Во убавиот шведски град Малме да се присуствува во домот на семејството на Борче и Лидија Ѓорѓиески- Ластун, е вистинско задоволство.
Без посебни церемонии, но со многу срдечност, убав муабет и гостопримство ќе ве пречекаат и богато нагостат и ќе се чувствувате како во сопствен дом.
Бидејќи кај нив секогаш има полна куќа гости првата наша забелешка овој пат, по претходната посета пред десет години, сега беше дека нивниот дом е како неофицијална амбасада за Преспанци во Малмe, но не само за Преспанци, ќе нѐ поправи домаќинот, за сите наши гости и од Битола и од цела Македонија.
-Мојата сопруга Лидија има повеќе има перено долна облека на возачи отколку мои, смело се пошегува уште на самиот почеток на средбата.
Ресенчани и Преспани добро го знаат Борче Ѓорѓиески Ластун, познат ресенски лик кој за љубов кон својата сегашна сопруга Лидија, го напуштил родното и омилено гратче, и заминал таму пред петнаесет години, со своите три деца, и формирале топол дом.
Кога стапнал во Малме прво почнал соработка со свештениците од црквата Свети Наум, кој се наоѓа во нивна близина, каде помагал и почнал како испомош. На тој начин се поврзал со многу луѓе, ги зацврстил релациите со тие што ги знаел, а потоа се запознавал со многу други.
-Јас сум само со телото овде, а со паметот во Македонија. Македонија ми е во мислите нон стоп. Мене ми се има случено два пати во неделата да одам во Македонија, кога го правевме Здружението за децата со посебни потреби во Ресен, раскажува со многу посветеност за Ресен и неговата населба Јанковец.
Откако е во Малме со Македонија е поврзан и преку донирање, и од својот џеб и и џебовите на неговите деца, кои иако се многу млади, ги учи да бидат дарежливи за својот крај.
Убаво рекле, не помага тој што може туку тој што сака!
За својот мотив, порив и волја за донирање знае да рече:
– Ако немаш волја за донирање, џабе. Јас сум дарежлив од секогаш. И работам колку што можам и сакам да му помогнам на човек во секое време. Можам и да оставам и деца и семејство, и да притрчам за некому да му помогнам веднаш. Така ми доаѓа одвнатре…
СЀ ЗА ЉУБОВ
Во 2010 година го напуштил Ресен и се преселиле во Малме кај сопругата Лидија, која живеела во стан во центарот со двете ќерки, а сега и Борче има свој стан во непосредна близина. И пред тоа имал можност за заминување во странство бидејќи голем дел од неговите најблиски живееат Австралија, но љубовта го однесе во Шведска. Беше на прв поглед?
-На прв! На прв!, и двајцата извикуваат во ист глас.
Бракот им функционира супер одлично иако имаат поголема разлика во години за македонски услови, нешто што за Шведска воопшто не е ни разлика, зашто таму не мора мажот да е баш постар, може и жената, како во нивниот случај. Но супер им оди муабетот, а и на децата меѓусебе, трите девојки чии имиња, како договорени, почнуваат сите на А- Александра и Ангелина и Алисија, и двата синови Никола и Стефан. Тие си се меѓу себе одлично поврзани, баш се како екипа.
Борче се грижи за семејството, за пријателите и донира. Тоа се неговите карактеристики. Со донирањето е можеби поврзано и една многу немила случка која за среќа заврши среќно. Кога беше малечка Александра преживеа пат од седми спрат, и тоа, сполај му на Господ, без последици. Татко ѝ оттогаш уште повеќе донира за свети храмови.
Љубовта кон децава сепак е некоја подлога на желбата за донации.
