Почитуван професор Марјан Јанкоски, Вашето име, во современото македонско етно творештво, повеќе години зазема високо место. Богата вторски репортоар, препознатливост, креативност, тивко и неуморно творење. Да почнеме од почеток, како се одвиваше идејата за создавање на етно состав кој ќе значи силен бренд на нашата сцена, етносоставот “Портал”?
-Мојата приказна е неизбежно поврзана со моите студии. Занаетот “композиција” многу го сакав и затоа и паралелно го работев студирајќи на одделот за МТП. На почеток го учев од сега покојниот професор и композитор Гоце Коларовски, а подоцна, на моја среќа две години, во периодот од 1998-2000 година работев со нашиот голем композитор Властимир Николовски и тоа ми се едни од најдрагите предавања, но и најдобрите совети што ми ги даде воопшто во музичка насока. Сето тоа имаше континуитет, професорот Гоце, но и професорот Властимир си направија една целина кај мене што понатаму тоа се виде и се потврди дека е добро. Всушност, професорот Гоце беше тој што ме запозна со професорот Драган Даутовски и негова беше желбата понатаму да го продолжам студирањето токму кај професорот Даутовски. И така се запишав во класата на професор Драган Даутовски. Овде е важно да се спомне токму моментот на моето завршување. На одделот за МТП не се полагаше дипломски испит, но професорот Даутовски да ми даде шанса да го претставам завршниот испит пред публика со цел да се види да се види моето познавање на традиционалната инструментална музика и мојот авторски пристап кон народните инструменти. Концерот тогаш се одржа во преполна сала во музејот на град Скопје во 2002 година. Во мојот авторски дел имав и композиции во кои покрај народните инструменти, имаше обоа, виолончело, пијано, а направивме и редакција на композицијата „Дојранка“ од композиторот Трајко Прокопиев за кавал и пијано, а во оригинал е за флејта и пијано и таканатаму. По овој концерт, професорот Даутовски во знак на поддршка ми даде предлог и идеја да не застанам со таквиот начин на работа и да оформам сопствен музички состав кој ќе биде трио, составен од тројца колеги. Тогаш составот сѐ уште немаше име. Така, ги повикав моите добри колеги Александар Котевски и Александар Јовевски и ја создадовме основата на триото. Инаку Александар Котевски е виолинчелист во Македонската филхармонија, а Александар Јовевски денес е лидер на музичкиот состав „Монистра“. Така го направивме тоа почетно јадро. Едниот Александар свиреше виолончело, другиот Алексансар свиреше пијано, тамбура и ударни инструменти, а јас свирев пијано и народни инструменти.
*Како се роди името “Портал”?
-Името на “Портал” всушност го даде поетесата Светлана Христова Јоциќ. Со неа бевме многу блиски. Јас претходно имав активни соработки со Друштвото на писатели на Македонија и така при случајни средби станавме и многу блиски пријатели. Често комунициравме и разговаравме на разни теми. Така, во една прилика возејќи се со нејзината буба низ Скопје во еден дождлив ден се роди и името „Портал“. Тогаш ѝ велам: “Не знам како да го формулирам името на мојот состав” . Таа ме праша- “А, што предлози имаш?” И ги кажав неколкуте мои предлози, таа вели: Е сите тие предлози се спојуваат во името “Портал”. Овде е важно да спомнам да знаете дека таа ја даде насоката на “Портал”, всушност, каде треба да се движи музички. Во смисла на она, индиректно, кога ми рече: “Знаеш ли каде треба да се движиш? Што е Портал? Иако самиот збор потсетува дека доаѓа од зборот порта, врата, сепак да знаеш дека тоа е оној небесен портал низ кој што не може секој да помине. Тоа ќе ти биде и целта, вели. Внимавај на музиката”. Тоа е еден многу убав момент од неа. Од Светлана можеше многу да се научи. Не само што беше добродушна туку беше голем почитувач на традицијата, на македонштината. Бог да ја спомне во царството свое.
*Колку беше составот активен, во тие први години од своето постоење?
-Музичката приказна на „Портал“ започна во 2002 година, декември месец, во Струга, благодарение на тогашниот директор на Домот на културата и воедно поет Крсте Чачански (Бог да му душа прости) кој многу се вложи за нас во тој период. Потоа имавме доста настапи по разни маннифестации претежно низ градовите наши. Од 2006 година дојдоа нови членови во составот и тогаш составот доби нов лик. Всушност тоа беа студенти од класата на професор Даутовски, кога за прв пат почнав да работам на Факултетот за музичка уметност во Скопје како демонстратор со договор (2004- 2007). Тоа беа Љупчо Аслимовски (кавал, тапан), Сашко Петрев (тамбура) и Николче Тренчев (тамбура, пијано) и јас народни инструменти. Со нив направивме доста концерти на разни манифестации и разни активни соработки. За да ја добие комплетната слика „Портал“ постојано растеше, а на тој начин природно се развиваше и моето авторско крешендо.
