Со Бојана Скендеровски – Ние пејачите со песна го браниме своето!
Серијата концерти на музичкиот проект „Македонијо, во срце те носиме“ почна во Штип на 6 септември на реконструираниот градски плоштад „Слобода“, каде илјадници луѓе заедно со 12-те пејачи, кои се дел од истиот, ги пееја во еден глас, познатите македонски патриотски песни, кои добија нови аражмани, создадени од познатиот композитор и музичар Никола Мицевски.
Според организаторите на настанот, подготвуван со љубов веќе неколку месеци, ова е вистински начин да покажеме дека сме Македонци, дека имаме македонска култура, оти зборуваме на македонски јазик и пееме македонски песни. Идејата е да им го продолжиме векот на родољубивите рефрени и да ги доближиме до младите луѓе, кои, за жал, сѐ поретко растат со македонска музика.
По Штип, следуваат концерти во Битола, на 13 септември, па во Прилеп, Велес, Кочани…и на крајот во Скопје. Ќе има вкупно осум концерти.
– Она што се случи на плошатдот во Штип беше незаборавно. Навистина беше магична вечер, атмосфера што само може да се доживее. Песните им се веќе познати на луѓето, се слушаат, се гледаат спотовите, но сосема е поинаков впечатокот кога лице в лице ќе се најдете пред илјадници луѓе кои со вас пеат, кога таа енергијата што ја подарувате, на најубав начин ви се враќа. Многумина доаѓаа и ни честитаа за целата оваа идеја што ја реализиравме, со пофалби и комплимети за целиот тим кој беше дел од оваа успешна приказна зад која застана продукцијата „Скендеровски“ и нејзините пријатели – ни рече познатата пејачка Бојана Скендеровски.
Според неа оваа серија концерти се случува во вистинско време бидејќи сите чувствуваме дека треба да го негуваме и чуваме македонскиот дух во моментот кога не напаѓаат од сите страни.
– Ние Македонците сме мирољубов народ, а сите маки и неправди на кои сме изложени со векови наназад ги раскажувани во песни. Ние како современици на ова чудно време имаме обврска и должност да направиме ваков проект. Сите ние колегите пееме преработки на патриотски песни, но зошто тоа да не го направиме сите заедно. Атмосферата од идејата, до реализација е прекрасна. Сите сме здружени, и се чувствува убавата енергија меѓу нас. И песните се убаво одбрани, како и пејачите кои ги има од повеќе генерации. Ова е многу сензитивна тема, сите професионално пееме различллни жанрови ,а патриотизмот навистина мора да се чувствува за да можеда се пренесе – ни рече Бојана.
Таа се надева дека и концертот во Битола, во среда, 13 септември, од 20.30 часот, пред платото на Офицерскиот дом ќе предизвика голем интерес во градот на конзулите.
– Секој концерт се снима, но додека е во ек караванот, нема да одат снимките во етерот. Последниот, најмасовниот концерт ќе се случи во Скопје и директно ќе се пренесува на телевизија ,а симболично ќе се случи на празникот 11 Октомври. Овој проект не дели никого на леви и десни, патриоти и предавници, сите се поканети. Нашата основна идеја е да го негуваме патриотскиот дух на Македонецот. Не смееме да збаоравиме кои сме.
Нашите предци дале многу жртви ние денес да живееме во сопствена татковина, тоа е суштината на ова парче земја и не смее да се збаорави. Да, треба да се гледа напред, но не смееме да заборавиме кои сме. Сакаме да им го продолжиме векот на песните и да ги доближиме до младите луѓе, кои, за жал, сѐ поретко растат со македонска музика. Затоа мораме да се бориме на свој начин, а револуциите на нас пејачите се вакви, со песна – порачува Бојана Скендеровски.
Во прокетот „Македонијо во срце те носиме“ учествуваат пејачите: Сузана Спасовска, Наум Петревски, Зуица Лазова, Миле Кузмановски, Андријана Јаневска, Бојана Скендеровски, „ДНК“,Ламбе Алабаковски, Огнен Здравсковски, Александар Тарабунов, Мина Блажев, Марија Спасовска, кои искрено и со многу емоции ги исполнуваат патриотските рефрени: „Заветна“, „Налеј, налеј“, „Народе македонски“, „Едно име имаме“, „Земјо македонска“, „Ој, Вардаре“, „Оган да го гори“, „Послушајте патриоти“, „Ми заплакало село Ваташа“, „Море сокол пие“, „Болен ми лежи Миле Поп Јорданов“ …
„Нова Македонија“ е еден од медиумските покровители на проектот „Македонијо во срце те носиме“.
М.Т.
Фото: „Скендеровски“ продукција