„Танец и Ладо под звездите“ е вечерашниот пособен настан што се одржува во офф-програмата на „Охридско лето“, со целовечерен концерт на националните фолклорни ансамбли на Македонија и на Хрватска на големата сцена на Античкиот театар.
„Танец“ е првиот професионален фолклорен ансамбл во Република Македонија, кој е формиран во 1949 година со цел да ги собира и негува македонските традиционални песни и игри, народните носии и инструменти, и преку соодветен уметнички израз, сценски да го поставува и претставува она што е највредно од богатата ризница на македонскиот народ. „Танец“ е амбасадор на македонската народна уметност и култура каде и да се појави – без разлика дали е на најоддалечените континенти или меѓу неговите сонародници и во странство и дома. Како конзерватор на уметноста и жив и подвижен музеј на нашето културно богатство. „Танец“ ја шири низ светот убавината на македонските танци и песни, оставајќи свој белег на сцените во Азија, Америка, Австралија, Африка и секаде низ Европа. Во текот на своите 72 години од своето постоење, Ансамблот има учествувано на повеќе од 5000 концерти и фестивали, пред преполни концертни сали во Њујорк, Сиднеј, Мелбурн, Тел Авив, Рим, Париз, Лондон, Монтреал, Торонто, Аделаида, Мелбурн …
Преку својата работа, „Ладо“ ги обединува најпознатите хрватски етнокореолози и кореографи, етномузиколози, музички аранжери и фолклористи, но и композитори и диригенти, инспирирани од народната музика. Сето ова резултира со импресивен кореографски и музички репертоар, со повеќе од сто кореографии и стотици вокални, инструментални и вокално-инструментални нумери, во кои е пред сѐ испочитувана оригиналната, автентична народна уметност. Групата од 38 врвни игроорци, истовремено и извонредни пејачи, лесно се трансформира од танцов ансамбл во репрезентативен фолклорен хор, а 14-те одлични музичари свират на околу осумдесет традиционални и класични инструменти. Ансамблот „Ладо“ има уникатна збирка на оригинални народни носии со исклучителна вредност и убавина, така што секоја концертна изведба на ансамблот е исто така и еден вид на модна ревија на оригинална хрватска традиционална облека. За својата работа и заслугите во промовирањето на националното наследство, „Ладо“ има добиено многу награди и признанија, како и Повелбата на претседателот на Република Хрватска за 60 години уметничка дејност.
Почетокот на концертот е од 22 часот.