Убаво беше да си дел од саботната изведба на Вердиевиот “Набуко“ на сцената на Македонската опера и балет.
Убаво беше да ја почувствуваш енергијата, спонтаноста и љубовта на одличните уметници, што се дел од oваа поставка на “Набуко“, која беше изведена и во рамките на годинешните Мајски оперски вечери, а само пред 10-тина дена се претстави и пред Софиската публика.
И кога набројуваме што беше убаво, почнуваме со одличните солисти: насловната улога ја толкува Марјан Јованоски, во улогата на Абигаиле настапи одличната Злата Тошевска Димовска, Зоран Сотиров ја игра улогата на Исмаил, Николина Јаневска како Фенена, а улогата на Захарие маестрално ја донесе Игор Дурловски. Во останатите улоги настапуваат: Диме Петров, Катерина Стојановска, Дејан Стоев, хорот кој е секогаш вистинско уживање да го слушате, оркестарот, балетскиот ансамбл на Националната опера и балет и учениците при ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“ .
Има уште: одличната сценографија (одамна толку функционална сценографија не сум видела) на сценографот од Италија, Флавио Арбети, експресната костимографија на Артемио Кабаси исто од Италија, и како последен но прв дел од мозаикот “Набуко“, беспрекорно сигурната диригентска палка на Бисера Чадловска. Сето ова вака споено, едноставно сфаќаш дека делото на Верди, поставено прв пат 1842-ра година во Миланската скала и веќе три века, ги спојува сите меридијани. Зашто, верувам дека публиката со аплауз секаде и секогаш го поздравува искрено. Инаку, ова е ново поставување на Набуко на сцената на Македонската опера и балет а првото било во 1965 години на 20-ти февруари.
Овој пат мозаикот одлично е вклопен од маестралната режисерска поставка, на режисерот Ренато Бонајуто од Италија. Сето ова направи музиката на Вердиевиот “Набуко“ беспрекорно да прозвучи на сцената на МОБ, која иако е со тешка драматургија нашите уметници ја донесоа многу лесно.
Кратко за “Набуко“– музичко- сценско дело во четири чина. Дејството е од 6-от в.п.н.е и почнува во Ерусалим каде Израелците се молат за помош против Набуко, кралот на Вавилон, кој ги нападнал и го вандализира градот. Захарие, нивниот првосвештеник, се појавува со ќерката на Набуко, Фенена, која Евреите ја држат како заложник. Тој го уверува својот народ дека Господ нема да го остави. Додека Израелците заминуваат, Исмаил, внук на кралот на Ерусалим, останува сам со Фенена. Двајцата се заљубиле кога Исмаил е затворен во Вавилон, а Фенена му помогнала да избега и го следела во Ерусалим. Нивниот разговор е прекинат со ненадејното појавување на полусестрата на Фенена, Абигаиле и група маскирани вавилонски војници. Абигаиле, која исто така е вљубена во Исмаил, му кажува дека може да го спаси неговиот народ ако тој ѝ ја возврати љубовта, но тој одбива. Израелците во паника брзаат назад кон храмот. Кога Набуко влегува со својата војска, Захарие се соочува со него, заканувајќи се дека ќе ја убие Фенена. Исмаил го разоружува свештеникот и ја предава Фенена на нејзиниот татко. Набуко наредува да се уништи храмот…..
…За борбите за превласт, пророштвото, несогласувањата и немоновната љубов и вербата во Бога, која секогаш победува. И се прашувам зошто после 27 векови некои нешта во друг облик се повторуваат? Но сепак, разумот и силната верба во Бога, крунисана со големата човекова љубов е она што секогаш ја победува неразумноста и алчноста.
Мислам дека секој еден во публиката, чувствуваше како да е дел од овој мозаик и затоа бурно и со љубов го даваше својот аплауз.
Благодарение пак на одличниот ПР на оваа наша реномирана културна институција, кој се забележува во последниов месец, имав можност да се потсетам на премиерата на “Набуко“ во 1988 година на 17 април, кога како млад новинар во Македонската Телевизија во културната редакција ја снимав и вечерта и како што биваше брзав да го измонтирам прилогот за да оди во третиот Дневник. Верувале или не оттогаш поминале цели 36 години и искрено не ја паметам таа поставка, но оваа секако ќе ми остане долго запаметена.
Македонската опера и балет ја продолжува сезоната со Балетот “Пепелашка- Љубовта е во воздухот“, која е функционална и одлично донесена приказна, толку различна а толку иста.
И уште еднаш за крај, засилениот одлично работен ПР на МОБ во последниов месец, кој се надевам ќе продолжи, одличното претставување и видливост на сите активности, секако ќе донесат публиката и онаа редовната, но и онаа другата, да биде поблиску до содржините на оваа наша реномирана културна институција.
Аплауз за уметниците!
М-р Татјана Гогоска
уредник на Куларт.мк