Жалфијата (лат. Salvia) е вечно зелена полугрмушка со ароматични сивозелени листови со ситни влакненца. Таа се користела како лековито растение уште во античко време. Најчесто се сади жалфија од видот Salvia splendens, која може да има висина околу 30 cm.
Жалфијата е често одгледувано растение во нашите градини и балкони. Често се одгледува и обичната градинарска жалфија од видот Salvia officinalis.
Со редовно пинцирање на младото растение и со откинување на овенатите цветни класови ќе се развие во густа грмушка.
Постојат многу видови на салвија, некои растат дури до 1 метар. Најчеста боја на цветовите е црвена, но има видови и со бели, розови или виолетови цветови.
Услови за растење – Расте на сончеви места, на добро пропустлива плодна почва Бара многу влага и добра хумусна почва, а најдобро е да ја садите на растојание од 30 cm. Од време навреме, растението треба да се ѓубри и залева за да остане џбунеста. Врвовите на изданоците треба редовно да се отстрануваат. Не е отпорна на мраз и затоа во зима мора да се држи во подрум, на светло место и на температура од 10-12°С.
Се сади на сончево место во градината или во саксија. Може да се комбинира со агератум, бидејќи бараат еднаква нега, а интересна е комбинацијата на црвени и сини цветови, темни и светли листови.
Сите сорти на жалфија може да се одгледуваат во саксии и многу се лесни за одржување. Со својот специфичен мирис кој потсеќа на боровница и своите виолетови цветови, црнатa жалфија (Salvia microphylla) ќе ги развеселува своите сопственици од јули до октомври. Во зима треба да ја внесете внатре во домот, бидејќи не поднесува мраз.
Благодарение на своите црвени цветови, жалфијата од видот Salvia splendens, привлекува големо внимание со својот изглед. Овој нов вид на жалфија, успева во големи саксии, во пропустлива почва и на сончеви позиции, заштитени од ветар. Доколку има периоди на суша, тогаш треба редовно да се залева.
Размножување – Се размножува со семе, кое се сее во пролет, или со делење на коренот во пролет или во есен.
Употреба – Главни лековити супстанции кај жалфијата се етеричните масла, танинот и горчливите материи. Во листот на жалфијата има ситни жлезди кои лачат етерични масла. Листовите треба да се берат во мај, кога жалфијата цвета, бидејќи тогаш содржат најмногу етерични масла.
Се употребува за плакнење на устата, грлото и крајниците, против потење, го подобрува апетитот, и со тоа го зајакнува целиот организам. Листовите се користат како додаток во различни јадења со месо, како зачин за сирење или за подготовка на чај.