ИГОР ЈЕЛЕН- MISTER AMAZING: Посетив 190 земји, светот е среќно место за живеење!

Граѓанин на светот. Полн со приказни кои нема да ги слушнете на друго место. Човек кој треба да се доживее. Само во тој случај ќе можете вистински да го доловите неговиот шарм и ведрина, со кои пленува, и посебно неговата вљубеност во животот.

Слаткоречив. Внимателен. Постојано расположен, расположен за “меурчиња” односно шампањско, за да го слави убавото чувство кое според него е императив во секој момент, доброто друштво и креатор на прекрасни фини нешта.

Кореограф, уметнички директор на Танцувачки театар, уметник чии почетоци се сврзани со отслужувањето на воениот рок во ЈНА.

А својата Словенија ја претставува на автентичен начин, и од него ќе дознаете многу работи кои за таа убава земја ги нема ни на гугл. Со фин метод ќе ве убеди дека Словенија е секогаш фаворит на Евровизија, во најмала рака ќе ве внесе во големата сала да ја слушнете нивната изведба во живо, и иако немате време и постојано сте во трка со времето, нема да одолеете на таа негова покана.

*Која Ви е оваа Евровизија во Малме годинава?

-Шеста.

*Прв пат бевте како кореограф на “Сестре”. Во Талин во 2002 година.

-Аух тоа се 22 години, зар не? Да да.

*Бевте ли во Талин?

-Не. Затоа што имав толку многу, “лудачки” многу проекти во Словенија, за големи, големи пари, така што решив да останав.

*А како ја изработивте таа интересна кореографија?

– Па знаете што, јас сум човек кој нон-стоп патува. Поминав 190 земји. Секоја година имам повеќе од 50-тина take off и landing, живеам по авиони, и така што воопшто не ми беше тешко да ги направам трите нив царици, кралици и госпоѓи во прекрасни стујардеси. Затоа што, тоа го гледам постојано во авионите стујардеси, зар не? Пред тоа многу патував со Swiss- air и нашата Адрија, која сега за жал ја нема, и гледав стјуардеси повеќе од сѐ друго… Јас не прекинувам да патувам, од кога знам за себе, па исто и за време на ковидот бев во 43 земји. Минатата година во 32 земји. Годинава досега сум бил во 15, но ќе се ставам во некоја седма, осма брзина да тргнам и стигнам до некоја бројка од 30-тина.

*Кога ќе бидете во Австралија? Ви зедов интересна изјава и тоа беше емитувано на Радиото со водителот Симе Георгиевски.

-Австралија? Јас во Австралија бев приватно пред 12 години. Мелбурн, Сиднеј, Перт, Канбера и потоа отидов во Нов Зеланд. А Нов Зеланд не ми беше при срце толку колку што мислев. Поминав илјада и илјади километри со рента кар и се вратив повторно во Австралија, затоа што ми остана при срце, прекрасна е.

*Колку време останавте?

-Три недели.

*Рековте дека ги направите “Сестре” царици, кралици, дами и госпоѓи но вие секоја жена и секој човек умеете да ја направите крал само затоа што имате исклучително однесување, ги уважувате луѓето како да се тие некои навистина кралеви, па и така се чувствуваат во Ваше друштво.

-Да, да, да. Тоа ми е стилот. И затоа и имам одлични соработки со многу, многу уметници и оперски пејачи, естрада, а работев прекрасни фешн- шоуа кај нас и во странство. Работев и на модна недела во Швајцарија. Се сретнав и работев со Бен Афлек, Моника Белучи… Инаку да се вратам малку на почеток, беше година 1980 во бивша Југославија. Бев во основно училиште и направив мала танчарска група и потоа доаѓа средно училиште … Кога имав 14, 15, 16 години правев некои сега би рекле отворени кореографии, а за тоа време во Југославија беа малку шокантни и скандалозни. Така и потоа на гостувањата низ цела Југославија имавме и бодигарди и понекогаш забранети претстави пред 10 навечер. Кога имав 18- 19 година завршив средно училиште и го оформив мојот танцувачки театар, тоа е сега куќа на уметност Културно уметничко друштво “Иген”, и нема врска со Унгарците, каде зборот “иген” значи супер, зашто кога имав 13-14 години и не ни знаев за тоа. Иген затоа што сум Игор Јелен – првиот слог од името и последниот од презимето е Иген. Кога имав 19 години, по средното училиште, мене од Белград ме избра да одам еден месец на гостување на светски фестивал на Куба. Тоа беше онаа вистинска Куба, каде не можевме да потрошиме ни сто долари за еден месец. По десет минути туш на ден, леб и вода, вистинска “Фидел Кастро Куба”… И среде таквиот начин на живот еден месец, меѓу групите од 50-те земји кои беа на тој светски фестивал, мојата кореографија беше толку посебна што се нарекуваше “Побегнимо в светлејшо приходност” (Да одиме во посветла иднина), како Словенија според моите визии би излегла од Југославија, доста порано. Пет години пред да излеземе.

