М-Р ДИЛЕК РЕЏЕП, ПИЈАНИСТКА: На нашиот концерт и волшебната прошетка во вечниот Рим, како да бев во друг временски портал!

Едно неодамнешно необично и извонредно патување, полно со професионални и туристички задоволства, како да значеа заокружување на досегашните успеси и постигнувања во кариерата на професорката м-р Дилек Реџеп, а воедно отвори и ново поглавје.

*”Сите патишта водат во Рим”, старата добро позната парола, за Вас отвори една поинаква перспектива. Пред неколку месеци го остваривте своето патување во вечниот град. Тоа беше вашата прва средба со Рим? 

-Да тоа беше, на 23 септември минатата година. Имавме концерт со оперската пејачка Вероника Караколева на фестивалот за класична музика ,,Concerti del tempietto- Teatro Marcello- Music festival of nations”, на кој јас настапив како пијанист солист и плус нејзин уметнички соработник. И, да навистина за мене се отвори една поинаква перспектива во секој поглед. Тоа навистина е вечниот град кој дише со многу различна и поинаква енергија од балканскиве простори. Самата енергија, архитектурата и музичката уметност е како во некој временски портал каде минатото живее со сегашноста истовремено. И, кога настапуваме на таков концерт, инспирацијата е многу поголема од обично и публиката беше прекрасна, од сите раси и религиозни верувања во светот без никаква скриена помисла и предрасуди азијати, црни, бели, бидејќи и тоа е една прекрасна карактеристика на Светиот град Рим, кој е космополитски град и во него престојуваат луѓе од цел свет и нема оптовареност од расни, верски и политички предрасуди. Во секој случај неспоредливо барем во однос на уметноста и односот кон уметниците во однос на балканските простори и кај нас. Почитувањето на талентот и уживањето во музиката е на многу високо ниво и сепак тоа е Вечниот град Рим и преубавата Италија и мојата прва средба со него беше одушевувачка.

*Вашите патишта до Рим водеа преку пијаното. Како пијанистка, заедно со својата ученичка, одржавте концерт во свечена концертна сала. Како се случи овој концерт, нешто што секој уметница би го посакала.  

– Натспивме јас како пијанистка и таа како оперска пејачка. Инаку, порано ми беше ученичка во ДМБУЦ Илија Николовски Луј, во класата на педадогот и уметник професор Светлана Донковска, а сега е веќе дипломирана оперска пејачка. Се школуваше на универзитетот “Панчо Владигеров” во Софија Бугарија, а и во тоа време бев нејзин уметнички соработник и сме настапувале на многу заеднички концерти во комбинација јас како солист и плус нејзин уметнички соработник. Инаку и покрај моето солистичко настапување кое претходеше, бидејќи пред короната ја завршив мојата пијанистичка магистратура кај проф. Зоран Пехчевски на ФМУ на кој свирев дела од Шуберт- соната, Прокофјев свита и Бетовеновиот 5 концерт за пијано и оркестар оп73 во ЕС- дур наречен Emperor,  јас сакам и да настапувам и како уметнички соработник и не ја делам музиката на било кој начин исто како и уметниците дали е само солистичка или во комбинација, а бидејќи оперската музика многу ја сакам со Вероника, нејзиниот глас и репертоар навистина се најдовме и соработуваме без никаков напор. Откако Вероника заврши со обврските околу дипломирањето зачестивме со концерти низ С. Македонија. Инаку сме настапувале заедно во доста градови во нашата држава во Велес во големата сала на “Кочо Рацин” два концерти “Звукот на ехото” пред 2 години и еден претходен кога беше во Луј имавме исто целовечерен концерт кој траеше 2 часа каде во мојот рецитален дел изведов и кинеска музика за пиано и Шопен во комбинација од моето тогашно снимено ЦД исто и ова лето во Велес во Ликовниот салон одржавме прекрасен концерт во јули со Шопен и со примеси и на Џез освен ариите за драмски сопран на кој претходеше веке за покана во Рим. Исто претходно во јуни 2023 во Безистенот во Штип во еден исто прекрасен амбиент одржавме прекрасен концерт во кој исто во рециталниот дел ја изведов музиката на Мозарт една од неговите сонати за пијано и секако делот со ариите нејзини и џез композициите на Џорџ Гершвин. Да напоменам дека и во оваа турнеја имавме доста техничка поддршка од семејството на Вероника Караколева и јавно им заблагодарувам за подршката. Иако бевме одбиени од министерството за проекти надвор од нашата земја за финансирање на нашиот концерт организаторот и одборот негов не го тргна нашиот концерт и инсистираше да го одржиме гледајќи ги нашите досегашни постигнувања, заеднички настапи и биографиите посебно и за мене и за неа и преслушувањето на мојот youtube канал. Морам да признам дека бев пресреќна кога ја добивме поканата за концертот. И така ете се случи нашиот концерт на 23. септември минатата година. Бидејќи беше септември немавме прилика да настапиме на отворениот дел надвор пред театарот Марчело, но затоа имавме прилика да настапиме во салата Балдини која се користи доколку надворешните услови не дозволуваат (се чекаше дожд) која е една прекрасна внатрешност на катедрала и акустиката е волшебна. Секако и пијаното беше волшебно имаше таков прекрасен богат избор на звук што беше можно сите детали на свирењето да ги озвучи во секакви нијанси и споено со прекрасната акустика звучеше навистина волшебно.