-Јас претежно донирам во повеќе цркви и манастири, во Преспа најмногу. Но кога донирам не кажувам и не зборувам за тоа. Од она што се знае првата донација ми беше препокривањето на манастирот во Јанковец, потоа плочки за патеката и портата кај гробиштата во Јанковец, за Кривени, сега имам учество во донација за поправки кај гробиштата во Подмочани. Во Подмочани донација ми се и пакетчиња за децата со кои им ја честитам Новата година. Донирам и по училиштата. Имам доста голема соработка со Даниел и Преспапромет и за сѐ што треба се договараме околу материјали. Помагам и кога на пример некому е потребна итна помош. На пример, неодамна споделив пост за пријател на кој му изгоре куќата и веднаш се собраа пари и се направи нова куќа. Но, некои луѓе, гледајќи дека донирам се обидуваат и да злоупотребат за лични цели, знаат да ми пратат приватна порака и да побараат пари за некои свои лични цели, но со препорака – не им кажувај на мајка ми на татко ми, или на сопругата…Таквите ги избегнувам. Јас можам единствено да помогнам и за болест ако има некој аргумент. А донирање пари за нечие задоволство, тоа не оправдувам. Ако мислам дека треба да му се помогне на човек јас веднаш ќе ја завршам таа работа, ќе му помогнам што треба. Не ги чувам сите пари за моите деца, како што права мнозинството. Децата се доволно способни, разумни, гледаат и сами си заработуваат, и тие каде што треба да помогнат помагаат. Дури и јас имам голема помош од нив исто- и финансиска, и физичка и психичка и секаква помош. Тие ми се сѐ.
Борче Ластун преку описот на своите деца ги открива навиките на најмладите генерации во тоа општество.
-Овде сите децата учат и работаат. Мора да се активни. Моите се така активни од најмали нозе. И учат и работаат. Поголемиот син Никола 21, само што заврши веднаш почна да работи во фабрика за лименки. И помалиот Стефан сега преку лето исто е ангажиран во истата фабриката. Тој учи за хаус мајстор. Ќерката Александра е најмала, таа учи за медицинска сестра, и паралелно и учи и работи.
Другите две ќерки, Швеѓани, Лидија ни објаснува дека се исто многу вредни- Алисија е професионален шминкер, работи како продавачка во продавница за шминки во најголемиот трговски центар Емпорио, и си живее сама. Ангелина е семејна и исто така вработена.
Како родена скандинавка, Лидија посебно нагласува дека таму тоа е пракса, да учиш и работиш. Вредната дама дваесеттина години работела како готвачка во мензата на голема фирма, со по 300 луѓе на ден, но потоа откако се затворила, сега работи во болницата во ортопедија, го прави и сервира јадењето, вари кафиња, ги послужува со колачи, едноставно е сервис на луѓето на кои им треба нега. Таа е исто хумана како и нејзиниот сопруг, но признава дека често не може да го следи неговото темпо.
-Овде во Малме важи правилото – ѕвони му на Боро и тој ќе ти заврши работа! Но некогаш луѓето умеат и да те злоупотребат, и како секоја жена така и јас го подучувам мојот сопруг да се сконцентрира повеќе на семејството и на децата. Не само со пари, туку и со енергија, времето, совети. Иако не се согласувам целосно со него, секогаш му излегувам во пресрет за сѐ, за сите негови пријатели. Ги пречекувам, кога треба и готвам храна, и перам, им преведувам, им правам документи, за сѐ што треба тука сум …
САМ СВОЈ РАБОТНИК
Борче објаснува дека тој од мал видел мака и дека тоа го поведува секогаш да пружи помош каде е неопходно. Знае што значи кога некој сам се бори.
– Јас од мал работам и од мал сум самостоен, во секаква смисла на зборот – и физичка и психичка и финансиска и секаква. Сѐ што имам стекнато си имам стекнато со мои две раце. Од мал сам си го креирам животот. Мајка ми и татко ми се разведени и јас цел живот бев посебно поврзан со мојата фамилија, научен на луѓе околу мене, на работа и на вложување. Не можам да се сменам. Особено овде во Шведска тоа дојде до израз. Секој што ме побарал овде, значи дека му треба некаква помош и веднаш ми пишуваат, а јас излегувам во пресрет.
Борче вели дека нему шведскиот менталитет му е многу далечен, но освен Македонци, Турци и Албанци, има доста пријатели Швеѓани.
