„Џифони Македонија“: Да го чуеме гласот на младите и да го направиме овој свет подобар

Скопје, 12 октомври 2021
Вечерва во 19.30 часот во Кинотеката ќе се одржи завршната вечер каде ќе биде прикажано сработеното, а ќе бидат прогласени најдобрите филмови во сите натпреварувачки категории. Завршната вечер ќе биде пренесувана и на фејсбук-страницата на фестивалот.
Филмските работилници секогаш се голем предизвик да се успее во неколку дена да се раскаже филмска приказна, преку разговор и дружење да се научат најосновните елементи на филмскиот јазик, да се направат кратки вежби за опсервација, лична и на околината и да се насочат младите филмаџии како да размислуваат и да ги визуелизираат своите идеи. Младите снимија интересни приказни кои се надевам дека ќе нè натераат да размислиме, и секако, да дејствуваме, да го чуеме нивниот глас како да го направиме овој свет подобар – вели режисерката Марија Џиџева, која ја водеше оваа работилница на 9. издание на Филмскиот фестивал за млади „Џифони“. Вчера завршија со работа сите работилници и другата филмска програма, а вечерва во 19.30 часот во Кинотеката ќе се одржи завршната вечер каде ќе биде прикажано сработеното, а ќе бидат прогласени најдобрите филмови во сите натпреварувачки категории.Завршната вечер ќе биде пренесувана и на фејсбук-страницата на фестивалот.

Какво искуство им беа работилниците на кадетите и сениорите? Работилницата за дигитален дизајн ја водеше проф. Ладислав Цветковски. Тој им откри дел од тајните за дизајнирање постови за социјални мрежи, со цел да научат како со слика и куса порака да креираат оригинален пост, преку кој ќе го искажат својот став на тема која тие самите ќе ја изберат.
-Им беше предочена важноста на аргументираното, критичкото и инклузивно размислување, без употреба на говор на омраза. Позитивното ланско искуство поврзано со вклучување на ученици надвор од Скопје се покажа како модел кој и оваа година даде позитивен резултат – меѓусебно се запознаа, вмрежуваа и развија компетитивност. Тоа што учесниците го истакнаа како најважно е можноста да работат во група, слободно да дискутираат, да си помагаат и со искрените коментари да изградат меѓусебна доверба – вели Цветковски.


Многу креативни фотографии годинава донесе фотографската работилница на проф. Роберт Јанкулоски.

– Уште еднаш се покажа за точно мислењето на многу фотографи дека лошото време е добро за снимање на успешни фотографии. Учесниците и во двете групи сите денови работеа посветено следејќи ги насоките и секој нареден ден правеа сè поуспешни снимки. Поради големиот број квалитетни фотографии одлучивме да прикажеме повеќе дела од претходните години. Се надевам дека учениците присутни на овие работилници со „други очи” ќе го гледаат просторот околу себе и повеќе визуелно ќе уживаат во светот што не опкружува – вели Јанкулоски.

         
Крсте Господиновски во работилницата за анимација годинава го сменил принципит на работа.
-Решив да се обидам со принцип кој што беше позабавен за учесниците, поедноставен, а истовремено, резултатот кој се добива изгледа позавршен. Задачата им беше да анимираат готови објекти. Тие избраа чорапи, смислија интересни сценарија и направија одлични проекти – вели тој.
На работилницата за креативно пишување со фокус и примена во новинарството, младите учеа што е информација, што е вест, како да ја препознаат и да ја напишат.
-Правеа интервју на вистински личности, кои потоа ги портретираа. Сите беа фантастични, а особено ме радува што одлично се изразуваат и солидно го владеат македонскиот јазик – истакнува менторката Весна Ивановска-Илиевска, еден од основачите на порталот за уметност, наука и образование Умно.мк.
На претпоследниот ден од фестивалот, учесниците го проследија документарниот филм посветен на „Џифони“ низ изминатите 50 години. Видно возбудени од енергијата што беше пренесена, сите тие си признаа дека сонуваат еден ден да бидат дел од светкото жири на Џифони. Четворица претходни џифонци од Македонија, кои сега се и волонтери на фестивалот, ги споделија своите искуства со помладите, преку анегдоти, по некоја солза, насмевка, шега. На сите нив, „Џифони“ им влијаел повеќе од позитивно, влијаел на стекнување самодоверба, но и себеоткривање.
Претходно средношколецот Емрах Јусуфоски зборуваше за важноста на менталното здравје и работењето на својата личност. Тој ја сподели својата приказна од детството и за тоа како почнал да работи на себеси. Преку блогови, текстови, користејќи ги социјалните мрежи Емрах отворено зборува за типичните проблеми и влијае позитивно на младите.
Руски филмГостин на фестивалот денес беше и продуцентот Михаил Дехтиар од Русија, кој зборуваше за филмот „On the Edge“ („На работ“). Филмот е за две руски шампионки во мечување, нивните падови и подеми и борбата за издржливост.
Фестивалот „Џифони Македонија“ е поддржан од македонската Агенција за филм и Министерството за култура, Град Скопје, партнерот од Италија – „Џифони Експиериенс“ и Мисијата на ОБСЕ во Скопје.

 

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.