*Кои дела ги оствиревте, имавте ли на репертоар нешто од италијански композитор? Колку време траеја подготовките?

-Подготовките траеа неколку месеци бидејќи и двете имавме доста свои обврски за завршување, затоа што беше крајот на училишната година со годишни концерти, рецитали, испити и секако од 1 јуни понатаму почна и нашата заедничка летна концертна сезона. Исто така и таа ги заврши обврските околу дипломирањето во музичката академија во Софија, во меѓувреме и на 24 јуни го остварив и проектот од Министерството за култура за во С. Македонија за кој бев носител насловен “Музиката на Моцарт” кој беше високо оценет и внесе една новина во изведувачкиот дел со аранжмани на познати познати Моцартови дела за виолина и пијано како Турски марш, Папагено- аријата од Волшебната флејта , Симфонијата во г мол 1 став, на кој во прв дел беа изведени оргинални дела три сонати 1 за пијано, 1 за виолина и пијано и 1 за едно пијано 4 рачно на кој јас освен како солист на пијано ги свирев сите дела во комбинација. Во вториот дел беа аранжманите за виолина и пијано. На овој концерт настапија освен мене како солист на виолина виолинистката Сања Трајкова и пијанистот Зоран Станишиќ на пијано 4 рачно. Нашиот репертоар беше скоро идентичен од последниот концерт во Велес со кој ја завршивме нашата мини турнеја низ Македонија. Во мојот дел од репертоарот јас свирев дела од Фредерик Шопен мојот омилен композитор една драматика измешана со романтични чувства која никогаш не изумира и имав едно изненадување за публиката, а тоа е токму италијанскиот композитор Виторио Монти за кој направив одлична транскрипција за пијано од виолинската композиција “Чардаш” која беше многу успешно претставена и многу ја израдува публиката и доби многу аплауз. Во делот на Вероника имаше исто се разбира може ли пеење без италијански композиции, арија од Џузепе Верди- Амелиа, Пјетро Маскањи- Аријата на Фритц и други. Другиот дел од композициите беа џез композиции од Џорџ Гершвин и една интересна комбинација за бис направена од спој на копмпозицијата Summertime на Џ.Гершвин вкомпонирана директно во џез- реге верзијата на Pianos of Chan која беше исто со многу аплауз и многу успешна. И секако за крај со двапати враќање на сцена и претставување на македонското музичко творештво во наша транскрипција македонската песна “Се посврши сербез Донка”. Со овој репертоар нашето претставување беше успешно, квалитетно и многу посетено што за фестивалот беше доста важно.

*Кажете ни збор два и за човекот кој ве удостои со покана за Вашиот настап таму. Како се создаде таа шанса? 

