ЗОРАН ТРПКОВ, “РОК АГРЕСОРИ”: За 30 години “Мојата партија” ја вртеа само во “Хихирику”, другите уредници се плашат!

Exif_JPEG_420

Во секој случај, и да сакав да е класично интервју, знаев дека нашиот разговор не може да биде официјален, и дека едноставно со нашата урбана легенда, Зоки Рок Агресор, ќе си муабетиме на “Ти”, како и во секоја дадена прилика. За себе, онака. Можеби и добро што е така, сѐ се кажа а и ние убаво се чувствуваме, како во она “наше време”.
Посебно сум почестена што со искажување на блискост ме стави на еден своевиден пиедестал, како единствен новинар/ка, пред сѐ пријателка, што покани на неодамнешната промоција на албумот “Ебена антикултура”, всушност касетата од 1996 година, сега ставена на ЛП плоча.
*Многу благодарам за поканата за промоцијата и убавата плоча. Зоки, со среќа да биде. Ми е жал да ја отворам, дали ти ја отвори Твојата?
-Ја отворив, добро мојата не беше со таков заштитен најлон како тие на промоцијата. Морав да видам што има внатре освен плочата ха ха. Има и скен- материјали од оригиналната обвивка од касетата со текстовите и скенови од написи од весници и списанија, што ги чував во тетратка. Речиси сите ми се зачувани. Ја објави “Корпус деликти”.
*Касетата ја имаш дома, често ја слушаш?
– Ја имам, а всушност и не знам веќе дали имам зашто касетофони сега нема. Имав само еден примерок. На времето беше објавена во 200 примероци. Татко ми имаше фирма за издавање на весници, односно здружение, тоа време така одеа работите, па преку него ја објавив, а се продаваше во Југотон. Знам, се сеќавам беа издадени сто па сто, па уште нешто. Некаде безмалку 300.
*Со 200 до 300 касети ти направи бум што еве 30 години уште е ненадминат во однос на …
-Тогаш со тиражите така одеше, мал тираж. А и евтини беа касетите 100 денари или 120 денари. Но, никој веќе касети не слуша.
*Тој албум не го стави на цеде?
-Тој не. Вториот Хистерија” од 2001 година беше ставен на цеде, тогаш веќе немаше касети. Стотина се продадоа.