*Вашето портфолио денес го краси авторска музика преточена во цедиња, но и многу студиски снимени композиции, проекти и слично. Да се потсетиме кога беше објавена првата Ваша музика?
– Официјално објавена музика на “Портал” снимена во студио се случи во 2004, а тоа беа композициите “Параходот” и “Непребол”. Понатаму сниманите дела си растеа, но официјално ЦД сѐ уште немав издадено. Како прв запис на носач на звук е првото ЦД насловено “Песни на вевчанската душа”, (издадено во 2014 година од страна на DDQ Production, а печатено во SONY Австрија. А по него 2017 година го издадовме албумот „Рожба“.
*Промените се неизбежен производ на времето. Кој е сегашниот состав на оваа група?
– Денешниот изглед на „Портал“ е истиот кој се случи во 2010 година, кога повторно го надградив. Денешните членови се од различни музички профили и сите се професори на своите инструменти и си имаат свои класи. Имињата на сегашните членови на “Портал” се: Ангеле Михајловски – професор по пијано на МА при УГД Штип, Сашко Петрев– професор по народни инструменти во средното музичко училиште „Сергеј Михајлов“ во Штип, Иле Колев– професор по кларинет на средното музичко училиште од Штип, Елена Ѓоргиевска–професор по виолина во нижото музичко училиште во Велес (таа е исто така и нашиот вокален изведувач), Стојанче Наумовски–професор по виолончело во средното музичко училиште во Штип, Златко Панов – професор по виола во во средното музичко училиште „Сергеј Михајлов“ во Штип. Како наш постојан соработник на ударни инструменти е Ратко Даутовски (ансамбл „Танец“).
*Напоменав дека објавувате и свои албуми, колку досега имате издадено како официјални творби?
– Официјални се два. Првиот е веќе споменатиот албум “Песни на вевчанската душа” (2014) и “Рожба” (2017). Неиздаден, но студиски снимен материјал имаме доста и голем дел од него веќе е ставен на нашиот јутјуб канал Марјан Јанкоски & Портал. Располагаме со голема минутажа за слушање наша музика. И двете цедиња се издадени од страна на DDQ Production од Скопје, печатени се во SONY Австрија. А, делата пак ги снимам долги години во студиото „Кларион“ – Скопје. Со неговиот сопственик Дејан кој е продуцент на звукот со години имаме одлична соработка, а тоа е најважно.
*Песната за Тоше е на второто цеде. Дали го употребивте инструментот што Ви го донесе од тунејата од Австралија?
– “Мило чедо” е цела приказна. Песната за Тоше е едно мое оддолжување кон него, едно мое лично гледање на НЕГОВИОТ живот од неговото раѓање, детство, неговото школување во Битола, мојата прва средба со него таму, понатаму, неговиот музички развој и запишувањето на ФМУ во Скопје, повторната наша средба во Скопје, неговите концерти овде и надвор до заминувањето во вечноста. Таа музичка приказна и идеја ја носев со себе и ја живеев десет години. Ми требаше одлучност да ја започнам. А, што се однесува до инструментот, се работи за инструментот наречен диџериду кој Тоше го доби на еден од концертите кои ги одржа во Австралија. Се надевам дека и на овој инструмент ќе му дојде редот да биде искористен во мојата музика. Тој има спечифичен тон и специфичен начин на свирење на кој мора да му се најде и место. Овој инструмент ми го даде по еден заеднички настап кој се одржа во МАНУ на кој учествувавме заедно Тоше Проески и Борис Трајанов како солисти, Симон Трпчевски пијано и јас на кавал.
*Последната Ваша заеднична музичка средба беше, чинам, неговиот настап на Градски стадион?
– Не. Последниот заеднички концерт беше во Београдска Арена кој се одржа на 14. февруари 2007 година. Концертот на градски стадион беше една година претходно во 2006г. И на двата концерти свирев кавал во сите негови композиции во кои е застапен кавалот како „Полско цвеќе“, „Ангел си ти“, „Јовано, Јованке“, „Тајно моја“. Од овие концерти излегоа и ДВД изданија. Да не заборавам да го спомнам и моето учество на кавал во ЦД-то насловено „Божилак“ (2007), каде учествувам во „Море сокол пие“ и „Се посврши сербез Донка“.