-Да навистина има што да се каже за организаторот, артистичниот директор и ЦЕО, популарно кажано, на фестивалот- Анџело Филипо Џанони Себастиани еден повозрасен прекрасен човек во години со големо животно искуство и професионалец во својата област, кој со својот тим направи фестивал кој има светско реноме и голем почитувач на талентите и новите достигнувања во светот на музиката. На неговите концерти се поканети уметници од цел свет буквално без никакви предрасуди од секој аспект, единствен критериум им е квалитетот и креативноста на уметниците кои настапуваат и кој внесе и многу новини кои се веќе актуелни на светските сцени и ги прати во чекор. Приемот кон нас беше многу срдечен, професионален и со респект, а бидејќи имавме време и еден ден претходно да присуствуваме на еден концерт на италијанската пијанистка Матинели увидов и дека му е вродена почитта кон уметноста и уметниците. Публиката исто така беше срдечна и топла и едноставно уживаше во нашиот настап која беше многу разнобојна од дипломатија, аристократија до како што реков луѓе од сите раси и доста имавме и публика од сите генерации од кои голем дел беа и од азијатскиот континент. Му заблагодаруваме искрено што и покрај тоа што министерството за култура не одби за финансирањето беше упорен и инсистираше да отидеме и да настапиме бидејќи го препозна квалитетот во нас. Инаку на фестивалот се одвоени и посебни вечери за поезија, театар и кинематографија.

*Да се направи концерт во Рим значи отворање на едно ново поглавје во кариерата. Тоа поглавје, каква нова амбиција или можеби и конкретен план исплете во Вашата понатамошна програма?

– Навистина ми се отворија едни нови хоризонти од кои се можни и нови конкретни планови за понатаму и повторно враќање на концертниот подум во Вечниот град Рим. Летните фестивали се многу значајни за кариерата за секој уметник и контактот со публиката е многу срдечен во Рим како што реков без грам резервираност едноставно вистинско уживање и за самите уметници.

 

*Рим е волшебен. Никој не одолеал. Се сеќавате на сѐ што ви се случуваше таму во тие денови, сѐ што видовте и пробавте? 

-Секако дека се сеќаваме на секој момент бидејќи денес сме со мобилни телефони и имаме шанси да овековечиме многу важни моменти. Веќе од самото слетување со авионот и возот до градот и сместувањето се чувствуваше и мирисот на морето и поинаква атмосфера. Имавме претходно неколку дена да прошетаме и да се адаптираме и откако во првиот ден се ориентиравме веќе вториот ден почнавме да се чувствуваме како дома. Но најважно беше што нашето чувство покрај богатата историја на Рим (бевме сместени на 10 минути до Колосеумот) навистина се чувствувавме како во некој временски портал, каде современиот живот се испреплетува со историјата и тоа се сфаќа многу нормално таму. Просто се дишеше таму без никаква напнатост луѓето стрпливи комуникативни насмеани не брзаат никаде сообракајот спокоен без нервоза некако се природно течеше. Ни се чинеше како да сме во некаква волшебна приказна од минатото.

*Италијанска пица, паста, сладолед и вино е неизоставен ритуал за секој посетител. Каков е вашиот коментар на овие задоволства? -Успеавме сѐ да пробаме италијанската пица на плоштадот Pjazza Di Campitteli, исто и сладоледот популарното Gelato на вистинското место, можам да кажам дека пастата Болоњезе беше извонредна и ја пробавме во посебен ресторан каде тестото се меси на самото место, не се прави од класични шпагети и виното на вечерната посета на Фонтаната ди Треви. Се тоа се потрудивме да пробаме на вистинските места и беше вистински погодок. Последниот ден пред поаѓање за назад успеавме и да пробаме и оргинално тирамису кое беше свежо направено.

*Освен што фрливте паричка за среќа во Фонтана ди Треви, какви други моменти и спомени забележавте таму?

-Да баш Фонтаната Ди Треви ни беше зборно место за дневно кафе, а бевме и неколку вечери по ред и имаме прекрасни спомени, навистина фрливме паричка за среќа секој со своите желби и се надеваме дека еден ден пак ќе се вратиме таму. Секогаш беше полно со мешаници, просто во секое време дење ноќе и бевме сведоци на многу запросувања за брак и имаше двојки од цел свет кои токму таму дошле да ги запросат своите сакани и ние бевме сведоци и учесници во нивните прослави со секакви идеи за запросување просто беше магично. Инаку имаше доста посетители ама буквално од цел свет и напросто сите можни јазици на светот можеа да се слушнат таму. Дури имаше и доста celebrity личности од Кореа, Јапонија и други делови од светот кои беа малку затскриени со маски, но тоа таму и не им беше потребно, бидејќи посетителите просто уживаа во амбиентот и магијата на местото и не беа оптоварени со нив. Навистина магично!