*Значи таа кореографија Во донесе пресврт а патем имаше и скриена симболика.

-Таа кореографија отиде во 27 земји, почна во Куба, па продолжи понатаму во земјите на Советскиот Сојуз, Романија, Бугарија, Чехословачка, Кореа, тоа сѐ поминавме… Да се вратам во Куба меѓу сите тие 50 земји единствено само мојата кореографија ја избраа за промоција пред Фидел Кастро. Имаше голем државен празник, во јули 1987 година и јас и моите танчари ја одигравме претставата. Иако бевме млади, јас имав 19 години, а танчарите беа малку помали од мене, јас сам ги водев нив преку Белград, каде на другарот Тито, на Маршалот Тито му носевме цвеќе на гробот при секое гостување, зашто не можевме да летаме со Луфханза и други, туку со ЈАТ, и така одевме до Белград, па на гробот и од таму потоа летавме за Кореја, Америка, Советски Сојуз, Москва, Ленинград, Крим по месец дена на фестивали, затоа што тоа беа пријателски земји со Југославија. И, нѐ препорачала југословенската амбасада на Куба во Хавана, од каде ние еден месец не можевме да се јавиме дома и тоа беше страшно. Кога се вративме нѐ повикаа: овој некој луд млад Словенец толку нѐ одушеви, што ви сугерираме дајте му некоја награда, некое признание во вашата земја! И поради тоа потоа нѐ праќаа уште многу пати на пат со таа иста кореографија … Така, на мои 19 години јас се враќам дома во август и во септември примам статус уметник на државата, иако е невозможно и нема шанси таа титула да се добие пред 25 години. Не знам дали било кој ја примил на тие години. И јас примам статус уметник во Република Словенија од Културен оддел во Белград и од тогаш го имам тој статус. На секои три до пет години треба да дадам рецензии, критики, затоа што сѐ уште зборуваме за уметноста. И твориме, и креираме. Така ја создадов Куќата на уметноста Иген во Цеље. Отворете на igen.si и ќе ги погледнете сите земји каде поминавме. 111 светски места, во 43 земји. Речиси сите континенти. Имавме гостување од Париз, до премиера во Њујорк… 44 години постои куќата. Во таа куќа имаш образование за балет, за современ, за модерен, секоја година шест или повеќе педагози работаат со нас од други земји и од Словенија. Јас сум основач и сега и артистички директор на тоа училиште, но колку години имам тоа е top secret затоа, тоа ни на гугл го нема, има само дека сум роден на 21 јули ха ха. Сега да се вратам зошто толку патувам…

*Да, токму сакав тоа да Ве прашам, не за возраста, за мотивот за патувањата.

-Затоа што се родив на патување. Мојот татко и мојата мајка сакале патувања, за тоа време, ајде да кажеме пред пола век и малку повеќе од тоа, веќе било фамозно да одиш некаде. Во мојот град Цеље имало пет или седум автомобили. И знаеш какви се тоа времиња. И тато и мама тргнале на брачно патување, всушност и не отишле, а требало да одат од Риека до Дубровник. А тоа е како денес да одиш до Бора Бора. А бидејќи биле многу лоши патиштата татко ми го имал оној мал Фијат кој потскокнувал, и на мајка ми и потекла водата во водењакот, во седмиот месец од бременоста. Во Цеље не сме имале инкубатор, во Љубљана имало еден, а јас сум завршил во Риечката болница, зошто во Риека требало да се качат на брод и да остварат брачно патување. Така се родив таму и потоа останувам во Хрватска два месеци во инкубатор. И така почнав да патувам пред да дојдам на овој свет, кога имав седум месеци. И затоа ми велат- “Тоа ти е предзнак дека треба да патувам постојано!”.

