МИОДРАГ МИЊА МИЛАЧИЌ: Поетот е вечен бунтовник! 

Признанието за животно дело “Македонски Феникси”, кое го доделува Здружението Хуманитарно Културен “Феникс” на првиот поетски фестивал “Заедно за Скопје”, одржан на 26 јули оваа година, отиде во рацете на црногорскиот поет Миодраг Миња Милачиќ, но воедно и наградата “Златен Феникс”.

*Господин Милачиќ, неодамна на меѓународниот поетски фестивал во Скопје двете најголеми награди, ги освоите Вие, во една силна конкуренција од над стотина поети од цел свет. Со какво чувство и возбуда ја примивте оваа вест?

– Што се однесува до наградите што ги добив во Македонија, секако дека бев задоволен. Беше тоа вистинско чувство на среќа. Особено поради тоа што слух за мојата поезија имал некој кој не е од мојата земја. Голема чест е наградата за животно дело „Македонски Феникс“, а секако и наградата „Златен Феникс“ за песната “Ако некогаш” („Ако икада“) која ја освои првата награда. Инаку, не сум поддржувач на конкурси и натпревари, но овојпат нешто ме повлече да тргнам по тој пат кој заврши успешно и кој никогаш нема да го заборавам.

* Песната која беше наградена со “Златен Феникс”, “Ако некогаш” е трогателна. Емотивно прашање би било доколку да прашам кому е напишана?

-Песната „Ако некогаш“ е фикција. Поетот беше големо дете заспано во хартиена лулка. Поетот го сонува својот сон со отворени очи. Тој знае што е времеплов на душата. Така тој остава свој белег во минатото, се заљубува и се враќа во сегашноста со искуство која се нарекува љубов. Таа постои во таа песна. Таа е илузорна, но не е заробена. Често поради тажни љубовни песни ме прашуваат колку брчки имам на срцето, а јас едноставно им кажувам дека знам и јас да ја одболувам туѓата болка. Сето тоа поетот го може да ако знае да ја живее поезијата.

*Вашата врска со Македонија почна малку пред тоа, во јули, на свечената академија одржана по повод чествувањето на роденденот на Александар Македонски (22 јули 356 п.н.е.) беше прочитана песната што ја напишавте за овој крал. Од една страна е јасно зошто еден поет би го одбрал Александар за инспирација, од друга, истовремено и мора да се праша- да, зошто баш Александар?

-Зошто Александар? Па затоа што тој и надвор од Македонија, од нашите почетоци, секогаш беше симбол на победа, на сила, на оној што освојува. Имам читано многу за Александар Македонски и чест ми е на таа грамада да му посветам песна. Александар треба да биде Светец. Некои би рекле воин и освојувач. И така, затоа што сите светци биле тоа, како и оној кој прво бил еднаков на Бога, Архангел Михаил, Витез, Серафим, Војвода. Оттука и моето чувство за Александар Македонски.

* Вие сте еден од младите автори, за кој во Црна Гора доста е знае, а ние допрва ќе го запознаваме Вашето име, уште повеќе вашето поетско дело. Пред да ни откриете повеќе за себе да тргнеме малку кон блиската иднина. Во Македонија наскоро ќе се промовира ваша книга по повод 30 години вашата плодна поетска дејност, “Све моје осаме, сви моји Освити”. Што ќе содржи таа книга? Во кој период е подготвувана?

-Што се однесува до книгата која е јубилеј за 30 години мое творештво „Сите мои самотии, сите мои мугри“, засега е завршена само првичната подготовка во форма на прелом. Тоа е огромен проект бидејќи ќе содржи 1400 страници поезија и проза. Можеби во минатото многу оптимистички изјавив дека книгата ќе биде наскоро, но едно се желбите, а друго се можностите. Без разлика на сѐ, мислам дека сепак ќе успеам сѐ да протуркам, како и досега. Секако дека сакам, затоа што верувам во тоа. А кога верувате, тогаш сѐ е реално. “Сите мои осами, сите мои мугри” ќе биде прирачник за душата. Едвај го чекам тоа раѓање и тој прв лет, тој прв бран на душата меѓу редови, што ќе направи многу и ќе тргне во својата мисија.

*Никогаш немате организирано промоции на своите дела, средствата за промоции и коктели ги донирате за хуманитарни цели, и ова фактички ќе биде прва ваша официјална класична промоција. Како ја замислувате?

