ГОРДАНА САРИЌ, БОЖЕСТВЕНА СВЕТСКА ПОЕТЕСА: Мојот живот е толку богат со љубов и полн со настани, што јас не можам да се стигнам себе си!

101
Таа е еден вид современа кралица на светот на поезијата. Божествена дама и универзална уметница. Некои од овие епитети ги има добиено и како официјално светски титули и награди.
Се вика Гордана Сариќ, живее во Никшиќ, Црна Гора, но таа е толку позната и како нас што низ насмевка ни раскажува една анегдотата кога таксист од автобуска станица во Скопје до хотелот направил голем круг и ѝ побарал поголема сума на пари дури колку авионски билет, таа му забележала дека не е во ред таквата постапка, и кога влегла во хотелот за да ѝ се претстави на сопственичката и да ѝ раскаже што ѝ се случило, сопственичката со насмевка само ѝ рекла дека знае за кого станува збор и дека ѝ е мило што е нивна гостинка, која секогаш со задоволство ја очекуваат.
Често доаѓа во Македонија затоа што и тука добива награди на поетски манифестации.
Но овој пат ја среќаваме во Нишвил 2024, на сцената Jazz& Book’s session, каде имаше бомбастичен настап проследен со бурни аплаузи.
* Драга Гордана, од каде да го почнеме ова интервју? За Вас има многу работи да се кажат, и сите со речиси иста значајност.
-Можеби е најдобро од мојата архива. Јас не сум лажно скромна туку реална иако мојата ќерка знае да каже “На мојата мајка скромност ѝ е доблест”(се смее). Но тоа е така, а тоа што ми се случува, е факт. Јас сум личност која има толку многу во својата биографија, што навистина не знам ни јас од каде да почнеме. Еве најдобро би било од националното списание на Националната библиотека на Цетиње. Кога до пред 3- 4 години јас таму во архива имав 1050 единици- поезија, новинарски објави, рецензии, сѐ на купче, главниот уредник заклучил дека не може мене да ме стават затоа што тогаш списанието ќе биде само за мене. “Тоа ќе  биде книга”, рекол. Но одлучиле да ме објават во два дела, па така во два дела излезе библиографско списание посветено на мене. Во тоа списание ги објавуваат библиографиите на големите луѓе. А замислете, до пред четири години само јас имав 1050 единици, сега се 1500. Ете, толку сум позната кај нас… А нема телевизија во која не сум гостувала. Неодамна гостував во  познатата емисија “Пет поподне” која директно се пренесуваше од  Будва и каде зборував за моите поетски активности. Имам прекрасен однос и со медиуми. Со сите. И со печатени и со електронски, односно телевизиски. Толку е мојот живот богат, што јас едноставно, не можам да се стигнам самата себе си.
*Сакав да ве прашам- како наоѓате време за сѐ -1050 единици до пред неколку години…Голема бројка.
– Сега се преку 1500. Значи ќе повторам, тоа го има во списанието во издание на Национална библиотека на Цетиње. Библиографката, госпоѓа Лидија Калуѓеровиќ сама дојде кај мене и ми предложи да ги објават моите расположливи материјали, потоа јас ѝ донесов уште материјали. Инаку, јас сум професор за француски и латински. На децата им предавав неконвенционални, знам и да им запеам. Тие ќе се насмеа, но ќе ги научат песните. И, постојано објавувам моја литература. Значи пишувам рецензии за книги, отворам изложби за слики, организирам книжевни вечери. Патем јас сум личност која ја добила најголемата награда на мојот град- Награда на ослободување на градот 18. Септември, за најголем придонес на културата на Никшиќ. Таму организирам разни приредби, разни средби. Особено за деца. Со години правев вечери на млади таленти каде ги поканував деца кои добиле светски и меѓународни награди од сите видови на уметност- танц литература, пеење, сѐ.
*Во Никшиќ сте позната и како прва спикерка.