*Публиката Ве памети по вашата изведба кога ги придружувавтеТоше и Биља Крстиќ со “Јовано Јованке”. Етното е комплетно ваш фах. Ајде да позборуваме и за инспирацијата за вашата препознатлива авторска музика. Од етното не може да се избега, впрочем вие сте и етномузичар, но има и многу финеси во вашите дела кои даваат поинаков шмек, на духовна музика, димензија токму како за портал. Треба да си сосема соживеан да ти е таа музика во глава, за да можеш да ја преточиш во ноти па и во изведба.
-Сѐ си е поврзано. Ќе почнам од крајот на прашањето. Како православен христијанин, си ја сакам и ја почитувам верата наша православна. Го сакам и почитувам сѐ она што се негувало низ вековите на овие простори, а сето тоа ја прави и посебноста на нашиот македонски народ во однос со другите. Едно од тие наследства е црковното пеење наречено уште и византиско и сето тоа си го истражувам со години наназад, и ненаметливо си дојде да биде како изведба воглавата, иако пред сѐ најголемата тежина ја имаат народните инструменти затоа што и начинот на изведба на византиското црковно пеење и начинот на свирење на народните инструменти имаат многу сличности и двата се изградени врз бордунски, односно, исони (лежечки тонови врз кои се градат водечките мелодии). Секако, овде придонесуваат и западноевропските музички решенија кои ги употребувам во мојата музика. Благодарение на ваквиот начин на работа кој го создавам во последниве десетина години во мојата музика, покрај световните дела, со благослов на нашите црковни великодостојници направив сериозни музички дела кои не обележуваат како посебни во искачувањето на скалите музиката. Така, во 2013 година го создадов музичкиот проект „Радост моја, Христос воскресе!“ кој својата прва изведба ја имаше во Штип. Понатаму овој проект предизвика особен интерес и од страна на националната МТВ и тогаш со благослов на нашиот архиепископ г.г. Стефан го снимивме како музички проект кој со години се емитуваше за време на велигденските празници. По овој проект, со благослов на владиката Брегалнички Митрополитот Иларион, во 2019 година ја создадов композицијата за новиот македонски светител Епископот Гаврил Велички Светогорец „Радуј се оче Гавриле“. Овде јавна благодарност му искажувам и на отец Дамаскин кој лично се вложе за севкупниот музички изглед на песната. Оваа композииција веќе е дел од службите во Лесновскиот манастир, во Велес, Свети Николе. После неа, во 2020 година ја напишав исто со благослов, композицијата посветена за за светата великомаченичка Недела. Сите овие композиции ги има на нашиот јутјуб канал. Во моментов ја снимаме и најновата композиција со православен карактер, а тоа е композиција посветена за Пресветата наша Владичица Богородица. Композицијата се вика „Небесна Порта“. Во поглед на световната музика, во последниот период ги снимивме и композициите: „Мајчинска“ (посветена на нашата Македонија), „Пролетен занес“, „Повторна средба“ (во која свирам тромбон по 22 години), „Киниса моме“ (за дувачки квинтет). Во моментов завршив и редакција за четворорачно пијано на „Повторна средба“ (2022). Покрај оваа, во последните неколку години имав нарачки за други камерни состави, како трио „Академико“ за кого ја напишав композицијата „На пат за дома“ (2017) за флејта, кларинет и пијано. Оваа композиција беше изведена и во Србија, Хрватска, Унгарија. Понатаму композицијата „Крилата на гулабицата“ за триото Mezzo (обоа, виолина, пијано) која се изведен во Рим (2015), Италија, композицијата „Кога бев дете“ (за дувачки квинтет) напишана за Скопските солисти на чело со Васил Атанасов и изведена на фестивалот за класична музика „Златна Лира“ (2020) во Скопје и таканатаму.
*Тука ќе го надоврзам прашањето-Кога сме сѐ уште кај византиското и духовното пеење – верувам во тој дел ќе ве наследат Вашитеќерки, кои нѐ изненадија многу пријатно за Велигден, многу голема гледаност достигна видеото со нивното пеење, ултраталентирани. Тие исполнија една духовна песна, “Тропар за Воскресение- Христос воскресе од мртвите”, објавена на Вашиот фб профил. Како се случи децата толку убаво да ја изведат песната?