 

*Што ви се допадна најмногу од римската архитектура? 

-Реално па таму сѐ е Римска архитектура и неверојатно е како се функционира толку нормално на мали тесни улици, какви што биле на времето, но и како сообраќајот е регулиран без никакви проблеми и со услови кои не се изменети илјада години. Каде и да поминевме сѐ е историја, а бидејќи бевме сместени на 10 минути до Колосеумот успеавме да посетиме доста места во близина Пантеонот, Пјаца Ди Кампители со сите палати и утврдувања, црквата Санта Маџоре која беше посебна во центарот и многу други кои ги посетувавме попатно, Храмот на Аполо и Јупитер, Портата на Октавио и некако се навикнавме дека каде и да одиме сѐ е историска архитектура од јавни згради до сѐ друго и се чувствувавме навистина како во некој временски портал, прекрасно.

 

*Денска и ноќна фотосесија пред Колосеумот е неизоставен дел од секоја посета на овој светски град. Го испочитувавте ли и тој туристички ритуал, влеговте ли во Колосеумот?

-Да, бевме откако стигнавме вечерта и утрото кога нѐ раздени прва посета ни беше токму Римскиот Колосеум, кој, како што кажав, беше оддалечен 10 минути пеш. Во дневна атмосфера беше преполно со туристи и преубава глетка од сите агли. Внатре не влеговме бидејки требаше многу време да чекаме за влез но ние немавме толку време, надвор имаше и еден вид стражари облечени во римјанска облека и навистина човек се чувствува безвременски. Но успеавме да го посетиме и навечер и направиме ноќна фотосесија која исто беше прекрасна и безвременска. Многу беше чудно што многу брзо се прилагодивме на градот како да сме биле цел живот таму. Не е ни чудо што градот привлекува луѓе од цел свет.

*Ватикан е држава во држава, но секако кога сте во Рим нема кој не сака да го посети и види уметнички раскошниот храм Сан Петро. Верувам и Вие го сторивте истото.

-Секако бевме, дента по концертот кој беше во сабота, и во недела беше вистинско време за одење во Ватикан и бидејќи претходниот ден беше облачно во недела огреа едно неверојатно блескаво сонце. Надвор почекавме малку за влез, но беше убаво глетките се божествени. И кога влеговме почна магијата секаде, од влезот натаму беше божествено и протекуваше една прекрасна енергија и се изгледаше просто величествено. Откако ги поминавме претежно сите простории сретнавме многу чесни сестри во бело кои се подготвуваа за неделната миса на Светиот Папа. Искачувајќи се на највисокиот врв на Св. Петар на Круната за која моравме да искачиме 1555 скали кои беа многу тешки и не препорачливи за луѓе со проблеми со здравјето, направивме снимка на плоштадот со обелискот од самиот врв и гледката беше неверојатна, како и фотографиите што ги направивме беа без зборови. Пред да се искачиме на највисокиот врв успеавме и да ја проследиме неделната миса на Папата со благослов за здравје, среќа и долг живот.

*Ве грее ли сѐ уште ланската посета или можеби ви се отвори апетит за нова?

– Секако дека нѐ грее сѐ уште, но секако би биле многу среќни доколку би имале шанси и покани за нови концерти во волшебниот Вечен Град Рим, а имаме уште многу места кои не успеавме да ги посетиме во нашиот краток престој.

*Милиариум ауреум е позлатен мермерен столб висок 3,7 метри, кој се наоѓал во близина на Храмот на Сатурн на форумот во Антички Рим, а кој бил подигнат од императорот Октавијан Август 20 п.н.е. Швајцарскиот протестантски теолог и историчар, Филип Шаф, на крајот на 19 век ја поставил тезата дека потеклото на изразот „сите патишта водат кон Рим“ е референцата на столбот од каде се сметало дека сите патишта започнувале од тоа место и сите растојанија во империјата биле сметани почнувајќи од него. Го посетивте ли овој столб или ќе се вратите да го посетите?

-Не, до тука не стигнавме, се надевам во некоја наредна прилика ќе успееме да го посетиме.

 

Валентина Ѓоргиевска Парго 

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.