– Генерално не се дружиме многу со Швеѓани, но имам еден пријател кому сопругата му е Македонка. Со него нон стоп сме заедно. Еве сега него го учиме да зборува македонски, знамето со Вергина го има истетовирано на вратот. Сега да му ѕвонам – ќе дојде. Тој е над 50 години, првата сопруга, швеѓанката, му почина. Со неа има две деца, потоа со македонката Тања добија уште две и двете нејзини од првиот брак – шест деца. Весела куќа…
– Тие многу се заљубија, се надоврзува Лидија, и тој рече- јас во македонското најдов еден свој идентитет! Се пронашол. Вели: само да слушнам македонско, не дека можам да се разберам, но ми доаѓа да реагирам, како да ми е запишано во кодот!
ТРПЕЗАТА- СЕКОГАШ НАМЕСТЕНА!
Семејството на Ластун навистина има многу пријатели и во Преспа, налето вели Борче масата во дневната соба е поставена и не се ни креваа. Дали има десет души или дваесет, јадење има, дал Господ. А кога правеле чувајкуќа на новата голема куќа што си ја изгради, во сред короната, поканиле 60 гости, а им свиреле и пееле “Персиди” и Ташко Каранфиловски… Ташко му е добар пријател кој често патува кај него во Малме, Благојче Стојановски Туше од Ресен исто така, но исто и музичарите од “Молика” му се големи пријатели, бидејќи има братучед кој свири во групата. Слуша само народна музика.
– Секоја македонска игранка што се прави овде во Шведска, нема шанси да ја пропуштам и тоа семејно, со деца, комплет. Децата одеа и на играорна. Во црквата секоја недела одеа да учат ора, одеа и на игранки. Црквата е отворена секој ден од девет до два, а во неделите инаку функционираше и играорна секција…
МАКЕДОНСКИ СПЕЦИЈАЛИТЕТИ НА МЕНИ
Со лезет си прават и македонските специјалитети.
-Нашата пријателка Тања од Брајчино, која живее тука со сопругот Африм и децата, е специјалитст за ѓомлезе и го прави во сач кај нив во гаражата, и нѐ поканува. А кога тие ќе дојдат кај нас ние ги служиме со македонски специјалитети. Во нашиот дом се подготвува традиционални македонски јадења- гравче тавче, компир салата, варен компир со кромид и месо, компир манџа, зелка, сарми, полнети пиперки, туршија. Јас купувам месо директно од живинарска фарма за многу евтина сума, по 200 денари по наше би дошло. Сосема здрава храна а многу евтина. Го купувам и потоа со помош на децата следниот ден цел ден го средуваме месото, го мелеме, и правиме и вкусни домашни колбаси. Дома сме организирани флексибилно, и децата прават јадење, кој е слободен тој ден, тој готви. Мојата Александра по традиција ја меси и погачата за нашата куќна слава Света Петка на 22 септември, која мене ми е пренесена уште од моите. Претежно овде не ги делат работите на маж и жена, во зградите има централни машини во подрумите и си закажуваш со клуч која дата ќе переш од колку часот и оди кој е слободен…
ДРУЖЕЊЕ ПО ДОМА
-Традиција ни е да се собираме за празници. Повеќе се дружиме во домашна атмосфера, во станот кај мене или кај него или кај пријателите. Не сме љубители на ноќниот живот. Не сакаме да излегуваме, но фамилијарно одиме кога има македонска или српска музика и кога свират тамбураши во разни ресторани. Има една група “Акустики” со бас, хармоника, виолина, гитара, и свират од маса на маса, која песна сакаш таа. Мераклиски.
А Во Преспа кога сме шетаме повеќе, но на Борче сепак најубаво му е во Јанковец.
Мој најголем придонес кон неговото задоволство е што јас го возам цело време. И тој има возачка но по сообраќајката што ја имаше, јас решив да го возам секаде, буквално кај сака, со весел тон објаснува Лидија.
СРЕЌЕН СУМ ШТО УСПЕАВ САМ!
Семејството Ѓорѓиески македонски стил на живот го вклучи во Шведска, каде истовремено го ползуваат најдобрите македонски работи во комбинација со најдобрите шведски работи.
Сите деца цело време дома им зборуваат на македонски јазик, а по цело лето се во Македонија.
