Од Скопје сте? Ајде да влеземе во автомобил и да Ве прошетаме до речиси најдалечната точка во нашата земја, 220 километри на југозапад, во божествена природа. Нема да зажалите. Ќе спечалите незаборавен спомен. И вкус кој не се заборава. А и вашиот џеб ќе се радува, нема тоа многу да се одрази. Верувајте ни на збор.
Ве носиме на крап во ресторан “Рива” во Стење, додека езерото низ тивките бранови ви пее романтични песни и чиниш ви раскажува дамнешни езерски приказни за кои никогаш не сте слушнале. А погледот, од милион долари, го полни вашето око, и ја смирува вашата душа.
Во првата линија веднаш до езерото.
Седнуваме, се сместуваме и нарачуваме, со срдечните домаќини на оваа средба господин Митко и госпоѓа Билјана Гроздановски од Ресен.
Но пред тоа, за да бидеме покомотни, го разгледуваме менито. Знам не ви се верува и го разлистувате уште два три пати. Вистина е тоа што гледате, тие се цените.
Се одлучивте ли што ќе нарачате? Или се двоумите меѓу специјалитетот на куќата, подготвен крап, или превкусните нивички, кои се топат во уста, тазе испечени во фурна.
Ние бевме нестрпливи и веднаш порачавме по една топла порција нивички, за мезе, ама тоа излезе цел ручек, па моравме да правиме долга, долга пауза до главното јадење и до десертот.
Но, ајде да ја откриеме тајната на ова место.
Лично од младиот сопственик Ристе Стојановски.
– Овој хотел и ресторан е отворен благодарение на мојот татко Јоне. До 2005 беше семејна нива за патлиџани, кромид и компири, кога тој своето искуство како директор на познатите хотели на Отешево, реши да го преточи во наш, семеен бизнис. Неговата визија за ресторан се оствари, многу брзо и од тогаш сѐ е исто, само малку е проширено и сега има капацитет за 70- 80 гости. Си функционира како ресторан за доручек, ручек, и вечера и за некои помалубројни семејни веселби, како родендени и крштевки. Повелете менито, ни го нуди.
Повторно го разгледуваме.
Доаѓаме и до муабет за специјалитетите.
-Од риба, најпознати сме по крапот на преспански начин, мајсторски испечен во рерна, со фил од пиперка и домат, а веднаш по него доаѓаат пржените кременадли на скара. Цената на крап од кило е 800 денари, што не е скапо, а по кременадлите се подразбира и порачка од чинија со белвици или познати како нивички е она по што сме најпрепознатливи, по 200 денари од порција. Циронките пак се исклучиво преспански специјалитет што го нема никаде на друго место и најмногу се јадат во зима, тоа се всушност на таван сушени белвици, нивички или плашливи, како сакате, нанижани во низа од коноп, а потоа така суви подготвени во вода со масло, со малку киселина и лукче. Овие специјалитети најмногу се бараат од странците. Тие можат да платат и многу повеќе, а ние како за специјалитет може да ги кренеме цените многу високо, но мора да сме прилагодливи и кон нашите гости, и тие да бидат испочитувани. За странците не е проблем цената, но првенствено мора да се задоволни нашите, ја открива тајната на својот успех младиот угостител.
-Риба имаме 12 месеци и тоа, штотуку фатена во мрежа од локалните рибари. Рековме дека кралот е крапот, најголем специјалитет во нашето мени. А го подготвуваат двајца искусни готвачи кои порано работеа во Отешево и една помошничка салатерка. Понекогаш помага и мојата мајка Зорица, па затоа за нарачките не се чека воопшто. Веднаш се подготвуваат, веднаш ги добиваат…
– Гости имаме постојано, претежно доаѓаат Холанѓани и странци заради островот. Посетени сме поради островот, многу е фреквентен патот меѓу Охрид и Преспа преку Галичица, и странците со автомобили, а и со велосипеди кога ќе се искачат најгоре и ќе ја видат панорамата, веднаш се симнуваат и право кај нас. Местово е примамливо и сите идат да го видат. Го има лоцирано и на гугл мап. Од тука често одат на островот Голем град и на враќање повторно свратуваат. И преспиваат, ни објаснува сопственикот Ристе.
А штом добро се најдеш и напиеш нели ти се приспива?! Но не грижете се, во хотел “Рива” имате на располагање 8 двокреветни соби со поглед на езерото и на Преспа, и два дупли апартмани. Преноќуваш за 1.200 денари со богат обичен доручек во крајезерски амбиент, и со иста цена во текот на цела година.
Ќе преспиеме и ние, што велите ви се допадна ли идејава? И утре по појадокот и кафето,полека за назад.
И кога ќе погледнеш во паричникот со вакви евтини цени, а толку квалитетен ручек и вечера си потрошил исто како да си излегол во Скопје, но на некој секојдневен специјалитет. А вака, ќе раскажуваш за ново гурманско искуство и бонус уживање во недопрените убавини на Преспа, кои си ги видел на видик… А тие не се мали. Господ кога ги давал, не се штедел. Преспа е тоа. Давал, давал дури и се заборавил.
На здравје!
Ќе дојдеме пак…
Валентина Ѓоргиевска Парго, уредничка во КулАрт