ВИКТОР АПОСТОЛОВСКИ: Тоа што бев најподдржан од народот, ми прави ептен ќеиф!

    Неодамна во студијата на МРТВ се одржа избор за песна која во мај ќе не претставува на годинешниот избор на Евровизија, а во конкуренција од шесте натпреварувачки песни популарниот поп пејач Виктор Апостоловски изведувајќи ја “Супермен”, доби најмногу гласови од телевоутингот, додека победничката Андреа со песната “Circles”, заминува благодарение на одлуката на интернационалното жири. Добар повод за средба.


    *Виктор, како си задоволен со тоа што имаш хит, имаш толкава поддршка од публика и медиуми и дали очекуваше дека вака ќе заврши разврската – најгласана песна а сепак не одиш на Евровизија?

    -Па животот ме научил да не очекувам премногу за да не се разочарам, така што, знам дека сакав да постигнам многу повеќе- да одам на Евровизија да ја стапнам таа сцената и да ја “изгазиме” како што имавме испланирано, со преубав настап, со сите марифети… Ама, ете, едноставно не бидна тоа и сѐ што ми останува е да снимам спот да го испромовирам и да ја пуштам песната да си лета “Супермен” секаде низ Европа па и низ светот (композитор е Владимир Дојчиновски, н.з.) . Веќе ја побараа од евровизиското радио и од многу радија ширум Европа и од Македонија, ја пуштаат на австралиското радио за Македонците во Сиднеј, каде што дадов и интервју, така што се надевам дека летово “Супермен” секаде ќе си “брчи” и дека ќе постигне многу повеќе од сѐ досега што имам направено. Но, и се надевам дека ќе успееме да рашириме малку љубов и позитива насекаде. А тоа што мојата песна беше изгласана, односно јас како изведувач бев најгласан и најподдржан од сите, ми е ептен ќеиф, бидејќи за мене тоа е тоа. Народот е битен. Ние музиката, на крајот од денот, ја правиме за народот не ја правиме за жири комисии, така што ептен сум среќен благодарен до бескрај за поддршката и се надевам дека понатаму ќе си остане тоа, ќе си се поддржуваме сите и ќе си правиме музика и ќе уживаме во животот.
    *Забележувам, среќен си што конечно имаш голем хит, а популарност имаш од порано преку тв шоуа.
    -Па нормално дека сум среќен, кој не би бил секој кој ќе направи хит. Иако сум имал хитови претходно и се вртеле и на Ем Ти Ви Арија и на Балканика и на разни национални и интернационални радија и телевизии, е, арно ама “Супермен” си е “Супермен” и ептен си “пркна” и многу ми е ќеиф, бидејќи конечно правиме нешто поразлично, нешто повесело, нешто попозитивно и нешто што знаеме дека ќе ги дрма клубовите.

    *Дали, сега, ќе ја искористиш повторната, реанимирана популарност за да снимиш албум?
    – Јас веќе имам два албуми што значи годинава се надевам дека конечно ќе имам време да го завршам третиот и да ги издадам и потоа на ред е еден англиски албум. Додуша имам и еден англиски во соработка со колеги од Америка, ама не успеваме да направиме промоција за него, никако да се собереме сите на едно место. Како и да е ќе гледам да го завршам третиот албум до крајот на годината биејќи, имам еден “тон” нови песни и сите стојат така и никако да ги завршам сите нив и имам уште еден “тон” емоции за музицирање и за пишување, така што се надевам дека ќе најдам време и дека ќе помине корона кризата и сѐ ќе се врати во нормала и ќе свириме и ќе пееме и ќе вадиме нова музика и таканатаму.
    *Се надеваш дека некоја следна година ќе одиш да нѐ претставуваш на Евровизија?
    – Па да, дефинитивно се надевам дека некогаш ќе имам шанса да излезам на таа сцена бидејќи од дете ја гледам и некако години години ми е сон и се надевам дека наскоро тоа ќе се случи, иако јас не планирам да прекинам да правам музика. Ама, сепак друго е да одиш ти на триесет и некоја година друго е да одиш на шеесет и некоја. Тогаш можам само да пеам, а сега можам и на таван да се качам ако треба, така што се навистина верувам дека наскоро ќе ја имам таа шанса да излезам и да “изгазам” еден целосен настап буквално со играње, со пеење, со сите марифети и да можам што поубаво да ја претставам нашата држава. Но, и да ја испромоцирам нашата музика во светот, затоа што сепак имаме ние тука музичари кои во светот треба да бидат слушнати иако сме мала држава имаме многу со што да се гордееме.

    *Што мислиш за успехот на минатогодишните претставници “Манескин” кој стана планетарен, и дали ти се допаѓа што повторно оди годинава Махмуд за Италија, кој пееше само една година пред тоа, во 2019.

    -“Манескин” имаат одлична енергија! Без разлика кој што мисли за нив, нивниот успех е сосема заслужен! А,Махмуд е исто одличен изведувач. Во 2019-та беше поразличен од сите други и се надевам дека и годинава ќе донесе свежина на сцената.


    Валентина Ѓоргиевска Парго

    куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.