„Матица македонска“ од Скопје ја објави стихозбирката „Што ќе речат нашите внуци“ од Раде Силјан.
Во своето најново дело поетот застапува седумдесет песни, во кои со чувство на длабока проникливост пее за судбинските процеси на нашето време.
Според академик Витомир Митевски, насловот на оваа стихозбирка јасно ја навестува тематската област во која континуирано се движи поетска мисла на Раде Силјан. Тој е гласник на злото време во кое живееме, гуслар кој не пее од радост туку од очај. Во насловната песна поетот им се обраќа на сите оние што денес тргуваат со нашето минато, сегашност и иднина.
Свесен дека им се обраќа на луѓето што во обземеноста од сопственото лажно величие ниту го слушаат, ниту умеат да го разберат, поетот искажува клетви со надеж дека тоа ќе го чуе некој горе Семоќен и ќе искаже сомилост кон нас. Неговите песни се исполнети со притаена надеж, но и тага, горчина, стравувања, носталгија, констатира академик Витомир Митевски во поговор кон книгата насловен „Поетот и трагизмот на нашето време“.
Раде Силјан е автор на богат поетски опус, а дваесет и шест негови книги се преведени на: англиски, руски, полски, украински, италијански, турски, унгарски, албански, бугарски, српски, босански, есперанто, романски, црногорски, молдавски, влашки и на грчки јазик. Добитник е на национални и меѓународни награди, меѓу кои и на наградите „Браќа Миладиновци“ на Струшките вечери на поезијата, „Ацо Шопов“ и „Димитар Митрев“ на Друштвото на писателите на Македонија, како и на највисоките државни признанија „11 Октомври“ и „Свети Климент Охридски“ за животно дело од областа на културата.