*А плочата сега во кој тираж е објавена?
-200 тираж, се продадоа некаде наполовина, од декември се продава. И при крај е.
*Многу пријатно нѐ изненади Зоки,како се случи лонгплејката?
– Имам другар, Игор Кичма, тој е вљубеник во рок. Кога студираше во Охрид на времето, ’94- 95 година, нѝ направи концерт и оттогаш се гледаме на кафе. И самиот ми рече- имам пари решив да ја спонзорирам плочата, јас ќе покријам сѐ… Плочата излезе, се продава по 1.200 денари, голем е трошокот за печатење, затоа и цената е скапа.
*Само печатење во Австрија е некаде 15 евра. Затоа и цената во продажба е над 20 евра.
-Не се сеќавам дали и во Југославија толку беа скапи плочите.
*Не беа, не како сега, пет до десет марки мислам, што би било како максимум 300 денари.
*Знам едно време ми изгледаа скапи, ’82- 83 редовно купував, потоа ’86- 87, почнаа да се креваат цените и оттогаш поретко, многу поскапеа.
*Која беше прва плоча што ја купи?
-Јас не се срамам да кажам дека купував разни, ги слушав и “Сребрена крила” со Владо Калембер. Имам и повеќе синглови, од плочи. Која беше баш прва можеби нема да се сетам, но сигурно било “Бијело дугме” – “Да ми је знати који ти је враг”, “Одлазим”, а може и била “АББА”- “Money, money” тие времиња се слушаше тоа. Па, имаше еден што пееше смешно “Рамаја”. Е сега баш прва плоча која би можела да биде?! А, изгледа беше од “Смоки”. И тоа мајка ми ја купи, со брат ми ѝ рековме “Прашај која е најдобра!”, а тие тетките што продавале рекле “Оваа најмногу се троши”, и нѝ го погодија вкусот.
*А како стана панкер?
-Јас не сум панкер од никогаш, да ти кажам право.
*Меѓутоа се смета според Твоите текстови, можеби случајно се погодило да имаш допирни точки со панкот, ние во Македонија и немавме некој развиен панк-тренд во тој период кога Ти успеа од панкот да го собереш кајмакот, во авторска смисла.
-Ние кога се појавивме тогаш панкери беа “Паркети”, а пред тоа Картер со “Бадмингтонс”. А, кога почнувавме актуелен беше панк-готик. Јас некако си пишував по мој терк. Малку се изненадив, во внатрешноста многу добро поминувавме тие години, ’93- 94, на пример во Кочани. Овде во Скопје може дека свој град, не до толку, но во Кочани 200 души дојдоа и ги знаеја песните од тоа што ме имаше на телевизија, на МТВ, а првите години беше голема реклама ако те видеа таму.
*Која беше прва песна што ја имаш напишано во животот?
-На 12-13 години тие некои детски, полудетски песни. Беше со некој еротски текст. Гитара научив на 15- 16 години. Тогаш не ни знаев акорди да свирам. Една жица на гитара, и толку. А, на 15 години имам снимено една со безобразен пубертетски текст. Имам 3- 4 такви неснимени кои сакам да ги ставам на носач на звук. Божем чекав некој момент да направам некое мало издание за да ги ставам тие неколку. Но само оваа “Чао п*чки” ја ставив на плочата. Ете таа ми е од некој ран период, кога се оформивме како група.
*И во Твојот телефонски број забележав една “69-ка” што ја поврзав и со твојот еротски вокабулар што го користиш. Намерно?
-Така ми го дадоа. Ха, ха…Јас велам, секој човек има свој карактер, кај мене е тоа што од дете го користев тој с*кс хумор. Некои с*кс карикатури ми беа смешни …
*Ти беа смешни или Те привлекуваа?
-Па, ми беа смешни. “Рибља чорба” Бора Ѓорѓевиќ употребува безобразни стихови, иако не колку мене. Но реков, на секој човек тоа што му лежи тоа треба да си го тера. Каков карактер е, таков. На пример кога ќе кажеле некои безобразлуци на времето во Југославија мене ми било интересно, тоа ме влечело.

*Фактички сите тие Твои песни во суштина се најсериозни, иако повеќето се со некој таков еротски манир и со навидум тинејџерски “фат”, ама суштината ѝм е крајно филозофска и не се само колку да се каже нешто, туку поврзани се со реалноста.
*Па јас во суштина така и се чувствував, тогаш кога почнував бев средно училиште и тоа ми беше поинтересно така да се произнесувам. И татко ми не беше конзервативен, можело и дома да се каже нешто такво, а мајка ми уште се нервира што пеам безобразни песни. Дедо ми пак беше многу конзервативен, во 1991- 92 тој не ни знаеше за тие безобразни текстови, на телевизија не ме пуштаа со тие безобразните, ми правеа цензури, не смееше. Ни јас не му кажував. Ја знаеше само “Мојата партија”, ама не му кажував кога ќе бидам на телевизија, за да не ме види со скинати фармерки, тој беше шнајдер и ич нејќеше тоа.
*Од каде почна да го влечеш тој имиџ, каде виде за прв пат?
-Сега знам рокерите ќе ми се смеат, “Бијело дугме” ги следев од дете, и некако од нив, дури и сега кога ги гледам навистина имале одлепен имиџ, замисли Жељко Бебек во ’75-76 со штикли. Тие беа прв поим за рок во Југославија, по нив беа интересни “Сребрена крила”… Во тоа време комерцијалната музика некако беше исплатлива, ги пуштаа на радио, на телевизија. Комерцијална ама убава рок музика. Дури и Владо Калембер пред неколку години во интервју да кажа дека не очекувале дека ќе бидат комерцијални, вели “јас зарибано пеам и не бев сигурен дали албумот ќе се продаде во тираж од пет десет илјади, а тоа отиде во сто двесте илјади…”, карикирам, не знам точно. Потоа дојдоа “Пекиншка патка”, “Електрични оргазам”, тогаш беше поактуелна потешка музика. “Sex pistols” во тоа време овде не ги пуштаа на телевизија. Не ги ни знаевме.
*”Sex pistols” е панк група на планетата дури и песни ѝм беа забранувани, дури и навистина е чудно што не заглавиле во затвори, со песната со која ја ‘рчнале кралицата. Што не ги снемало, што не испариле. Тебе не ти забранија песна, ама не ти ни пуштаа. Ни забранет, ни одобрен.
-Добро, сум се лутел…памтам за “Мојата партија” ѝм ја дадов да ја чујат песната и текстот и на почеток ни еднаш не ме пуштија… Ама тоа време многу беа либерални уредниците, па потоа ме пуштаа.
*Кој прв ти пушти песна?
-Прв пат Тони Димков, имаше едно Студентско радио во Студентскиот дом во Карпош 4, прво кај него се слушна “Врати ми ги парите”. Потоа на Младински канал на државната телевизија која беше многу гледана. Мимоза беше уредничка, Горан Величковски беше во екипа.

