Во МАНУ – изложба на иконите од Дичо Зограф и научен собир посветен на неговото творештво

По повод двестегодишнината од раѓањето на Дичо Зограф (1819-2019),  во Ликовниот салон на Македонската академија на науките и уметностите е отворена изложба на негови икони.

– Изложбата, ќе биде отворена до 26 октомври, содржи 25 икони и десет репродукции, главно од црквите во Мала Река и Дебарско, од Тресонче, Росоки, Сенци, предмети од Бигорскиот манастир, како и икони од струшка Малесија, од Селци. Некои од нив се празнични икони, има и престолни икони, царски двери, а некои се и поатрактивни, како кивотот за мошти од Бигорскиот манастир и литискиот бајрак од црквата од Росоки. Дичо Зограф  сликал големи, монументални иконостаси, но и икони на платно – стои во објаснувањето за настанот од Сашо Цветковски, долгогодишен истражувач на творештвото на Дичо Зограф, Димитрија Дичо Крстевич од Тресонче, сметајќи го за најпознат и најдаровит зограф на 19-от век. Тој во време на својот живот и творештво станува предводник на дебарско-мијачките зографи, една од последните автентични традиционални школи на просторот на Македонија.

– Дичо Зограф за нецели три децении, помеѓу 1840 и 1868 година, остварува импозантно дело со приближно две илјади икони и десетина фреско ансамбли, облагородено со автентична креативност, симбиоза на традиционалното и новото, традиционалното поствизантиско и новото, современото барокно сликарство – истакна Цветковски. Тој укажува дека Дичо и неговата школа дејствувале не само на просторот на сегашната држава Македонија туку и во околните држави, дека тој не бил само зограф туку и конзерватор на постари икони, дека поправал, но и досликувал икони и така се грижел за она што била некогашна традиција во малореканските цркви. Икони на Дичо Зограф досега се идентификувани и во Грција, Албанија, Србија и во Бугарија. Постојат сознанија дека во Бугарија има над 200 негови икони, дека има и на Косово, но загрижуваат фактите дека во изминатите години од Македонија се изнесени над 100 такви вредни дела на Дичо Зограф. Во овој период, иако неговото творештво се истражува посистематски, сепак сѐ уште конзервацијата и заштитата на неговите дела се на многу ниско ниво.

– Дичо Зограф заслужува многу повеќе, тој заслужува музеј на македонската преродба, каде што би бил носечка фигура и каде што би влегле, освен негови дела, и дела на цела генерација негови ученици, следбеници, па и соработници. Според Цветковски, тоа е едно огромно богатство на тој материјал, зашто 19 век е наш национален век. Тука започнува нашата преродба и сите национални процеси што ќе кулминираат во 20 век.

Жалосно и неприфатлива е незаинтересираноста на  државата која  не води доволно сметка за иконите, потсетувајќи дека дваесет икони од земјава веќе се однесени во Албанија кои можат да се вратат доколку има сеопфатен ангажман на државните и црковните институции.

Освен оваа изложба за Дичо Зограф, утре ќе се одржи и нему посветен меѓународен научен собир. Треба да се нагласи дека него го почитуваат не само историчарите туку и историчарите на уметноста од соседните земји. Неговите икони се импресивни, тие воодушевуваат, тоа е голема уметност, едногласни се сите познавачи на неговото дело.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.