– Да. Прва спикерка сум на Радио Никшиќ и еве сега славиме 50 години оттогаш. Не можам да верувам дека поминаа 50 години. Имаше и специјална телевизиска емисија за тоа, во која секако се најдов и јас.
*Големи работи Ви се случувале.
– Можете сами да заклучите, јас животот го посветив само на култура, уметност и на  хуманизам. Ја имам и најголема награда на Црна Гора за хуманизам која се нарекува награда “Искра”, за општо добро. Ми ја врачи директорката за Културен центар која сега конкурира за генерален директор на РТЦГ и јас ѝ дадов поддршка. Ја добив оваа година во јануари, во театарот на Цетиње. Напишав и песна за добродетелството. Еден мој пријател тогаш рече “Сариќ го запали театарот!”. Ох, колку јас имав аплауз и колку е добра таа песна, и тоа за општо добро. А пред некоја година добив прва награда на Црна гора за волонтер на годината. По тој повод бев во Подгорица, во собранието на Црна гора и тогаш претседателот на собрание Ранко Кривокапиќ ми ја додели награда. Тоа е најголема награда за хуманизам и филантропија, “Искра”. Сѐ правам бесплатно затоа ја добив наградата, не ја добив наградата затоа што давав пари. Тие што даваат пари, тие добиваат награда за општествена одговорност, но јас сѐ работам од срце, од душа, им помагам на луѓето, сѐ правам хуманитарно.
* За што најчесто пишувате?
– Што се однесува до книжевноста, пишувам само за љубов и мир. Ги спојувам луѓето преку стихови. Јас се залагам за соединување на луѓето, односно за почитување на верите. Биди тоа што си. Така велат. Еден е  Бог, како и да го нарекува некој, створи срцето да љуби, да сака и со другите срца да се спојува. Не е важно на кое божество се молиш. Биди ти тоа што си. Но немој ти да мавташ “Јас сум тој и тој”, затоа што од таму доаѓаат поделбите. Се залагам за единство и почитување на сите вери и народи, дека сме сите еднакви. Само карактерот каков е твој, тоа ја прави разликата. Може да бидеш човек со лош карактер или со добар карактер, но сите сме луѓе и затоа се залагам за еднаквост.
*Имате доста титули за мир.
– Од Белгија имам две награди. Бев три пати по ред во Брисел во Европски парламент каде имавме предавања и на форумот за мир и за културна соработка меѓу европските и арапските земји. За мир преку поезија зборував уште кога ја добив титулата  Амбасадорка на Мирот, а подоцна и Принцеза на Мирот. Понатаму, јас сум Амбасадор на мир во Мароко и од таму имам награда за мир и хуманист. Потоа од Мексико имам добиено повеќе награди. Затоа што таму постои друштво кое се вика “Мил ментес пор  Мехико”- Илјада умови за Мексико на чело со професор доктор Жанет Еурека Тибурцио,  декан на архитектонскиот факултет, академик на неколку од тие латиноамерикански земји и поради моите активности затоа што тие гледаат што работам јас, ме избра за претседателка на тоа друштво за Црна Гора. Потоа во Перу награда ми додели Карлос Хуго Гелидо Чален, кандидат за Нобелова награда веќе две години. Тоа е најголемото друштво на светот на Латиноамерикански држави, а јас сум претседателка на тоа друштво за Црна Гора. И од нив ги имам најголемите награди што тие ги доделуваат. Сега добив Платинест орел. Имам и Златен Орел, имам Сребрен Штит и многу други награди.
*Како стигнавте до Мексико?
-Преку соработката со Шпанија. Ана Леон, една голема голема писателка,  организатор и професорка, таа прва ме поврза со латиноамериканците, па потоа во Куба станав координатор на пријателството на Куба и Црна Гора. А во март оваа година бевме во сенатот во Мај во Пезара каде добив награда.
*Во неофицијален муабети ми рековте Рим е следна дестинација.
