Осврт на М-р Татјана Гогоска
Од месец февруари оваа тековна 2019-та година, после маестралниот успех на македонскиот филм „Медена земја“ во Њујорк на престижниот светски фестивал за документарни филмови „Санденс“, напишав многу текстови, следејќи го патувањето на овој филм низ светските дестинации, филмски фестивали и кино сали. Секогаш до мене допираше приказната за „Медената земја“, која како да е некаде далеку оттука од ова наше парче македонска земја но, со интересна сторија преку ликот на хероината Атиџе, која сеуште и единствено таа прави мед од диви пчели. Ја слушав инспирацијата на двајцата главни актери во филмот, режисерите Тамара Котевска и Љубомир Стефанов, како дошле до идејата и како се случувале нештата до целосна финализација, но тоа допираше до мене како информација за професионалноста и пожртвуваноста, која е честа карактеристиката на сите уметници.
Дојде вечер кога го гледав филмот во преполната сала со љубопитни гледачи, кои сигурно дошле да се насладуваат на филм излезен од нашево поднебје а го освои светот. По завршувањето на филмот од салата излегов тажна, многу тажна. До мене приказната за Атиџе , која: “да требаа да ја создаваат како лик немаше толку оригинално да ја создадат“, за нејзиниот живот, условите, судбината, борбата за опстанок, грижата за мајката, грижата за децата, ме допре премногу.
Додека го гледав филмот во еден здив, ги првртував речениците и мислите на Атиџе, на таткото од многудетното семејство, на децата, посебно на она кое не беше дел од социјалниот и психолошкиот спој на тоа семејство, но сето тоа некако во заден план обземена од фотографијата, снимателската виртуозност на двајцата сниматели Фејми Даут и Самир Љума, изработени на моменти до болна убавина, кога месечината ја гледате над трошната куќарка на Атиџе а навестува смрт, кога преку ртот се враќа од дневната рутина, таа Атиџе со едно од децата на фамилијата која за миг и го наруши спокојството но, потоа откако си заминаа ја оставија тажна и сама. Смртта на мајката прикажана до болка реална, како и некои од малкуте весели моменти кога се гледа желбата за живот и потребата од љубов на главниот лик, таа Атиџе. И така медот со бесценетт вкус кој го прави од дивите пчели, се само врзивното ткиво на приказната која откако ќе заврши на филмското платно ја раскажувате и ја прераскажувате.
На платното се гледа беспрекорната комуникација на филмската екипа која има двајца режисери и двајца кинематографери. До идентичност водена филмската приказна, преку визуелниот приказ и компатибилност, на двајца кинематографери кои се комплетно различни, според нивните кажувања но кои успеале да направат филмот да изгледа како да е снимен од еден човек. Филмот „ Медена земја“ е проект за Заштита на животната средина и поради брзината која им била потребна се направил тимот, а снимањето на видеото се претворило во овој резултат кој го има.
Во филмот, мајката на Атиџе умира и тие денеска раскажуваат за тие денови од снимањето, случка која нависитна се случила затоа што навистина мајката на Атиџе починала за време на снимањето. „Таа беше во тешка состојба извесен период и кога ни јавија дека починала се организирале да стигнат до таму и бидејќи сметале дека тоа навистина е интимен момент, буквално само 15 минути влегле внатре. Но, во документаристиката тоа е експлозивниот момент“. -Се двоумевме околу тоа, но сфативме дека тие моменти даваат тежина на документаристиката и одлучивме дека ќе ги снимиме, смртта, раѓањето на животот-кога се пораѓа кравата и пчелите кои го затвораат кругот, изјави деновиве на Фестивалот „Браќа Манаки“ во Битола ,кинематограферот Фејми Даут.
За монтажерот и продуцент Атанас Георгиев,било кој да недостигал од оваа екипа, филмот„ немаше да биде ова што е„
-Во документаристиката нема пари. Најголемите пари ни стигнаа кога филмот беше завршен, а сите пари пак ги потрошивме на филмот. Поголемиот дел од филмот, 80% е финансиран од странство, од Филмскиот фонд на Сан Франциско и Турската телевизија, Агенција за филм на Македонија. Американската компанија која не застапува во САД во кампањата не поддржа со еден милион. Немаме скапа кампања и мораме да бидеме креативни за да можеме некако да се носиме со другите кандидати. Од американска призма ние сме кампања со екстремно низок буџет и ќе пробаме да бидеме креативни. Тегличките со мед се дел од креативниот дел од кампањата кои всушност се продаваат од врата на врата и секој плаќа колку што мисли дека треба да даде за тегличката мед и парите одат за заедницата. Лимитирани се тегличките, имаме околу 100 килограми мед, но и членовите на Академијата која доделува Оскар почнуваат да бараат од медот така што станува интересно, објасни Георгиев на тековниот Фестивал на филмската камера Манаки во Битола.
Работата со пчелите не е секогаш едноставна тоа го почуствувале на своја кожа и снимателите на филмот кој имаат свои приказни .Така еден од снимателите Фејми Даут бил искасан од пчелите додека снимале. Во обраќањето на Фестивалот Браќа Манаки тој на присутните им го сподели своето искуство. -„Немавме заштита додека снимавме. Гледајќи ја Атиџе стекнавме доверба дека сето тоа ќе биде безопасно, но јас бев единствениот што беше каснат од пчела во текот на снимањето, но се заврши добро. Ме нападнаа пчелите на високите карпи каде Атиџе оди да го земе медот, среде лето снимав без маичка и кога ме нападнаа како дивокоза се искачив до врвот за да избегам и сеуште не сум свесен како успеав да се качам“.
Атиџе по нејзина желба присуствувала на неколку фестивали и проекции на филмот низ светот и тимот така е комплетен, затоа што сите се еден мозаик на маестралната „Медена земја“, во која животот на актерите не е секогаш меден но, затоа е полн со надеж.
И некако тука завршува овој дел од животната приказна на Атиџе, ликот кој имаа среќа да го пронајдат авторите на филмот Тамара Котевска и Љубомир Стефанов, ликот низ кој се раскажани многу делови на сечиј еден живот, ликот која Ве тера откако ќе го запознаете преку филмското платно, долго да размислувате за него. Ликот кој во себе ја има највредната животна карактеристика на една личност, која е присутна во нејзината реченица кога се обраќа до пчелите: „Ви благодарам многу, машала многу сте ми дале, затоа пола ќе земам, пола ќе Ви оставам“. Кога сите би живееле така, светот дефинитивно би бил поубаво место за сите.