*А “Мојата партија” се сеќаваш кој ти ја пушти првпат на програма?
-“Мојата партија” највртена беше на “Хихирику”. До пред неколку години одвреме навреме ја пуштаа на инсерти. Им однесов јас касета и тогаш некој од тие техничари ја префрлал на лента, па ја видел некој музички илустратор и ја зел за хумористичната емисија “Хихирику”, така ми кажаа.
*Таа песна е фактички реалноста во која живееме. Како дојде на идеја да ја напишеш? Имаше и интересен спот.
-Логин ми го правеше спотот. Изгледаше како да беше сниман во Собрание. Го снимавме за потребите на неговата емисија, во студио пред говорница, а во заднина беа монтирани кадри од Собрание. Потоа прв пат беше емитувано на “Пулсирање”, па бевме и на Утринска на МТВ, па на Зимско рекреативна програма, во емисија кај уредникот Иван Андреевски- Мачето со песната “Јас смрдам на лук”, уредничката Роза Катиновска нѐ пушти со една од песните, насловена “Секси лексикон”, но веќе реков дека имаше либерални уредници во МТВ тогаш. Исто и легендарниот Ѓоко Георгиев, откога се пензионира имаше емисија во едно радио во Куманово и таму гостував. Многу беше либерален. Во “Три гонга” пак на Македонско радио пушташе светската музика, кај него прв пат слушнав дури и за “Iron Maiden”, иако можеби тој за себе слушал Френк Синатра да речеме, но на радио претставуваше сѐ што беше популарно. Се сеќавам во МТВ дури и вратарите кои нѐ пречекуваат беа либерални. Ќе го видиш некое скромно човече со мустаќи, дошол од мал град, можеби само народна музика слуша, но ме пречекува најљубезно и со почитување, ми ја почитува и музиката …

*”Мојата партија” Те прослави и беше голем хит. Нешто сигурно те испровоцирало да ја напишеш. Мене на пример никогаш не би ми ни текнало за партииве да напишам песна, бидејќи ги пресокнувам.
-Музика ми доаѓа лесно, за тоа имам талент, како некој електричар што знае лесно да поправи електрика. Не знам текстот како ми дојде. Нешто ме испровоцирало. Сега политикава не ме интересира, но во тоа време сепак беше голем пресврт од социјализам преминавме во повеќепартиски систем и како и секоја промена е стресно. И затоа јас повеќе како пародија ја направив: политичар, говор на политичар, истите ветувања. Мене ме нервираа сите партии, само ветуваа…
*Тогаш бевме радосни со партиите, сега ветуваат а сме несреќни. Значи сѐ е исто само среќата нѝ се промени.
-Јас изгледа или сум негативец или реалист- негативец. Многу луѓе уште ми велат дека испаднало дека сум во право. Јас направив пародија, а во реалност ништо речиси не е сменето. Тоа време тие теми ме интересираа. Сега последниве 20 години политика толку не ме инспирира… Од практични причини многу не пишувам за политика, за да не си трошам енергија.
*Последниве 20 години и со музика слабо се занимаваш. Да не ти предложеше пријателот можеби немаше ни да Ти текне плоча да издадеш. Зошто си пасивен?
-Слабо овие 20 години, немам стандардна екипа… Мислам дека и финански лошо поминав, не се врати ништо, нема ни публика…
*”Мојата партија” не ти донесе пари?
-Немам никаков финансиски бенефит. Ништо немам.
*Таа е највртена.
-Всушност сум ја слушал само на “Хихирику” на Македонско радио, едно време размислував и се чудев- можно ли е нашиве да се толку конзервативни а живееме во демократско општество, ај да е социјализам ќе разберев, ама можно ли е од радијава да се плашат една таква песна да свртат? Тоа е за критика. Не ми е јасно.
*Пак ќе се вратам на “Sex pistols”. Ги апсеа, за малку и ќе ги снемавме. Зошто ли се плашат политичарите од панкот?
-Ах се плашат. Сега, во овие години мислам не се плашат, гајле ѝм е. Уредниците се плашат. Немам поим зошто, или не ѝм се допаѓа песната или не го ни слушнале текстот, си мислат нешто овде за политика се пее. Баш тоа си помислив луѓево таа песна најмногу ја знаат, а досега на радио и телевизија не е емитувана. Како допрела до нив?
* Оној што го интересира ќе најде начин ќе научи. “Динг донг” ти е највртена на телевизија. Колку зеде за неа?
-Сто денари. Ха, ха. Сѐ на сѐ ако најмногу сум зел 7- 8.000 денари од авторски права.
*И што имаш Ти од славата, кажи ми?
-Која слава? Слава?! Знаеш како го сметам тоа? Не е слава за да се фалам, но ако сум расположил некого во депресија, тоа ми е најголем успех. А ова што велиш ти за свирењево… Можеби и годините се во прашање, кога си млад имаш повеќе ентузијазам, сега повеќе би отишол во студио кај Принц нешто да снимаме, отколку свирка, ама ме фатило мрза. Пред 5-6 години имам направено некои песни, нема во нив политика, нема апстракција, помеки се, условно кажано. Не се нешто гитарошки, но не се ни поп.

