Интернационалниот фестивал на монодрама во Битола на радост на сите вљубеници во театарската уметност, ќе го продолжи своето одржување и без поддршка од Министерството за култура. Центарот за култура предводен од директорката Маја Андоновска-Илијевски од 9 до 13 мај ќе го организира 21. издание на фестивалот, потпирајќи се на сопствени средства и финансиска помош од Општината, јавни претпријатија, фирми, па и поединци од градот.
Фестивалската програма ќе трае пет дена. Во рамките на фестивалските денеови ќе се одиграат 13 монодрами од кои три македонски, две во конкуренција и една вон конкуренција. Во конкуренција се монодрамите на актерот Бобан Алексовски „Дневникот на лудиот“ и Димитрина Мицкоска со „Женска утопија“. Со монодрами ќе настапат и актери од Турција, Хрватска, Словачка, Молдавија, Русија, Црна Гора, Монголија и други држави. Фестивалот доби голема поддршка и од Народниот театар од Битола, кој на Фестивалот ја подари и новата премиера „Бакхи-краток преглед на распадот“, која ќе се одригра на отворањето на Фестивалот на монодрама в четврток.
Според цврстиот став на директорката уште при објавување на Годишната програма за култура, кога овој Фестивал со 20 годишно искуство не доби ни денар средства, очекувано беше со заеднички сили, креативците, актерите и сите добронамерни љубители на културата во Битола да застанат на една страна и да најдат начин Фестивалот со своето 21 издание да се одржи.
Во рамки на Фестивалот како новина е одржувањето на дебатен клуб со трибина на 10 и 11 мај. “На неа, ќе дебатираме околу монодрамата и двете страни на сцената. Иницијалната каписала за овие трибини е токму таа неподдршка што годинава ни се случи, па сакавме малку да го опипаме пулсот на уметниците и работниците на монодрама во нашата држава, но и во странство. Ќе разговараме дали има потреба од монодрама, што значи таа денес, дали уметниците што ја работата се ставени на маргините, бидејќи мора да напомениме дека ова е единствен фестивал од ваков тип кој не случајно успеал да опстои 21 година“ – се вели во обраќањето на директорката Маја Андоновска -Илиевска до јавноста.