 

*”Иген” патувал во 43 земји, нешто што е фасцинантно, но кој е најголемиот успех?

-Како што реков мојот танцувачки театар беше во повеќе 43 земји, а имаме и детска продукција која можам да ја наречам мојот најголем успех, затоа што имаме танцувачка абецеда. Јани Голоб големиот композитор од Словенија, заедно со децата, со пејачи и глумци направи 25 сонгови од а до ж, и зошто тоа го велам оваа- со моја продукција бевме на патување од Канада цела Европа, работевме и филм со словенечка телевизија и тоа сакам да споменам најважно, остваривме 550 репризи. Не сме ние Њујорк, не сме ние Бродвеј, дури и за Југославија тоа е многу, а ете се случи во Словенија. А ако во театрите имаат сто репризи тоа е таков бум во Словенија како во Америка 15.000 репризи на Бродвеј. А ние замисли 550. “Танцувачка абецеда” е претстава мјузикл.  Од осумдесеттите до годината на милениумот, 2000-та, работев само арт продукција. Во следниот период бев надворешен педагог во градинките и ја предава оваа танцувачка абецеда пред седум илјади деца. Десет години. Секој ден во градинките како уметник во гости. Па работев во Трст, Целовец, секаде низ  нашата словенска земја. На веб сајтот под евент се стои бројка од  300 до 500 настани кои јас ги направив. На пример најголемиот ми беше со Бен Афлек, многу работев со него.

*Навистина тоа е реткост. 

– Многу награди и приеми кај претседатели, десет пати бев кај кралот на Мароко, работев продукција за Турска телевизија повеќе од 15 пати. “Радост на Европа* повеќе од 14 пати. Работев во палатата на Ердоган многу пати . Сета моја работа беше на светски сцени. А од пред 24 години правам настани. Отворете го мојот сајт www.igen.si ќе видите што сѐ работев.

*Освен што одите на Евровизија, одите и на концерти на Мадона.

-Да, затоа што таа мене ми е исто кралица, дива, не толку како пејачка, колку како перформер- уметник, погледнете ја нејзината видео продукција, нејзината драматургија на приказната. Бев осум пати на нејзини шоу во 25 година. Два пати во Париз, два пати во Барцелона, еднаш во Лисабон еднаш на последното шоу во Берлин, еднаш во Тел Авив и еднаш во Виена. Така што, нејзината приказна, секогаш ме фасцинира. Во последните две години бев во 109 земји и си направив точен тајминг да ја фатам повторно Мадона во Европа. Во мај, за време на Евровизијата имаше концерт во Рио де Жанеиро. Пишуваше, јас тоа не можам да верувам, дека имало публика еден милион и половина. Зарем беа цел Рио и цела Латинска Америка за да има милион и пол гледачи? Ајде да речеме 100.000 тоа е некој максимум, но…

*Но може и повеќе.

-Знам дека може. Бев на Копакабана и пливав таму, зошто бев еднаш на патување низ Аргентина, Перу, Чиле, Бразилија, Боливија, Парагвај, Венецуела Колумбија, Игвасу и ткн да тоа е долга плажа, но сепак милион и пол посетители, тоа е речиси колку цела Словенија.

 

*Кажете ми во Македонија дали сте биле?