*Зоки, со плочата влегуваш повторно во жижа, би направил концерт доколку некој Ти предложи?
-Па ако најдам екипа. Тони тапанарот веќе го нема, за жал. Неговиот помлад син Кристијан Станковски го влече, сака тоа да свири, само треба да навежба. А јас десеттина години не сум свирел. Последен пат како гостин со 2-3 песни се појавив на настап на “Културно уметнички работници” и еднаш свирев во кафулето “Браво” пред 12 години.
*Панкерите се бунтовници а Ти? Ти си најмирен човек на естрадава што го знам.
-Најлесно е човек да се скара. Ни лајк не ставам на фејсбук против некој, за да не бидам погрешно разбран. Ова што ме праша за панкер, никогаш не сум се чувствувал панкер.
*Пак ли да објаснувам, направи песни кои се панкерски, по содржина, по контекст. Се буниш во општеството, тоа е панк.
-Мене не ме интересирал толку панк, хардрок повеќе слушам. Хеви метал. Њу вејв. “Депеш мод” најмногу. И електронска музика почна да ме влече и веќе имам неколку неснимени електро песни, во глава ми се. Текстовите ми се панкерски, ама јас и не личам на панкер. Инаку една анегдота еве, своевремено имаше една девојка Ема, хипик. Татко ми Петре слушаше изворна и опери. Рок не. Но заедно го гледавме мјузиклот “Томи”. Ема ме виде и вели- ти си бил хипик, а те мислев панкер, си слушал “Томи”, па во 1991 со неа пак отидовме во кино Карпош да го гледаме … ха,ха.
*А кога ќе речат панкот не е мртов мислам како сосила да сакаат да го умрат, зошто ѝм пречи? За да речеш не е мртов треба да го прогласиш за мртов, па да го оживуваш. Зошто го снема панкот? Мртов е или не?
-Тоа е според песната на “Exploited”- “Punk’s not dead”, а мене тие ми се изжвакани фрази. Не е ни мртов. До 80-та беше повеќе како правец и како револуција. И сега постои, го има во светот.