-Е сега зборуваме за Рим, што ми е најбитно. Јас веќе пет години одам во Рим, го знам тој град ко свој. Таму постои друштво Вербум Ланди арт на чело со писателката Реџина Реста. Колку е тоа друштво моќно? Во Италија тие ја имаат поддршката на Владата на Италија. Но не е тоа некое друштво онака, колку да се рече. Тие неодамна добија Златен медал од претседателот на Италија. И сега можеш да замислиш колку е тоа друштво моќно, така што ние во месец март го посетивме италијанскиот Сенат, каде што влеговме под бројна полиција на Сенатот за да ни се доделат наградите. Затоа што нѐ имаше од цел свет, затоа што тоа е огромно и респектирано друштво. Не само на поети, туку и на научници, доктори на науки, ликовни уметници. Тоа е големо друштво. И јас тука добив награда Дивинаменте Дона- Божествена Жена и Ечеленца феминале, женска извонредност, за награда за придонес на културата на светот. Јас таму зборував, ме најавија како “Контесата од Монте Негро Гордана Сариќ”, инаку сум грофица по моето семејно потекло од Унгарија. Добро се снаоѓам затоа што освен француски и латински, го изучувам и веќе разбирам и италијанскиот и шпанскиот јазик. Шпански научив преку зумови. Дури и со нобеловецот Чабидо разговараме на зум, а тој вели дека зборувам одлично.
*Во Италија сте доживеале почести какви што ретко се добиваат.
– Јас сум Амбасадор на човечки права, Катена Дона, реков таа награда ја примив во Пезара во мај, наречена Буон есемпио- добар пример. Добив прва награда за есеј и за уметност. Е сега мене таму ми рекоа- “Гордана ајде сега и ти нешто оранизирај во Црна Гора како член на нашето друштвото”. А бидејќи сум и член на друштвото на писатели на Црна Гора и член на друштвото за писатели за деца на Црна Гора и член на Здружението на писатели на Србија, ми дадоа таква обврска. Но, тоа ќе биде вака – прво треба да одиме во Милано на два дена, каде ќе се одржи приредба, но јас нема да одам, така одлучив малку ми е набиена агендата, а потоа сите тие ќе дојдат во Подгорица. Добро ќе го организирам, бидејќи имам искуство. Сѐ организирав досега во центарот во Подгорица,  направив и  Вечер на црногорско- италијанска културна соработка. Потоа, на тој настан ќе дојде претставничка која е член на Италијанскиот парламент. И добро ми рече Реџина кога добивав награди во Пезара, вели: “Гордана Сариќ толку зборува за нас во Црна Гора што сме попознати во Црна Гора отколку во Италија”. Кога организирав средба јас донесов познати црногорски пејачи, поети, па имавме и модна ревија. На таа модна ревија го носев истиот фустан како и на Нишвил, напред тоа на модна ревија “Познати жени на Црна Гора”.
*Кој е креаторот?
– Го креираше личност која креира фустани за принцезата од Монако, Ана Ковачевиќ од нашата земја. Но таа живееше во Африка 20 години и има свој бренд. Ми го подари овој уникатен и впечатлив фустан со наметка до земја, со материјал од тул, а една Новинарката официјално ми рече: “Гоцо, на модната ревија бевте најзабележана!”
*Тоа ви е имиџ белиот фустан?
-Имиџ. Па мене ме нарекуваат дамата во бело и белиот ангел. Тоа симболизира мир. Добив и златен медал за мир на фестивал во Бар, се вика “Голуб мира” и сега ме покануваат во Врњачка бања на фестивал за мирољубива поезија.
*Избрана сте и меѓу 50 незаборавни жени на Европа и Мексико.
– Јас сум избрана меѓу 50 незаборавни жени од Европа и од Мексико. Натпреварот се организираше во Мексико. Од Европа бевме јас една Гркинка, една госпоѓа од Германија и една од Прага. Тоа е од светот. Ги следат сите наши активности и им се допаѓаат …
*Доаѓате и во Македонија?
-Кај Гордана Такец сите награди што постојат ги имам добиено, од “Фондација Такец”.
