Романтики, романтики, на промоцијата на спотот “Доказ” на Блаж Маротов!

19.01.2025

 

Има ли нешто поромантично од снег, на кој се насетува Љубов и љубовна приказна?!

Има!

Маж во свои години кој на пруги затрупани со снег ја чека својата сакана да се врати со првиот воз…

Паднале снегови покриле трагови, велат, но трагите од љубовта не може да се покријат бидејќи тие се носат само во срцето.

И затоа, снегот е само одлична декорација во новиот спот полн со идила, на музичкиот мајстор Блаж Маротов, кој го промовираше ноќ спроти Водици, со грст емоции и во елегантна атмосфера, на новиот лаунџ бар “Солис” во Скопје.

Пред присутните новинари и пријатели и соработници, синот Бојан снаата Лена и внуците Луна, Лео и Габриел, Маротов ја раскажа динамиката на реализирање на спотот кој ги освои присутните:

– Овој спот го снимавме неодамна на три дена, на неколку локации во Скопје. Првото снимање имаше технички проблеми па избришавме сѐ и го повторивме одново, уште два дена, кои беа целосно успешни. Гости во видеото се моите пријатели Војче Петрушев на хармоника и Дамјан Марковски на гитара. На двајцата им благодарам за сесрдната помош и креација. Видеото го работеше мојот син Гоце во соработка со Gousses production…

Промоторката свечениот настан, новинарката Валентина Ѓоргиевска Парго раскажа малку повеќе и направи едно кратко, но сеопфатно навраќање на музичката кариера на Маротов.

-Тој е еден од оние кои работаат и турбо и лезетски, што значи секогаш по своја мерка без никакво брзање и форсирање на нештата. И со посебен сенс. И, иако е маестрален како автор, изведувач, инструменталист, аранжер, професор, негова силна страна е што умее да препознае убава песна и штом му се нуди од други автори прифаќа и ја снима. Таква е оваа, “Доказ”, на авторот Златко Бошковски, со кого му е дури трета соработка, и на текстописецот, новинарот Зоран Гега Маџоски, и двајцата од Гостивар, изјави промоторката.

Аранжман и сѐ друго- продукција како и постпродукција, свирка на клавир, хармоника и соло гитара е дело на Блаж Маротов. Снимено е во неговото студио БиМ во периодот од октомври минатата година, до јануари оваа година.

Она што ја направи вечерта за нијанса поинтересна беа и неколкуте интересни анегдоти со кои Парго ги почести присутните.

Таа нагласи дека иако станува збор за музичко семејство кое е гордост на македонската сцена од повеќе аспекти, почнувајќи од тоа дека Блаж и неговата музичко- брачна другарка Јуле се познати и почитувани со децении низ регионов како врвно изведувачки дуо, како и неговите синови Гоце и Бојан кои се музичари и едната снаа Лена, член на Операта, станува збор за многу скромни и пристојни музички ѕвезди.

-Во една пригода зад сцената на фестивалот “Охрид фест” навистина слатко се насмевнавме и ѝ дадовме аплауз на Јуле која во мало женско друштво во кое ние на женски начин муабетевме за Здравко Чолиќ, додека Јуле одважно рече дека му се восхитува на тоа што е фраер и што ги освоил сите женски срца, но за неа фраер е Блаж ( и грмна аплауз). А јас велам Блаж е вечно момче, а момците особено гитаристи најчесто почнувале да свират гитара за да освојат некоја посебна девојка која не може така лесно да се освои, но штом успеал да добие ваков комплимент од ваква жена, значи сосема ја оправдал својата титула. Но тој иако почнал и работел и соработувал со бројни легенди како Алачки, Завков, Горан Бреговиќ, и многу други, секогаш завршува во рацете на Јуле- таа и ден денес му дава совети за песните, дел од стиховите, и без нејзина консултација не прави речиси ништо…

Но овој пат Блаж дополни дека Јуле воопшто не интервенирала, бидејќи песната била цакум- пакум стокмена од авторите и доработката ја направиле меѓусебно и брзо.

Вечерта помина во многу пријатна атмосфера, доста аплаузи, музичка свирка на познатото дуо, фотографирање на Блаж со гостите, меѓу кои четворицата млади Германци и Италијанецот кој побара и доби изведба на италијански канцони, и навистина беше ѕвезда на вечерта, но како велат над секоја ѕвезда има и некоја што свети и му дава малку посилен сјај, сепак тоа беше Јуле со која всушност почна оваа ноќ откако најпрво нивниот долгогодишен пријател и некогаш музички соработник, Славчо Бујаровски накратко ја напушти својата сопруга Гордана, и отиде купи бела ружа и во знак на доказ на почит ѝ ја подари токму на Јуле…

ЕКСКЛУЗИВНО:

ДОКАЗ

 

Години минат и по некој лист скинат

од гората на љубовта.

Не остана спомен за да ја чуваш

И да ја врати радоста.

Улица празна, калдрма влажна

Чалгија ја буди зората

 

 

Реф.:

Дај сите ѕвезди ноќва нека светат

Ќе ти симнам една на уво да ти шепне

Како доказ, љубов си ми ти

Како доказ, љубов си ми ти.

 

 

Ма нека минат и да има цвет свенат

во градина со невени

Ми остана љубовта како доказ

Да ни чува стари спомени

 

Реф.:

 

Моја љубов си…

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.