-Многу многу пати и во војска. Во Прилеп. Само десет месеци затоа што бев последната словенска генерација. Ние “Јанезите” после веќе се отцепивме. Ми дадоа можност да изберам Љубљана, Белград или Македонија во Прилеп. И јас ја избрав Македонија затоа што се добри луѓе, во Словенија не знам дали тоа смеам да го кажам сега, речиси сите старешени беа Срби. Па и нив ги сакам, но тогаш во ЈНА ако го читаше словенскиот весникот “Младинец” си одел 15 дена во затвор, ако зборуваше словенечки 15 дена во затвор. Поради тоа ја избрав Македонија и добив титула примерен војник, златен војник и така што шеесет дена помалку наместо 360 дена. Таму ја запознав групата “Мизар”, исто мојот пријател Владимир Каевски беше со мене во војска и кога завршив отслужување десет месеци мене ме пуштија а неговиот татко рече: ти ќе бидеш кај нас во Скопје, можеш два месеци затоа што ти заврши два месеци порано, но ајде словенец поседи барем три дена кај нас, да одиш на концерти на забави, затоа што беше толку добар другар на Владимир Каевски. А групата “Мизар” ми направија авторска музика за претставата “Соба 366”. А зошто соба 366? Соба е посвета за  југословенската армија а мојата година имаше 366 дена а во војска се вели колку имаш до крај-  седум еден, колку имаш ти- три шест шест,  колку имаш ти- два нула нула, и затоа ја направив претставата “Соба три шест шест” а “Мизар” направи целовечерна  авторска музика за ова претставата и претставата одеше во некои 11 земји и доби европски награди. Но, кога беше војната требаше да прекинеме. Оваа претстава е заминување на едното парче од таа торта со шест колачи, заминувањето на Словенија од Југославија.

 

*Хелена Благне е ваша дива а исто и наша дива која во тој период победи на Макфест 86. Вие сте многу добри пријатели. 

-Многу многу многу се сакаме. Воедно и со нејзиниот син Кристиан кој сега стана и магистер.

*Ја знаете онаа песна која победи кај нас “Кога те нема”?

-Знам, затоа што Ти ми ја пееше кога бевме во Лисабон или во Израел (Израел н.з.). Ти ја испеа и ѝ го пративме видеото на Хелена. И за Хелена сработив одлични царски настани, ја направив сосема друга Хелена. Да луѓето рекоа тоа не е таа. Обично се тоа настани на кои секогаш пее опера.

Од Вас постојано слушам еден прекрасен слоган кој вели “Everything is just amazing” и затоа го имате епитетот Mister Amazing.

-La vita e bella, bellisima.

*Вашиот животел стил е апсолутно елегантен и со уживање. 

-Се будам во 10.10 часот и потоа доаѓаат на ред шампањ, меурчиња и кафе. Секој ден. Сакам вино, убави локации, уметност, музеи, класична музика и опера. И затоа кога има некој светски или европски фестивал на класична музика јас одам, на пример на Александер Екман претстава во Стокхолм и знам на тоа да потрошам две илјада евра само за да ја видам неговата претстава и се враќам. Или пијанистот Ланг Ланг, шест пати сум бил на концерти на Ана Нетребко, три пати на Доминго, на Карерас неколку пати, дури бев и на трите тенори, Павароти Доминго Карерас кога имаа само шест концерти Австралија Париз, Лос Анџелес, Виена, Токио ….

 

*Значи вие имате многу, многу пари кои ги трошите на свое задоволство, бидејќи и многу работите и заработувате.

-Да. Имам куќичка веќе 12 години и тоа е доволно, а останатото само за леб и живот.

*Вашата куќа е делукс и директно влегува во море.

-Речиси. Прекрасна е куќичката. Стара градска приморска архитектура.

*Имате пријатели секој ден?

-Не јас во мојата куќа многу малку луѓе примам. Други и нема ѕвонче да ѕвониш. Сѐ е на код. Јас ако видам кој е, не се огласувам на мобилен. да не може да ѕвони. Ме нема.

*Но излегувате секој ден.

-Понекогаш многу малку сум дома. Јас, ако во текот на цела година сум само два месеци во тоа мало гратче Пиран кое е официјално како мала Венеција и кога сум дома, одам до Трст во Италија , 15 минути ми е оддалеченост,  одам на кампари шприц или кафе во Италија. Дури и кога сум дома, јас морам некаде сепак да одам…

*Дали пробавте македонско вино, и тоа е исто познато. 

-Многупати.

*Ви се допаѓа?

-Да. Ми е фино затоа што е малку слатко, не е ко од Јужна Африка, а сепак е и доста евтино. Преевтино е, за толку квалитетно вино. Затоа што кај нас може да го купиме во сите меркатори на полицата со многу други различни вина од цел свет и дури од Македонија, и дури многу многу разновидни ваши вина.