*Која група најмногу сакаш да ја слушаш?
-“Депеш мод” најмногу. “Бијело дугме” “Пекиншка патка”. “Битлси”. Кога го убија Џон Ленон тогаш јас не ги ни знаев, на радио ретко ги пуштаа. Откога го убија почнаа да ги даваат филмовите, па брат ми зеде една плоча и јас видов дека е одлично, потоа речиси сите албуми ги имав. На “Taxman” се смеам и велам ова меѓу првите панкерски текстови. Јас дека не знаев англиски, француски сум учел, па бидејќи сега веќе има можност си ги преведувам текстовите за да знам за што се зборува. Тој панкерски текст е создаден кога ѝм вовеле голем данок во Велика Британија и многу од музичарите се преселиле во Америка. Замисли од Џорџ Харисон, што изгледа мирен, да излезе таква песна, тој е автор на “Taxman”. Го читам текстот, па тој во тоа време бил по-хардрок и од Пол Макартни што прави и помеки песни, ама остри. Роџер Вотерс е активен тој е вистински панкер. Иако не пее панк, но е панкер во душа…
*Јас на Твојата промоција со сите тие “вечни панкери” наоколу, се почувствував како да бев телепортирана во деведесеттите, значи тие луѓе што навистина тоа го сакале, не се промениле себе си и сите тие ја донесоа токму таа вибрација на настанот. Сѐ беше исто, и ние бевме исти, само се шегувавме со Ристо Апостолов дека разликата е што сега кичмата нѐ боли, за разлика од тогаш ха, ха. Дали можеби тоа беше најубавиот период што го имаме доживеано како генерација?
-Прв пат нѝ беше да бидеме така слободни, можеби и дека имавме нова држава и имаше попатриотски луѓе, свртени кон наши групи и кон нашата музика. Можеби повеќе заради тоа што имаше многу национализам во Југославија од другите народи, и во смисла како да чувствувале опаснос за својот народ, и од војни, па на луѓето ѝм се зајакнуваше тој домашен национализам. Знам “Меморија” тогаш правеа многу концерти, “Архангел” се појави. И тогаш дека Југославија беше затворена, не ни доаѓаа групи однадвор. Не знам, но јас тие што биле комерцијални отсекогаш не сум ги сакал. Музиката, хм, не знам дали била подобра.
*Имаше избор поп, рок. Сега немаме избор, има неколку пејачи кои нејасно се вртат по телевизии пеејќи туѓи песни од разни жанрови, но немаш музика.
-Јас многу не следам телевизии. Музика мене ми било до почеток на 1982 година, во Југославија за време на тој њувејв имаше одлични групи, како и македонските “Цимер”, “Бадмингтонс”, “Падот на Византија”, “Лева патика”, “Леб и сол”… додуша јас многу џез рок не слушам. Но сега не знам, дали дека ме фаќа носталгија кога ќе ги чујам “Ден за ден” чувствувам носталгија за тоа урбаното, за нешто убаво. И кога гледам стари фотографии Скопје ми изгледа како метропола. И кога сум бил дете тие светлечки реклами кога ќе ги видев во Трговски центар, многу ми изгледаше живо.
*Ризик е денес за еден пејач, музичар, автор да се искаже токму онака како што чувствува во себе? Деведесеттите беа либерални ти ова што си го испеал, вклучувајќи ја и “Мојата партија”, тогаш никој не ја сфати политички. Е сега како што сѐ е тотално партизирано, тоа за автор е ограничувачки фактор и не можеш да се произнесеш во една поширока димензија.
-Мислиш дека има пејачи кои се врзани со партии и не смеат да отпеат нешто против нивните партиски ставови?! Знам дека постојано има некои што партиски ги туркаат напред. Не сакам да верувам дека партијата толку ѝм влијае и врз темите што ги бираат. Претпоставувам… Но, напиши- јас никогаш не ги поддржувам овие што нѐ изневерија. Што подржуваат северни Македонии. Тоа ми е одвратно, не можам.
*Твојот став е тој.
-Треба младите да ги учат на морални вредности, дека не може некој во твоја куќа да ти кажува ова ќе правиш, она ќе правиш. Да ти наметнува…
*Ама Зоки тоа е завршена работа.
-Не може ние да мислиме така дека ако некој нѝ наметнува да мислиме дека е сѐ завршено, треба нашите да се изборат за свои барања.
*Одиме во други води, во друга насока веќе даваш свое мислење како граѓанин. Но дали ова би се осмелил да го претвориш во песна?
-Само како хумор… Немам друга инспирација. Што? Сакаш да кажеш дека не те засега тоа што смениле името?
*Не дека не ме засега, но го прифатив полесно од многу луѓе околу мене.
-Татко ми бил од Егејска Македонија и не дозволувам да ме условуваат заради една Европска унија, па и устав да ми менуваат! Јас не сум за ниедна партија, ама овие нѐ изневерија. Не може некој да ми зборува дека сѐ што е неправда треба на младиве да ѝм го прикажуваме како правда. Дека дошол таму некој дрк*тор, или од некоја амбасада и ќе ме присилува на нешто.
*Добро, генерално сфаќам дека Ти сѐ уште во себе имаш бунтовност. Да не ја шириме темата. Доколку би правел концерт и доколку некој политичар што Тебе не ти се допаѓа би дошол, како ти ќе се однесуваш кој него?
-Па не можам да кажам како… Секој е добредојден, секој е човек, слободна држава. Еднаш си помислив, да сум спортист со овие главниве сега не би се ни поздравил, или да треба на Евровизија да настапам. Не знам можеби поинаку би мислел ако тоа се случи. Можеби ќе речам- ајде не ги навредам…
*Но дали би ти било мило доколку разбереш дека некој политичар, чие политичко дејствување не ти се допаѓа, ја слуша твојата музика и ја набавил твојата плоча?
-На секој би му било мило, колку и да се фолира и да вели дека не е така. Меѓутоа постапките сепак нема да му ги простам. Мене ми се случило народни пејачи да ми кажат дека навивале за мене на Евровизија кога во 2009 се натпреварував со “Динг донг”. Се смеев, но ми годеше, мило ми беше.