-Го гледаат тато вежба, работи и нема бегање од музиката. Нивна желба, нивна љубов е музиката па ќе видиме како ќе се наградуваат понатаму. Сепак се деца. Да, прекрасно пеат. Дел се од детскиот црковен хор кој негува византиско пеење во црквата Свети Ѓоргија во Кривидол, предводени од нивниот ментор Зоран Тортевски, кој што е псалт и одличен познавач на византиското музичко писмо. Тој е член на познатиот наш црковно-византиски хор „Хармосини“, а воедно и дел од култниот бенд “Мизар”. Тоа што го изучуваат таму е различен музички јазик од оној кој што го познаваме ние како нотен систем зашто и двете се во нижо музичко училиште Илија Николовски Луј. Двата пристапи се различни (читањето ноти и следењето невми) и за сега им оди добро. Всушност тоа си го донесе и плодот, не само на тропарот “Христос воскоресна од мртвите”,тие пеат и уште други. Овде ќе спомнам дека тие заедно со децата на останатите членови од музичкиот состав „Портал“ учествуваа како вокали во композицијата „Мајчинска“, а учествуваат и во најновата композиција која веќе ја снимаме за Пресвета Богородица. Најмалото мое дете, мојот син, нема сѐ уште три години. Важно е дека и тој покажува интерес, има интонација, има ритам, а тоа е основата дека во него влијае музиката. Долго време сум и во музичката педагогија и затоа ова го кажувам.
*Дојдовте на тема педагогија. Познат сте и како истакнат еминентен професор на Музичката Академија во Штип од самото формирање, па да се осврнеме малку и на тој дел.
– Кога се отвори Универзитетот “Гоце Делчев” едноставно бев повикан да конкурирам за новото работно место на ФМУ кој требаше да се отвори во рамките на УГД во Штип во 2007 година. Така, таму сум од неговото отворање. Ја оформив класата за народни инструменти на теоретскиот оддел. Слава му на Бога еве извадивме генерации кои се достојни продолжувачи на музичкото наследство поврзано со народни инструменти, затоа што познавањето на музичкиот фолклор е многу битна работа, посебно за младите тука е коренот. Ако коренот се скине и сокот од коренот исчезне, исчезнуваме и ние.
*На колку инструменти Вие свирите?
– Народните сите, клавишните сите, (хармоника, клавир), во средно училиште учев тромбон, таа област ми е позната со лименените инструменти ми се познати. На моите цедиња јас обично ги снимам народните инструменти, кавал, гајда бидејќи за останатите инструменти имам и соодветни изведувачи.
*Вевчани од каде потекнувате, многу силно влијае на Вас, тоа се препознава, и како личност и како композитор.
-За Вевчани, што да се каже, тоа е изворот на сѐ што може влијае на мојата работа. Тоа е она што сум јас. Придонело многу и затоа му се посветив многу, а ова малкумина го знаат. На пример музичкиот проект “Песните на вевчанската душа”, работев на него претходно едно 10-12 години истражувајќи на територијата на општина Вевчани, за да направам нешто што ќе остане за секогаш. Тогаш собрав многу материјал. Дел од тој нов материјал веќе е сниман. Нив ги чувам и уште малку не ги објавувам. Тоа е она што го најдов како материјал од луѓето кои живееле и живеат во Вевчани, но и од архивските материјали. Покрај ова, за Вевчани имам правено нова музика. Ќе спомнам само неколку. Во мојот втор студиски албум „Рожба“ ја имам композицијата насловена како „Спасовденско утро” која е инспирирана од вековната традиција која вевчанци ја негуваат кон Свети Спас Горни, односно, Вознесението Христово. Понатаму композицијата “Ода за млад јунак” која е напишана Ставре војвода, чиј потомок сум, по мајка. Композицијата “Танцот на изворите” која е инспирирана исклучиво од Вевчанските извори. Оваа година завршив дело за голем симфониски оркестар наречено „Вевчанска“. Така Вевчани е неисцрпна и вечна инспирација која што останува и ќе остане, можеби додека сум на дуњава.
*Што планирате во догледна иднина?
– Иднината ја гради сегашноста. Веќе имаме нов материјал и еве сме повторно во студио. Имаме готов материјал кој што во коронава ни беше ставен на пауза. Кажав дека веќе ја снимаме композицијата „Небресна Порта“ посветена за Пресвета Богородица и на неа сме најмногу сконцентрирани. За надвор од Македонија ќе видиме, имаме доста планови со остварени контакти кои ги започнавме уште пред ковидот. По 20 години активно присуство на музичката сцена се надевам дека ќе се укажат приликите и дека ќе се најдоброто решение за нас. Само да сме здрави и живи. Другото што е волја Божја ќе биде.
* Кога концерт на познатите Вевчански извори?
-Сѐ си има свое време.
Валентина Ѓоргиевска Парго