*Уште малку да позборуваме за Евровизија. Вие сте сега шести пат овде и секогаш сте во некоја варијанта да ја промовирате својата земја затоа што луѓето овде ве познаваат, многу ве сакаат и ве знаат и сте како еден бренд.

-Да, доаѓам за да направам убава промоција.

*Тоа го правите на елегантен и ненаметлив начин, достоинствено ни го свртувате внимание кон вашиот пејач.

-Тоа е тоа. Да, сосема поинаков отколку некои кои се за варијатна- ајде гласај, гласај. Ако сакаш можеш да си гласаш. Ако не, само погледај.

*Кои се Вашите топ Евровизии?

– Јас бев во Париз 110 пати. Париз го сакам најмногу на свет, во Њујорк 40, Барселона 50, а во мојот Израел само десет пати. Еднаш од тие пати бев на Евровизија. За жал од пред една година и сега многу пријатели имаат неубави зборови, но јас сѐ уште ги сакам моите пријатели од Израел и јас сѐ уште не да политизирам, нема никого да бранам но сепак Израел знаеш дека имаат Шабат секој петок навечер до сабота навечер, кога ништо не работи дури ни возови ни автобуси. Таму многу е прекрасно во секој момент. Всушност бевме заедно на Евровизијата и во Израел и знаеш колку беше прекрасно и во Тел Авив, но и во Ерусалим кога бевме, со нашиот извонреден пријател Даниел.. И уште да кажам за мене топ три за организација на Евровизија се Тел Авив, Лисабон и Ротердам. Тоа се три топ организации.

*Со кои пејачи сте биле од Словенија во делегација.

-Претежно одам самостојно не како делегација, но ги поддржувам, од Тинкара Ковач, до Леа Сирг, до дуетот во Израел – Зала Краљ & Гашпер Шантл и сега Сара (Раивен). Јас добивам акредитација врз база на моето педигре и помагам во промоција. Имам половина милион следачи на социјалните мрежи.

 

*Ајде да го продолжиме разговорот во Скопје.

– Да, да, да затоа што сега, срце, злато мое, од Љубљана оди директна линија и тоа со пристапни авионски билети од 50 евра па ќе дојдам на добра храна и на винце, и да ги поздравам моите драги пријатели од опера балет, но  и Игор Киров, голем пријател ми е. Сега тој работи со мојата балерина. Јас во својот танцувачки театар имам две балерини веќе 41 година. Имаа четири години кога дојдоа во моето училиште- Мојца Мајцен сега паузира зошто доби прво дете, а Ева Јанковиќ има веќе две деца, и тие двете се со остварени кариери. За неколку дена со Ева одиме во Кувајт и Абу Даби.

*После толку патувања, Вашиот заклучокот е: Дали е светот убав или можеме да го направиме уште поубав?

-Многу е убав, и треба да го направиме уште поубав. Жал ми е што последните 20 години толку лошо направивме со екологија, ако би имал некоја моќ би забранил пластика. Да ја оставиме политиката и војните во светот. Тоа било отсекогаш. Не би зборувал повеќе ни за за Израел, затоа што многу пријатели кои ја сакаат Евровизија не дојдоа во Малме поради тоа,  дури и Марлена од “Сестре”, затоа што таа беше против тоа што РТЛ Словенија не беше против Израел да пее на оваа Евровизија. РТЛ Словенија дадоа одобрение за Израел да може да пее. Некои луѓе навистина толку замерија на оваа војна на Израел што тоа е неверојатно, но јас сѐ уште велам, едно е политика, можеби е тука во прашање само кој со кого, а и во прашање се пари на Америка за навооружување, поради тоа доларот така и порасна. Сѐ зависи што ќе биде сега кога ќе има избори во Америка и кој ќе победи. Јас сѐ уште велам, луѓе мои златни, Израел беше нападнат и се брани, а помислете што и на нив им се случи пред 80 години наназад. Знаеме за што зборувам. Колку од нив во Австрија и Германија настрадаа …

*Благодарам да го продолжиме разговорот во Македонија.

-Те сакам, те сакам, те сакам и тебе и Македонија срце, злато, и ајде да патуваме и натаму секаде низ светот.

*Прифатено Mister Amazing. Благодарам многу!

 

Валентина Ѓоргиевска Парго

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.