САРА ЉУБИЌ, “АУТОНОМНА КОНТРОЛА”: Нишвил е првиот голем фестивал досега на кој настапивме!

Специјално од Нишвил- Валентина Ѓоргиевска Парго, уредничка во КулАрт

Ниш, 12.08.2024

Ако светот останува на младите, тогаш по автоматизам и по сила на сите закони на природата и општеството и меѓународниот Нишвил џез фестивал останува на нив. За среќа, од она што го видовме и слушнавме првите вечери од младите бендови, навистина во вистински раце е музичката иднина на Нишвил, од аспект на сите музички жанрови.
Овој фестивал, кој постои 30 години и е познат и во светски рамки, годинава слави свој јубилеј со: многу музика, театарски и поетски перформанси, и со изложби…
А овие денови, од самиот почеток на 9 август, до она на главното кое почнува во четврток, на 15 август, сцената пред Џез Музејот, веднаш на самиот влез на познатата Нишка Тврдина, е отстапена на најквалитетните млади нишки бендови.
Еден од нив е “Аутономна контрола” чиј настап синоќа на Нишвил, веднаш по исто така одличната група “557”, беше навистина дочекан со бурна реакција од присутната публика.

А по веднаш по концертот немаш кој не дојде да се поздрави и да се фотографира со одличната атрактивна вокалистка Сара Љубиќ, со која, во целата таа убава атмосфера, направивме и едно кратко интервју, за запознавање.
*Почнавте малку порано со концертот, наместо во 21 часот…
-Нас од организација ни рекоа, со оглед на тоа дека другиот бенд пред нас, “557”, со својот концерт заврши десеттина минути порано, да немало преголема пауза… И ние веднаш почнавме. Сепак луѓето овде поминуваат, некои и застануваат, и имаат желба да слушнат музика. Ова е бесплатен концерт. Главната програма почнува во четврток, тогаш се плаќа. И тоа е единствено што се плаќа од содржините на Нишвил, сѐ друго е бесплатно, како и нашиот концерт, па публиката може да ужива во што и да одбере. Задоволство беше да се свири за оваа публика овде…
*Вечерва треба и Вие да сте задоволна и од тоа што многумина од публиката дојдоа да ви честитаат лично. А само што почнувате по својот музички пат. Колку години имате?
-Јас имам 17 година. Сите од бендот се постари од мене, 19, 20 и 23 години, јас сум овде најмлада. Мене ова ми е прв бенд во кој пеам.


*Што учите?
-Трета година сум во средно уметничко, учам за графички дизајнер. Директно тоа не е врзано за музика, но секако е уметност. Но, некако цел свој живот бев опкружена со музика. Генерално уметноста е она што најмногу ме инспирира. Така што, некако од мали нозе сум слушала, собирала и впивала уметност и ете се пронајдов себе си во пеење. Слушам андерграунд, најмногу ми се допаѓа.
*Да, тоа лесно се забележува. И Вашиот репертоар вечерва беше андерграунд, краток, но симпатичен, сѐ на сѐ изведовте ваши четири песни и една песна од Иги Поп и “Стуџес”, “I wanna be your dog”.
-Тој тип на музика е нешто со која израснавме, тој рок, панк и постпанк . И ден денес тоа слушаме.

*Имате нешто објавено официјално?
– Наскоро, на 21 септември излегува нашиот сингл кој ќе биде дел од компилацијата што ја објавува организаторот на фестивалот за млади андерграунд бендови во Ниш, на кој ние имаме настапувано.
*Кој го компонираше тој сингл?
-Сите имавме удел. Јас во нашиот бенд сум текстописец, остатокот од бендот пишува музика. Имавме членка која сега се пресели во Америка, таа исто така пишуваше доста работи, така што морам да ја споменам и нејзината работа. Но, како што кажав другите во бендот главно ги прават аранжманите, јас сум само текстописец и вокалистка.
*Како се вика синглот?
-“Трулим”, на српски.
*Колку Ваши песни имате досега?
-Четири. Имаме и петта која вечерва не ја свиревме, меѓутоа не знам дали другите од групата ќе сакаат да се најде на албумот, затоа што прво ја исфрливме оваа песна “Трулим” која е веќе е готова и на 21 септември ќе биде во продажба. Нека излезе прво тоа, па потоа ќе видиме како сакаме да го обликуваме бендот и како ќе сакаме да продолжиме со таа наша музика која што веќе ја направивме.


*Како се викаат другите членови?
-Басистот се вика Јаков Живковиќ, тапанар ни е Стефан Радуловиќ и со нас вечерва за прв пат свиреше нашиот нов гитарист Јован Јанаќијевиќ. Сите сме нишлии. Целосно нишки бенд. Досега свиревме на повеќе андерграунд настани и клупски свирки, но ова ни е прв настап на сцена на голем фестивал. Веруваме дека тука ќе настапуваме и во иднина …
*Но, секако! Ова е само почеток. Иднината е Ваша!
-Ви благодарам. Се гледаме и слушаме на 21 септември со “Трулим” на компилација …

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.