Акција 2019 – Донирај книга за патувачката библиотека на МакеДокс

Од 25 почна да  се одвива акцијата „Донирај книга за патувачката библиотека на МакеДокс“. Книгите ќе може да се донираат во кафе „Котур“ секој ден од вторник до сабота. Изберете книга, отворете ја рандом, прочитајте некој пасус, затворете очи, замислете некоја убава желба за новиот читател и донесете ја во „Котур“ се до 29-ти јуни.

Патувачкото магаренце на МакеДокс, донираните книги ќе ги прошета до селата кои ќе ги посети, каде луѓето ќе можат да ги позајмат, заменат, прочитаат. Потоа книгите ќе ги стационираме во основното училиште во Радожда, до следната година, до следното патување на патувачкото магаренце на МакеДокс.

Дополнителна мотивација за донација на книгите може да биде и тематската дружба „Кафе и кромид 03“ на МакеДокс и кафе „Котур“, која ќе се одржи на 27 јуни во 20.30 часот, кога ќе биде прикажан филмот „Мажи играчи“. Со купена пијачка или со донирана книга се добива билет за проекцијата.

Документарецот „Мажи играчи“ (Словенија, Хрватска / 2017 / 60′) на режисерот Матјаж Иванишин е весел филм за играњето, за убавината на играта и за мажите што играат. И ден-денес мажите играат крајно сериозно и безгрижно радосни некаде покрај Медитеранот. Режисерот ги следи со сериозна леснотија сè дури не наиде на креативна блокада. За да продолжи, мора да ги преосмисли правилата на игра.

 

Патувачкото кино на МакеДокс ќе се одржи од 1 до 12 јули околу двете најголеми езера, Охридско и Преспанско езеро од македонската и од албанската страна а се реализира со поддршка од македонската Агенција за филм, амбасадата на Германија и овозможено е од Western Balkans Fund.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.