Како ја доживувате состојбата со коронавирусот?
И во ова време на самоизолација поради пандемијата во фокусот ми се спомените од минатото, а со тоа ми се збогатува сегашноста и ми дава надеж за иднината. Најчесто сум во мојата работна соба со богата библиотека и тв документација. Иако за време на минатогодишен Велигден подарив околу 480 книги на познатата библиотека во Општина Илинден кај мене ги задржав делата на значајни и на мене омилени творци почнувајќи со комплетите од Толтој, Шекспир, Хемигвеј, Ерих Марија Ремарк, Живко Чинго, Петре М. Андреевски, Васил Тоциновски, Трјаче Крстевски, Венко Андоновски и други.
Секако посебно место имаат и моите 21 публицистичка книга, од кои седум за пензионерска проблематика како единствен автор на Блканот.За време на изолацијата повторно се потсетив на Шекспировите култни дела Хамлет и Ромео и Јулија,Толстоевите Војна и мир и Ана Карењина, ја прочитав Искри на животот од Ремарк и други. Интересно ми беше кога деновиве репризно го гледав филмот „ Снегови на Килиманџаро“ предивик ми беше повторно да ја прочитам книгата на Хемигвеј за да споредам колку успешно е екранизирана. Инаку за време на вонредната состојба во нашата држава времето ми минува и со гледање филмови. Голем љубител сум на филмската уметност и во мојот филмски дневник имам запишано дека досега сум гледал над 8.000 филма со оценки од 1 до 5. Меѓу нив има и повеќе незаборавни ремек дела на седмата уметност.
Целиот работен век го минавте во Македонската телевизија. Во време на самоизолацијата колку ги следите програмите на телевизиите?
Македонската телевизија е многу значаен дел од мојот живот. Во мојата работна соба,која потсетува на мал новинарски музеј, има посебен дел на сопствената документација на касети, цедеа, списанија и историски фотографии за развојот на новиот медиум во Македонија. Спомените се слатки и треба да се чуваат. Познато ви е дека сум еден од основоположниците на МТВ во 1960 година и сум автор на првиот телевизиски прилог на македонски јазик.Остварив многу забележителни репортерски прилози и емисии, а за емисијата „Македонци во Војводина“ во 1977 година ја добив годишната награда на Здружението на новинарите на Македонија. Многу ми е мило што оваа награда го носи името на докажаниот мкедонскиот деец и преродбеник Крсте Мисирков. Предходно во 1972 година ја добив Ноемвриската награда за публицистика од мојот роден град Куманово. Пред седум години свечено ми беше врачена и највисоката држвна награда „11 Октомври“ за животно делоза новинарство и публицистика. Кога се потсетувам на сето тоа во животот и во овие моменти ми дава мир и среќа. И сега сакам да гледам убави документарни и музички емисии и спорт. Следам и дневно-информативни емисии по сопствен избор. Посебно се интересирам за состојбите со коронавирусот кај нас и во светот,. Како новинар и човек секогаш сум ја ценел вистината, благовремената и точна информација, што значи и проверена. Поради тоа многу сум противник на лажни вести и на говорот на омразата, како и на изигрувањето на новинарската етика поради политички или лични интереси.
Дали рестркциите ви паѓаат тешко и што најмногу ви недостасува?
Од веќе кажаното може да се констатира дека и во самоизолацијата наоѓам убави работи за релаксација. Посебен придонес даваат и телефонските и фејзбук комуникации со, дал господ, голем број роднини и пријатели. При тоа се потсетуваме и на старите добри времиња. Секако и старата генерација не е навикната на полициски часови, ни недостасуваат прошетки, но со седење дома повеќе се заштитуваме. Времето го користам и за подготвување нова публицистичка книга „ Согледувања и нови видици“ со мои актуелни колумни и интервјуа. Секако во книгата свое место ќе има и ова интервју.
Што мислите колку време ќе треба да се вратиме на „старо’ и дали ќе го има тоа?
Времето си го прави своето. Пролетта е многу убава. Со сопругата веќе често излегуваме во дворот, седиме меѓу цвеќињата, сопругата пие кафе, а јас чај со лимон.Со заштитни маски и на потребно растојание не посетуваат керката, зетот, внукот и некои роднини и комшии. Се чувствува дека вирусот поминува. Како добра поука треба ова што го преживуваме сите да не мотивирада за да се заложиме што побргу да ја надминеме ерозијата на човечките и моралните вредности. Потребна ни е поголема меѓугенерациска поврзаност и меѓусебна почит, соживот, единство, надминување на сиромаштијата, владеење на право и слично. За доброто на сите. Посебно ме загрижува што ќе биде со економијата, бидејќи без добро стопанство и зголемен работен ефект нема надеж и оптимизам за стабилизација на државата, на развој на културата, спортот и другите дејности. Без тоа нема враќање на животот во нормала.
Разговорот го водеше
М-р Татјана Гогоска