Во целата оваа ситуција најголема жртва се невините животните. Имаме околу 600 животни кои бараат храна, вода, љубов, да им се надомести тоа што се во заробеништво… Проблемот е системски, потребна е координација помеѓу сите елементи кои ја сочинуваат ЗОО. Неопходно е да се почне од корен, а тоа е да се вметне образование на зоо-негуватели, имаме средно ветеринарно училиште, имаме и факултет, зошто да нема таму смер зоо-негувател?! Ние имаме ситуација како ветеринарни техничари во Зоолошката работат сметководство – рече Гогоска.
Домино ефект во Скопската зоолошка градина. Во последните две години слушаме лоши вести во низа, поврзани со Зоолошката. ЗОО Скопје ги преживува најтешките денови од своето постоење, а постои 98 години. Во 2026 година ќе се одбележува големиот јубилеј 100 години од отворањето. Се поставува прашањето дали и како ќе го дочекаме славењето на еден век постење на оваа институција?!
Кој е виновен за тажната слика, дали изворот на проблемите е еден или постојат други објаснувања, има ли вистина во шпекулациите дека Зоолошката ќе се дислоцира или ќе се сруши, а на нејзино место ќе никнат згради, дали некој врши хајка и колку рацете на политиката навлегоа во ЗОО Скопје? Скопјани бараат одговор на овие прашања, а „Слободен печат“ се обиде да дознае што се случува зад кулисите на оваа институција од м-р Татјана Гогоска, комуниколог, новинар, едукатор, ангажирана во Зоолошката од декември 2022 година до јуни 2024 година во делот за односи со јавност и едукација.
– Велат дека вистината е на половина пат, а во вистината за ЗОО Скопје има четири страни, Град Скопје, актуелното раководство на Зоолошката, вработените и остатоците од минатото, но овде јас ќе додадам и уште една страна, а тоа се медиумите коишто прават целосен хаос, а тој хаос се случува поради нетранспарентноста на Зоолошката, која пак е контролирана за секоја можна објава од Град Скопје. Одговорно го тврдам ова, бидејќи додека јас работев таму, ако сакав да објавам нешто на социјалните медиуми, морав да го пратам на одобрување во Градот – вели Гогоска.
Во однос на прашањето за негрижа на животните од страна на вработените, Гогоска е категорична дека дел од вработените се посветени со целата душа и срце.
– Во целата оваа ситуција најголема жртва се невините животни. Имаме околу 600 животни кои бараат храна, вода, љубов, да им се надомести тоа што се во заробеништво… Проблемот е системски, потребна е координација помеѓу сите елементи кои ја сочинуваат ЗОО. Неопходно е да се почне од корен, а тоа е да се вметне образование на зоо-негуватели, имаме средно ветеринарно училиште, имаме и факултет, зошто да нема таму насока зоо-негувател?! Ние имаме ситуација ветеринарни техничари, наместо по струка, во Зоолошката работат сметководство. Многу работи се поставени погрешно и тоа не е од сега, веќе три децении е така. Зоолошката сите овие години се претвори во наталожена бара која на крајот пукна, но мене ме чуди што се сменија повеќе директори, а никој не го среди тоа – рече таа.
Нашата Зоолошка 15 години имала статус на кандидат за членка на Европската асоцијација на зоолошки и аквариуми (ЕАЗА), но минатата година го загубила и сега треба да чекаме пет години за повторно да се кандидираме.
– Да појаснам, ЕАЗА е пандан на ЕУ во микросистем и е од голема важност за развој зоолошките. Низ годините се правеле контроли во нашата ЗОО и имало низа забелешки кои требало да се поправат, но не се мрднало со прст и на крај стигнало известувањето дека сме го загубиле статус на кандидат, но и тоа се криело. Откако тогашната ветеринарка доби отказ и се направи увид на целосната документација, излезе на површина и ова известување. Тим од неколку вработени и во последните моменти се обидувавме да направиме нешто и бевме во постојана комуникација со ЕАЗА со цел да ја спасиме ситуацијата, но веќе беше доцна – појаснува Гогоска.
Според Гогоска решението е во тоа Зоолошката повторно да биде под државна капа.
Погледнете го интервјуто на Слободен печат, што со гостинката М-р Татјана Гогоска го водеше новинарката Александра Вукаѓиновиќ .