Ретро медиуми- Три интересни случки од снимањето на бајката „Малиот Петар„, од серијалот „Во светот на бајките“

Некои нешта не се забораваат. Убаво е кога се создава и тоа трае!

Пишува- Татјана Гогоска 

Некои луѓе одамна ги нема, условите, состојбите се драстично изменете за жал во некоја неочекувана негативна насока, но она што останува се создадените трајни вредности во ТВ продукцијата за деца на некогашната успешна и продуктивна Македонска телевизија, претходно Телевизија Скопје.

Еден од тие успешни проекти е и серијата „Во светот на бајките“ , далечната 95/96/98 и 2000 -та година , кога се снимија 27 нови бајки и останаа како трајна вредност и програма сеуште привлечна за најмладата публика-децата.

Како дел од тимот на овој проект напишав сценарија за две бајки “Малиот Петар“ и “Волшебното јаболко“. Секогаш кога пишував сценарија веќе во перцепцијата бирав соодветни карактери на артисти, така ми беше полесно.

Но, со бајката “Малиот Петар“ беше обратно Прекрасниот Игор Маџиров го запознав работејќи на еден образовен проект  “Чекорење по знаење“ и остваривме супер креативна комуникација. И го прашав : Игор сакаш да играш во бајките, ама да ти најдам бајка каде главниот лик ќе бидеш ти и како актер и како човечка енергија? Нормално се согласи и јас почнав да читам десетици необјавени бајки, барајќи лик за Игор. И го најдов во  белгиската бајка „Малиот Петар“. Така продукциското тркало почна да се врти.

 

Токму тогаш одевме на снимање во Штип и некаде пред Велес на сред пат Ѓорѓи Колозов со Шенка и Киселичка (мислам), им се расипала колата а тие одеа на претстава во некое Штипско село. Нервозен Ѓорѓи, застанавме им помогнавме, веќе и друга помош дојде и во таа збрка Колозов вели:„ Ех, бре не сум јас за вака, јас сум да си лежам малку, да одморам“. И мене ми текна и му велам “Сакаш да бидеш крал што сака многу да јаде, посебно лубеници, ќе снимаме нова серија „Во светот на бајките“…“Ами како не сакам, крал да бидам па тоа е најубавото нешто.“-одговори во негов шеретски стил. И така бидна .

Во бајката според сценарио, беше потребно и еден оперски пејач кој ќе биде дворски шут, да го испее сонгот на кралот. Отидов во МОБ и го побарав Благоја Николовски. Му реков за што се работи, со назнака дека ќе игра Дворски шут а тој без збор , само праша-„ Кога да дојдам во Музичко студио да  го снимам и кога во студиото 3 на МТВ“? Бидна и тоа. Кога заврши со снмањето продуцентот на серијата му подава Авторски договор со некоја смешна сума утврдена со Правилник. Благоја само погледна и ја поттурна хартијата и рече : “Ова нека биде од мене “ . Дојде и на промоцијата на серијата и што е заборавена категорија се радуваше што е дел од проект за деца.

Игор Маџиров играше во уште шест бајки, секаде со друг лик и секогаш успешно но, улогата во „Малиот Петар„ го обележа како лик-актер.

 

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.