Совети кои ќе ви бидат од полза-Како да останете здрави оваа зима?

Познато е дека зимата е годишно време кога најчесто се разболуваме и настинуваме. Оваа зима не е ништо подобра туку напротив тука е Ковид 19, кој дополнително ја отежнува работата кога станува збор за заштита на нашето здравје. Иако зимата е време во кое најсреќни би биле да можеме да се стуткаме под ќебенце и да не мрднеме од пред телевизорот или читајќи книги додека до нас имаме од прекрасната чоколадна торта која сме ја направиле за празниците но сепак тоа не е најпаметно ако сакаме да се заштитиме од вирусите, да си го подобриме имунитетеот и да си го зачуваме здравјето.

Освен препораките кои веќе добро ги знаеме за заштита од Ковид 19, често миење раце, носење маска која ги покрива устата и носот и социјална дистанца ние ќе ви дадеме неколку препораки за како на природен начин да останете здрави оваа зима.

  • Редовно конзумирајте топли напитоци како чаеви, супи и компоти со изобилство од зеленчук, овошје, зачини и чаеви кои се борците на природата за добро здравје.

Рецепт чај: Во пола литар вода се става ѓумбир со големина како два палци, се лупи (ова најлесно се прави со лажичка за кафе, се струга лушпата), откако ќе зоврие водата се остава да вари 10тина минути и се исклучува. За поинтензивен вкус може да се остави да отстои уште 10тина минути па се процедува. Во него се додава лажичка мед и сок од пола лимон. Ова ви е многу потребна шолја здравје која оваа зима треба да ви биде најдобра пријателка, го зајакнува имунитетот, делува противвоспалително на организмот и е одличен за оние кои страдаат од проблеми со синусите и дишните патишта. Исто така чајот може да се подготвува и со рузмарин кој ги има истите својства како ѓумбирот.

Рецепт супа: Половина килограм тиква се пече во рерна додека да се запече убаво за да има димен вкус. Во тенџере се запржува кромид, лук и морков, кога ќе омекнат се додаваат зачини. Од зачини можете да користите по сопствен вкус но јас ви препорачувам да ставите, сол и црн пипер, малку кари и една лажичка куркума која е многу здрава и навистина позитивно му влијае на имунитетот. Во тенџерето се додава испечената тиква и 200 мл вода. Се ова се блендира за да се добие хомогена смеса и се остава да вари 7-8 минути со постојано мешање. Ова е една од најдобрите крем супи за оваа зима, бидејки е докажано дека самите намирници се делотворни во зимскиот период. Истата може да ја јадете со павлака или балсамико оцет, да ја наросите со магдонос и сусам или пак да ја претворите во целосен оброк со тоа што ќе додадете лебчиња печени со зачини.

Рецепт компот: Компотот е едно од најлесните работи за подготовка. Наместо да трошите пари за сокови кои само ви штетат, подгответе си компот за себе и своето семејство и ќе имате здравје во чаша. Исчистете различни видови овошје. Може да користите смрзнато, сушено или свежо. Доколу користите свежо ако е органско, непрскано, не мора задолжително да го лупите но доколку не е органско ви препорачуваме убаво да го измиете и излупите пред да го употребувате. Подготвеното овошје ставете го во тенџере со вода и оставете убаво да се свари за потоа да го процедите преку ситно сито или пак газа за да добиете чиста течност. Вратете ја течноста во тенџерето и ставете мед и лимон по вкус и мешајте за да се растопи медот. Вака подготвениот компот можете да го пиете топол или пак да го пиете ладен, тој секако ќе ги има корисните материи во себе. Јас во компотот често додавам и чај па си правам најразлични комбинации на освежителни и топли напитоци.

Пробајте барем еден рецепт, подобрете си го здравјето и насладете си ја душата, така ќе се заштитите од сите вируси околу вас. Готвењето е добро и за умот и за душата и за телото, па што чекате?

До следниот пат останете во добро здравје.

Елена Максимовска 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.