Здружението на новинарите на Македонија викендов во хотелот Александар Палас во Скопје одржа редовно неизборно собрание на кое беа дискутирани повеќе теми поврзани со работата на Здружението, како и проблемите со кои се соочуваат новинарите во последната година.
Собранието го отвори Претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски кој во својот говор се осврна на работата на новинарите и медиумите во време на пандемијата со коронавирусот и ги презентираше превземените мерки од страна на Здружението и донаторите во насока на помагање на новинарите за безбедно вршење на нивните работни задачи.
Соочени со огромниот процент на неказнивост во случаите на напади врз новинарите Претседателот Чадиковски ја презентираше Декларацијата за престанок на неказнивоста на нападите и заканите кон новинарите и медиумските работници. Во декларацијата се повикуваат институциите, политичките партии како и деловните субјекти да ја почитуваат слободата на изразување на новинарите и медиумските слободи, согласно уставните, правните и меѓународните правни норми и стандарди. „Законите што ја регулираат медиумската сфера треба да бидат во согласност со потребите на новинарите, медиумите и граѓаните, а не со центрите на моќ“, се вели во неа.
Од Основното Јавно Обвинителство во Скопје беше побарано да ја врши својата работа одговорно и отчетно кога се во прашање случаите за напади врз новинарите, сторителите на кривични дела против новинарите и медиумските работници да бидат изведени пред лицето на правдата, додека за жртвите на ваквите криминални дејствија да биде обезбеден соодветен третман доколку е тоа потребно.
Дополнително извршната власт беше повикана да се вложи во креирање на безбедна средина за новинарите да можат слободно и независно да ја вршат својата работа без да биде извршен било каков притисок за тоа што известуваат.
Претседателот на ЗНМ најави дека преку засилена активност ќе се обиде да ги деблокира реформите во медиумите и ќе се инсистира на избирање на најквалитетни кадри за Програмскиот совет на МРТ и Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.
Извршниот директор на ЗНМ, Драган Секуловски во своето излагање пред членовите ја презентираше Стратегијата за работа на ЗНМ за 2019-2022 година, а потоа ги претстави и со мнозинство гласови беа усвоени Наративниот извештај за работа на ЗНМ за 2019 година и Финансискиот извештај за работа за 2019 година.
Освен ова, на дневниот ред беа поставени и предлог измените и дополнувањата на правилниците и Статутот на ЗНМ. Во статутот беа усвоени неколку решенија кои го регулираат статусот на придружните членови и условите под кои тие може да се зачленат, а на барање на комисијата за членство беше продолжен и рокот по кој таа може да одлучува за примање на нови членови во Здружението. Ова решение предвидува зголемување на рокот од 3 на 7 дена со цел да се овозможи подетален преглед на комисијата на секој ново пријавен член. Беше усвоена и одлука која ќе се допрецизира во наредниот период, а предвидува исклучување на членови од Здружението поради флагрантно кршење на етичкиот кодекс.