-Еве, после толку години, се случи промоцијата во Кула – Војводина – Србија на 10 август годинава. Почнав од Кула бидејќи мојата покојна мајка е од Војводина. Таму го поминав моето детство. Војводина е половина од мојата душа. Ете после толку години тргнав од неа. И мојата прва љубов беше во Војводина. Промоцијата се одржа во свечената сала на Музичкото училиште и беше толку прекрасна и спонтана што го потврди името „Незаборавна вечер“ како што го нарекоа организаторите. Што се однесува до хуманитарната работа, мислам дека сите уметници треба да ја користат поезијата во хуманитарни цели. Јас тоа го правам наместо коктели, промоции. Не за тоа да биде самопромоција. Го правам исклучиво само поради тоа што душата ми го сака.

*Вие пишувате од својата 16-та година и имате издадено 14 збирки поезија и еден роман. Кога ќе се направи паралела, би се поставило прашање зошто баш поезија пишувате многу повеќе?

– Пишувам поезија затоа што тоа е мојата прва љубов. Класичната римувана поезија, сонетните венци што ги пишувам е многу потешко од пишувањето проза. Во прозата можеш да се рашириш, во поезијата треба да кажеш сè во неколку строфи ако умееш да танцуваш со метафори. Има многу вирови и порои, но добро се справувам со тие предизвици. Едноставно Господ ќе ми јави, а јас како приемник, со мастилото на срцето ги пренесувам пораките на белите страници на вистината. Тоа е мојата мисија.

* Бидејќи сте од Црна Гора, незаобиколно мора да проговориме за Петар Петровиќ Његош, еден грандиозен епохален поет кого сме го изучувале и на училиште и запаметивме доста од неговите стихови. Дали неговото дело имаше извесен импакт и врз Вас во онаа фаза кога сте се оформувале како поет, односно дали има нешто од него пресликано и во Вашиот творечки мотив. Тој ги опиша конкретно случувањата во Црна Гора и регионов, и му една човечка и духовна димензија на сето тоа …

-Његош е нашиот најголем поет. Не само поет туку и филозоф. Сакале или не, таква поетска грамада бил присутен и продолжува во нашето битие додека постоиме. Његош е нашиот код. Тој е нашиот безвременски жиг и нашата златна нишка со која се гордееме сите ние во Црна Гора. Тој е Ловќенскиот Тајновидец.

*Вашето дело “Круна” го посветивте на својата покојна мајка и на сите мајки, а тоа дело е со благослов од познатиот исцелителен Острошкиот манастир. Со оваа книга, за која насловот објаснува сѐ, ѝ оддадовте чест на својата мајка, но книга за мајка која веќе ја нема мора да е пишувана со љубов и болка, а низ сето тоа да провејува и една исцелителна моќ на мајката, без оглед дали е на овој свет или го напуштила. Се согласувате?

-“Круна” што ѝ ја посветив на мајка ми и која ја пишував од болка ја сметам за света книга. Како настана сè околу тоа е една неверојатна приказна. По смртта на мајка ми, ракописот беше готов, а јас го оставив настрана бидејќи тагата беше мојата состојба во тој момент. За да ѝ ги исполнам желбите на мојата покојна мајка, набргу по нејзината смрт отидов во Војводина, поточно во Мокрин, селото во кое е родена мајка ми Анка. Се упатив кон куќата што моите родители ја продадоа пред 20 години. Отидов по грутка земја и неколку фотографии. И тој ден, кога се вратив дома, сакав уште еднаш да прошетам низ градината и куќата што повеќе не беше наша. И новиот сопственик ме пушти да шетам низ куќата, и токму во просторијата што ја користеа како складиште, најдов икона од Света Петка од мојата баба, стара повеќе од 150 години. Таа икона е нашиот Свети Грал. Таа икона ја краси корицата на светата книга “Круна”, која го доби благословот на манастирот Острог и која верниците ја добиваат на подарок. Како што кажавте, таа е лековита книга и има своја мисија. А мајката е Бог на земјата која раѓа, додека онаа горе создава. Мајка е единствената роза без трње.

* Која е темата на романот и што се раскажува во него?

-Темата на романот „Поглавје на душата“ се дванаесет патувања на душата, одделни приказни од „Жолта лента“ до „Покајникот“. Тоа покажува дали човекот е Ирод или изрод, покажува дали душата е слободна и како се носи со погрешно тело. Романот зборува за заробени и слободни души. Романот меѓу редови сведочи дека душата е кандило за телото и како се бори низ искушенијата.

