Скопјани ја видоа убавината на “Вечни тела”

На 18.02.2025 урбаниот дух на Скопје беше освежен со една светска изложба изложба на фотографии во рамките на проектот „Вечни тела“ од фотографот Жарко Стојчевски и кореографката Искра Шукарова, споделувајќи ги своите заеднички гледишта за возрасното тело на изведувачот, во соработка со петмина балетски уметници кои биле дел од ансамблот на Македонски народен театар, a потоа во Македонска опера и балет (денес Национална опера и балет- НОБ), а кои се наоѓаат во различни фази од својата кариера и животно искуство.

Проектот беше инспириран од работата на Шукарова со Екрем Хусеин во проектот „Црвениот лебед“ (2008). Изложбата вклучи фотографии на денес пензионирани балетски уметници од Националната опера и балет- НОБ: Емилија Џипунова (р.1935 год.), претставничка на првата генерација балетски уметници, истакната солистка, педагог и критичарка; Снежана Шијак (р.1949), солистка; Зоица Пуровска-Велевска (р.1956 год.), првенка и педагог репетитор; Зоран Талев (р.1953 год.), солист; и Ирена Лозинска (р.1961 год.), солистка, педагог и кореографка.

Проектот е поддржан од Културно информативниот центар- КИЦ.

Реализација на фотографските сесии во Photo Factory.

Соработници на проектот се: Сашка Костовска Длака, Емил Шулајковски и Кристина Стојчевска.

Изведба на движења: Мила Блажевска студент на катедра за балетска педагогија – ФМУ.

По изложбата, која беше многу посетена дваесеттина дена, Јованка Попова ќе запише:

-Проектот „Вечни тела“ ја деконструира доминантната претстава за староста како крај на активниот живот и значењата што културата им ги припишува на возрасните и ја аргументира потребата од ослободување на возрасното тело од патологиите на маргинализација.

Проектот е осмислен од кореографката Искра Шукарова и фотографот Жарко Стојчевски, споделувајќи ги своите заеднички гледишта за возрасното тело на изведувачот, во соработка со петмина балетски уметници кои биле дел од ансамблот на Македонски народен театар, a потоа во Македонска опера и балет (денес Национална опера и балет- НОБ), а кои се наоѓаат во различни фази од својата кариера и животно искуство.
>> Проектот е инспириран од работата на Шукарова со Екрем Хусеин во проектот „Црвениот лебед“ (2008) и има за цел да отвори простор за дискусија и нови визии за тоа што значи да се старее во тело кое е активно, моќно и значајно. Жарко Стојчевски пак е фотограф кој е инспириран од возрасното тело, прикажувајќи го доблесно и достојно за почит.
Од сите животни фази, староста најчесто е предмет на негативни општествени перцепции. Дискурсите за стареењето се врамени во тесни и бинарни начини на размислување. Првиот наратив го третира стареењето како процес на губење на продуктивноста, вредноста и убавината, при што телото се обезвреднува како изнемоштено, непродуктивно, пасивно и зависно. Вториот дискурс, пак, се однесува на позитивно и успешно стареење кое се користи со сите неолиберални императиви на капитализмот поврзани со младоста и продуктивните фази на животниот тек. Според него, успешно стареење значи да не старееш и да не се препознаваш како стар, бидејќи поимите за старост не содржат позитивна содржина.
Времетраењето на кариерата на културните работници, вклучително балетските уметници, често е условено од физичката издржливост и визуелната перцепција за телото оценето низ призмата на младоста и физичката привлечност. Оттука, изложбата „Вечни тела“ се осврнува на политичката димензија на телото во рамките на современите социјални и културни кодекси кои се однесуваат на уметничкиот труд, продуктивноста и возраста.
Изложбата вклучува фотографии на денес пензионирани балетски уметници од Националната опера и балет- НОБ: Емилија Џипунова (р.1935 год.), претставничка на првата генерација балетски уметници, истакната солистка, педагог и критичарка; Снежана Шијак (р.1949), солистка; Зоица Пуровска-Велевска (р.1956 год.), првенка и педагог репетитор; Зоран Талев (р.1953 год.), солист; и Ирена Лозинска (р.1961 год.), солистка, педагог и кореографка.
Проектот ги документира телата на уметниците во динамичен процес на изведба, го преиспитува начинот на кој општеството ја стигматизира нивната способност за делување и творење во контекст на возраста и ја проблематизира нивната невидливост на сцената и во јавниот простор. Суптилните гестови наместо отворен отпор не придвижуваат подалеку од она што е културно прифатливо кон ново разбирање на староста како сцена со свои фокуси, приоритети и делување.
Документираните движења на телото, кое има капацитет активно да се спротивстави и трансформира, освен што произлегуваат и го претставуваат самиот живот, го разоткриваат во рамки на делување на институционалните и економските механизми. Гестовите на танчерите откриваат што навистина се случува под површината на изгледот и генерираат нови визии за староста, раздвижувајќи ги телесните архиви и враќајќи ги невидливите тела на оние кои се занемарени во професијата во сферата на нашата социополитичка итност.
Натамошниот развој на проектот вклучува и јавни дискусии, разговори со балетските уметници, како и видеоматеријали со нивни сведоштва за професијата и за предизвиците со кои се соочувале во различни фази од својата кариера.
Проектот повикува на одговорност за тоа како можеме да ги интегрираме и вреднуваме сите аспекти на староста во нашето активно секојдневие и иницира солидарност меѓу генерациите. Токму од оваа перспектива, стареењето станува не само биолошки, туку и социјален и културно значаен процес кој еволуира низ индивидуални и колективни тела кон нови идеи и практики на грижа за тоа што значи да се создава и старее во современиот свет.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.