-Ако ми кажат децата нешто на шведски, им велам да ми повторат на македонски. Јас не го користам многу шведскиот јазик. Само колку што ми е неопходно. На работа комуницирам само службено, не ме интересира да ја прашам колешката “како ти е дома, што ќе правиш, како си или каде вечер?” вакви работи мене не ме интересираат, а тука рака на срце и нема такви работи. А долу кај нас во Македонија на пример прво гледаат како ти е дома па после како му е дома. Ние тоа македонското не можеме да го смениме, а треба да сме повнимателни едни кон други, препорачува Ластун.
ЗА МАЛКУ- ВО АВСТРАЛИЈА
– Јас си правам комбинација цел живот. Самоук сум за сѐ, но имам уличен факултет, кафеански факултет и тие факултети си направив свој концепт. Среќен сум што сам успеав. Да јас сум среќен на тоа. Јас сум горд на тоа. На никој не му должам, со никого не сум се замерил, за долгови да не ми се закануваат. Не сум некој што троши, штедливо живеам. Не трошам на гардероба, автомобили не ме интересираат тоа, но јас трошам за работнички алишта бормашини, хилти, алати. Работам и во болница а и приватно, реновирам станови. Тука нема прибирање. Во јуни, јули до 11 навечер е светло и само работиш, дополнително екстра. Не за да трпам пари, но овде ако не работам екстра јас не можам крај со крај да врзам. Швеѓаните работаат само осум часа дневно, јас работам двојно, некогаш може да ми се случи и по 20 часа на ден. Одмор само налето кога одам во Македонија или во Австралија. Сум прошетал и во Стокхолм, Гетеборг, Данска, Германија, Виена, Албанија, Црна гора, но најмногу сакам да сум дома во Преспа, вели неуморниот Борче.
-Во Австралија бевме трет пати. Прв пат во декември 2017 година заедно цела фамилија, потоа јас бев сам во 2019 година на свадба кај мој братучед и неодамна со Лидија бевме два месеци, повторно на свадба но сега кај син кај другиот братучед. Тие ми се први братучеди од Јанковец, по татко. Имам таму роднини и од страната на мајка ми. Кога бевме пред 5-6 години во Австралија многу ми се допадна, за малку можеше и да се преселиме таму засекогаш.
ОПУШТЕН ЖИВОТ
Лидија ни објаснува дека за разлика од Борче кој е потрадиционален, таа пораснала во Копенхаген со татко комунист, но се преселиле во Шведска каде е сосема спокојно и таму не ги интересира за кого гласаш. Никој не те прашува за кого гласаш или да те вработат после тоа- нема шанса.
-Во Шведска не може да бидеш политички вработен, во Шведска не можеш да гледаш митинзи како во Македонија. Нема кампањи, маички, запалки, кампањите се на телевизија, гласањето се одвива две недели. Не е во еден ден, кога сакаш тогаш одиш гласаш. Има влијание власта а во нешто и Кралот, објаснува Борче.
-Сѐ следам што се случува во Македонија, едно време следев и политика но во последно време не. Се разочарав од сите, претежно од политичарите. За Македонија не прават тоа што треба, ништо не прават. Секој гледат само фотељата да ја фати и после не се замара. А во Шведска така не е. Во Шведска може да е и уште полошо ама не се гледа на тој начин. Бидејќи финансиите во Шведска се на друг начин распределени. Никој не го интересира кој колку “украл”, како направил, што направил. Секој гледа плата да му дојде на крај на месецот и да си ја плати сметката.
НЕОСТВАРЕНА АМБИЦИЈА
На петти март 2015 година беше официјалното пуштање на Невладино здружение во Ресен, во кое Борче донираше доста работи купени во Шведска а однесени таму. Но амбицијата не му се исполнила и ден денес жали за тоа.
