Се снима – „Најтешкото нешто“ првиот македонски филм на турски јазик

Деновиве на локации во Битола и Скопје се одвива снимањето на првиот македонски филм снимен на турски јазик со работен наслов „НАЈТЕШКОТО НЕШТО“, во режија на познатиот турски режисер Сердар Акар а во продукција на Сектор Филм од Скопје во кој играат турски актерски ѕвезди.

На локации во Битола, нејзината околината како и во Скопје, од 28 јули годинава се одвива снимањето на филмот со работен наслов „Најтешкото нешто“ во режија на познатиот турски режисер Сердар Акар. Станува збор за прв македонски филм снимен на турски јазик. Кастингот во оваа современа филмска приказна го сочинуваат турски актерски ѕвезди и познати и успешни македонски македонски актери.

Сценариото е на Оливер Ромевски, познат по романите со интригантни трилер и криминалистички приказни. Дејствието на филмот кое се одвива во актуелно време, прикажува неколку испреплетени животни судбини чии патишта се вкрстуваат во определен миг.

 Во главните улоги се турските актерски ѕвезди: Ердал Бешикчиоглу во чија филмографија се впишуваат и главна улога во култната серија „Бехзат Ч.“, во филмот „Мед“ што беше добитник на „Златна мечка“ на Берлинскиот филмски фестивал и многу други; Белчим Билгин позната по филмовите „Сонот на пеперутката“,„Љубовта ги сака случајностите“, „Сезона на носорогот“ серијата „Сети се сакана“; нашиот актер Ертан Шабан кој се прослави во Турција, Халил Ерѓун, познат на нашите гледачи како Али Риза од серијата „Кога лисјата паѓаат “ и наши познати и успешни актери и актерки: Луран Ахмети, Бедиа Бегова, Сара Климоска, Сузан Акбелге, Џенап Самет, Дениз Абдула, Ивана Павлаковиќ, Ерман Шабан, Неат Али, Осман Али и многу други.

Кинематографер на филмот е Дејан Димески (добитник на Сребрена камера 300 на ИФФК „Браќа Манаки“), костимограф е Емилија И. Атанасовска, сценографијата е на Кирил Спасески.

Продуцентите на филмот Владимир Анастасов и Ангела Несторовска од Сектор Филм, го реализираат проектoт како македонско-турска копродукција во соработка со турската продуцентска куќа Ен-Те-Џе Медиа (NTC Medya). Филмот е поддржан од Агенцијата за филм на Република  Македонија.

 

 

 

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.