Со „Крал Иби„ на Драмскиот театар од Скопје се затвора “Битола Шекспир Фестивал”-2019

Од Битола за куларт.мк , Валентина Горгиевска-Парго

Претставата “Крал Иби” на Драмскиот театар од Скопје, вечерва го затвора седмото издание на фестивалот „Битола Шекспир Фестивал“, кој изминативе седум вечери се одржуваше во Народниот театар во Битола.

На овој посебно инспиративен фестивал, посветен само на делата на Шекспир, беа изведени претстави од театарски ансамбли на повеќе земји, Македонија, Италија, Романија,Хрватска  и Шпанија, а беше исполнет и со богата од програма, работилници, музички концерти, настапи на диџеи, промоции на книги.

 

Инаку, во текот на фестивалот Народниот театар во Битола, доби портрет од легендарниот македонски драматург Горан Стефановски (1952-2018), каде тој ги направил првите детски чекори во периодот кога татко му бил таму директор, а каде што подоцна биле поставени девет негови драмски дела. Донатор на портретот е Драмскиот аматерски фестивал од Кочани, кој исто така својот зародиш пред 60 години го имал во Битола. Портретот го наслика Орхан Ќамил. Во Народниот театар во Битола биле поставени девет од драмите на Стефановски низ годините”, Директорот на НТБ Иван Јерчиќ, истакна посебно задоволство што портретот е подарен на театарот по желба на семејството на Горан.

Деновите пролетаа, впечатоците на овој прекрасен фестивал ќе останат кај бројните битолчани кои го посетија, а ќе остане запаметен текстот,  што при подготовките за фестивалот, повеќе недели наназад го напишаа Илина Чоревска – уметнички раководител и Иван Јерчиќ – директор. 

„Се претпоставува дека доколку светот и човештвото целосно бидат уништени, целата наша цивилизациjа каква што денес jа познаваме би можела да се пресоздаде и да се реконструира само врз основа на делата на Вилиjам Шекспир. Неговиот гениj, талент и визиjа до ден денес останале ненадминати. 

Оваа година Битола Шекспир фестивалот понуди исклучително интересна програма.

Шесте претстави во главната програма понудија микс од дисциплини и театарски изразни средства како што се современата драматургиjа, танцот, перформансот и естетски силната сценска визуелизациjа.

Инспирирани од гениjот, авторите ни понудија еден Шекспир коj е соџвакан, рециклиран, коментиран, допишуван, препишуван… ..Доjдете да гледаме театар, да оценуваме, да разговараме, да спориме, да се воодушевуваме… In the end truth will out……Се додека го имаме сjаjот во очите…порачуваат организаторите .

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.