*Да споменеме вие пораснавте покрај и мајка учителка и татко писател и затоа не е случајна љубовта кон пишувањето. Но, што беше првата работа што ја сфативте за значењето на пишувањето, уште кога бевте дете и тргнавте по стапките од татко си?

-Пораснав во семејство кое го негуваше пишаниот збор. Низ нашиот дом поминаа многу поети. Од мали нозе имав среќа да битисувам со најдобрите. Секоја средба беше посебна. Да растеш во таа средина без формули, каде што резултат е исклучиво е емоција и љубов е голема чест.

*Кои се најзначајни дела од Вашиот Татко? Ги имате прочитано сите, обично децата знаат да тргнат по родителот и да зафатат по друг правец, сосема свој, да се оддалечат од почетната насока…

-Па, од татко ми најмногу ми се допаѓа збирката „Светлина под црно небо“ (Свјетлост испод црног неба). Тој пишува слободен стих. Нашите стилови се различни. Неговата кариера е долга и длабока. Јас, како што велите, тргнав по свој правец и најважно ми е да се фокусираме само на себе, толку многу што мојот стил е препознатлив и не морам да се потпишувам под моите песни.

*Бидејќи пишувате активно и меѓународните признанија и награди станаа дел од вашата професионална лична карта. Кои се оние најзначајни признанија кои ја збогатија Вашата досегашна кариера, покрај споменатиот Македонски Феникс?

-Од наградите можам да ги издвојам наградата Пушкиновата награда за песнаа „Острог“ и наградата „Лирски гласови“ за поемата „Платното на твојата душа“. Сепак, ќе ви признам дека моите читатели се мојата најголема награда, како и тоа што доживеав во манастирот Острог мојата книга “Круна” да се подаруваат со благослов.

*Бидејќи сте дипломиран економист, работите на својата примарна професија или целосно сте посветен само на пишување и од тоа егзистирате?

-Јас сум дипломиран економист. Успешно ги завршив Специјалистичките студии за деловна и цивилна безбедност. Работам во локална компанија во Подгорица и морам да ви признаам дека можам да заработам за живот само од поезијата и да тврдам дека сум најпродаваниот писател во регионот.

*Вашата поезија е преведена на неколку јазици и е застапена во повеќе антологии. Сметате ли дека поезијата е поуспешна само кога може да биде разбрана на секој меридијан и е општа и универзална, или можеби е помоќна и поавтентична, кога е одличје на еден одреден простор и една одредена нација?

-Мојата поезија “вика” да биде преведена на повеќе јазици и уште повеќе да ја шири својата мисија. Знам дека таа веќе направи подвиг во нашето говорно подрачје со враќање на душите на вистинскиот пат. Затоа велам дека би било штета да не ја почувствуваат и другите народи.

*Поетите пишуваат за сѐ, на секаква тема, најчесто за љубовта и патриотизмот. Според Вас, ако велиме поезијата е оружје со голема моќ, за што треба моментно да пишуваат поетите, што да одбранат, кој дел од животот, од достоинството. Имаме многу недостатоци и етички падови во последниве децении. Некаде треба и да се интервенира.

-Поетот е создаден од Бога за да не се помирува, тој е вечен бунтовник. Сведоци сме дека тоа се смени, дека почнаа да се затскриваат зад калапите на сегашноста. Многумина поради танцување со политика и деградација во таа смисла, наместо витези со пердув, стануваат камелеони на сегашноста. Значи, имаме ситуација кога останаа малкумина што пркосат. Но, тоа е карактеристика на самостојните и независните, кои за жал се сè помалку.

*Дали луѓето доволно ја сфаќаат моќта на поезијата? Всушност, што сѐ може таа?

-Луѓето ја разбираат моќта кога ќе се ослободат , кога пловат со чамците на емоции на отворено море. Таму нема површина и сјајни фолии. Поезијата што ја пишувам е интроспекција и спознавање после борбата на доброто и злото во сите нас, каде што токму поезијата на брегот од вас ќе ја извлече ја таа златна нишка и белата страна на медалот.

* Кои се ваши следни планови со Здружението “Феникс”?

-Што се однесува до идните планови, искрено не планирам ништо. Во минатото правев грешки кога се надевав на проекти. Кога однапред имав модели, тие не правеа вистински мозаици. Спонтаноста ги везе вистинските гоблени. Си реков себе си дека нема да правам планови. Средбите се случуваат, а ако е предодредено, Создателот ќе го среди затоа што тој е единствениот кој може да ги нацрта патиштата и картата на судбината.

Валентина Ѓоргиевска Парго

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.