пред Италијанци, кои се посебно пребирливи како рафиниран публика, во еден манир и на изведувачка на флејта и како оперска пејачка е мошне голем предизвик но и храброст. Што ве поттикна на таков репертоар?
– Да се настапи пред италијанската публика која ја има класичната музика во своите гени и корени беше особен предизвик. Посебно беше одговорна изведбата на оперските арии од италијанскиот композитор Џузепе Верди за кои бевме посебно наградени со стоечки овации. Реакциите на задоволната публика се моменти од концертот кои трајно ќе останат во нашите сеќавања, тие се и најголемата награда за мене како уметник и се доказ дека го одам вистинскиот пат. Особено интересна за публиката беше мојата трансформација од флејтист во оперски пејач, што претставува редок пример на изведувач активен со два профили не само кај нас, туку и на меѓународната сцена. Јас сум дипломиран флејтист и магистер по музички уметности во класата на реномираниот македонски флејтист, проф. м-р Страшо Темков и дипломиран соло пејач во класата на истакнатиот оперски педагог, проф. м-р Марија Наумовска, професори кои ми помогнаа во градењето на мојот уметнички и изведувачки профил и кои несебично ме поддржуваат и денес.
Ва.Ѓ. Парго: Соработката со Ана Гацева и таа ви отвора некои нови патишта и нови порти. Што досега изведовте со Гацева, што планирате за во блиска иднина?
-Соработката со пијанистката Ана Гацева се случи многу спонтано. Интересно е како ни се споија енергиите кои кулминираа во изведбите и кои ќе останат како белег во нашето заедничко музицирање. Концертот во Рим беше наша прва соработка во која искуството, знаењето, младоста, љубовта кон музиката и нашиот сличен сензибилитет направија да уживаме во заедничкото креирање на уметност. По концертот во Италија, настапивме и пред нашата домашна публика во Скопје. Секако, не застануваме тука, во тек се подготовки за нови проекти и концерти на кои ќе бидете поканети.
Ва.Ѓ.Парго: Иако периодов бевте зафатена со настапи надвор од Македонија, не ја запоставувате ни домашната публика. Неа ја почестивте концерт во Салон 19.19.
-Пред домашната публика се претставивме на сцената на Културно-информативниот центар со концерт кој се одржа со поддршка од Град Скопје на 9-ти октомври. На програмата беа делата изведени во Италија и сме посебно среќни што со свое присуство не почестија многу љубители на класичната музика, како и истакнати музичари и студенти по музика. На концертот, од име на Фондацијата “Томислав Зографски” , г-ѓа Панда Зографска Беличанец ми додели признание за почесен и најмлад член на истата.
Ва.Ѓ.Парго:. Наскоро патувате во Софија на натпревар за руска романса. Имате ли посебно омилени песни, од руската ризница?
– Во периодот од 8-ми до 10-ти ноември ќе настапам на меѓународниот натпревар за руска романса, кој ќе се одржи во Софија, Р. Бугарија. Руските романси од Чајковски, Рахмањиноф, Шабордина преку своите текстови и музика не доближуваат до душата на Русија и емоцијата на рускиот народ и јас, со задоволство ги изведувам.
Ва.Ѓ.Парго: Не може и не смее да го прескокнеме и прашањето од домашната ризница што ви е на срце?
– Можеби звучи како клише, но навистина ние сме талентирана нација. Оваа држава има многу креативни и докажани уметници кои имаат огромни багажи со знаења и искуства со кои таа треба да се гордее. Уметниците го носат бремето на ова време, преку нив и нивното делување треба да се случат најголемите промени. Ве молам, дозволете ми да ги споменам македонските композитори кои неуморно творат и кои преку својот уметнички јазик ја пишуваат приказната на нашето време, композитори од повозрасната и помладата генерација: С.Стојков, Љ. Бранѓолица, Б. Цанев, Т. Манчев, Д. Бужаровски, Ж. Глишиќ, Ј. Андреевска, Д. Андовска, С. Петровски, В. Велковска Трајановска, Г. Начевски, Б. Петровиќ, Н. Димушевски, Д. Темков, А. Пандевска, М. Јаневска, и уште многу други кои се достојни за почит.
Ва.Ѓ.Парго: Не знам дали имаме и друга уметница чиј уметнички пат спојува и оперско пеење и свирење на флејта, но знам дека е нешто многу уникатно и плодоносно. Како во иднина ќе ги спојувате овие две врвни уметнички вештини?
-Музиката е мојот живот, моја пасија и љубов. Преку моето делување и музицирање сакам да го направам светот поубаво место за живеење, сакам да ја вратам емпатијата помеѓу луѓето, да ги однесам во светот на имагинацијата каде целосно ќе бидат ослободени од стегите на денешницата и ќе им се радуваат на моментите. Сакам со секој тон срцето на слушателот да трепери и да ја почуствува пораката за љубов која сакам да ја пренесам. Да, преку мојата флејта и мојот глас најдобро се изразувам, преку нив сакам да ширам љубов и да го обојам сивилото и тоа ќе го правам се додека дишам и постојам.
Ва.Ѓ.Парго: Од Ваша страна кажано, што треба државата да направи за вас со цел да бидете максимално продуктивна и задоволна, а што треба да направи за младите воопшто?
-Мојата држава ми понуди квалитетно образование, во текот на целиот образовен процес имав инспиративни наставници и професори и секогаш гордо ќе го споменувам тоа. Сакам да истакнам дека учев од големи луѓе, но и сметам дека во ниту еден момент не ги изневерив. Ја претставував мојата татковина уште како дете, добивав награди и признанија, стекнав две дипломи за високо образование, магистрирав, го заокружив своето високо образование како студент на својата генерација и веќе пет години сум невработена. Државата треба да ги препознае потенцијалите во својата младина, да понуди еднакви можности за сите и да е сонце на патот. Не смее да си дозволи ниту една генерација да е жртва, го нема тоа право. Институциите треба да ги отворат своите врати и да понудат шанса за секој млад човек кој е квалитетен, со стекнати знаења и искуства. Секој раководител треба да е свесен за одговорноста на својата позиција во менувањето на туѓите судбини. Секој човек ќе го пронајде својот пат, но државата има обврска да го олесни и насочи во правилна насока.
Ва.Ѓ.Парго: Се гледате некаде далеку, или тука?
-За да расте и да се развива уметникот мора да има широки видици кои ќе го водат напред. Јас имам уште врвови кои треба да ги искачам. Една народна поговорка вели: “Добар родител е оној кој на своите деца ќе им подари и крила, но и корени”, па во тој контекст ќе кажам, сакам и мечтаам да творам дома, но и да блеснам и пред светот со својот потенцијал раскажувајќи ја својата, но и приказната на мојот народ.
Фотографии- Приватна галерија од Билјана Камчева
куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени
со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски
текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски
содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се
цитира.