*Би сакал да одиш на Евровизија? Едно време се обидуваше.
-Сакале нејќеле рокериве, нека ми се лутат колку сакаат, но тоа е најгледан настан, но и најмногу предизвикува стрес. Е сега којзнае дали вреди таков стрес да се издржи. Освен ако земеш добар хонорар.
*Џони Ротен од “Sex pistols” се натпреваруваше за Ирска.
-Знам, Ристо “Водолија” ми кажа. Не знам дали го личи да се натпреварува, има рејтинг. Друго е да го одберат. Добро Евровизија стана политика, сѐ е сомнително, местенки.
*Зошто? Па “Манескин” се одлични и направија планетарна слава.
– Јас случајно го фатив гласањето кога победија, тоа е најинтересно… Кога видов гласање на крај, си реков – “Кои се овие?”, помислив дека се поп изведувачи, а не рокери.
*Сметаш ли дека ќе имаш потреба повторно да се умножи тиражот на плочата оти сигурна сум брзо ќе се продаде, луѓе ќе сакаат да ја имаат во своите колекции.
-Ако има интерес сигурно. Ако нема, не. Од друга страна, нема многу луѓе со грамофони па сега слушам пак тоа почна се шири. И јас немам грамофон. Заборавивме дека плоча како плоча не можеш дома да ја произведуваш, нема тука пиратерија, диск како диск веќе не е доживување. Изумреле веќе дисковите. Знаеш што е предност со овие брзи дигитални техники? Како што на Јутјуб каде не можеш да слушаш песна по песна? На плоча, сакаш несакаш цела ќе ја ислушаш. Тоа е вредност, некој што ја купил значи навистина ја сакал. А од друга страна што велиш ти, интересно е да најдеш публика од цел свет. Само треба да начекаш, некако не сум се заинтересирал кои се каналите за продажба, но претпоставувам цел огромен свет е полн со колекционери за кои нема јазични бариери, и кои би ја купиле плочата. Има луѓе со секакви вкусови. Има некои само панк слушаат, има некои само евровизиска… Тоа го сфатив за време на натпреварот за Евровизија, кога разбраа дека ќе се натпреварувам, сами ме наоѓаа од разни држави.
*Во сите изминати години што не те прашаа новинарите, а сметаш дека било клучно за Тебе како личност и како автор?
-Не сум размислувал.
*Генерално си задоволен од сѐ? Од Твојата кариера…30 години Ти да си хит на едно подрачје како што е нашево, а да не си Аца Лукас и да не полниш сали.
-Ти ме фалиш, не знам дали да се смеам, не знам дали е така … Не знам ни публика дали ме знае. Од “Динг донг” повеќе ме знаат. Добро, сега во јавност не ме препознаваат, со брада и со темни очила шетам. Поповлечен човек сум, за разлика од порано. Се смеам сам со себе, малку ми дојде заморно и на мојата промоција, можеби дека одамна не сум бил во гужви …
*Ти си човек кај кого немам забележано пороци?
-Цигари и благо само. Ни алкохол не ме влечело. Може една, две чашки. Дрога не.
*Одржувај кондиција и вежбај за концерт, Ти треба еден јак камбек.
-Се гледаме!

Валентина Ѓоргиевска Парго

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.