Под мотото „Украдени движења“ од денеска до 7 јуни ќе се одржи реномираниот фестивал за современ танц „Танц фест Скопје 2021“. По 17. пат, ќе се танцува на повеќе сцени во Скопје, а првпат една од претставите ќе биде одиграна и во Домот на културата во Тетово, соопштија организаторите.
Во рамки на фестивалот ќе гостуваат извонредниот танчар Жигон Крајнчан од Љубљана со претставата „Fusion With Myself“, Загрепскиот танцов ансамбл со кореографијата на шпанскиот кореограф Розе Лопез Еспиноза, насловена „Ревел Ревел“, а публиката во Скопје и Тетово ќе има можност да ја види и изведбата на францускиот танчар и кореограф Амала Дианор „Ман Рек“.
На фестивалот ќе се претстават и младите короеграфи Адријана Данчевска со „Не ми ги допирај очите“, Филип Петковски со танцовиот филм „Витро, Валентино Апостоловски, кој во соработка со режисерот Благој Мицевски ќе го изведе делото „Најлон“, и Дејан Битровски со „Ѓаволска дупка“.
Во рамки на фестивалот своја програма ќе имаат и студентите по современ танц од Универзитетот „Гоце Делчев“, а втората генерација студенти од Катедрата за современ танц при Филмската академија ќе ја изведат нивната дипломска кореографија.
Скопје танцовиот театар ќе го одбележи својот 10-годишен јубилеј со кореографијата „Меѓусвет“ на Рисима Рисимкин, на музика на Тони Китановски и сценографија на Матеа Мијановиќ, која е инспирирана од песната „Убавите жени“ на Блаже Конески. Со оваа претстава, Скопје танцовиот театар дава свој придонес во славењето на великанот на македонскиот јазик, Блаже Конески, и одбележување100 години од неговото раѓање.
Традиционално, на фестивалот ќе се доделат и наградите „Менада“ – за врвно остварување и животно дело во областа на танцот и за млад уметник, а ќе има и омаж во сеќавање на творештвото на истакнатиот балетски уметник Тони Баталаков.