Што значи да се биде нечиј фан, знаат и чувствуваат само оние кои навистина се тоа во душа. Каква е таа љубов, чиста и позитивна, таа поврзаност, тој адреналин и тоа уживање? Голема, навистина, и неодолива.
Но, да се биде фан не само на еден или повеќемина, туку на сите подеднакво и со подеднаква почит и љубов да се однесуваш кон нив, е тоа е привилегија само на Тања Тајчи Додева.
Мошне познат лик по својата активност на социјалните мрежи, секогаш со убави и весели објави и фотографии од речиси секој важен музички настан.
За луѓето од естрадата е блиска и драга пријателка, која со задоволство ги следи нивните настапи, песни, успеси, фестивали…
* На социјалните мрежи често сте во друштво на најпознатите пејачи од фолк и од забавната естрада. Како би ни се претставила самата? На која возраст сте, што работите, со што го пополнувате своето време?
-За почеток, јас сум Тања Додева. За луѓето кои ме знаат, јас сум Тајчи. Вработена сум во областа на заштита и одржување на чистата околина. Живеам во Скопје. Имам 38 години. Моето слободно време го поминувам со моите најмили и почесто сум дел од секој настан поврзан со музиката…
*Од кога се Вашите почетоци во оваа, би го нарекла, интересно хоби.
– Моите почетоци се од мали нозе кога моите родители ме носеле на сите концерти во мојот град Свети Николе, од каде што и потекнувам. Отсекогаш сум била дел од музиката како верна обожавателка во публика. Но последните 15 години сум веќе и дел од секој настан и ќе речам и дел од естрадата, со директен контакт и соработка со многу естрадни личности. Поточно, со сите.
* Бидејќи имате многу пријатели, одвојте ни кои се вашите најблиски?
-Па да, поактивно се дружам со доајенот Круме Спасовски и Злате Антевски, но тоа не значи дека другите помалку ги ценам. Секогаш сум добредојдена во сечие друштво каде што е музиката.
* Отприлика колку фестивали и концерти, промоции досега имате проследено?
– Речиси секој фестивал, концерт или промоција. Јас сум дел од нив и секогаш ги овековечувам со фотографија и многу видеа.
*Имате омилена пејач или песна, ајде да позборуваме за тоа.
– Па не би можела тоа да го истакнам, затоа што сите подеднакво ги ценам и почитувам. Секоја песна за мене е најубава, но ете песната “Аманет” на Злате Антевски која беше изведена на еден поранешен “Тумба Фест” преку моите објави достигна рекордна гледаност. Исто така од почит и доајенот Круме Спасовски знае да ме праша за неговите песни кои ги пее како ми се допаднале…
* Пред некоја вечер бевте и на годинешниот “Тумба фест”. Како си поминавте?
– За “Тумба Фест” можам да кажам дека сум верна обожавателка со традиција, пријателка на фестивалот, која го овековечува секој нивни фестивалски и постфестивалски момент.
(со директорот на фестивалот, Драган Јаким)
* И Вашата видео снимка од настапот на Ташко Каранфиловски и “Астра бенд” достигна рекордна гледаност деновиве.
-Со Ташко, нашата ресенска икона, се знам одамна и посебно јас лично сум горда на него. Секогаш со насмевка го пее неговиот репертоар. Весел си е знае како тоа да го донесе на сцената. Јас тоа го знаев и затоа ја поставив на ФБ, зашто имаше хит песна “Неста Ресенска” на свој дијалект…
*Вие знаете пејачите да ги почестите со фотографии, а и со некој прецизно погоден опис или коментар, но дали се случило некој од нив да испадне галантен па да ве почести со некој подарок, свое ЦД на пример или нешто повеќе?
– Да, секогаш добивам цедиња од многумина од естрадата. Имам на подарок и препеана песна во студиото на мојот драг Ристо Краповски. Синхронизација на мојот другар Сашко Кордов од Неготино. Моите пријатели Татјана Лазаревска и Новица Василевски ми донесоа подарок од Австралија, каде што живеат… Последно, драгата моја Сузана Спасовска на “Лешочкиот Фолк Фест” ми го подари своето ЦД “Судбо моја”. Многу сум им благодарна на сите нив. Ме расположуваат со својата музика во секоја форма.
* Ги посетувате и фестивалите. Не ве мрзи ни да го архивирате тоа преку фотографии и видеа и да ги поставите на социјалните мрежи.
-Никогаш. Дури и мислам премалку правам за нив… Но ете го избрав начинот каде да го претставам тоа, да нѐ гледа и светот. Активна сум на ФБ и на Тик Ток и таму си ги поставувам исто сите фотографии и видеа.
*Како една млада личност гледа на сѐ ова што ни се случува на музички план- имаме доволно концерти и фестивали или може уште повеќе? Имаме доволно убави песни?
– Многумина не знаат да го ценат она што го имаме. Имаме фестивали, но за жал веќе сѐ помалку. Ги имаме најубавите песни на светот!
*Кои се неколкуте песни што ви се допаѓаат најмногу?
-За мене тоа е тешко прашање затоа што ги сакам сите македонски песни од цела естрада.
*Го запознавте Тоше Проески? Имавте средба, имате омилени хитови од него?
– Со Тоше Проески лично се познавав, честопати бев на неговите концерти, но ете немам фотографија со него. Сите песни ги сакам, но посебна ми е “Цреша”.
*Дали ова ваше хоби и пасија ве чини многу финансиски издатоци? Сама ги посетувате естрадните настани или со членови од семејството?
– Па кога како но кога, станува збор за музика за мене сѐ е возможно… Секогаш сум присутна. Некогаш сама, некогаш со моите најблиски, а почесто и со дел од естрадата каде што сум често на некој нивни собир.
* Дали добро пеете и сакате да се пробате и како пејачка?
-Па, таа можност ја имам секогаш на дофат, не сум лоша во пеењето никогаш не се знае тоа.
* Која е вашата неостварена желба од музиката?
-Моите желби секогаш се остваруваат.П.С. Можеби некој и за мене ќе испее некоја песна За нивната пријателка Тајчи (се смее). Моето мото е “Музиката е живот, животот е музика”… И навистина, тоа е мојот живот. Музиката! Со почит до вас и вашите читатели, Тајчи!
Валентина Ѓоргиевска Парго