*Кога почнавтев да пишувате?
-Во средно училиште. Досега имам објавено 25 книги, љубовни детски поезија и проза. Сите мои 30 песни се учат во второ одделение за основно училиште, тие се за сите букви по една песн.
*А како ги памтите? На Нишвил кажавте една Ваша песна која беспрекорно ја изрецитиравте на памет.
-“Џиги Миги”, децата ја обожаваат таа песна.
*Ајде да се вратиме на Вашите поетски турнеи!
– Има уште многу работи за споменување. Бев на светски конгрес на писатели во Будимпешта, потоа бев поканета во Еквадор но не можев да одам, бев на поетско крстарење од Рим до Грција. Претседателката на поетесите на светот и генералниот секретар сега ме покануваат на нов конгрес во Индија но јас не можам да патувам толку далеку, Индија ми е далеку. Во Индија тој е најголемото литературно друштво кое брои 17.000 членови. Јас сум тука во семејството од администратори, амбасадор на култура. Багират Чодари е претседател на ова глобално друштво за хуманисти.
*Бевте номинирана за Нобелова награда?
-Не. Не сум јас за тоа.
*Како ве прифаќа околината?
-Добро, одлично. На почеток ве доживуваат како некоја мегаѕвезда на која не може да ѝ се пријде. На почеток се подбиваа “Гордана и љубов?!”. Тие ја потценуваа љубовта и љубовна поезија. Но, сѐ се смени. Сега неодамна ми пријде една професорка од факултет, инаку драмски уметник, и вели: “На Гордана треба споменик да ѝ се крене на сред Никшиќ”. Знаеш што ми рече еден најпознат пејач од Црна Гора? Ние заедно бевме на телевизија во Будва во живо и тој вели: “А Гордана, пакога ќе се отвори фрижидер, ти излегуваш од внатре”. И два пати повтори во емисија. Јас реков- “Зар не е подобро вака насмеана ведра да те помнат отколку намрштена?”.
*Прочитав во “Вечерње новости” текст за Вас со наслов “Со шарм и со стихот го освоила светот” .
– Тоа е убав напис. Сѐ за мене. Моите патувања. Постојано патувам. Со автобуси, авиони, бродови…
*Вашите деца наследија нешто од Вас?

– Мојата ќерка е шаховски фиде мајстор, значи најдобра шахистка во Црна гора затоа што уште од свои 16 години беше првак и стигна до првак во сениори. Таа инаку е фармацевт, свири клавир, се занимава со разни убави уметности. Но таа е повлечена, едноставно не сака експонирање. Знае да се пошегува со мене, ви кажав дека ми вели “На мајка ми скромноста и е доблест” (се смее).  Синот е исто така шаховски фиде мајстор, земјоделски ижењер. Тој и натаму игра брзопотезни турнири. Ние порано доаѓавме во Скопје, Македонија, а посебно ми остана во сеќавање Крушево, каде имавме првенства во двојки од цела Југославија, во хотел Монтана. Потоа одевме и во Струга…

* Кој прв ги читаше Вашите стихови кога ќе ги напишевте?
-Е тоа право јас му го давав на мојот сопруг. Мојот сопруг беше доктор интернист на кардиолог. За жал го изгубив. И продолжив сама. Мојот сопруг и јас, односно нашиот брак, што да ви раскажувам. Ние бевме во бајковит брак, љубов која се најде и во весници. Јас имав среќен живот, а сега сум среќна со ќерката и со нејзиното прекрасно семејство, тие живеат во Белград, а сум среќна и со синот и неговото среќно семејство со кого живееме во голема куќа. Затоа сум вака ведра и насмеана. Јас им готвам кога сум дома, но кога патувам нека се снаоѓаат (се смее). Тие сите ме обожаваат, ја ширам љубовта и во домот и секаде каде одам… И ја опејувам. Уживам во тоа…
Валентина Ѓоргиевска Парго, уредничка во КулАрт

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.