(Гевгелија 20, јануари 2024 година)
Tрнливо и забавно, вака со два збора си го опишува својот досегашен музички пат, а за одлуката да студираш „џез музика“ во Македонија, или треба да е некоја голема љубов, или лудост. Затоа пак, лесно му се отвориле портите на Хамбург: “Се пријавив на аудиција, отидов, свирев и бев примен. Ѝм се допадна мојата музика” ќе рече младиот Филип Динев, име кое треба да се запомни од прва. Верувајте ми!
*Филип, денеска пошироката јавност на големи ѕвона, би рекла повторно Ве запознава, преку онлајн албум кој имаме можност да го слушнеме. Каков е овој ден за Вас, носи ли возбуда самиот факт што џез светот денес се среќава со Вашето ново остварување и запознава и препознава музичар на кој навистина може да смета.
– Финалното дело, во овој случај музички албум, одбележува некој период од животот на уметникот. Така и со „Romann“– среќен сум да споделам музика која сум ја компонирал и свирел на разни места во светот изминативе неколку години, како Хамбург, Талин, Париз, Будимпешта, Скопје, Гевгелија… Се радувам, а по малку и ме загрижува што носи иднината. Истовремено, чувствувам дека морам да ја затворам оваа врата, за да отворам нова, да почнам од почеток. И сѐ така, се надевам.
*Кога е создаван албумот, секако неодминливо е и прашањето што беше главна инспирација? За да се нурне во џез длабочините секогаш има потреба да се пронајде некој нов скриен бисер, некоја вистина која опива, и некое спокојство кое облагородува.
-Секоја композиција си има своја приказна, или барем мене ме потсеќа на некој период од мојот живот, или на некого. За тоа како и од каде доаѓа инспирацијата- можеби Креаторот знае, јас се апстрахирам од прецизен одговор. Но, дефинитивно, ако нема секојдневни случувања, ако животот не тече, ако нема социјална интеракција, заплети и расплети- нема ни инспирација. Или има? Како и да е- пријатно е чувството кога инспирацијата тропа на врата, а ти се обидуваш да ја задржиш што подолго. Во превод- повторуваш некоја музичка секвенца како луд и се обидуваш да се задржиш „in the zone“. Е, кога ќе си отиде, мисли му ја.
*Која тема ја издвојувате како посебно носечка и важна за Вас, од која сте сосема задоволен и Ви направи максимално уживање во финалното преслушување?
-Композиторски-„Morgеanland“. Таму се слушаат балкански примеси и сѐ се одвива многу органски, што е релативно тешко да се изведе со било кој состав. Овој албум е своевидна инверзија на претходниот- „Szvetlo“. Тука темпата се побрзи, звукот е по р’ѓав, има поголема доза на непослушност, но и поголема композиторска зрелост би кажал.
*Кој сѐ учествуваше во создавањето на албумот?
-Тилман Обербек (Richie Beirach, Chris Cheek, Jorge Rossy)- контрабас, Јан Цајмец- тапан, перкусии и јас стојам како бендлидер, композитор и продуцент. Каверот на албумот е фотографија на Ване Костуранов, голема благодарност за неговата помош. Интересно е што ова е и повторна соработка со мојот драг пријател, видеограф, тонец, фотограф и „бест гај он д` Јуниверс“, Ѓорги Вацев. Снимено е во MUT! Theater, во Хамбург, во една ноќ. И на нив не ѝм беше јасно како може да се сними албум во една ноќ, ама со добра волја, претходно многу отсвирени концерти и лесна храна, суши, може.
* Уф, баш ме наежи оваа информација. Една ноќ. Но, сепак не е една. Вашиот бекграундот не е ни мал. Имате и богата дискографија досега, соработки и учество во бендови. Ви препуштам на Вас сам да позборувајте повеќе и за тоа…
-Лични албуми имам два, „Szvetlo“ и „Romann“. И двата се достапни за слушање, гледање, нарачка. Сум свирел во најразлични формати- од соло концерти до биг бенд состави. Како бендлидер- Szvetlo, Romann, Organ Treeo. Останати: Birdland Big Band Hamburg; HfMT Hamburg Big Band; LFZE Big Band, Budapest; Quarter Nuages (Django Reinhardt трибјут), и многу други…
*Џезот веќе кај нас ја преплави сцената, би рекла тивко и неосетно, но станува препознатлив уметнички жанр кон кој сѐ повеќе се приклучуваат и публика и младите автори и изведувачи. Голема заслуга за тоа има ЗЏМ и нивните концерти и албуми и заложби последниве години. Вие сте фриленсер но дали членувате и соработувате со нив?
