Како во некоја приказна, бајка, од оние на „Пепелашка“, „Заспаната убавица“, „Снежана и седумте џуџиња“, токму кога на македонскиот народ му требаше таков лик, Бог ни ја подари Атиџе Муратова од село Бекирлија, хероината на документарниот филм „Медена земја “ . Од недопрената природа, во областа каде Атиџе со љубов кон пчелите од најмала возраст преку Тамара Котевска и Љубомир Стефанов, ја раскажа нејзината приказна и допре до срцата на милиони луѓе во целиот свет a тоа ја однесе до „Ноќта на Оскарите“, едноставно до центарот на гламурозниот свет.
Атиџе ги живее своите најубави денови во животот, онакви какви не ги ни сонувала живеејќи во малата темна и влажна соба со својата болна мајка. Но, чудата се случуваат. Атиџе е одраз на секој на кого животот не му бил наклонет нити послан со црвени рози но, никогаш не се откажал и бескрајно верувал.
Затоа Атиџе уживај во Холивуд. Твоето срце полно со љубов и ум полн со мудрости ќе допре секого. Па, така и светските ѕвезди, верувај, ќе ти се поклонат, затоа што во целиот гламур, навидум недопирливост на величините, секој во себе си чува или бара една бајка, која му ја разнежува душата и умот. Ти си таа бајка. Ти си во секој до нас помалку. Бог те измисли и те подари на сите оние кои како изгубени талкаат во светот кој стана суров, немилосрден и каде основните вредности се изместени. Затоа дојде ти – Атиџе Муратова.
Ја очекувам ноќта на Оскарите, те гледам во мислите на црвениот тепих во гламурот со крената глава и искрена насмевка, мигови во кои треба да уживаш со сите сетила и нормално ти посакувам во двете раце по еден Оскар, затоа што ти тоа го заслужуваш, заедно со твојата продукциска медена екипа.
Со среќа и уживајте, затоа што најсреќните мигови немаат реприза!
Татјана Гогоска