-Вложивме напори, требаше на моја иницијатива да се направи тоа здружение, независно здружение со приходи од странство, да може да донира пари кој колку сака кој колку милува. Да има влез на финансиски средства и тие средства да се делат на социјални фамилии кои не можат да издржат финасиски, да му се помогнеме на стари изнемоштени лица кои се сами, или ако се со некаков проблем да оди некој да им купи јадење ако нема, да го однесе на лекар… Сакав да направам едно сервис – здружение со неколку вработени. Преспа ќе беше единствена општина со таков вид на грижа за постари луѓе, за изнемоштени, за по селата каде што немат ни автобус, ни продавница, ни пензијата поштарот не им ја носи како порано. Од донација од Австралија, од концерт на кој пееше Благојче Стојановски- Туше, се купи комбе за Здружението, но најголема грешка се направи што го зеде општината. Здружението си работи но јас се тргнав од таму. Важно секоја година донирам пакетчиња за децата за Нова година и кога ќе одам кога можам во градинката ги посетувам децата со посебни потреби и договараме ручек со воспитувачките. Децата ме почитуваат и се радуваат на нашите средби. И јас исто.
ДЕТСТВОТО ГО НАУЧИЛО НА РЕД
Јас претежно детството го поминав- зимскиот период во Отешево, а летниот период во Претор и Крани. Сѐ со работа. Почнав од мои седум години. Бидејќи тогаш немаше трактори за прскање, јас им ги водев магарињата, додека овоштарите прскаа со прскалиците. За пари. Две, три прскалици во денот. Тоа се случуваше секој ден. Ми се има случувано од вар и син камен да сум целиот син или жолт, кога ко ќе прскаа со жолти билки. Јас немам своја бавча но работев кај други а и на одев на училиште. Од на училиште на прскање. Сабота, недела берев трески по бавчи. Во тоа време немаше трактор како сега да ги собере со механика. Тогаш се береа со раце. Летниот период продавав на пазар пиперки, патлиџани, сѐ и сешто. Потоа кога наполнив 15-16 години почнав да продавам во Крани и Претор. На 18 години отидов во војска… Цело време сум активен. Сопругата ми вели дека сум хиперактивен, и во право е.
Јас не можам да седнам на едно место. Не можам ни ме затворат во канцеларија да седам и да работам нема шанси.Енергијата ми доаѓа од голема верба во Бога.
Никогаш не очекувам од друг, сѐ остварува самиот. На времето одев во планина по дрва, со магаре имам носено кубици и кубици дрва. И да се вратам во Ресен, пак истото ќе работам. Еве налето штом дојдам таму, одам во Шумското и барам да ми дадат сек, да одам да пресечам дрва в планина, еден трактор, два. Нема одмор ни за време одмор. Во Јанковец имаме куќа со брат ми и се грижиме за имотот. И тој е вреден и работи приватно со гипс картони.
Но не беше отсекогаш лесно. Да се вратам малку наназад. Во Јанковец моите се доселени од Плаќе, мајка ми од Канино. Татко ми бил преселен 1952-53 каде неговите купиле куќата, тетка ми Јованка е донесена од една година, стрико ми се родил во Јанковец. Таму живееше целото семејство. Татко ми почина во 2012 година од срцев удар, на 60 години, мајка ми живее во Битола. Ние сме пет деца, постариот брат уште во 1996 година замина во Битола да работи како пекар, сестра ми постарата во 1998 година се омажи, ние со помалата сестра работевме со печурки и финансиски се издржувавме сами. Ни помагаа малку дедо ми и баба ми, со пензијата на дедо ми од сто марки, сегашни 3000 денари, но бидејќи беше многу малку се потпиравме на својата работа. Баба ми почина во 1997 година, следната јас отидов во војска, а потоа почина и дедо ми и јас целосно се посветив на работа. Несопирливо. Моите браќа и сестри денес немаат потреба од финансии, освен нешто материјално ако притреба, јас го купувам. Куќата во која растев речиси целосно јас ја реновирав. Но, со голема финансиска помош и од моите деца, со кои си правиме план за сѐ…
Ни раскажа сѐ за себе си дарежливиот ресенчанец, при нашиот неодамнешен престој во Малме. За својата хумана активност Борче Ѓорѓиески Ластун во мај оваа година доби и признание од познатиот уметник- хуманист Живко Поповски Цветин.
-Борче е како мачкине како да го фрлиш пак на нозе ќе се зачека, на крај на средбата радосно констатира неговата добра и грижлива сопруга Лидија.
Валентина Ѓоргиевска Парго