-Да, би се согласил- има сѐ повеќе музичари кои се привлечени од оваа широка категорија на музика- позната како џез. Се поставува прашањето- Дали џезот е поактуелен сега од порано? – И да, и не. Она што обединува во овој жанр е сопствениот израз, сегашниот момент, иновативноста, слободата и рушењето на стилските бариери. Националниот Џез Оркестар (екс ЗЏМ), заедно со двата факултета за музичка уметност (Штип и Скопје) имаат голема заслуга за доближувањето на џез музиката до македонската публика. Моите почетоци се на штипската Музичка академија, а со членовите од ЗЏМ соработуваме редовно на одредени сајд- проекти. Последно го свиревме материјалот на Гоце Стевковски во Богданци. Тоа што генерално недостига кај нас е поголема финансиска поддршка и соработка со уметниците од овој сектор. Јас сум за комплетно нов закон и протокол за финансирање на проекти од културата– посебни сектори, однапред детерминиран буџет по проект, адекватна комисија и план за оддржлива култура. Има многу што да се каже на оваа тема…
*Има. Но, и одлични конструктивни идеи давате… Патем,кога ја спомнавте Музичката академија, во Вашето био е запишано дека освен што сте џез гитарист, Вие сте и композитор и наставник со меѓународна кариера. Преферирате заминување во странство или можеби се гледате и како дел од новиот оркестар?
-Во 2022 ги завршив магистерските студии на „Hochschule für Musik und Theater“ во Хамбург, отсек џез гитара/композиција и живеев, свирев во Хамбург, до пред некој месец. Сега засега сум во Македонија, а за во иднина не знам. Ако има услови и добра волја, можеби и ќе останам. Кај нас голем проблем се границите и тоа што не учествуваме во европската трговска размена. Ова предизвикува низа проблеми- логистички, технички и какви не за да можеш да свириш каде и да сакаш. Најверојатно има и начини за олеснување на околностите, ама за тоа треба и политичка волја.
*Чувствувате ли, сепак, дека сѐ повеќе се создава клима за успешно себе-реализирање на џезерите, еве ќе одбегнам да кажам за заработка за пристоен и добар живот.
-Не. За да се создаде нормална клима за современа уметност потребни е нова културна политика, нова дистрибуција на средства и нови канали за соработка. Не е само да се има пари, туку и како се алоцираат тие средства. За илустрација– јас аплицирав со проект (четири концерти и мастерклас на факултет), со интернационално гостување и бев одбиен (како и сите други кои не беа на список). Добив одговор на жалбата после шест месеци. Како ви звучи ова? Сум бил пет години присутен на европската сцена и знам кои се можностите на еден современ уметник. Да не се лажеме– никаде не е лесно, баш напротив- ѓаволски тешко е да се интегрираш во туѓ систем. Но, западно- европските држави, ќе се држам до нив како пример, имаат далеку подобра редистрибуција на средствата, подобра организација и далеку подобри услови, почнувајќи од факултетите, па сѐ до опременост во клубови, купување инструменти и еден куп ситни, но битни работи за „the working jazz musician“. Статусот „национална институија“ која ЗЏМ го доби е многу важен чекор за коригирање на системските недостатоци поврзани со современата музичка уметност и верувам дека сме на добар пат. Лобирање секаде постои, дури и во најбогатите држави- некој мора да “бутка” напред.
*Ако по логика на нештата тргнавме во разговоров со најактуелното, албумот, сега се враќаме хронолошки наназад и овој пат ние откриваме скриен бисер. Роден во Македонија 1995 година, самоук музичар кој понатаму, студирал на Факултетот за музичка уметност во Штип; Музичката академија Лист Ференц во Будимпешта и конечно заврши во Хамбург во 2019 година, каде што магистрирал на Универзитетот за музика и театар во Хамбург, пишува во Вашето CV. Како успеавте сево ова да го постигнете за толку кратко време. Сепак станува збор за една силна едукација…
-Па и не беше баш кратко патувањето. А беше и доста трнливо. И забавно. Да се одлучиш да студираш „џез музика“ во Македонија, или треба да е некоја голема љубов, или да си луд. Најдобро и двете. Искрено, ништо не очекував никаде. Се пријавив на аудиција во Хамбург, отидов, свирев и бев примен. Ѝм се допадна мојата музика. Генерално едукацијата е процес кој ќе трае цел живот, но факт е дека многу детали научив „на страна“, кои тука малку потешко е да ги разбере млад студент. Мислам дека најголма едукација беа луѓето околу мене, локалната сцена, свирењето во разни формации, со различни генерации…
*Со магистерски труд, кој го стекнавте надвор, сте оценет како гитарист кој го покажува својот длабок интерес за општиот закон на убавата музика и за систематското истражување на начините за тоа да се постигне на гитарата. Што значи тоа, преведено со јазик кој би го разбрал секој слушател?
-Генерално, зад феноменот „убава музика“ стои некоја техничко- естетска логика. За ваше разочарување- речиси сѐ може да се објасни. Мене од секогаш ме фасцинирале минималните движења кои прават голема разлика. На тоа се работи доживотно… Така, темата „контрапункт“ е нешто што ме привлекува одамна, па и магистерската теза ми е за тоа. Се надевам ќе го спакувам во форма достапна за сите. Од таа техничка логика произлегува и фактот дека музиката е една од најлесните ентитети да се репродуцира со помош на вештачка интелегенција. Барем кај онаа „композиторска“ музика која се движи генерално во грид. Едно време мислев дека е премногу комплексна материја, но технички е доста линеарна, се движи во време и има хоризонтална и вертикална логика (хармонија, мелодија). Така што, очекувајте и AI (Artificial Intelligence) џез, многу скоро. Ама џезерите се малку непредвидливи, така да ќе треба малку време дури ги разбере алгоритмот. Можеби ќе треба и да „буне пу една“, како што викаме на гевгелиски. Се шегувам.
*Од самостојни концерти до настапи на биг бенд, поп снимки, трибјут на Џанго, ќе речам Динев секогаш се обидува да се предизвика себеси и да испорача убава музика. Која Ви е долгорочната и крајна визија во џез музиката?
-Уф. Да можам да останам доследен самиот на себе. Да продолжам да го барам она што го барам, музички и генерално. Да свирам и напредувам. Да снимам бар уште неколку албуми со луѓе кои ги сакам. Балканот да стане здрава средина за модерниот професионален музичар.
*Вашиот плакар го красат и многу награди Награди: „Најдобар млад џез музичар“ за 2020 година, доделени од фестивалот Џез Фабрика во Битола.
-Таа награда ми беше доделена за деби-албумот „Szvetlo“, во 2021 година. Убаво беше да се посвири во Битола, пред наша публика и да се испочитува едно ново авентично издание од македонски автор. Во награди не верувам многу, иако признанија за добро завршена работа треба да има, со тоа што јас би вметнал и задолжителна материјална поддршка. Во моментов во Македонија имате две награди за „Најдобар млад џез музичар“ на годината, без материјална поддршка- нешто што во светот е непоимливо.
*Вие студиравте со големи гитаристи како Теему Виникаинен, Јухаш Габор, Атила Ласло, Тони Китановски, нашиот неодминлив маестро и други. Да очекуваме некоја соработка со некој од нив?
-Токму така. Сите овие луѓе, драги пријатели, оставиле траен белег врз моето музичко, техничко- естетско размислување. Од сѐ срце ѝм благодарам. Ми се “мота” некоја идеја за соработка, нормално. Како џез музичар, цело време ви се “мота” нешто во глава…
Линкови:
https://filipdinev.bandcamp.com/music
Валентина Ѓоргиевска Парго